Во врска со Спроведувањето на Акциониот план за подобрување на состојбата на Ромите и Синтите во областа на дејствување на обсе


Поглавје IV од Акциониот план – Социо-економски прашања



бет3/8
Дата25.06.2016
өлшемі0.85 Mb.
#157599
1   2   3   4   5   6   7   8

Поглавје IV од Акциониот план – Социо-економски прашања
Домување и станбени услови
43) Поставување механизми и институционални процедури за разјаснување на имотните права, решавање на спорови за сопственост и регулирање на правниот статус на Ромите и Синтите кои живеат во услови на нерешена легалност (на пр. ромски населби со дивоградби или кои не се вклучени во деталниот урбанистички план на главното населено место; семејства и куќи без легален статус за престој во населби каде тие de facto живееле со децении).

По однос на прашањето за сопственоста и легализирањето на дивоградбите во кои живеат Ромите, или реновирање на градбите кои се под стандардите, не е постигнат видлив напредок. Иако не постојат јасни податоци и прецизна проценка на ситуацијата, овој заклучок е потврден во испитувањата на јавното мислење, како и во Извештајот за имплементација на Декадата на Ромите и владините документи (Акционен план за домување за 2009). Во нив се посочува дека ситуацијата се влошува и не задоволува во однос на обезбедување документи за имотот и негова легализација.48 Со процесот на децентрализација, надлежностите се пренесоа на општинско ниво, што дополнително спречи конзистентно и униформирано решавање на ова прашање. Сепак, во некои општини се изготвуваат урбанистички планови кои можеби ќе ги вклучуваат и ромските маала (на пр. Прилеп).


Министерството за транспорт и врски веќе три години го подготвува законот за легализација на дивоградбите и покрај тоа што Министерството соработуваше со УНДП во неговата изработка. Сепак, постапката за легализација предвидена во овој документ, изгледа премногу долга и не може лесно да се примени од Ромите. Процесот за усвојување на законот неодамна повторно започна, со цел усвојување на законот следната година, но не е јасно дали неформалните населби каде што живеат Ромите ќе се легализираат согласно законот. Се додека не се реши ова прашање со легалноста на градбите, нема да се најде трајно решение за обезбедување на инфраструктурни и комунални услуги, пристоен стандард на живеење и лесен пристап до правата за кои се бара доказ со место на живеење.
44) Вклучување на Ромите и Синтите во креирањето на политики за домување, како и во изградбата, обновувањето и / или одржувањето на јавни проекти за домување наменети за нив. Да се обезбеди дека проектите за домување не поттикнуваат етничка и / или расна сегрегација.

Ромите, генерално, не се вклучени во креирањето на политиките за домување и во јавните проекти за домување. Сепак, во ограничен степен, ромската заедница учествува во инфраструктурните проекти во ромските населби, финансирани главно преку буџетот на Министерството за транспорт и врски за спроведување на Акциониот план на Декадата како и преку буџетите на општините. При одредување на приоритетните проекти на општинско ниво, кои треба да се финансираат преку буџетот на Министерството за транспорт и врски се остварува консултација со Кабинетот на Министерот без ресор.


45) Да се земе предвид можноста за гарантирање на заеми за земјите учеснички кои би биле достапни од меѓународни организации и финансиски институции за проекти за домување со ниски приходи.

Банката за развој на Советот на Европа неодамна и додели заем на земјата домаќин. Заемот ќе се користи за изградба на социјални станови во согласност со планот на Владата за 2007-2009, кој веќе е делумно исполнет. Проектот предвидува изградба на 35 згради, во 26 градови со вкупни трошоци од 50.7 милиони евра.

Становите ќе им се понудат на ранливите домаќинства за изнајмување по ниски цени. Една од 7-те категории на корисници на овие социјални станови се „општествено ранливите ромски домаќинства“, и приоритет на Ромите им се дава кога аплицираат преку други категории (пр. инвалиди, самохрани мајки и сл.).49 Од голема важност е ваквата пракса да продолжи и кога ќе се доделуваат социјалните станови. Ромските информативни центри треба да им помогнат на Ромите да ги остварат своите права на ова поле.
46) Да се промовира можноста за кооперативни начини за домување за ромските заедници и да се овозможи соодветна обука за одржувањето на таквите објекти.

Министерството за транспорт и врски до сега не ја разгледало можноста за кооперативни начини за домување за Ромите. Сепак, Одделението за социјална инклузија во Министерството за труд и социјална политика, раководи со два центри за бездомници (Чичино Село и Љубанци) каде престојуваат главно Роми и заеднички ги користат објектите. Во овие центри истовремено се сместуваат околу стотина лица и тоа за максимален период од шест месеци. Министерството за труд и социјална политика известува дека најголемиот број корисници Роми не се без дом, туку се семејства со проблеми во домовите (на пример премногу лица во една куќа).


Невработеноста и економските проблеми
48) Промовирање на зголемена застапеност на квалификувани Роми и Синти во јавните институции.

Земјата домаќин, во согласност со обврските од Охридскиот рамковен договор, е обврзана на принципот на рамноправна застапеност на сите ниво на јавната администрација. Застапеноста на Ромите во јавниот сектор треба да е 2.66%, што одговара на застапеноста на етничките Роми во земјата домаќин.50 Бидејќи мониторингот во јавната администрација (скоро 130.000 вработени во целата земја) не е соодветно организиран и таквата состојба ќе продолжи се до стапувањето на сила на Законот за јавна администрација,51 до сега главно Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор се фокусираше на правичната застапеност во државната администрација (до сега се вработени околу 10.000 лица). Во минатото, Секретаријатот исто така се фокусираше и на полицијата и на Армијата на РМ.


Министерот без ресор, Неждет Мустафа, оценува дека процентот на Ромите кои се вработени во јавната администрација се зголемил од 0.1% во 2000 година на 0.6% во 2010 година,52 што укажува на минимално подобрување во текот на последната деценија. Секретаријатот, цитиран во едно неодамнешно истражување на Институтот Отворено општество, потврдува дека процентот на Ромите вработен во јавната администрација е околу 0.62%.53 Поради недостигот на прецизни податоци, шансите да се направи продлабочена анализа на трендот се ограничени. Како што е предвидено во Акциониот план за вработување 2009-2011 (Декадата за вклученост на Ромите) до 2011, во јавната администрација ќе се вработат уште 50 Роми со универзитетско образование. Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор, во септември, 2010 година, вработи 250 државни службеници од Ромските и Турските заедници.
Бројот на Роми вработени како државни службеници сепак е далеку помал од потребните 2.66% - факт кој е потврден и во Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2009 година. Тој заклучува дека „неколку институции немаат постигнато соодветно ниво на застапеност“ и дека принципот на адекватна и праведна застапеност треба и понатаму да се унапредува.54 Сличен став може да се види и во Извештајот за напредокот во 2009 издаден од ЕУ, каде директно се наведува ниската застапеност на Ромите.55 Некои политички лидери на Ромите, вклучително и министерот Мустафа, тврдат дека главна пречка за зголемување на застапеноста на Ромите во државната администрација е желбата на образованите Роми да работат во граѓански организации.56 Иако подобрата плата и можностите за развојот на кариерата ги мотивираат младите Роми да се вклучуваат во граѓанскиот сектор, сепак, потребна е поголемата транспарентност при вработувањето и можности за развој на кариерата во јавниот сектор, со што ќе се поттикнат квалификуваните Роми да и се придружат на јавната администрација. Промените кои ќе се внесат во јавната администрација со реформите, ќе предизвикаат вработување на поголем број Роми во јавната администрација.
И покрај некои позитивни случувања, бројот на државните службеници Роми во неколку институции, особено во институциите од правосудниот систем, и понатаму е мал.57 Но не е доволно само да се постигне поголема застапеност: потребна е и распределеност низ различни сектори и нивоа. Законот за државни службеници е главниот инструмент за постигнување на правична застапеност и потребно е тој и понатаму да се спроведува. Набљудувачката мисија на ОБСЕ треба постојано да е вклучена во оваа област на делување и да го поддржува Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор.
49) Развивање на програми за обука за подготовка на помалку застапените групи како што се Ромите и Синтите за вработување во локалната јавна администрација и во други области, и креирање на политики за да се поттикне вработување на лицата кои ќе ги завршуваат овие програми како државни службеници.

Во земјата домаќин не постојат конкретни програми за обука пред вработување со цел вклучување на недоволно застапените групи во јавната администрација на локално ниво. Идните државни службеници се подготвуваат исклучиво преку формалното образование. Меѓународните чинители, вклучително и ОБСЕ, прават напори за воведување на ваков вид на обука. Потребно е да се создадат институционални механизми за подготовка на државни службеници од недоволно застапените групи.

ОБСЕ, во поддршка на процесот на децентрализација, организираше обуки за претставници и вработени од општините, вклучувајќи ги и претставниците на Ромите од Шуто Оризари. Покрај ова, проектот на ОБСЕ, чија целна група се ново вработените државни службеници на позиции на помлад соработник, ќе обезбеди основна обука за меките вештини и работата на јавната администрација. Во првата фаза од проектот вклучени се тројца Роми државни службеници. До ноември 2011, се очекува да се обучат 15 Роми.
50) Да се преоцени влијанието на програмите за субвенционирано вработување, посветувајќи особено внимание на нивните едукативни компоненти, за да се обезбеди дека целат кон зголемување на конкурентноста на Ромите и Синтите на пазарот на трудот.

Земјата домаќин ја усвои Националната стратегија за вработување 2006-2010, претходно вршејќи анализа на пазарот на трудот и трендовите за вработување. За спроведување на Стратегијата изготвени се Националните акциони планови за вработување. По извршената анализа на минатите достигнувања и новите приоритети содржани во Акциониот план 2006-2008, се изготви и Акциониот план 2009-2010. Иако не се фокусираат конкретно на Ромите, овие документи содржат политики и активности насочени кон ранливите групи, во кои се вклучени и Ромите.

Претходно споменатите документи, и ревидираниот Акционен план за вработување од Декадата за вклучување на Ромите (2009-2011) не го оценуваат влијанието на програмите за субвенционирано вработување и нивната едукативна компонента врз конкурентноста на Ромите. И покрај тоа што во овие документи се идентификуваат некои од пречките за вработување (на пр. образование, долгорочна невработеност), Министерството за труд и социјална политика нема направена длабинска и сеопфатна анализа на причините за ограниченото учество на Ромите во програмите за субвенционирано вработување.
51) Креирање на политики и програми, вклучувајќи и стручна обука, за подобрување на способностите и зголемување на можноста за вработување на Ромите и Синтите, а особено на млади луѓе и жени.

Министерството за труд и социјална политика изработува Годишни оперативни планови кои содржат активни програми и мерки за вработување. Ромите се вклучени како корисници и на двете мерки чија цел е целата популација (кои содржат мерки кои се однесуваат на ранливите групи) како и на конкретните програми насочени кон Ромите. Првата категорија се состои од две мерки кои ги вклучуваат Ромите. Прво, Програмата за самовработување. Во неа, во 2009 година, од вкупно 700 учесници, учествувале 14 невработени Роми, кои добиле материјали во вредност од 3,000 евра за почнување на сопствен бизнис. Во втората мерка, Програма за формализирање на постоечки бизниси, во 2009 година исто така учествувале мал број Роми (5 лица).



Програмата за поддршка на вработувањето на Ромите е единствената активна мерка насочена конкретно кон Ромите. Оваа програма, спроведена во 2010, се состои од обука на 50 Роми да работат со гипс, и по завршената настава и тримесечната обука им се нуди можност да се вработат во фабрика. Само мал број лица се вклучиле во оваа програма во 2010,58 и покрај напорите на Министерството за труд и социјална политика да ги вклучи Ромските информативни центри во промовирањето на отворениот повик за пријавување. Потребно е дополнително да се анализираат причините за малото учество, бидејќи во септември, 2010 година, Државната Агенција за вработување имала евидентирано 16,695 Роми,59 од кои многу, барем така се очекува, би биле заинтересирани за таква обука.

Со цел програмите за вработување чија цел е зголемување на вклученоста на Ромите и зголемување на нивната конкурентност на пазарот на трудот (исто така во согласност со преп. 50) да бидат подобро подготвени, потребно е да се истражат причините за ограничениот успех на овие активни мерки.


Специфични политики чија цел е да се зголемат вештините за вработување на Ромките и на младите Роми не постојат. Ромките се вклучени во главните програми за вработување на жените, кои се организирани од земјата домаќин (на пр. мерки за рехабилитација на жртвите на семејно насилство) и од меѓународните институции (на пр. проектот на ЕУ Жените во македонската економија, чија цел се „различните етнички заедници“).60 Понатаму, и покрај обврските да се следат Интегрираните насоки за вработување на ЕУ, 61 врската помеѓу едукацијата и вработувањето е занемарена. Потребно е да се зајакне соработката помеѓу институциите, со цел недоволно образованите Роми (тие без основно образование) да се вклучат на пазарот на трудот, или да им се обезбеди пристап во образовните програми.
52) Усвојување на социјални политики кои ќе ја зголемат мотивираноста за вработување, како траен начин да се избегне зависност од социјална помош.

Иако не постојат сигурни податоци за бројот на граѓани Роми кои добиваат социјална помош, проценките укажуваат дека голем број од нив добиваат државна помош. Се смета дека околу 90% од семејствата во Општина Шуто Оризари, се корисници на ваков вид помош. Според последните податоци за регистрирани невработени граѓани во земјата, 16.695 Роми се невработени, и затоа не зачудува фактот што толкав број Роми користат социјална помош. Доколку се направи споредба на оваа бројка со бројот на регистрирани невработени Роми во декември 2003 година (16,937) може да се заклучи дека бројот не се намалил значително, во споредба со разликата во вкупниот број на невработени (од 390,361 во декември, 2003 година на 323,233 во септември, 2010 година).62


Вклученоста во сивата економија претставува силна пречка за активното барање на работа. Министерството за труд и социјална политика усвои програми за формализирање на бизнисите, но во нив учествуваа само мал број Роми. Дури и фактот што социјалната помош е многу мала (основата, според Законот за социјална заштита, за 2009 година е 2,140 денари) не може да придонесе за намалување на стапката на невработеност. Тоа треба да се постигне со креирање на поголеми можности за вработување за необразовани или слабообразовани лица.
Здравствена заштита
58) Да се обезбеди дека Ромите и Синтите имаат пристап до здравствени услуги без дискриминација.

Со дополнување на Законот за здравствена заштита, во април 2009 година, сите граѓани на земјата домаќин имаат право на примарната здравствена заштита. Ова значи дека сите Роми, доколку се регистрирани и имаат лични документи, имаат бесплатен пристап до примарната здравствена заштита.63

Сепак, оваа состојба може да се промени со донесување на предлог законот кој е предложен од Министерството за здравство во ноември, 2010 година. Се уште не е јасно кои ќе бидат последиците од новите одредби. Се очекува основниот пакет на здравствени услуги да се намали на минималниот спектар на услуги.64 Ова може непропорционално да влијае врз ранливите групи, доколку не се направат потребните исклучоци.
Сепак, пристапот на Ромите до здравствените услуги се уште е ограничен. Прво, се оценува дека помеѓу 3,000 и 5,000 лица, поради немањето на лични документи, немаат пристап до здравственото осигурување.65 Административните оптоварувања претставуваат голема пречка за добивање на здравственото осигурување. Второ, во областите каде што живеат Ромите нема основни здравствени објекти. Поради ова, најранливите категории Роми се во тешка ситуација, бидејќи не можат да си ги дозволат транспортните трошоци за пристап до здравствените установи. Во општината Шуто Оризари, во која живеат 22,017 жители, од кои според пописот во 2002 година, 13,342 се Роми,66 нема примарна здравствена заштита (на пр. гинеколошка клиника) и се нудат само амбулантски услуги. Граѓанската организација Хера обезбедува ограничени основни здравствени услуги (гинеколог, дерматолог, психолог итн. со скратено работно време). Трето, иако Народниот правобранител не евидентирал случаи на дискриминација против Ромите во здравствениот сектор, активистите за човекови права и граѓанските организации сметаат дека постојат дискриминаторски практики против пациентите Роми.

59) Да се промовира свест кај здравствените работиници за специфичните потреби на Ромите и Синтите.

Не постојат мерки за едукација на здравствените работници за специфичните потреби на пациентите Роми. Иако, ваквата едукација е една од целите на Акционен план за Декадата за 2009, сепак едукација за здравствените работници за тоа како најдобро да им пристапат на пациентите Роми и на нивните специфични прашања не постои. Соодветниот третман на пациентите Роми зависи од социјалните и професионалните вештини на здравствените работници. Може да се јават и проблеми во комуникацијата, поради што Министерството за здравство започна иницијатива за назначување на здравствени медијатори за Ромите.


60) Осврнување на големата зачестеност на заболувања и неисхранетост во ромските заедници.

Основни причини за зачестеноста на заболувањата и неисхранетоста во ромските заедници се неадекватните домови и услови за живот, како и широко распространетата сиромаштија. Оддржливи подобрувања во овие состојби може да се обезбедат единствено со примена на сеопфатен пристап за решавање на овие прашања.

Сепак, и мерките за превенција кои се однесуваат исклучиво на здравството, можат да придонесат за намалување на зачестеноста на заболувањата и неисхранетост. Клучна државна политика во оваа насока е мерката за бесплатната имунизација, која ги вклучува и лицата кои не се државјани на РМ, и истата треба да се спроведува дури и потемелно, со цел превенција на одредени заболувања кај Ромското население.
Што се однесува до неисхранетоста, која особено влијае врз децата, Студијата на UNICEF за неисхранетоста кај децата наведува дека околу 17% од децата Роми се „значително или умерено неисхранети“.67
61) Да се поттикне пристап на Ромите и Синтите до јавните здравствени услуги, уште во рана фаза, преку:

(a) Информирање на Ромите и Синтите за постоењето и достапноста на таквите услуги и нивно упатување како да ги искористат;

Во земјата домаќин постојат медиумски кампањи за здравствените услуги кои се достапни за граѓаните (пр. во 2009 година постоеше промоција на програмата Осигурување за сите). Сепак, ромското население не добива доволно информации за ваквите активности.

Потребни се специфични мерки за канализирање на информациите за пристапот до здравствените услуги во ромската заедница. Ромските информативни центри нудат одредени основни информации, но нивната улога треба да се зајакне. 16 здравствени медијатори за Ромите би требало да започнат со работа во 2011 година. Доколку Владата ги алоцира потребните ресурси во Министерството за здравство за спроведување на овој проект, ќе се зголеми информираноста кај Ромите за достапните здравствени услуги. Медијаторите ќе бидат задолжени за промотивни активности и за поврзување на граѓаните и институциите преку информирање на населението за основните здравствени прашања.

За жал, иако Министерството за здравство побара 4 милиони денари за овој проект, вкупниот буџет алоциран за Спроведување на Декадата во полето на здравството, за 2011 година, е 200,000 денари.68 Со цел да се оствари овој план ќе биде потребен ребаланс и ревизија на буџетот.


Во меѓувреме, и други организации вршат информативните активности. Прво, граѓанската организација Хера спроведува пилот проект со кој вработува 2 здравствени медијатори Роми во Шуто Оризари. Предвидено е тие да се вклучат во идната државна програма за здравствените медијатори за Ромите. Второ, иако напорите се насочени исклучиво кон ромската заедница во Шуто Оризари, Ромскиот ресурсен центар (финансиран од Хера) и амбулантите обезбедуваат основни информации за локалното население во врска со здравствените услуги. Одредени информации, во врска со имунизацијата и здравјето на децата, се обезбедуваат и во училиштата за време на задолжителните вакцинации. Сепак, овие напори не се доволно ефикасни поради малиот број на деца Роми во училиштата и честото отпишување од училиштата. Образовните програми во медиумите, особено тие на телевизиите кои емитуваат програма на ромски јазик, треба да се поттикнат да ја зголемат содржината на информации за здравствените услуги.
(b) Зајакнување на довербата на Ромите и Синтите во јавните здравствени работници, вклучително и преку: казнување на случаи на директна или индиректна дискриминација претрпена од Ромите и Синтите; обука на здравствените работници за релевантните аспекти од ромската култура; и поддршка на посредници кои би имале важна улога во премостувањето на јазот помеѓу ромските заедници и јавните здравствени установи.

Пристапот на Ромите до здравствените услуги е ограничен и поради недовербата на Ромите кон јавните здравствени установи. Тешко е да се утврди релативната тежина на таквите фактори, но се верува дека финансиските фактори играат поголема улога во ограничување на пристапот до здравствените услуги, отколку неинформираноста или недовербата.


Народниот правобранител до сега нема евидентирано случај на дискриминација од страна на здравствените работници против граѓанин Ром, иако постојат инциденти со несоодветен третман. Здравствените работници не се обучени да ги разбираат социјалните и културните милјеа на корисниците на јавните здравствени услуги од различни заедници.

Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика (Одделение за спроведување на Декадата) со поддршка на граѓанските организации Хера и Фондацијата институт отворено општество Македонија спроведуваат проект за вработување на здравствени медијатори за Ромите во системот на јавна здравствена заштита. Најдобрите практики од слични програми во регионот (пр. Бугарија) и оценката на пилот проектот кој го спроведува Хера во Шуто Оризари укажуваат дека оваа програма може да се спроведе доколку Владата ги алоцира потребните средства.


Довербата на Ромите кон здравствените институции може исто така да се зголеми преку поттикнување на младите Роми да се вклучат во медицинското образование. Фондацијата институт отворено општество Македонија со финансиска поддршка на Ромскиот образовен фонд, даваат поддршка за Ромите студенти по медицина и на тој начин помагаат во едукацијата на идни здравствени работници Роми. Се очекува 30 студенти или ученици Роми (на Факултетот по медицина или во Средното медицинско училиште) да ја користат оваа стипендија во учебната 2010-2011 година.
62) Да се посвети особено внимание на здравјето на жените и девојчињата, меѓу другото, преку:

Државата до сега не направила напори да се разрешат специфичните прашања кои влијаат на Ромките на работното место, иако Институтот за грижа на мајки и деца врши мониторинг и има за цел да усвои превентивни мерки за осигурување на предпородилна и постпородилна грижа. Напредокот во ова поле главно зависи од напорите кои ги прават граѓанските организации.


(a) Промовирање и / или развивање на програми кои ќе овозможат информации за здравствената заштита (вклучувајќи исхрана, постпородилната грижа и семејното насилство);

Во училиштата за време на часовите по здрав живот, се обезбедуваат одредени информации за исхраната, но тие не се насочени исклучиво кон девојчињата. Не постои посебна промотивна програма за жените и девојчињата за прашањата кои се однесуваат на здравјето на жените. Особено недостигаат превентивните мерки. Граѓанските организации во некоја мера го пополнуваат овој недостаток преку дистрибуција на брошури и организација на работилници, а и здравствените медијатори за Ромите може да помогнат за подигање на свеста за исхраната, постпородилната грижа и семејното насилство, како и за упатување на родителите Роми до релевантните институции.

Ромските информативни центри во земјата имаат важна улога во обезбедување на основни информации за претходно споменатите прашања, како и соодветно упатување до други институции. Потребно е да се подобрат нивните капацитети за извршување на превентивни активности (промоција, подигање на свеста), како и за помагање на Ромките во пристапот до здравствените услуги.
(b) Подобрување на пристапот до гинеколошки услуги, вклучувајќи предпородилни, породилни и постопородилни здравствени услуги, меѓу другото, преку овозможување на информации и обуки.

Мал број на Ромки знаат дека породувањето, 4 гинеколошки прегледи и 1 преглед со ултразвук во текот на бременоста се бесплатни во јавните здравствени установи. За да можат да ја искористат оваа можност, жените треба да се регистрирани во Фондот за здравствено осигурување (потребни се документи се државјанство и други лични документи). Од тие причини, од основна важност е што поголем број на Роми да се осигурени преку Фондот, како и да се дистрибуираат информациите за бесплатните здравствени услуги.


Сепак, пристапот до гинеколошката заштита, е проблематично прашање. Прво, граѓанската организација Хера и г-ѓа Билјана Анчевска, поранешен педијатар во Шуто Оризари, а денес вработена во Институтот за грижа за мајки и деца, изјавуваат дека тешко се наоѓа медицински персонал кој сака да работи со ромската заедница. Како резултат на немањето волја и неангажирањето на државата во ова прашање, Ромскиот ресурсен центар на Хера го обезбедува единствениот пристап до гинеколошки услуги во Шуто Оризари. Обезбедувањето на гинеколошки услуги во оваа општина ќе значи поголема информираност и пристап до гинеколошки услуги за најголемата ромска заедница во земјата. Покрај ова, најголем приоритет за образовните институции и за ромските организации (Ромските информативни центри, граѓанските организации) треба да е образованието за репродуктивното здравје.
63) Да се посвети особено внимание на здравјето на децата Роми и Синти, преку овозможување на соодветна педијатриска нега, вклучувајќи и заштитни мерки како што се вакцинации во ромските населби.

Земјата домаќин обезбедува бесплатна вакцинација. Во предучилишната возраст секое дете треба да прими 11 вакцини, а вакцинацијата со дополнителните вакцини се врши во основните училишта.

Иако не постојат службени податоци за покриеноста со програмата за имунизацијата по етничка припадност, испитувања спроведени од Месечина во соработка со Институтот за грижа за мајки и деца покажуваат дека имунизацијата е далеку од целосна кај ромските деца и значително помала во споредба со таа кај етничките Македонци.69 Евидентно е дека во оваа област состојбата не е многу подобрена.
Особена загриженост предизвикува малиот број на вакцинирани девојчиња по петтото одделение во основните училишта, што укажува на нивната слаба вклученост во образованието. Главните проблеми се јавуваат поради слабата посета на училиштата и повисоките стапки на отпишување од училиштата на ромските девојчиња во споредба со националниот просек; неинформираноста на родителите и слабиот интерес за програмите за имунизација; и поради неможноста да се пронајдат децата и нивните семејства за да се поканат за вакцинација. Поголем акцент треба да се стави на соработката со училиштата и обезбедување корисни информации за време на првата вакцинација во основните училишта, на која присуствува и член од семејството на детето.



Достарыңызбен бөлісу:
1   2   3   4   5   6   7   8




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет