Закон за субвенционирање станбен кредит прво читање Предлогот на законот и извештаите на Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело и Законодавно правната комисија во се доставени, односно поделени



бет1/8
Дата06.07.2016
өлшемі480 Kb.
#181748
түріЗакон
  1   2   3   4   5   6   7   8
СТЕНОГРАФСКИ БЕЛЕШКИ

од Првото продолжение на Единаесеттата седница на Собранието на Република Македонија, одржана на

18 октомври 2011 година
Седницата се одржа во Собранието на Република Македонија, сала 1, со почеток во 12,19 часот.

Седницата ја отвори и на неа претседаваше господинот Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија.



Трајко Вељаноски: Дами и господа пратеници, Продолжуваме со работа по дестата седница на Собранието на Република Македонија.

Пратениците Силвана Бонева, Рејхан Дурмиши, Сафет Бишевац, Фијат Цаноски, Мевмет Џамеиловски, Арбен Џафери, Мендух Тачи, Имер Алиу, Миле Андонов, Владанка Авировиќ, Јани Макрадули, Милорад Додевски, Амди Бајрам, Николче Ацевски, Горан Мисовски, Тито Петковски, Ермира Мехмети, Талата Џафери, Ирфан Деари, Бехиџудин Шехаби, Али Ахмети, Неџати Јакупи, ме известија дека се спречени да присуствуваат на седницата.



Преминуваме на триенаеста точка - Предлог на закон за субвенционирање станбен кредит - прво читање

Предлогот на законот и извештаите на Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело и Законодавно правната комисија во се доставени, односно поделени.

Отварам општа расправа.

Ги повикувам предлагачот и пратениците кои сакаат да говорат по општата расправа по Предлогот на законот да се пријават за збор. Благодарам.

Молам да се подели листинг на пријавени пратеници за збор, со оглед на тоа дека има поголем број на пратеници пријавени за збор.

Има збор заменикот министер за финансии, повелете.



Недим Рамизи: Ви благодарам почитуван претседателе.

Почитувани пратеници, целта за донесување на законот за субвенционирање на кредити за домување е надминување на проблемот во врска со недостаток на личен дом. Состојбата во пракса укажува дека недостатокот на личен дом е најголемиот проблем за граѓаните на Република Македонија. Тоа е нагласено посебно во однос на младите лица и младите брачни парови што е една од причините за воздржување и од прошурување на семејството. Една од главните причини за овој проблем е и ниската куповна моќ на ова група граѓани. Од овој аспект во периодот 2011-2015 година ќе отпочне остварување на два проекти и тоа: Проектот за субвенционирање, на пола, пола рата во првите пет години во еднаков износ во првите пет години за кредит наменет за купување стан, изградба на куќа и 50% од учеството во кредити за купување на стан, изградба на куќа, но смее да надмине 25% од максималната субевниционирана вредност на станбениот кредит, односно не повеќе од 6 250 евра во противвредност во денари. Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за субвениционирање на станбен кредит кое физичкото лице го презема од деловната банка за купување на стан или изградба на куќа за да го реши прашањето за лично домување. Субвениционирањето на кредит за домување може да го користи физичко лице кое е државјанин на Република Македонија, има постојано место на живеење во Република Македонија и до колку ги исполнува условите за добивање кредит за кредит од деловната банка и нема во негова сопственост, косопствеништво или сопственик, заедничко сопствеништво со сопругот или на сопругот стан, односно куќа на територијата на Република Македонија, ако има во косопственост, или заедничка сопственост со сопругот или сопругата само еден стан, или една куќа во Република Македонија што е за купување поголем стан или изградба на куќа за потребите за решавање на овој проблем. Ако лицето сопругот, или сопругата не користи друг кредит за домување на денот на поднесување на барањето за субвениционирање на кредит за домување. Лицето кое не е во брак има општи месечни приходи кои не можат да надминат 900 евра во денарска противвредност пресметани по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на поднесување на барањето за субвенциониран станбен кредит.

Вкупните месечни приходи на него и неговиот брачен другар не надминува 900 евра месечно во денарска противвредност пресметано по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на поднесување на барањето за субвенциониран станбен кредит. И има дадено изјава заверена на нотар дека нема да го издава станот, односно куќа под закуп, дека дополнително да ја оптовари недвижноста со хипотека и дека нема да го оттуѓи станот односно куќата купена односно изградена со средства од субвенциониран станбен кредит во периодот од првите пет години од исплатата на кредитот.

Во субвенционираниот кредит за дом може да се користи за купување на нов стан непосредно од инвеститорот на објектот или реализаторот односно за изградба на нова куќа до колку техничките документи за изградба се на име на барателот за субвенционирање на кредитот. Субвениционирање на кредитот за домување може да се користи само ако цената на продажбата по метар квадратен на нето корисна површина за домување со вклучување на ДДВ не надминува 900 евра во противвредност во денари според среден курс на Народна банка на Република Македонија на денот на поднесување на барањето за субвениционирање на станбен кредит. Субвенционирањето на кредитот чиј износ на надминува 50 илјади евра во денараска против вредност, средниот курс на Народна банак на Република Македонија и ако периодот на исплата не е подолг од 20 години. До колку станбениот кредит е поголем од 50 илјади евра тогаш се субвениционира само износот кој е определен во став 1 на овој член, а разликата која го надминува тој износ не е предмет на субвениционирање. Стапката на кредитот кој се субвениционира месечната рата може да биде повеќе од 4,99% годишно во првите три години од исплатата на кредитот. Каматната стапка на кредитот кој се субвениционира, месечната рата по истекот на периодот од три години во првите две години може да се зголеми најмногу за 10%. Каматната стапка на кредитот кој се субвениционира, учеството во кредитот не може да биде повисоко од еу либор 6 месеци, плус 4,5 процентни поени на годишно ниво во текот на целото времетраење на исплатата на кредитот. Средствата за субвениционирањето на месечните рати се неповратни само во случај на редовната исплата на субвенционирање на кредитот. Средствата за субвенционирање пола учество на кредитот на корисникот се должни да ги вратат во Министерството за финансии по 20 години од денот на усвојување на кредитот без камата на пет еднакви рати. Кредит се обезбедува од буџетот на Република Македонија преку Министерството за финансии. Со спроведување на законот ќе се охрабрат во секторот на градежништвото и вработувањето во истиот сектор, додека се оценува дека ефектите од оваа мерка ќе бидат многу поопсежни, имајќи во предвид дека тие следствено ќе ги поттикнат активностите во други сектори на стопанството и општеството во целина. Благодарам.



Трајко Вељаноски: Благодарам и јас.

Има збор господинот Марјанчо Николов, повелете.



Марјанчо Николов: Благодарам претседателе. Почитувани колеги пратеници, почитуван заменик министер за финансии, овој предлог проект кој што е преточен во законско решение денеска Владата го предлага пред пратениците во Собранието н Република Македонија. За жал, не е оригинален проект на ВМРО ДПМНЕ. Ова е еден од неколкуте проекто кои што ВМРО ДПМНЕ ги превзема од СДСМ препишувајќи ги, или модифицирајќи ги на одреден начин. Тоа претходно се случи со неколку проекти. Ќе набројам само некои кои што се позначајни како што беа проектите за енергетската сиромаштија со продавниците, потоа проектот за минималната плата, а сега еве тоа се случува и со проектот за субвениционирање на станбен кредит. Кај нас се викаше поблиску до прв стан. ВМРО ДПМНЕ нема работен наслов на овој проект. Но во секој случај ние не се лутиме колеги од ВМРО ДПМНЕ кога ги превземате нашите проекти, меѓутоа сакаме нивната имплементација да биде на што повисоко и што поквалитетно ниво. Во тој дел не се покажавте до сега многу способни, затоа што и проектот за сос продавници пропадна, енергетската сиромаштија многу малку граѓани ја користат. Додека проектот за минималната плата гледаме дека има повеќе незадоволни отколку што има задоволни од спроведувањето, или почнувањето, најавата за спроведување на овој проект. Проектот за субвениционирање на станбени кредити онака како што го предлага Владата има многу отворени прашања кои што треба во една дебата, се надевам овде во Собранието да ги разјасниме и да можеме и ние како пратеници кога ќе одиме на средби со граѓаните да знаеме да им објасниме за оние кои што се заинтересирани како и на кој начин ќе можат да ги користат овие средства.

Прво, несериозно е господине заменик министер да доаѓате во Собрание, тоа го зборувавме и со министерот за финансии, да барате Собранието да ви одобри трошење на пари од буџетот за 2011 година, а да не кажете колку пари ќе чини тоа. Мислам дека треба да се престане веќе еднаш со таа пракса да не давате финансиска конструкција на проектот. Такво нешто е недозволиво за една ваква работа, бидејќи сте ги гледале компаративнит искуства во другите земји, земете ја Хрватска за пример. Таму проектот е ограничен до 2012 година, ако не се лажам и за секоја година има однапред од кога е предложен законот колку се финансиските импликации за проектот. Ние сега ќе гласаме на слепо, не знаеме Владата колку пари ќе потроши за овој проект, не знаеме колку ќе ги чини граѓаните на Република Македонија спроведувањето на еден ваков проект. И навистина неприфатливо е да се обидуваме да го браниме проектот, а да не знаеме колку средства ќе чини. Ние испаднавме со проекти до колку динамиката на одобрување на станбени кредити како што беше во 2010 година овој проект би чинел некаде околу 5 милиони евра. Дали вие како Влада имате проекции за повисок износ. Дајте кажете, за да видиме навистина и да споредиме колку граѓани ќе можат да бидат опфатени со субвениционирањето на станбени кредити. Значи, таа е една голема аномалија на овој закон да немаме финансиска конструкција за истиот. Владата ќе вели, го правиме буџетот, меѓутоа господине заменик министер и колеги пратеници веќе се завршени буџетските барања, буџетските проекти. Вие сега треба само да ги склопите. И ако вие како Министерство за финансии кои што ќе го спроведувате овој проект не знаете колку пари планирате за овој проект, па кој знае во оваа држава? Да прашаме некоја друга Влада, или некои други пратеници, министри. Навистина е несериозно, ова го зборувам не само за ово закон, за редица закони наназад кои доаѓаат од Министерството за финансии, законот нема да предизвика финансиски импликации, а барате пари да се обезбедат во буџетот за наредната година. затоа велам, кога веќе го превземате проектот, дајте барем да го поставиме на оние основи на кои што ќе може реално да знаат граѓаните и да имаат чисти правила на игра пред да влезат во постапката да бараат да користат вакви средства.



Понатаму, законот има некои одредби кои што се малку во насока на обесправување на граѓаните да користат одредени права. На пример, обврската за оние граѓани кои што ќе сакаат да го користат овој кредит, овој вид на субвениционирање на станбените кредити, кредитот да нема пократок рок од 20 години е многу ограничувачки фактор. Затоа што сите знаеме колеги пратеници, за оние кои што не знаат дека за 20 години ако користите кредит каматата што ќе ја платите е иста колку што е износот што сте го зеле. Зошто Владата не дозволува да биде пократок периодот на користење на кредити. Може некој има платежна способност кредитот да го користи за 10 години да го отплати. И на тој начин ќе плати само 50% од основицата на кредитот, или ако земе 20 илјади евра станбен кредит, ќе врати 10 илјади евра камата. А ако мора да го користи 20 години, ќе земе 20 илјади евра кредит, ќе врати 20 илјади евра камата. Тоа ли е дилот што го имате направено со банките за да може овој проект да биде функционален. Значи 20 години значи 100% камата и основица. Понатаму, не давате, или не слушнав во вашето образлагање господине заменик министер, кои банки, кои се банките кои што се заинтересирани за учество во овој кредит. Бидејќи бевме сведоци дека најавувате или најавувавте дека сте имале средби и дека банките начелно дале одредена согласност и така ќе учествуваат во проектот. Може ли да посочите барем две банки кои што дале цврсти гаранции дека ќе учествуваат во овој проект. Затоа што гледаме дека во медиумите банкит сеуште си ги промовираат своите типови на станбени кредити чија каматна стапка е од 6,5 па нагора до 8%. Никој не најавува од банките дека ќе земе учество во овој тип на субвенционирање на кредити. Дали можете да кажете барем две банки кои што ќе учествуваат во овој проект.

Господине заменик министер, обврската или должноста колеги пратеници на граѓанинот 5 години откога ќе го плати кредитот да не може да го оттуѓува станот, или куќата, тоа се коси со уставното начело на правото на располагање со сопственост. Тоа посебно сакам некој да го објасни. Како вие може да воведете откога некој што зел кредит, го вратил кредитот и пет години после тоа да не може да си ја продава куќата, или станот. Која е целта. Како вие ќе му забраните на некого, што го платил, што е негово, што одвојувал 20 години за плаќање на кредитот да му кажете ти пет години не смееш куќата или станот да ги пушташ во промет. Дали некој ќе стане од Министерството за финансии или од колегите пратеници да го објасни ова законско решение. Ние сме пазарна економија и нема тука вие што да ограничувате, луѓето за нивните пари што да прават со имотот. Ако сакаат ќе го продоваат, ако сакаат ќе живеат, ако сакаат ќе го отуѓат. Која е Владата да забранува нешто што е лична сопственост да не се отуѓува пет години откога е вратен кредитот. Најголемата забелешка на овој тип на проекти е тоа што се воведува принципот на дополнително селектирање на граѓаните кои што сакаат да учествуваат во проектот. Значи покрај тоа што банката ќе ја проценува кредитната способност на граѓанинот на семејството што сака да користи ваков субвенциониран кредит и ќе прати до Владата кои се тие кандидати што можат да земат ваков тип на кредит Владата си дава за право да врши дополнителна селекција. И затоа ова е принцип на нарушување на еднаквоста на граѓаните. Не може некој да бира ти можеш да земеш станбен кредит со субвенционирање од Владата, ти не можеш, ти си подобен, ти си неподобен. Ти затоа не можеш да земеш, ти затоа можеш да земеш. Сите даваме пари во Буџетот повеќе или помалку. Сите учествуваме во неговото полнење. Како сега не може да учествуваат во користење на тие средства за оние проекти кои што ги нуди Владата. Кој и дава право на Владата да бира кој ќе може да земе кој не. Па уште ако внесете критериум ти си од оваа партија, ти си од таа партија, работата отиде од раце. Значи колешке Дулиќ вие може да се јавите да не дофрлате од место, може да се јавите за реплика. Јас ви тврдам дека нема право Владата да врши селектирање. Ако Владата планира да го ограничи износот на средства со што ќе ги субвенционира кредитите тогаш треба да важи принципот прв дојден, прв услужен. Никако да не може поинаку да се селектираат граѓаните. Не може некој затоа што можеби во Министерството за финансии му нашле некоја забелешка или мана не затоа што не ги исполнува условите на банките туку некој шепнал нешто да не го користи овој кредит. На крајот најголема можност за користење на овој вид на кредит ќе имаат семејствата чии што приходи месечно се над 40 илјади денари. Сите други граѓаните кои што имаат приходи во семејството под 40 илјади денари многу тешко или за многу мал износ ќе можат да го користат овој кредит затоа што знаете дека банките пропишуваат ануитетот да не биде повисок од 30% од платата што ја земаат или од приходот. Така да ако ануитетот изнесува за кредит од 20-30 илјади евра, 12-15 илјади денари минималниот износ што треба да го имате како приход во семејството и ако сакате да учествувате во овој тип на кредит е некаде на 40 илјади денари што сепак за многу семејства во Република Македонија е недостижно и ќе не можат да го користат овој тип на кредит. Мислам дека Владата влегува неспремна во овој тип во овој проект затоа што нема проценка и колку со одобрувањето на овој проект ќе се зголемат цените на недвижностите во внатрешноста. Во Скопје се многу високи, бидејќи овде е ограничувано 900 евра да биде м2, меѓутоа во сите градови каде што цената на станбениот простор е под 900 евра постои опасност ако се јави зголемен интерес цената да се зголеми. Во Велес е 550-650 евра. Ако се јави зголемен интерес ќе чини веројатно 700-750 евра и на тој начин бенефитот што би го добиле граѓаните со субвенционирањето ќе го изгубат преку повисоката цена на м2. Ние ќе се обидеме овој закон со амандмани значително да го подобриме. Ќе се обидеме навистина да го направиме во интерес што поголем број граѓани да можат да го користат.

Јас се надевам дека Владата и владеачкото мнозинство на комисиите ќе имаат доблест и ќе ги прифати оние предлози од опозицијата кои што навистина го подобруваат законот, дека нема да изигруваме политиканство со овој проект и дека навистина ќе им овозможиме на дел од граѓаните да користат субвенционирани кредити за решавање на станбеното прашање. Благодарам.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Тренов Ромео има реплика, повелете.



Ромео Тренов: Благодарам претседателе.

Почитуван колега, како што беше кажано од министерот за финансии на Комисијата за финансирање и буџет откога ќе се направи буџетот ќе ја добиеме финансиската конструкција и како што се одвива понатаму градбата за овие станови во наредните буџети ќе се знае финансиската конструкција и нема потреба да кревате паника во врска со тоа.

Што се однесува до тоа дали го подржувате законот или не го подржувате би било добро да кажете точно дали го подржувате, бидејќи ако го подржувате сте се пријавиле не знам колку овде за дискусија и очигледно дискусиите ќе бидат жолчни без никаква потреба.

А што се однесува до тоа селекција дека се прави на граѓаните би ви кажал дека што бива ако се јават 10 пати повеќе отколку што има станови. Мора да има некој критериум врз основа на огласот кој што се исполни, Владата или комисијата при Владата ќе изврши селекција.

Тоа што рековте дека ова е ваш проект, доколку е ваш, тоа воопшто не е битно, ирелевантно е, бидејќи вие немате поддршка од граѓаните да го спроведете. Во претходните години, на пример на изборите во 2002 година ветувавте вработување по едно лице од секое семејство, меѓутоа тоа не се случи, тогаш се донесе т.н. Бранков закон. Што се однесува до тоа каде може да се најде тој ваш предлог, јас немам видено, немам видено ваша програма. Луѓето не ни виделе, можеби сте виделе таков предлог, меѓутоа ако нема програма дури и да сакаат не можат да гласаат за вас.

Би ви препорачал ако го подржувате законот, подржете го, за дискусија се пријавени 21 пратеник за нешто за кое сите ќе гласаме денес „за“ и навистина не можам да разберам која е таа тактика цело време да се напаѓа нешто што и вие го подржувате. Ако имате амандмани, на Комисија, на второто читање на законот ќе ги разгледаме и доколку бидат прифатливи ќе бидат прифатени, но доколку не тоа е тоа.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Николов Марјанчо има контра реплика, повелете.



Марјанчо Николов: Благодарам претседателе.

Колега Ромео, јас затоа реков вие не знаете да дебатирате, вие знаете да навредувате. Тоа е жално во ова Собрание, рековте сте немале видено програма од СДСМ. Да не спиевте вие на изборите? Што правевте? Се шетавте некаде? И така станавте пратеник.

Не е фер, да не употребам некој потежок збор, овде да излегувате и да навредувате некој проект кој не сме го напишале, затоа што кога и да дојде ред ние ќе ви покажеме дека и подобро ќе го спроведеме и во интерес на повеќе граѓани. Овде може да не напаѓате за било што, јас можам да изберам со вас да се навредувам до сабајле, меѓутоа, јас сакам да дебатирам. Вие не понудивте ниту еден аргумент за дебата и тоа е жално. Вам ви пречи дебата во Собрание! Каде сакате да дебатираме, на улица, каде?

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Госпоѓа Кузмановска Лилјана има реплика, повелете.



Лилјана Кузмановска: Благодарам.

Мојата реплика ќе се однесува на две дела од дискусијата на почитуваниот колега, а тоа е во однос на изборот на банки и на делот од неговото излагање зошто се врши дополнително селектирање. Ќе објаснам зошто ние во овој момен не можеме да знаеме кои банки ќе се вклучат во овој проект, затоа што е добро направено и ќе го подржиме согласно овој закон. Имено во членот 8, се вели дека ќе има јавен повик за прибирање понуди за избор на банки и согласно економијата и економските параметри и она што значи економска правичност и правилен избор на банките ќе зависи од јавниот повик.

Она што значи дополнително селектирање, Министерството за финансии и Владата го субвенционираат овој кредит и кога се работи за буџетски средства потребно е да се има една сеопфатна слика, односно да може да се даде извештај каде тие средства ќе се наменат. Затоа е вклученоста на Министерството за финансии односно Владата, затоа што тоа ќе бидат ограничени средства со Буџетот секоја година, бидејќи ова е проект што се предвидува да трае четири години и не може да биде неограничен бројот на лица кои ќе се пријават. Затоа е предвидена таа втора селекција, во која ќе има и критериуми, односно правила кои можат и ќе бидат први на листата за избор, а кои ќе бидат оние што нема да ги исполнуваат. Штом е согласно член 10 став 10, можноста за избор по пат на електронски избор, се дава правична застапеност односно правичен избор на кандидатите. Вашата констатација дека ќе има дополнително селектирање не ви држи, за тоа дискутиравме на Комисијата и знаете дека во секој случај мора да има една рамка, штом се ограничени средствата што со буџетот за 2012 година ќе ги определиме како средства за субвенционирање на овој кредит. Благодарам.

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Николов Марјанчо има контра реплика, повелете.



Марјанчо Николов: Благодарам претседателе.

Колешке, во однос на банките вие велите ќе има оглас, но ајде теоретски да претпоставиме банките не се заинтересирани. Што ќе правиме со овој проект? Нели Министерството правеше претходно консултации со банките и сигурно има најави кои банки покажале интерес да учествуваат во проектот. Што е тоа тајно? Кога ќе бидат објавени? Нека ги каже Министерството за да ги знаеме. Сега велите ќе има оглас допрва. Ако не се јават банки, проектот ќе пропадне, на кого ќе ги давате субвенциите.

Во однос на дополнителната селекција на граѓаните, треба да стои во законот колку максимално средства ќе се одобрат. Ќе претпоставиме на која група граѓани ќе смета Владата, колку на број, колку станови месечно се градат како потенцијал за купување и ќе знаеме колку граѓани ќе можат да се пријават, а колку нема да можат. Вака на слепо вие да гласате за трошење 5, 6, 7 милиони евра, мислам дека не е во ред.

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Зеќири Изет има реплика, повелете.



Изет Зеќири: Благодарам претседателе.

Почитуван претседател, се согласувам со констатациите на колегата Марјанчо и во овие три минути сакам да укажам на некои други димензии на овој закон.

Добро е што се предлага ваков закон во време кога имаме 30,9% сиромаштија и повеќе од 47,5% сиромаштија на граѓани што живеат во домаќинства со пет или повеќе членови, во време кога во Република Македонија релативна сиромаштија на популацијата до 39 години е 32,1%, а од 40 до 50 години е над 30%. Мислев дека во овој Предлог закон ќе имаме образложение, освен за помош и подршка на младите брачни парови, ќе биде и есенцијална цел на предлагачот дека власта се обидува со овој закон да ја поттикне побарувачката на станови и зголемување на агрегатот на понуда на градежниот сектор, кој во моментот има најголем раст во однос на другите сектори од 26%. Власта се обидува да ја поттикне продажбата на становите во Скопје, бидејќи според сите анализи во Скопје се изградени повеќе од 2100 станови и објекти со вкупно 5152 објекти во Македонија, каде повеќе од 40% изградени објекти се во Скопје, така што ние како НДП за овој закон ќе предложиме еден амандман, со кој ќе предвидиме граѓаните да аплицираат за кредит и да добијат субвенции за кредитот само ако купуваат стан во местото во кое живеат во последните 10 години. Ако ние сакаме да ги развиеме сите подрачја и региони на Република Македонија, тогаш треба да се прифати овој амандман и брачните парови да аплицираат за да добијат кредит во местата каде што живеат, а не тие да се мотивираат да купуваат станови во Скопје. Според анализата се гледа дека извршените градежни работи и вкупното население, во Скопје има помалку население а повеќе изградени станови. Ако се прифати овој амандман, тогаш ќе имаме рамноправен и рамномерен развој на сите региони во Република Македонија.



Достарыңызбен бөлісу:
  1   2   3   4   5   6   7   8




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет