Закон за изменување и дополнување на Закон за акцизите, по скратена постапка второ и трето читање



бет2/7
Дата06.07.2016
өлшемі395 Kb.
#181747
түріЗакон
1   2   3   4   5   6   7

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Има збор господинот Николов Марјанчо, повелете.



Марјанчо Николов: Почитувани граѓани, колеги пратеници, господине заменик министер се придружувам најпрво кон колегите пратеници кои што се спротивставуваат на носењето на еден нов закон за Управата за јавни приходи по скратена постапка. Тоа само покажува колку сакате од јавноста тајно да ги носите законите, не транспарентно и без јавна дебата. Сакам да ве прашам дали ова законско решение кое што е целосно ново за Управата за јавни приходи го презентиравте пред стопанските комори на Република Македонија, дали ги запознавте вработените во Управата за јавни приходи со решенијата кои што ги нудите во законот. Дали одржавте било какви консултации со луѓето кои што се засегнати од Управата за јавни приходи и да слушнете што мислат по новото законско решение. Го спротнавте меѓу овие 122 закони по скратена постапка само за да има помалку дебата за Управата за јавни приходи. Исто така моите колеги кажаа дека во овој момент Управата за јавни приходи е главен собирач на даноци и на сите други давачки во Република Македонија. Управата за јавни приходи покрај даноците ја собира радиодифузната такса, ги собира придонесите од задолжително социјално осигурување и ги наплатува казните кои што ги изрекуваат органите во Република Македонија. Значи зборуваме за еден орган кој што има најголеми овластувања во собирањето на приходите за одредени фондови, за буџетот и за Македонската радио телевизија. Дали Управата за јавни приходи досега успешно си ја извршува работата. Ако ги видиме официјалните бројки за 2013 година од прибирање на ДДВ може да констатираме дека Управата за јавни приходи потфрлила во собирањето на ДДВ. Ако ги видиме планирањата во 2013 година за придонесите за задолжително социјално осигурување и тука Управата за јавни приходи потфрлила во собирањето на придонесите бидејќи со ребалансот Владата ги намали, а последниот извештај од трезорот покажува дека тие и така намалени придонеси не се остварени во оној обем во кој што се планирани иако Владата се фали дека отворила 100 нови работни места, но придонесите од социјално осигурување не се собираат онака како што Владата ги планира иако е вистина податокот дека имаме толку нови вработувања треба приходите по тој основ да се зголемат. Таму каде што Управата за јавни приходи најдобро си ја врши работата тоа е собирањето на казните и пишувањето и изрекувањето на глобите и тоа најдобро покажува во каков орган се претвара Управата за јавни приходи, во репресивен орган, не во орган кој што ќе се бори и ќе се грижи за рамноправна положба на сите субјекти на пазарот, спречување на нелојална конкуренција, сега Управата за јавни приходи е ставена во функција на полнач на буџетот преку казни, преку казни. Вчерашниот податок дека само за 45 дена сте собрале од глоби 1,5 милиони евра најдобро покажува како постапувате преку инспекциите во најголем дел преку даночните инспектори.

Господине заменик министер, кога влегуваат инспекторите на Управата за јавни приходи во инспекција кршат редица закони во Република Македонија. Прво влегуваат како некој кој што оди од гости на гости во еден ресторан. Еве влегува даночна инспекција и наместо да оди таму каде што е фискалниот апарат каде што се книгите, таа оди по масите по гостите, ги проверува гостите. Со кое право? Со кое прави на вработените ги претресува Управата за јавни приходи даночниот инспектор. Кој налог го имате вие дадено на даночните инспектори. Може ли да му брка во џебовите на вработениот во еден трговски дуќан, во еден угостителски дуќан, во едно мало дуќанче да го претресува по алиштата и да го претресува во торбата. Господине заменик министер вие не слушате, меѓутоа вие не знаете со какви стресови се соочуваат луѓето кога ќе дојде даночна инспекција. Помалку се плашат од пљачки и криминалци отколку од влегување на даночни инспектори, затоа што влегувате со налог за казнување. Оди таму мораш да пишеш казна и правите претреси не знам по кој закон еве објаснете ми вас ве прашувам, под Министерството за финансии, Управата за јавни приходи. Со кој налог, со кое право ги претресувате луѓето, нивните лични работи, што барате. Тој не може ли да дојде на работа со свои пари во џебот. Не може ли во ташната да има свои пари некој вработен. И, може ли да ве прашам за прекршок од 100 денари, 150 денари, 200 денари, 20 денари да изрекувате глоби од 3250 евра. Даночните инспектори веќе ги направивте не по нивна волја бидејќи така им наложувате и за да не ги избркате од работа мора да постапуваат на таков начин.

Почитувани колеги пратеници и кај вас има граѓани кои што ви се пожалиле, ми дојде инспекција све ми претресуваше, гостите ми ги малтретираше и за 80 денари ми го затвори објектот 15 дена. И, што е целта на Управата за јавни приходи, да собира пари од казни во буџетот и тоа треба да го смените. Не прифативте предлог на Социјалдемократскиот сојуз да прво се изрекува опомена. Таму каде што ќе се утврди неправилност во работењето прво да се опомене, а потоа ако повторно го повтори делото да се изрече казна. Меѓутоа не може инспекторот да го праќа некој со точен налог дека таму и таму мора да напише казна или мора да го затвори објектот и потоа тој човек да бара начин зошто некогаш неправилно со неправилен прекршок да плаќа глоба и да не работи 15 дена. Ова е претерано што се прави со инспекциите во Република Македонија. И, на крајот со радиодифузната такса. Блокиравте за еден месец 18 илјади сметки во Република Македонија. Најголем дел на пензионери, меѓутоа и на корисници на социјална помош и на корисници на парични средства за нега за трето лице. Удривте по сиромаштијата и таму каде што е најтенко. Управата за јавни приходи не знам со која цел им ги блокираше баш сега 18 илјади сметки на граѓаните. Зошто не ги исправите прво грешките каде што на едно семејство му доставувате пет белешки за таткото, за сопругата, за децата и за кучето и мачето. Имате ли во Управата за јавни приходи правилник, евиденција кој треба да плаќа радиодифузна такса и како може сега да земате само од најсиромашните. Затоа го носите ова законско решение вака тајно шверцерски да нема дебата, меѓутоа граѓаните не се задоволни од постапувањето на инспекторите и како ја вршат работата при инспекциите. Тоа го прават затоа што така некој им наложил и жал ми е што таа пракса и понатаму ќе продолжи. Благодарам.

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Заменикот министер за финансии има реплика, повелете.



Ардијан Џеладини: Благодарам.

Почитуван пратеник денес тема на дискусија на оваа седница е Предлог законот за Управата за јавни приходи и главната цел на овој предлог закон е усогласување на одредбите на постоечкиот закон со одредбите на новиот закон за административни службеници, така што во насока и поради имплементација на одредбите од Законот за административни службеници во Законот за Управата за јавни приходи се појави неизбежно интервенирање во поголемиот дел од постоечките одредби на Законот со што се констатираше како подобро да се изготви еден нов предлог закон за Управата за јавни приходи и истовремено се искористи и можноста за консолидација на текстот на законот со цел да се овозможи истиот да биде појасен. Вашата дискусија во поголемиот дел имаше врска со забелешките во однос на работата на Управата за јавни приходи и даночните инспектори. Една од главните обврски на Управата за јавни приходи е во континуитет да го следи начинот на функционирање на даночните обврзници и во континуитет да врши контрола доколку се почитуваат сите регулатири и одредби кои што постојат во Република Македонија и кои што го уредуваат прашањето на функционирање на фирмите од аспект на даноците. Така што во однос на забелешките што вие ги искажавте јас би ве замолил истовремено би сакал да ви дадам објаснување дека во Управата за јавни приходи постои кодекс на однесување на сите вработени опфаќајќи ги тука и инспекторите има даночна процедура која што треба да се почитува. И, доколку вие имате информации или пак конкретни примери за кои што имате забелешки би било убаво истите случаи со факти и аргументи да ги пријавите во Министерството за финансии и Министерството за финансии тогаш ќе се обрати до Управата за јавни приходи и ќе побара образложение за таквиот начин на постапување и доколку се констатира тоа што вие го тврдите се разбира дека во продолжение потоа ќе се преземат мерки согласно законските одредби. Благодарам.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Николов Марјанчо има контра реплика, повелете.



Марјанчо Николов: Господине заменик министер еве ви еден пример. На кандидатот на Социјалдемократскиот сојуз за локалните избори во Велес само за време на кампањата нему и на неговата сопруга бидејќи се занимаваат со приватен бизнис Управата за јавни приходи и дел други инспекции им изрекува казни ви висина од 11 илјади евра, од 11 илјади евра. Еве ви сега јавно ви пријавувам проверете дали баш оти е кандидат на СДСМ мораше да му ги напише сите казни. Не знам сега. Еве и колешкава Силвана Бонева за друг човек ви кажува. Јас ви зборував за тенденциозно работење во Управата за јавни приходи. Оди инспекторе да му најдеш по секоја цена било што да му пишеш казна. За што? Да го демотивирате да не се кандидира или да не ја води кампањата за да победи на изборите.

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Бидејќи е исцрпена листата на пријавени за збор, констатирам дека општиот претрес и претресот по членот 29 на дополнетиот предлогот на законот е завршен.

Врз основа на член 156 став 2 од Деловникот на Собранието, за седницата на Собранието не се поднесени амандмани на дополнетиот предлог на закон.

Поради тоа што Собранието не усвои ни еден амандман на дополнетиот предлог врз основа на член 162 од Деловникот на Собранието преминуваме на гласање по предлогот на закон во целина.

Ги повикувам пратениците да влезат во салата за да прејдеме на гласање.

Предлогот на законот во целина го ставам на гласање.

Ве повикувам да гласаме.

Вкупно гласаа 52 пратеника, сите 52 за, нема воздржани, нема против.

Во салата има присутно 62 пратеника.

Констатирам дека Собранието го донесе Законот за Управата за јавни приходи.



Минуваме на точка 112 - Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, по скратена постапка - второ и трето читање.

Извештаите на Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело и Законодавно правната комисија ви се доставени односно поделе

Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело и Законодавно правната комисија не поднесоа дополнет предлог на закон бидејќи на нивните седници не беа усвоени амандмани што е услов за изготвување на дополнет предлог на закон.

Отворам општ претрес.

Ги повикувам предлагачот и пратениците кои сакаат да говорат по општиот претрес по Предлогот на законот да се пријават за збор.

Благодарам.

Има збор господинот Пауновски Стојко, повелете.

Стојко Пауновски: Заменик министер, директорот на Бирото за јавни набавки не ви е тука, вие треба да го браните и овој закон, по не знам кој пат, меѓутоа сега ислучиво за она што го правите со сите законски решенија и за тоа од страна на опозицијаста како што кажавме уште кога го носевме дневниот ред, нема да гласаме за овие закони. Вие и кај Законот за јавни набавки барате ништо друго, ништо подобрување, ниту ќе ги спречите оние кои што ги прават проневерите со јавните набавки ниту ќе ги спречите оние кои што со јавните набавки дебало се нафатираа во Република Македонија.

Едноставно измената што ја доставивте во Собранието на Република Македонија по скратена постапка, е дека во иднина требало да ги имаат и сертификати не постари од пет години и потребно е да ми објасните доколку имате можност во реплика, што е тоа што ве тера да барате во сите законски решенија кога ќе се пријавуваат на јавните огласи, посебно овде кај бирото за јавни набавки. Кога директорот на Бирото за јавни набавки, кога оние кои што се членови на Советот за јавни набавки, оној кој што ќе биде претседател и членови на државната комисија за јавни набавки. Што е тоа што ве тера да од сите тие кога ќе се јават на конкурсот за прием, да ги извршуваат овие функции во бирото за јавни набавки покрај и досегашните услови кои што требало да ги исполнуваат барате сертификат за англиски јазик не постар од пет години. Што е тоа што ве тера да ги барате само овие пет години, или можеби од тие пет години наваму некој научил да зборува англиски јазик, заборавајќи дека во Република Македонија има луѓе кои што го зборувале уште многу одамна и верувам дека одговорот ќе биде дали со ова повторно сите оние кои што ќе ги извршуваат овие функции треба да платат одредена сума на пари за да можат да учествуваат на овој јавен оглас кој што ќе биде објавен во најмалку два весници.

И кој им гарантира на сите оние кои што ќе се пријават на овие огласи и на овие кои што ќе сакаат да бидат членови на јавни набавки, знаејќи дека вие за 10 полицајци ви се пријавуваат и по 5 илјади луѓе кои што сакаат да конкурираат за тие примања, да не зборуваме овде можеби и 10 луѓе нека се јават за директор на Бирото за јавни набавки, сите тие 10 треба да имаат положено сертификат да имаат и тој сертификат да не биде постар од пет години и за сето тоа да платат одредена сума на пари.

Ако веќе ги барате овие услови зошто овие услови не се ставени во некои подзаконски акти, зошто не се ставени онаму каде што ќе треба, онаму каде што луѓето ќе имаат работа со странци да ги имаат и овие посебни услови кои што треба да ги исполнуваат на јавниот оглас. Дали Бирото за јавни набавки е последното нешто што требаше да го праив, освен да правилно се распределуваат тендерите, да не прават по пет-шес и 7 пати анекси на договорите. Да не им ги крадат парите на граѓаните преку измислени јавни тендери, вие се одлучивте пред претседателските избори да доставите законско решени за Бирото за јавни набавки каде што барате условите да се зголемат и сите овие да имаат одреден степен на познавање на англискиот јазик и сертификати кои што мораат да ги плаќаат во Британската амбасада. Дали сметате дека во Министерството за финансии и во Бирото за јавни набавки, до сега сте имале луѓе кои што не го познавале англискиот јазик, па заради тоа сте правеле повеќепати анекси на договори, или пак можеби овде и вие не не разбирате она што ние македонски го зборуваме, па на телефонот нешто барате, можеби англискиот го учите. И сега, ние овде зборуваме за одредени работи кои што бараме да ни ги објасните, бараме да ни кажете што е тоа што вас ве натера да се одлучите по сите законски решенија во сите институции во сите јавни претпријатија во сите органи на управата да го барате англискиот јазик.

Отворено кога би ни кажеле и кога би знаеле што е тоа што ве тера на ваков начин да го правите? Што е тоа што ве тера да од оние што ќе бараат да учествуваат на овие огласи, да мораат да имаат сертификат, сметам дека е крајно несериозно од ваша страна, без да објасните која е намерата. Вие овде поднесувате законско решением, ќе го преќутите сето она што овде се кажува и на крај законот нормално ќе биде изгласан. Ако веќе сте дојдени да браните одредено законско решение, ако некој за тоа законско решение кажува дека и треба да ни одговорите секогаш кога бараме. Што е тоа што во Република Македонија и дали некој ќе одговара заз тие работи кога се прават едни договори за јавни набавки, а од друга страна се завршуваат онака како што во најголем број случаеви ви ги објаснуваме овде. Што е тоа што ве тера да правите анекси на договори, што е тоа што во Бирото за јавни набавки кога се случуваат и се објавуваат тендерите, прво барате мостови без да имаат темели, па потоа со анекс договори додавате да имаат темели. Прво правите патишта со една широчина, после тоа со анекс договори посебна широчина. Што е тоа за последниот пат, Тетово - Јажинце, односно јегуновевска кривина Јажинце, кога со дополнителни анекс договори плаќате за вертикална и хоризонтална сигнализација, а таа сигнализација до ден денес ја нема, а вие веќе сте направиле и анекс договор за сета таа работа.

Тоа се прашањата кои што треба овде да ги кажете пред пратениците. Тоа се прашањата што ве прашуваме да ни одговорите. Инаку, дали еден кој што ќе биде член на Советот во Бирото за јавни набавки, го знае англискиот јазик или не. Можеби не е најмалку важното, меѓутоа претходно зборувавме за Управата за јавни приходи, Видете го има член, каде што Управата за јанви приходи во оние нивоа каде што ги наредиле си имаат вработено и преведувачи, па дури и лектори по англиски јазик. Зошто за пратениците не барате англиски јазик па да почнеме овде меѓу себе да комуницираме англиски, и тогаш овие патриотиве ќе кажат е, ние не го даваме македонскиот јазик и бараме да ни го стават, во Европската унија да ни го впишат се зборува на македонски јазик. А, вие овде на голема врата го воведувате англискиот јазик како да биде основен јазик и еден од најважните нешта кое што треба да биде во Република Македонија.

Освестете се и нека почне Бирото за јавни набавки, нека ги наоѓа криминалите кои што се таму правени. Нека почне да ги работи сите тие работи за кои што е формирано и за кое што е оформено. Нека почне Управата за јавни приходи нека ги работи оние работи кои што треба да ги работи. Нека почне Бирото за јавни набавки да ги изнаоѓа сите анекси на договори кои што не се завршени, а по тие анекси договори се исплатени сумите. Проверете дали со јавните набавки кога пропадна Алпине, дали сите оние кои што од Република Македонија работеа на тие тендери кои што ги даваше Владата, дали тие стопански субјекти од Република Македонија, Владата им излезе во пресрет ги обештети, им плати некаков дел од она што значеше Алпини во стечај. Дали тие луѓе, тие претпријатија, работеа за Алпине од Австрија или Словенија или пак работеа за Република Македонија. Дали Република Македонија им ги платила во јавните тендери и јавните набавки парите во комплет на Алпине, а Алпини не им ги исплатила на сите оние кои што ги завршуваат работите. Тоа треба да се грижи и Бирото за јавни набавки и финансиската полиција и инспекциите за организиран криминал па дури и полицијата. Да не гледаат онаму каде што нема ништо да вршат притисоци, закани и уцени, а онаму каде што јавно ви кажуваме дека има проневера, дека има неправилности, дека има луѓе кои преку ноќ стануваат богаташи, вие за нив не правите ништо, вие за нив буквално се однесувате како да не живеете во Република Македонија и како да тие луѓе не се граѓани на Република Македонија.

Е, тоа треба да им го објасните на сите граѓани на Република Македонија, а не во овие законски решенија кои што сте ни ги дале да одредени луѓе да мораат да го знаат и англискиот јазик. А за еден колега, кој што кажува дека премногу слушал, бидејќи само тој се буни,. . .



Трајко Вељаноски: господине Пауновски Стојко помина времето.

Госпоѓа Кузмановска Лилјана има реплика, повелете.



Лилјана Кузмановска: Благодарам.

Репликата се однесува на колегата во делот на дефокусирање на тамата, односно она што со овој Закон за јавни набавки, ние сакаме да извршиме измени, при секое изменување на Законот за јавни набавки.

Ги слушаме истите тези, ги слушаме истите констатации, без за тоа да имаме сознанија дека со претходните измени на законот, ние извршивме допрецизирање на одредени пропусти, односно и во делот на анексите на договори. Така да ако влеземе многу посуштински и посодржајно на сите измени што ги направивме со овој закон, ќе ги видиме навистина, што овој закон ги стопира, бидејќи се однесува за една материја која многу е специфична, многу деликатна.

Меѓутоа ова што сега го говори колегата, ама воопшто не допира со овие измени што сега, денес ги носиме. Значи во делот на усогласувањето со Законот за административни службеници и не се согласувам дека не треба познавањето на англиски јазик кој се фокусира во многу дебати, моите колеги пратеници, дека не е потребно, мислам дека и во изминатите конкурси и во изминатите години секаде и каде ќе конкуриравме беше потребно познавање на англиски јазик, така да, да не ја правиме фама, и да не го застрашуваме населението дека во ова модерно време, во време во кое е потребно и познавање на англиски јазик и познавање компјутери, ние посебно во делот на изборот на раководни лица, на службеници и на директори, каде што се прецизира со овој закон и транспарентноста во процесот на именувањето на функционерите. Што е могу важно, со овој закон всушност ја зголемуваме транспарентноста и достапноста на објавените тендери за економските оператори во странство, односно предвидуваме значително намалуваање на вредносните прагови и тоа за меѓународна објава.

Но, огласите за јавни набавки од 500 илјади на 50 илјади евра, за стоки и услуги и од 2 милиони евра на 200 илјади евра за градежни работи. Со тоа всушност ќе се зголеми бројот на објави на нашите огласи за јавните набавки во службеното гласило на Европската унија.

Да се фолкусираме секогаш на измените и дополнувањата кои ги носиме со одреден закон. Благодарам.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Пауновски Стојко има контра реплика, повелете.



Стојко Пауновски: Инаку прво за оние кои што не сакаат да слушаат, нема да има гласање, бидејќи нема кворум, а може и да си излезат.

А второ, колешке кој закон вие го донесовте темелно? Па сите закони ги носите површно. За тоа ние зборуваме исто за Дирекцијата за Бирото за јавни набавки. Зборуваме не исто, зборуваме секогаш за одредени криминали кои што вие сакате преќутно и површно да ги поминете со едно законско решение кое што секогаш го носите во интерес на некого. Па вие откако ја наполнивте администрацијата со преку 160 илјади луѓе, ви текна дека сега европски е да го знаат англискиот јазик. До сега никој не го барал тој јазик? Така ли е? И вие, сега кажувате дека ова законско решение каде што на сите оние, кои и што го познаваат англискиот јазик, кои што го владееле англискиот јазик, кои што работаат со англискиот јазик, ако се пријват таму и не го имаат тој сертификат, постар од пет години, ќе треба да платат пари во Британската амбасада, бидејќи со нив склучиле договор да има сертификат и тој е проблемот кој што го презентираме. Пет години да не биде постар сртификатот. А не овде дека се носеле закони површно. Вие ги носите законите површно.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Тука ја прекинувам седницата.

Продолжуваме во 15,00 часот.

(По паузата)

Трајко Вељаноски: Продолжуваме со работа.

Има збор господинот Самка Ибраимовски, повелете.



Самка Ибраимовски: Благодарам.

Почитувани колеги пратеници, почитуван заменик министер, како што и претходно што кажав така и сега јас само укажувам што треба да се направи, меѓутоа јас не сум тој што треба да донесе решение, меѓутоа давам идеи, насоки и кажувам каде е грешката.

Во делот на јавните набавки, едно моја констатација дека сме мајстори за извртување и за о на што направено најдобро по најстрогите правила на Европската унија. Ние сме мајстори тоа да ги превртиме, јавни набавки во стилот на Република Македонија. Велите дека вршите прилагодување и усовршување според политиките на Владата на Република Македонија. Тука треба да отстапите место на прилигодување кон европската регулатива, а не на Владата на Република Македонија. Без добар систем, колеги пратеници, на јавни набавки нема пазарна економија. Преку системот на јавните набавки се гледа однесувањетона државата, домаќинлукот на државата. значи јавните набавки се столбот на пазарната економија во Република Македонија. Затоа секогаш кога дискутирам кажувам да појдеме од основата на тоа за што дискутираме и за кој закон се работи. Законот за јавните набавки е еден од клучните закони во Република Македонија каде што многу може да се заштедат пари во делот на јавните набавки кои се вршат во нашата земја. Јас во неколку кажав дека со квалитетно водење на јавните набавки и со добар систем може да се заштеди 10 м. Автопат годишно. Тоа го потенцирав кога го земавме кредитот за патиштата. Немаше потреба да се земе овој кредит ако работевме домаќински односно ако го гледавме како треба да се водат тие јавни набавки ако имавме добар систем на јавни набавки ќе заштедевме по 10 км. што за десет години по 10 км. точно колку што треба да се направат овие две релации, Скопје-Штип и Кичево-Охрид. Меѓутоа мора да кажам дека нашата ориентација односно ориентацијата на Владата треба да биде многу јасна, Брисел, е не Илинденска број два и тука треба да ја расчистиме таа работа, да кажеме дека нешто треба да се подобри и Владата постојано предлага решенија со кои постојано се заоструваат механизмите на контролата на спречување на злоупотребите на системот на јавните набавки, но сеуште системот на јавни набавки е решето, така кажано, па н а човек му доаѓа да рече аман бе доста не го менувајте овој закон, затоа што се се менува нешто, а ништо не се подобрува.

Законот за јавни набавки, почитуван заменик министер, просечно по два до три пати е на поправка во ова Собрание. Со толку подобрувања ќе се направеше еден прав европски закон и сметам дека ќе има подобар систем на набавки, отколку нон стоп да го носиме на поправка. Тоа е исто како кога еден човек оди на лекар и му даваат соодветни лекови, па не ги применува тие лекови си зема некои свои сам на своја рака и затоа не се излекува. Така и ова. значи тука мора да направиме добар систем и да не доаѓа овој закон претежно на поправка овде во Собранието. Овој закон како и многу други ја дожевеа истата судбина, ќе се роди закон како плод на техничка помош од странските експерти и потоа почнува неговото расипување. Ама Владата секогаш кажува дека е подобрување и со секоја измена се оддалечуваме од европските правила. Значи не смееме да ги заборавиме почитуван заменик министер препораките од Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2013. Вие знаете дека имаше многу забелешки во делот на јавните набавки. Пред малку некој од колегите рече дека имало транспарентност во јавните набавки. Токму тоа колеги пратеници, тоа што кажавте има транспарентност во јавните набавки сте во голема заблуда. Најголемата забелешка на Извештајот на Европската комисија е токму тоа, сеуште постои загриженост во однос на транспаретноста, доверливоста и еднаквоста на системот за јавни набавки. Тоа го укажуваат и на ниските цени. Тоа се кажува во Извештајот за Република Македонија. Секогаш кажувам ако веќе нешто кажуваме барем да имаме аргумент за она што е и што треба да биде.

Покрај ова што кажав дека постојано се предлагаат решенија, а нема подобрувања сметам дека почитуван заменик министер должен како претходно што кажав така и сега јас само кажувам не сум тој што можам да донесам соодветни решенија за јавните набавки. Меѓутоа процесот на усогласување на овој закон со Законот за администрација е многу сложен и обемен процес за кој период на сериозни подготовки и преземање на извршување на позначајните подготовки во врска со овој закон за јавните набавки и треба да се испланираат и уште подобро да се изведат овие законски решенија. За остварување на заложбите за наведените закони се од огромно значење се токму квалитетни, прецизно хронолошки изведени подготовки и секое пребрзување носи голем ризик на девалвирање на суштинските интенции на овој предлог закон. Реков дека ова е закон за домаќинлук на државата. Ако има домаќинско работење во овој закон за јавни набавки, верувајте ние немаше да имаме потреба да го земеме кредитот од 600-700 илјади евра, кинескиот кредит. Верувајте анализите јасно сум ги правел и сум одел по некои ваши документи што сте предлагале во почетокот на секоја јавна набавка и на крајот затварање на таа набавка дојдов до констатација дека има голема злоупотреба во однос на цените што се даваат на почетокот на јавната и на фактурната вредност на крајот на јавната набавка и тука реков дека може да се заштедат 10 км. автопат годишно и не случајно го кажав тоа. Ви дадов неколку примери за набавка на хтз опрема, во делот други фактурни набавки и дојдов до констатација дека може голема пара да се заштеди во делот на јавните набавки во Република Македонија. Затоа гласав против земањето на кредит за овие патишта, не поради друго, туку поради тоа што немаше домаќинско работење и затоа реков на крај да кажам дека секое пребрзување носи голем ризик. Како и сите претходни закони така и овој кажувам дека не ги гледаме извештаите на Европската унија, не ги гледаме забелешките, направивме убав закон што сега го расипуваме. Мојата констатација е дека ние сме мајстори во извртувањето на најдобрите закони кои го направивме, сега го направивме закон во македонски стил. Затоа почитуван заменик, моите забелешки ако ништо друго прибележувајте ги, ќе ви требаат, а добро што има стенограм и ќе има време, ќе се види кој нешто кажал во врска со овие закони дека има големи пропусти, сите претходни закони.



Достарыңызбен бөлісу:
1   2   3   4   5   6   7




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет