Закон за изменување и дополнување на Закон за акцизите, по скратена постапка второ и трето читање



бет4/7
Дата06.07.2016
өлшемі395 Kb.
#181747
түріЗакон
1   2   3   4   5   6   7

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Има збор госпоѓа Мазгалоска Вучетиќ Светлана, повелете.



Светлана Мазгалоска Вучетиќ: Благодарам.

Почитувани граѓани, заменик министер, колеги пратеници.

Денешниот дополнет предлог закон за здравствена заштита е уште еден од сетот на закони над 120 закони кои што влегоа во Собранието по скратена постапка.

Јас секогаш кога дискутираме по предлог законските решенија кои што се по скратена постапка, сум категорично против како и пратеничката група од каде што доаѓам, меѓутоа да се дискутира за предлог закон по скратена постапка во областа на здравството и образованието е навистина надвор од секоја здраво разумска логика. Меѓутоа, она на кое што се сведоци и граѓаните во овие неколку денови е работата на овој собраниски дом на 120 закони по скратена постапка, ниту доволни услови на работа овде на пленарна седница, ниту пак на комисиите поради немање на кворум. Меѓутоа, што е тука е, така да и ова предлог законско решение е предмет на разгледување. Меѓутоа, мора исто така да ги потсетиме граѓаните дека само на минатата седница исто така имавме измени на законот за здравствена заштита, тоа не е така одамна, дискутиравме пред само една недела за голем број на измени кои што се понудија во Законот за здравствена заштита. Тука е заменик министерот, меѓутоа јас сепак ќе го цитирам министерот, кој што при дискусијата која што ја имавме и на Комисијата за здравство на седница, како и на пленарната седница во најавата на измените кои што ги нуди Законот за здравствена заштита, кој сега го дополнуваме рече дека тоа е закон кој што ќе направи силни промени и ќе добиеме силни ефекти, се разбира во корист на граѓаните, примателите на здравствени услуги и на оние кои што се даватели на здравствени услуги, па и во тој контекст се и наводно и овие измени кои што денес се донесуваат. Ако го разгледуваме дополнетиот предлог кој што вели дека е само целта, негова цел е усогласувањето со Законот за административни службеници и Законот за вработување во јавниот сектор би било во ред, меѓутоа кога ќе се разгледа самиот предлог закон, како и дополнувањата кои што ги направивме амандмански, се гледа дека има и низа на други измени кои што прават дополнителни изменувања во Законот за здравствена заштита.

Се обидовме колегите од опозицијата амандмански да поправиме одредени решенија кои што се нудат во законот, меѓутоа беа одбиени од страна на мнозинството. Кога веќе бараме да се подобрат условите или критериумите за вработувањата на терциерно ниво и ставаме се поголеми критериуми кои што треба да ги исполнат раководителите на одделите кој што се наведени и тоа во прилично голем број, кое се образование треба да го имаат раководителите, дека треба да се види колку стаж треба да имаат се наведува да имаат стаж од 7 години, а сега со овој дополнет предлог ние бараме од директорите на медицинските установи, јавните здравствени установи да имаат само 5 години работно искуство. Кога веќе зборуваме за критериуми кои што треба да дадат подобрување во квалитетот на работењето и на самите менаџери, односно на директорите и на медицинските и на организационите директори тогаш треба подеднакво да се залагаме и кај раководителите на одделите и овде кај директорите, а не да имаме различни аршини за едните и за другите. Меѓутоа, јас во делот на директорите и при претходната измена на Законот за здравствената заштита кажав дека повеќе од навредливо е да се зборува да полагањето на испитите се сведе на 20 бода да имаат од образование, 60 бода од писмениот испит, а 20 бода од усмениот испит на луѓето кои што цел живот се спремаат, обучуваат и се едуцираат да им се земаат само 20 бода, а потоа со испит да бидат оценувани за понатамошната нивна квалификација. Мислам дека тоа не е во ред и е како еден вид на намалување на вредноста на лекарите. Меѓутоа, ставањето на нов начин на полагањето беше само за да се прикрие досегашното лошо работење на директорите на клиниките, кои што дадоа резултати, не викам не, меѓутоа резултатот кој што го дадоа е повеќе од видлив. Тоа е почитувани граѓани, јавниот долг на здравствените установи, кои што се повеќе и повеќе се зголемува и до ноември 2013 година јавниот долг на здравствените установи изнесуваше 2 милијарди 440 милиони и 580 илјади денари. Тоа е само до ноември, а овој дијаграм кој што го покажувам е од официјалната стана на Фондот на здравствено осигурување, не е документ кој што јас сум го нашла од некаде, туку тоа е официјален податок на Фондот за здравствено осигурување.

Во измените кои што се носат и кои што се прават во овој предлог закон се предвидува исто така и да се полага психолошки тест или тест за интегритет. Јас реков дека и начинот на полагање на испитот на директорите е непотребен, бидејќи тоа се луѓе кои што се едуцирале повеќе од 10 години и заслужуваат респект и минатиот пат нагласив дека овие реформи кои што се донесоа на претходната седница во Законот за здравствена заштита и се однесуваа на руралниот доктор, на вработувањата на терцијално ниво, потоа во делот на полагањето на испитите на директорите на бордовите за малигните заболувања и ред други измени се уште едни реформи. Овие денес се уште плус реформи кои што треба да дадат краен ефект или краен резултат да речеме, задоволни граѓани, позитивни промени во здравствениот систем и задоволни лекари, меѓутоа ние имаме спротивно од тоа. Ние имаме многу полош здравствен систем денес отколку порано, имаме незадоволни граѓани, а со сите овие измени кои што се воведуваат ќе имаме и незадоволни лекари, а со самото тоа сите овие реформи ќе продуцираат нови реформи кои ќе дадат хаос во здравството.

Имав прилика на Комисијата за надворешна политика да го слушам излагањето на досегашниот амбасадор на Република Македонија кој што во повеќе наврати го спомена присуството или прошетката на министерот на здравство во Италија, каде што министерот ќе склучи соработка со клиниката, или приватниот универзитет Свето Срце од Италија и ќе се направи размена на искуства, бидејќи се потрудив да побарам материјал за тоа колку таа соработка и тој меморандум кој што беше потпишан ќе даде плод кај нас и колку се прави паралела, би сакале, еве бидејќи не е тука министерот, тука е заменик министерот да даде одговор колку од тој потпишан меморандум кој што го направи министерот за здравство од каде што од Италија ќе црпеме нели искуства, даде до сега плод и колку наши лекари отишле да се едуцираат во Италија, се надевам дека имате таков податок. Исто така имав и прилика да само пред неколку часа прочитам во Дневник, дека над 200 лекари чекаат работа и тоа алармираат од Здружението на приватните лекари кои што лекари не сакаат да сакаат да се вработуваат како матични лекари особено во Источна Македонија. Тој податок не го давам јас, колеги пратеници ова е од Здружението на приватните лекари кои што зборуваат за тоа дека и покрај тоа што се вели дека се нудат погодни услови, меѓутоа лекарите не сакаат да се вработуваат во Источна Македонија и тоа во малите населени места и тука можам со овој податок кој што го имам денес од Дневник, можете и вие да си го прочитате, меѓу кои освен 200 општи лекари има над 10-тина специјалисти кои се без работа, се побива теоријата дека некој ќе сака да работи како рурален лекар во селата и малите приградски населени места, бидејќи само од примерот од општина Ново Село каде што и покрај одлуката на Министерството и на министерот од 6 месец 2013 година дежурната служба не профункционирала од две причини, бидејќи на огласот кој што е за лекари паралелно има и за Ново Село и за Јавната здравствена установа во Струмица. Лекарите погодете, не сакаат да работат во село, сакаат да работат во град и после 6 месеци Ново Село од 13 часот во сабота до понеделник во 7 часот, во 21 век нема дежурен лекар. Тоа е пример повеќе од пример за реформите во здравството, почитуван заменик министер. Тоа им го должите на граѓаните на Република Македонија и на овие граѓани кои живеат во Ново Село. Благодарам.

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Бидејќи е исцрпена листата на пријавени за збор, констатирам дека општиот претрес и претресот по членот 5 на дополнетиот прелог на закон е завршен.

Врз основа на член 156 став 2 од Деловникот на Собранието за седницата на Собранието не се поднесени амандмани на дополнетиот предлог на закон.

Поради тоа што Собранието не усвои ниту еден амандман на дополнетиот предлог врз основа на член 162 од Деловниот на Собранието преминување на гласање по предлогот на закон во целина.

Согласно член 165 од Деловникот на Собранието гласањето по оваа точка ќе се изврши утре во 11,00 часот.

Процедурално има господинот Фазлиу Беким, повелете.



Беким Фазлиу: Продолжуваме со нашиот протест.

Поради дискриминацијата на албанскиот јазик кој се нанесува од ова Собрание и преводите на говорите на пратениците Албанци во знак на протест, во има на ДПА барам пауза од еден час.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Тука прекинуваме, продолжуваме во 17, 00 часот.



(По паузата)

Трајко Вељаноски: Продолжуваме со работа.

Минуваме на точка 122 - Дополнет Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, по скратена постапка - второ и трето читање.

Дополнетиот предлог на Комисијата за здравство, како матично работно тело и на Законодавно правната комисијата ви е доставен.

Отворам општ претрес и претрес по членот 3 на дополнетиот предлог.

Ги повикувам предлагачот и пратениците кои сакаат да говорат по општиот претрес и по претресот по членот 3 на дополнетиот предлог на закон да се пријават за збор.

Има збор господинот Менде Диневски, повелете.

Менде Диневски: Благодарам.

Почитувани граѓани, почитуван заменик министер, бидејќи гледам дека нема желба од страна на парламентарното мнозинство да зборуваат за состојбата во која се наоѓаат јавните здравствени установи а концептот е ист онаков каков што го предлагате, односно како што го имате напишано и во Законот за здравствено осигурување, вие предвидувате да остане членот каде што во Фондот за здравствено осигурување повторно ќе имаме двајца директори, со таканаречен врзан потпис кој двајца директори ќе продолжат и понатаму да земаат финансиски средства согласно менаџерските договори кои ги имаат потпишано и со тоа повторно од страна на Владата ќе сакате да не уверите дека со таквиот концепт дека Фондот ќе работи позитивно. Ниту Фондот ќе работи позитивно, ниту овие двајца луѓе можат да го решат проблемот, затоа што проблемот е на друго место, а тоа е во Владата и во Министерството за здравство, вклучително и во Фондот за здравствено осигурување, бидејќи концептот кој вие го нудите не дава реална одржливост на Фондот за здравствено осигурување. Тоа многу пати досега сме го говореле и тоа го покажуваат и бројките кои перманентно Фондот за здравствено осигурување ги презентира на својата веб страна. На пример во Извештајот за кој говорев и на претходниот закон на Законот за здравствена заштита стои на пример дека вкупните обврски на здравствените установи во 2013 година заклучно со месец ноември изнесуваат скоро четири милијарди денари или поточно 3.917.808.000,00 денари и тие во континуитет, перманентно се зголемуваат се повеќе и повеќе. И тука ако ги земете сите оние обврски кои ги преземаат јавните здравствени установи ќе видите дека тоа не е наведено точно така како што сакаат да го презентираат пратениците на ВМРО ДПМНЕ. Напротив, зголемувањето се однесува на сосема други работи. На пример, зголемувањето се однесува на обврски од договорни услуги, за други обврски на јавните здравствени установи за кои никој не знае кои се обврски кон други јавни здравствени установи итн., за разлика од нив во делот на обврската за добавувачи на лекови и обврските за инвестиции се далеку под она што во проценти можеме да го видиме тука. И тоа не е суштината на она што сакам денес да го кажам, денес сакам да спорам врз основа на амандманот кој го поднесе опозицијата, како и за врзаниот потпис на двајцата директори на јавните здравствени установи. Така и во овој случај ние предложивме да Фондот за здравствено осигурување има еден директор, не двајца директори, бидејќи концептот на двајца директори апсолутно ништо не донесе ново или поразлично од тоа што го гледавме во изминатиот период. На пример во изминатиот период се обидовте да ја продадете приказната дека странец директор на Фондот за здравствено осигурување ќе донесе позитивен резултат во финансиското работење на Фондот. И тоа се покажа како погрешно.



Прво, контроверзни беа дилемите, односно беа концептите за тоа како го избирате вие овој директор, а потоа откако го избравте никој од власта не сакаше да каже колкава е платата на директорот странец во Фондот за здравствено осигурување. Со неговото заминување, односно со ревизорскиот извештај кој го направил Државниот завод за ревизија е утврдено дека исплатата на платата на поранешниот директорот на Фондот за здравствено осигурување господинот Јанез Јелникар изнесувала 2.700 евра. 2.700 евра земал господинот Јелникар кој го донесовте од Словенија со кој тврдевте дека Фондот за здравствено осигурување ќе застане на здрави нозе. Од тоа нема ништо, остана само платата која ја примал истиот. Ако ги погледнете изјавите што ги давале поранешни директори на Фондот за здравствено осигурување вклучително и еден од директорите во време на ВМРО ДПМНЕ кој беше сменет а после тоа и обвинет за незаконско работење, а притоа ако ги видите и другите претставници на Фондот за здравствено осигурување кај сите нив преовладува една единствена мисла, а тоа е дека политиката е навлезена длабоко во Фондот за здравствено осигурување. Најкарактеристичен пример за тоа во каква состојба е Фондот за здравствено осигурување дава Владимир Лазаревиќ поранешен министер за здравство и автор на два изборни платформи на ВМРО ДПМНЕ, кој објаснува цитирам вели: Денес вистински можеби не е потребно директор на Фондот, туку е потребен координатор помеѓу Владата и Фондот кој ќе служи како еден вид на техничко лице за реализација на одредени владини иницијативи. Управниот одбор е непотребно тело, нема никаква потреба од него и не знам како не им е незгодно на тие луѓе кои седат во Управниот одбор да бидат таму. Ако поранешен министер за здравство во време на ВМРО ДПМНЕ, ви покаже или ви кажува, заменик министер се извинувам, ви покаже или ви дава изјави дека на Фондот не му е потребно не само директор, не двајца директори, туку на Фондот му е потребен координатор кој реално слепо ќе ги следи одлуките на Владата на ВМРО ДПМНЕ јасно покажува во каква состојба ни се наоѓа Фондот. Тоа е едната работа, втората работа, многу пати во изминатиот период се обидувавме да ви покажеме дека состојбата на Фондот за здравствено осигурување не е добра и дека ако не се блок дотациите од страна на Буџетот на Република Македонија, Фондот за здравствено осигурување нема да биде на здрави нозе. Ако до 2006 година блок дотациите биле во висина од 2 милиони евра на годишно ниво, во изминатите години блок дотациите од страна на централниот буџет кон Фондот за здравствено осигурување се некаде поголеми од 30 милиони евра на годишно ниво. И тоа јасно покажува дека ниту концептот кој го заговаравте како Влада, дека со намалување на придонесите ќе се зголеми бројот на вработени во Република Македонија, а со тоа и ќе се плаќаат поголеми придонеси, а тоа дополнително ќе ја полни касата на Фондот за здравствено осигурување, ниту концептот на врзаниот потпис со кој двајцата директори меѓусебно ќе се контролираат, а притоа бевме сведоци во случај кога бил потпишан одреден договор да и двајцата директори се изземаат од тоа дека истите стојат позади тој потпис, јасно покажува дека вашиот концепт во делот на финансирањето, во делот на тоа каде ни оди Фондот за здравствено осигурување јасно покажува дека не е на вистинската патека. Самиот податок дека скоро 4 милијарди денари се обврските на јавните здравствени установи или пак вкупните долгови на јавните здравствени установи се некаде во висина од 45 милиони евра, долг кој настанал во изминатиот период или некаде заклучно од 01.01.2009 година до крајот на 2013 година, јасно покажува дека вие немате систем како да го стопирате ова перманентно задолжување на јавните здравствени установи, за кој податок можеме да го видиме. Не зборувам за податокот на обврските и долговите кои ги има Фондот кон на пример концесионери, исплата на боледување, итн. Перманентното каснење да речеме ако треба исплатата да биде за 60 дена оди на 90 дена, итн. Значи, со друг речник кажано, заменик министер или ќе го смените концептот на дејствување или вие можете и понатаму да си останете на ова што го заговарате, а тоа е да има повторно двајца директори во Фондот за здравствено осигурување кои ќе бидат меѓусебно ќе се контролираат со врзан потпис, ама тоа нема да го реши проблемот. Здравството во Република Македонија и покрај силните медиумски кампањи, и покрај кампањата која ја води Владата и ВМРО ДПМНЕ дека како што сега се инвестирало во здравството, како што сега се издвојувале пари во здравството, тоа не било случај во изминатиот период, самите извештаи токму на Фондот за здравствено осигурување го покажуваат спротивното. А тоа, кажуваат дека долговите од ден на ден, од месец на месец се повеќе и повеќе се зголемуваат, се доведуваат во ситуација да јавните здравствени установи кубурат со пари. Ги имавме последните случаи, последниот случај беше во прилепската болница кога пациентите заради немање на парно греење се смрзнуваа во таа болница, или да не ги говорам случаите кога во одредени болници во операциони сали немало конци и друг потрошен материјал. Затоа почитувани претставници таму каде што можете да ги намалите финансиските средства и истите да се пренаменат односно да се искористат за подобрување на здравствените услуги, направете го тоа. Наместо двајца директори имајте еден директор, па ако биде чесен, ќе го поздравиме.

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Драган Цуклев има реплика, повелете.



Драган Цуклев: Благодарам претседателе.

Колега Менде Диневски кога зборуваме за подобрување или влошување на состојбата во Фондот за здравствено осигурување треба да имаме предвид дека долговите на Фондот за здравствено осигурување и јавните здравствени установи 2005 се повеќе од 3,5 милијарди денари. Долговите на Фондот за здравствено осигурување и јавните здравствени установи заклучно со 31.12.2013 година се 2 милијарди и 400 милиони денари. Тоа се бројките, колку да сакате, колку пати да сакате да ги презентирате долговите на Фондот за здравствено осигурување и јавните здравствени установи дека се зголемиле, бројките како факти се неуморливи. Тие покажуваат дека долгот на Фондот за здравствено осигурување и јавните здравствени установи од 2005 во според со крајот на 2013 се намалени за цели 32%. Притоа јавните здравствени установи овие неколку години влегоа во инвестициони и инфраструктурни зафати како резултат на набавката на нова медицинска опрема од страна на Министерството за здравство кое изискуваше одредени инвестициони зафати во сите јавни здравствени установи која што ја добија оваа медицинска опрема. Кога збориме за квалитетот на здравствените услуги и за трошоците на Фондот за здравствено осигурување, колега Менде Диневски треба да имате во предвид дека веќе се намалени бројот на лекувањата, бројот на осигурениците упатени на лекување во странство како резултат на остварената можност тие лекувања да се реализираат во Република Македонија преку склучени договори со приватни здравствени установи. 50 проценти од вкупните лекувања во странство се однесуваа на офталмолошките интервенции кои што денес се вршат во две приватни здравствени установи во Република Македонија. На тој начин се заштедува и на цената на лекувањето и на патните трошоци за лекување во странство. Дополнително со тоа вкупната партиципација за лекување во странство е 200 евра за разлика до порано кога социјалните мрежи, кога медиумите беа полни со повици за донирање од страна на граѓаните, заради тоа што многу граѓани не можеа да ги обезбедат ни оние 20% од вкупната цена за лекување во странство кој што процент беше задолжителен да го обезбедат граѓаните за било каква интервенција, односно лекување во странство. Така, колку и да зборувате за лошото работење на Фондот за здравствено осигурување, најпрвин треба да ги имате овие факти, тоа се бројките, а личните впечатоци на поединци се сосема друга работа. Аргументите претставени преку бројки се неуморливи. Тоа се фактите и нив не може да ги смените.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Менде Диневски има контра реплика, повелете.



Менде Диневски: Благодарам.

Да, бројките се неуморни. Ова е од веб страната од Фондот за здравствено осигурување, последен извештај од ноември 2013 година. Кажете им од каде ви се вас податоците од декември 2013 година? Декември 2013 година такви податоци на веб страната на Фондот за здравствено осигурување нема. Оваа е последниот извештај за реализација на средствата на буџетот на Фондот и буџетите на ЈЗУ за период јануари - ноември 2013 година. Ова е последниот извештај. Од каде вие го имате извештајот за декември? Е сега, бидејќи вие зборувате паушално, и вие кажувате колкави се обврските, јас читам тоа што пишува во извештајот. Во извештајот стои дека вкупните обврски на јавните здравствен установи заклучно со ноември месец се скоро 4 милијарди денари, а вкупните долгови на јавните здравствени установи заклучно со месец ноември 2013 година се скоро 45 милиони евра. Кажете ми каде ви се инвестициите господине?



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Има збор госпоѓа Станка Анастасова, повелете.



Станка Анастасова: Благодарам.

Почитувани граѓани, почитуван заменик министер за здравство, почитувани колеги пратеници. Уште на почетокот сакам да изнесам нешто што е многу важно, а тоа е дека оваа Влада нема компас кога се води здравствена политика. Зошто го велам ова? Сега расправаме за измена и дополнување на Законот за здравствено осигурување кој што е поднесен во Собранието февруари 2014 година. Се уште тој Закон не поминал на второ читање, еве денес е второ читање, влегува во процедура измена нова, на истиот закон, февруари 2014 година. Истиот Закон за здравствено осигурување пак по скратена постапка. Има ли кормилар на бродот во оваа држава кој што ќе го води здравството во вистинска насока. Што значи ова? Јас би сакала заменикот министер да ни објасни. Или преку ноќ некому ќе му текне некаква измена, а посебно сега бидејќи сме пред избори па може до завршување на работата на Собранието секој ден да добиваме на исти закони, измени, за по еден член кој што најверојатно ќе биде во функција на изборите. И замислете што се менува сега со овој закон, а за тој утре ќе зборуваме утре, бидејќи денес немам право. Денешнава измена се однесува ништо повеќе или помалку задоволување на уште еден партиски апетит, а тоа е поставување двоен директор со врзан потпис во Фондот за здравство. Значи уште еден директор, малку беше еден, видовме кој беше ефектот во здравството, сега треба уште еден да прима плата, за која што не знаеме која висина е и сето тоа било во корист на здравствените осигуреници. Не, сето ова оди на штета на здравствените осигуреници. Од нивните пари наместо да се оди кон подобрување и зголемување на се поголем број на здравствени услуги, ние имаме зголемување само на бројот на директорите, во овој момент на зголемување на број на директорот во Фондот за здравствено осигурување, најверојатно овој синџир ќе се провлече понатаму на пониско ниво, назначување на втори директори и на фондовите на здравство кои што се подрачните единици, како што видовме колку е ефикасна работата на директорите на јавните здравствени установи, посебно на клиниките. Резултатот е растење на долговите на јавните здравствени установи, растење на долгот на Фондот за здравствено осигурување, за кои што долгови директорката Маја Парнаџиева вели дека не е страшно што има долгови, добро било што се стабилизирале долговите. Замислете на 2,2 милијарди до 2,3 годишно и тоа било добро.



Еве ја нејзината изјава во списанието од Лекарска комора „Вох медици“ кое што е наменето за лекарите каде што таа на прашањето на новинарот што ќе каже за тежината на она што се има предвид дека навистина има големи долгови во јавните здравствени установи таа вели: да долговите на јавното здравство не се занемарливи, но исто така би потенцирала дека оваа година за разлика од претходните трендот на растење е стабилизиран, односно во текот на целата година се движат во рамките од 2,2 на 2,3 милијарди денари и со оваа нејзина работа директорката е задоволна и со работата на сите директори, двојни директори во јавните здравствени установи. Навистина чудно, а во исто време уште од одамна оваа Влада поднесе закон кој што е на сила доколку два последователни шест месечни извештаи од директорите на јавните здравствени установи бидат негативни тогаш ќе биде разрешен директорот и ќе се земе на одговорност. До ден денес такво нешто не се случи. Во претходните години имаше констатирани кривични дејанија од страна на директори на јавните здравствени установи, најкарактеристичен пример е директорот на Здравствениот дом во Крива Паланка каде што самиот Фонд за здравствено осигурување констатираше дека таму навистина има криминал односно директорот си купувал кондури на сметка на здравствениот дом. Истиот тој директор коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ од ДОМ си ги плаќал кредитните сметки лични од сметката на здравствниот дом за да после пратеничкото прашање кое што го поставив до министерот беше разрешен навистина, но сега пак тој истиот е назначен како директор на Здравствениот дом во Крива Паланка. Зошто сега граѓаните треба да веруваат дека директорката на Фондот за здравствено осигурување и министерот кој што директно е разрешен за разрешување на ваквите директори треба да им веруваме дека ќе бидат коректни во работата ќе ги спроведуваат законите кога и понатаму веќе докажани криминални работи, криминалци од директори се тоа ги враќаат повторно на голема врата ги ставаат за директори тие да располагаат со парите на осигурениците, тие да ја кројат капата во некој здравствен дом какви услуги и колку услуги здравствени ќе добиваат пациентите, веќе видена работа кога еднаш има криминал таа личност не е санкционирана јасно е дека враќањето на тој директор ќе биде затрупан со уште поголем криминал бидејќи тој знае дека е семоќен никој ништо не му може, коалиционен партнер е, ние сме пред избори и може да претпоставите што ќе се случува со тој здравствен дом кој што е еден пример кој што се случува кај нас. Нашиот амандман кој што се однесува на овој закон вели дека ние бараме да остане само еден директор, но Владата очигледно одлучила некое име најверојатно се знае кој треба да биде вториот директор и сигурни сме и ние како пратеници од СДСМ сигурни се граѓаните дека дополнително назначување на нови директори нема да даде подобра работа во Фондот за здравствено осигурување, нема да има заштеда на средства во смисла онаму каде што тонеле парите на невидено, каде што не се знае каде одат, очигледно генералниот проблем е во Владата. Владата ги диригира и ги стимулира овие криминални дејанија на сите директори дали се во јавните здравствени установи или во Фондот за здравствено осигурување или самото нереагирање на директорката на Фондот и нејзиното задоволство дека еден долг од скоро три милијарди денари за неа било задоволително и не било ништо страшно. А, каде е законската обврска што сами ја наметнавте. Кој тоа ќе го спроведе, кој ќе биде одговорен. Никој повеќе не може да стави ред во здравството, очигледно е дека на оваа Влада и одговара финансиски хаос во здравството. Но, ние денеска имаме над 120 илјади здравствено неосигурани лица и тоа се токму оние социјални случаи кои што не успеале навреме да поднесат документи за да ја прикажат својата имотна состојба бидејќи ниту некој не знаеле, некој немале доволно финансиски средста да ги направат тие документи, но во рекламите на Владата имаме нешто сосема друго дека во Република Македонија нема лице без здравствено осигурување, а на терен се случува нешто сосема друго. Тие луѓе не можат да се лечат, немаат здравствено осигурување, но немаат ни пари да платат на приватно како што сега господинот Цуклев во репликата рече дека во Република Македонија имало и приватно здравство. Да, но приватното здравство само одреден број на луѓе можат да го користат, а што за овие сиромашните кои што немаат ниту основно здравствено осигурување, што да прават тие. И, да биде трагедијата поголема директорката на Фондот за здравствено осигурување самата во својот извештај за работата во 2012 година вели дека заштедила во Фондот за здравствено осигурување многу пари. Еве еден пример: вкупен износ колку се потрошени за лекови во примарна здравствена заштита. Ако во 2008 година биле потрошени 300 милиони денари, во 2012 година се потрошени 100 милиони денари 2/3 помалку знаете што значи тоа. Со политиката на ВМРО-ДПМНЕ во здравството кратењето на право на препишување на лекови на примарно ниво кај матичниот лекар придонесе пациентите сами да си ги купуваат лековите. Затоа заштедил Фондот но граѓаните страдаат. Тие ги плаќаат тие средства дополнително. Благодарам.


Достарыңызбен бөлісу:
1   2   3   4   5   6   7




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет