Закон за субвенционирање станбен кредит прво читање Предлогот на законот и извештаите на Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело и Законодавно правната комисија во се доставени, односно поделени



бет6/8
Дата06.07.2016
өлшемі480 Kb.
#181748
түріЗакон
1   2   3   4   5   6   7   8

Светлана Јакимовска: Благодарам.

За реплика е пријавен господинот Китаноски Илија, повелете.



Илија Китаноски: Благодарам госпоѓо потпретседател.

Господине Ибраимовски сакам да ве информирам реплицирајќи дека за тие категории граѓани за кои што вие зборувавте Владата на Република Македонија, Владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во изминатиов период и тоа како води сметка и се грижи и тие се вклопени во друга програма во т.н. социјални станови кои што во изминатиов период во Република Македонија се изведени во бројка од над 600, отприлика над 400-500 семејства во Република Македонија се згрижени на тој начин. Тоа се семејства кои што не можат да си дозволат да купат стан под комерцијални услови кој што овде се содржани. Овде Владата им овозможува само на оние семејства кои можат да си дозволат да купат стан во своја сопственост, тоа го направат на полесен начин односно да учествува во субвенционирање на каматните стапки или во субвенционирање на учеството нивно при земањето на кредит затоа што се постави пред малку една дилема дека тоа не е субвенционирање ако некому му дадете 6.500 евра денес и им речете да ви ги врати за 20 години во рокот после 20 години без камата на шест или седум еднакви годишни рати. Ќе се сложите дека тоа е и тоа какво субвенционирање големо.

Инаку, за ваша информација да ви кажам дека во Кичево, бидејќи спомнавте случај од Кичево во зградата што се пушти во употреба и во која што живеат веќе вселените семејства се доделени 28 станови на вакви наши граѓани кои што не можат да си дозволат да купат стан во сопственост, а се социјално загрозени меѓу кои четири ромски семејства, вие како човек кој што претендирате дека ја застапува ромската заедница би требало тоа да го знаете. Благодарам.

Светлана Јакимовска: Благодарам.

Контра реплика господинот Ибраимовски Самка, повелете.



Самка Ибраимовски: Господине Китаноски точно е дека државата градела социјални станови, меѓутоа колку од тоа добиле правите социјални категории во Република Македонија без да ги потенцирам Ромите затоа што секогаш велите дека ги потенцирам Ромите. Јас кажав за семејството Ѓукиќ од вашиот град кој живее под стравотна сиромаштија. Кажав за тие граѓани што живеат во Тризла, кажав во другите места, не сакам да се впуштам во такви дискусии, но сакам да кажам дека правите социјални кактегории не ги добиваат тие социјални станови, доколку тоа ви беше поентата дека има многу Роми добиено. Јас ќе ви кажам пример тука во Скопје колку добиле од ромските семејства. Од сите тие изградени многу станови добиле минимален број на Роми, може на прсти да ги изброиме, а велиме дека имаме 90% социјална категорија на Роми. Затоа мислам не држи и оваа категорија станови не се за социјални случаи, напротив треба да ги информирате точно и дека треба да им кажете дека треба да го плаќаат уште 50% повеќе од вредноста на станот. Благодарам.

Светлана Јакимовска: Благодарам.

За реплика е пријавена госпоѓа Танчева Тулиева Надица, повелете.



Надица Танчева Тулиева: Благодарам потпретседателке.

Почитуван колега Ибраимовски, мислам дека крајно некоректно е со ваквите ваши дискусии да ја манипулирате јавноста во Република Македонија да давате една искривена слика односно овој Предлог на закон кој што денес го имаме и мислам дека треба веќе еднаш да престанеме со вакви дискусии со кои што на еден начин ги омаловажувате граѓаните на Република Македонија како тие ништо да не разбираат. Во вашата дискусија кажавте дека Владата на Република Македонија требала да се грижи за социјално ранливите категории во државата и дека треба да им обезбеди станови. Вие знаете дека од доаѓаањето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година до денес се реализираат неколку проекти кои што се однесуваат токму на социјално ранливи категории на граѓани да им се овозможи на многу лесен начин да дојдат до тоа да можат да го решат своето станбено прашање.

Затоа колега овде со бројки ќе ви кажам во кој град и колку станови до сега се направени во Република Македонија, а кои го решаваат ова горливо прашање на многу граѓани во Република Македонија. Еве, ќе земам пример во Штип. Во Штип од 2006 година до денес се изградени две згради за социјално ранливи категории на граѓани во Република Македонија, една зграда во која има 46 станови и друга зграда каде што има 91 стан, кои веќе ќе почнат да се делат на граѓаните на општина Штип. Има изградено вкупно 172 стана во општина Штип, што го решаваат проблемот на ваквата категорија на граѓани.

Со проектот за домување на социјално ранливите групи би сакала да ви кажам дека се завршени вкупно осум објекти, два во Скопје, по еден во Кочани, Кавадарци, Охрид, Кичево, Македонска Каменица, Крива Паланка итн.

Во делот на изградбата на станови токму за младите брачни парови, како што и денес дискутираме за овој закон кој што го имаме на дневен ред, завршена е градбата на два станбени објекти во Скопје со вкупно 93 станови, додека во завршна фаза на градба е еден станбен објект со вкупно 70 станови. Затоа мислам дека е некоректно да продолжувате со ваквите дискусии и дека треба овој закон без дискусија да го изгласаме, да ја утврдиме потребата од неговото донесува, затоа што граѓаните со нетрпение го очекуваат донесувањето на овој закон.

Светлана Јакимовска: Благодарам.

Контра реплика има господинот Самка Ибраимовски, повелете.



Самка Ибраимовски: Госпоѓа Надица, веројатно знаете математика, земете пресметајте колку ќе чини еден стан што ќе го земете и дали ќе ја добиете бројката што ви ја кажав. Тоа не е манипулација, тоа е вистина.

Второ, вие изградивте станови во Штип, но колку Роми добија станови во Штип? Ги добија вашите активисти од социјална категорија. Барем за тоа не ме чепкајте, ја знам добро ситуацијата во Штип и тоа тие што ви биле блиски активисти од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа, да не отвораме простор за такво нешто.

Сакам да ви укажам дека не дискутирам со манипулации, туку со бројки и кажувам дека на граѓаните треба да им ја кажеме вистината. Нека помине овој закон, ќе видите колку граѓани ќе се јават за кредит, па после ќе правиме муабет.

Светлана Јакимовска: Благодарам.

Има збор господинот Минчев Горан, повелете.



Горан Минчев: Благодарам.

Колеги пратеници, на почетокот на мојата дискусија сакам да констатирам дека ова е уште еден украден проект од страна на ДПМНЕ и знам дека околу оваа моја констатација овде во Собранието навистина имаме консензус или ако се осмелам да ги цитирам соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ од Центарот за комуникации и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ по собраниските ходници ни велат ни го украдоа проектот.

Разликата меѓу СДСМ и ДПМНЕ е во пристапот и спроведувањето на законите односно проектите. Пристапот на СДСМ е искрено и суштински да се решат проблемите на социјално најзагрозените семејства, додека пак ВМРО-ДПМНЕ за овие проекти има пристап на маркетиншки карактер, како што е и последниот закон, а тоа е Законот за минимална плата. Сведоци сме дека уште недонесен законот и овде во ова Собрание никој не го изгласал, веќе месец дена оди рекламна кампања: после 20 години конечно минимална плата. Тоа всушност претставува само доплата на заостанатите средства на ВМРО-ДПМНЕ кон провладините медиуми, заостанати од предвремените парламентарни избори и за тој закон за минималната плата СДСМ имаше подобри решенија и тој е украден од СДСМ.

Сега ќе ми дозволите колеги пратеници на кратко со примери да ги поткрепам овие мои констатации или тези, дека СДСМ краде проекти и закони.

Првиот пример за украден проект или закон е Законот за енергетска сиромаштија. СДСМ тогаш предложи 50 илјади семејства корисници на социјална помош да бидат субвенционирани со 1000 денари на сметката за електрична енергија. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ го потценуваше тоа, меѓутоа, веднаш после изборите во 2008 година препишаа еден ист ваков закон, но со намалена сума од 600 денари. Што е резултатот од спроведувањето на овој закон што ВМРО-ДПМНЕ го донесе? Сакам да ви соопштам дека во моментот од 50 илјади семејства социјални случаи кои користат социјална помош бенефитите од овој закон ги користат 3000 семејства. Исто така сакам да ви соопштам, претпоставувам дека знаете, дека во Буџетот за оваа година или одлуката која што ни ја доставивте неодамна, овие средства се намалени за тековната година. Тоа значи едноставно потполен колапс на Предлогот на овој закон или спроведувањето на овој закон.

Вториот украден проект од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кој што СДСМ го предложи е проектот за социјални продавници односно за онаа најзагрозена категорија граѓани кои се социјални случаи. Бидејќи не беше одамна, 2009 година, имавме една прекрасна идилична слика меѓу Груевски и градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ Тинекс каде што се сликаа во продавницата на Тинекс дека ...



Светлана Јакимовска: Господине Минчев, зборувајте за последниов закон.

Горан Минчев: Да, само ги кажував примерите, ќе ми дозволите уште кратко потпретседателке.

Светлана Јакимовска: Продолжете со дискусија по законот.

Горан Минчев: Благодарам.

... каде што се сликаа за овој закон дека ќе бидат намалени цените на основните артикли за месечната потрошувачка во Република Македонија.

Сега може ли некој од вас да ми каже има ли некаде социјална продавница во Република Македонија? Нема. Тотален крах и на овој украден проект!

И конечно, почитувани колеги, на дневен ред е и овој проект или закон што го предлага ВМРО-ДПМНЕ, кој што исто така е украден од СДСМ. Сакам да ве потсетам дека проектот Поблиску до прв стан беше проект на СДСМ, а не на Груевски и Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Пред повеќе од една година претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски и предложи на Владата да спроведе проект за бескаматно станбено кредитирање. Имено, во програмата на СДСМ за изборите во 2011 година, на страница 17, по ставката „Буџетско трошење“, во поглавјето под наслов Работни места и домашни инвестиции, јасно е претставен нацртот на овој закон. Сега ќе ми дозволите да заклучам, за сите украдени проекти што ВМРО-ДПМНЕ ги зема од СДСМ, да констатирам дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се лоши плагијатори на програмските определби и предлози или подзаконскит проекти од СДСМ.

Што се однесува до овој Предлог закон, се вели вака, што е навистина несфатливо: ако кредитобарателот граѓанинот не го отплаќа кредитот или го продаде станот во текот на отплата на кредитот, замислете, банката го прогласува за достасан кредитот и парите уплатени за субвенционирање е должна да ги префрли на сметка на Министерството за финансии.

На крајот, ако ова се случи, најоштетен од сите странки ќе биде повторно граѓанинот, односно со ова тој ќе остане и без пари и без стан.

Предлогот исто така остава можност банките да ја зголемат каматата после истекот на првите три години од станбениот кредит и тоа за цели 10%, што би ги направило овие кредити поскапи од оние што граѓаните во моментот ги земаат за стан во редовна процедура.

Друга опасност во овој предлог закон што лошо го препишавте се крие, во средствата што ќе ги добијат граѓаните од Владата како субвенција за учество во кредитот, каде што според овој предлог закон ќе треба да ги вратат на државата во случај на предвремена отплата на кредитот или по 20 години. Тоа е наведенот во членот 9 став 9.

Друга опасност за донесување на овој закон ваков каков што го предлагате, е опасноста од зголемувањето на цените на становите надвор од главниот град. Сега, да ви дадам неколку примери. На пример еден кврадратен метар дали ќе биде Велес или Тетово во моментот чини 550 евра, додека во овој предлог на закон е 900 евра. Сега го поставувам прашањето дали со ова не потикнуваме можност, во оние градови каде што цената на квадрат е 500-550 квадрат, нагло да порасне на 700-750 евра, ако граѓаните покажат заинтересираност на овој закон.

Исто така, што е многу чудно и катастрофално, во овој закон Владата предвидела, Министерството за финансии со подзаконски акт да ги регулира условите по кои банките и граѓаните ќе можат да конкурираат за овие кредити. Груевски, замислете и Ставрески ќе правеле дополнителна селекција на граѓаните и тие ќе определуваат кој ги исполнува условите на банките за кредитирање. Ова, не претставува верувајте ништо друго, освен еден нерамнорпавен третман или можност повторно партиската војска на ВМРО-ДПМНЕ да дојде до стан незаслужено зошто и во изборите и пред изборите, цела македонска јавност е увери дека е тоа така, бидејќи се злоупотребува.

Исто така, можам да констатирам дека овој закон навистина претставува лов во матно и на Груевски и на Ставрески и уште на почетокот кога се носи овој закон, е покриен со таинственост. Ниту се познати банките што прифаќаат да бидат дел од проектот, ниту е познато за каков договор меѓу банките и Владата станува збор.

Уште почудно е, затоа што само пред неколку месеци банките бараа државата да прифати да субвенционира еден дел од каматите за станови или пак кредитите, со што ќе се постигне камата од 4,9%. Исто така, министерот Ставрески што денеска го нема овде, мора јасно да каже со кои услови ги убедил банките да ги намалат каматните стапки.

Ставрески, исто така, треба да ги прецизира комплетните услови по кои граѓаните ќе може да аплицираат за овој владин украден кредит. Или пак, повторно и овој проект треба да биде само партиска привилегија на партиските војници на ВМРО-ДПМНЕ.

И на крајот, да ја искажам својата загриженост, затоа што ваков, каков што го нудите, овој закон, всушност може да претставува само добар дил помеѓу Груевски, Ставрески и оние подржувачи на власта што всушност останаа недоплатени од фамозниот проект Скопје 2014. Или пак, некои партнери на власта или политички партии, кои исто така се занимаваат со овој бизнис што се во најблиското опкружување на Груевски. Благодарам.



Светлана Јакимовска: Благодарам.

Има збор господинот Сугарески Горан, повелете.



Горан Сугарески: Благодарам почитувана потпретседателке, почитуван заменик министер, почитувани колеги пратеници,

Би сакал да поставам некои прашања што за жал денеска, од страна на моите колеги беа поставени, но не добивме одговор. Кога зборувавме за овој закон воопшто никој не ја спореше потребата од донесување на еден ваков закон за субвенционирање на ваков кредит.

Меѓутоа, почитуван заменик министер, мислам, заради тоа што оваа дебата отвори многу неразјаснети прашања, се со цел граѓаните вистински да имаат бенефит, да не се случи како Законот за енергетска сиромаштија, каде што и претходо колегата кажа многу малку луѓе го искористија тоа право и видоа бенефит, мислам дека е добро тие прашања да ги расчистиме, се со цел граѓаните да не ги доведеме до заблуда, туку едноставно да донесеме ситуација, навистина оние кои ќе бидат во ситуација да го остварат ова свое право. Инаку, бомбастично ќе биде најавувано, меѓутоа реализацијата ќе биде многу мала.

Ме инстересира конкретно, мислам на тие прашања бевте должни да дадете одговор, внимателно го слушав колегата Никовов на почетокот, навистина ме интересира одредбата што ја давате на почетокот каде велите дека рокот на оптлата да не биде пократок од 20 години. Барам логика, но не можам да најдам зошто да не може овој кредит да биде отплатен на 10-15-5 години бидејќи во натамошниот период никој не може да предвиди каква ќе биде ситуацијата на оние кои го зеле кредитот. Можеби ќе се подобри, се со цел да не плаќаат камати, да можат од 5-10-15 години да го отплатат. Со ова законско решение тврдите дека рокот не смее да биде пократок од 20 години.

Навистина не можам да ја најдам логиката на ова ако сте во можност би сакал да ми одговорите зошто да не може рокот да биде пократок од 20 години.

Понатаму, утврдувате каматна стапка од 4,99% и доколку државата излегува, зошто тогаш оставаме простор да во наредните три години, после трите години да биде зголемена најмногу за 10%. Државата влегува тука. Ако веќе договара со банките, ме интересира како е изнајдена оваа каматна стапка од 10%, со што би се покачила каматата во наредниот период.

Мислам дека во членот 10 од овој закон, права нејаснотија создава која е вистинската надлежност на деловните банки, а која на Министерството за финансии. Ако деловната банка ја проценува кредитната способност на барателот и донесува одлука за одобрување или го одбива барањето, а Министерството за финансии распишува повик, објавува во најмалку два електронски итн, која е улогата на банката, а која е улогата на Министерството? Мислам дека нема доволно разграничување. Банката може да го одобри, но која е логиката ако вели дека ако банката го одобри, по кој основ Министерството за финансии би го отфрлил? Заради овој член што го внесовте каде велите баратели да бидат со пониски примања и барање на помал износ на кредит? Која е логиката? На секоја банка логиката е ако подносителот бара 20 илјади евра, тој треба да има една третина обезбедување. Во рамките на електронското одбирање на тие лица, воопшто не гледам логика дека секој може да учествува во исполнување на тие услови.

Понатаму, членот 13, мислам дека е вистинско фијаско, особено одредбата број 5, - забрана за корисникот на кредитот да го отуѓи станот, односно куќата, изградена со средства од субвенционираниот кредит во период од првите 5 години од исплата на кредитот. Нели оваа држава има пазарна економија, која е логиката да не може тој стан да биде отуѓен. Можеби до тогаш се создадени услови тој човек да изгради поголема куќа или купи поголем стан, зошто да не може да го отуѓи? Значи кредитот е исплатен, поминало време, можеби поминале 20 години, а ние му даваме рок уште пет години да не може да го отуѓи. Навистина не ја гледам логиката зошто се овие законски решенија.

Ако е удомување, да, тоа го правите, дај Боже и да го направите, да не биде сето ова заблуда и уште еден изгубен ден. Затоа што вашите очекувања, кога го слушав вашето образложение, кажавте дека станува збор за нешто од што граѓаните ќе видат вистински бенефит. Сега велиме пет години да не може. Така што, мислам дека е добро да се даде одговор на овие прашања, се со цел граѓание вистински да знаат што да очекуваат. Да не се надеваме дека само со носење на закон или, како што рекоа не треба да дискутирате, дајте амандмани, ако се прифатат добро, ако не, не.

Прашањата што ги поставив, логично е да слушнеме одговор, се со цел, не ние пратениците од опозицијата, да слушнат одговор граѓаните за да знаат под какви услови, затоа што сите граѓани во Република Македонија не читаат службени весници, па кога ќе се донесе законот да бараат вака или така. Тоа требаше да го направи оваа дебата, да добиеме одговор на тие прашања. Благодарам.



Светлана Јакимовска: Благодарам.

Има збор господинот Спасовски Оливер, повелете.



Оливер Спасовски: Благодарам госпоѓо потпретседател.

Почитуван заменик министер, почитувани колеги пратеници,

Ова е едно од законските решенија што навистина претставува добро законско решение во делот на тоа дека треба да се донесе вакво законско решение, проект што навистина предизвикува внимание во јавноста, интерес крај граѓаните. Секако дека имаат потреба на некој начин да се создадат услови за да се обезбеди сопствен стан или можност да се изгради куќа за живеење. Ако тоа претставува еден од големите проблеми.

Меѓутоа, она што мене лично, како пратеник најмногу ми пречи е тоа што при носењето на вакви проекти, големи проекти, би рекол за граѓаните воопшто, за остварување на потребите и интересите на граѓаните, уште пред да биде дебатирано во Собранието, да се донесе, ќе излезе Владата, излезе премиерот и ќе каже дека денеска Владата донесе закон со што се овозможува субвенционирање на станбените кредити. Знаете дека уште пред подолго време се објави таа информација во јавноста, почнаа рекламите како и на кој начин може да се дојде до стан преку овој станбен кредит. Сите медиуми тоа го објавуваат итн. Во суштина не се остварува таквото право пред да дојде во Собранието. На тој начин Владата свесно продолжува да го руши дигнитетот на законодавниот дом во Република Македонија.

Многуте проекти, дали е тоа Зелениот картон итн, меѓу кој и ова решение за субвенцинирање на кредит за станови, претставува кредит што на широко се објавува од Владата, без да биде донесен законот во законодавниот дом.

Второ, реков дека и јас давам подршка на ваквото законско решение, односно потребата од носење на едно вакво законско решение и тоа претставува едно од законските решенија што беше ставено во таа категорија на вистински потреби на граѓаните на Република Македонија.

Меѓутоа, морам да забележам, дури и во текстот на ова законско решение постојат сериозни дилеми за мене, дали навистина овој проект ќе биде успешно реализиран, дали бенефитот на крајот ќе го имаат граѓаните на Република Македонија или ќе претставува уште еден маркетиншки трик што добро ќе се претставуваат одредени проекти, како се работи во интерес на граѓаните, како се остваруват заложбите на граѓаните, меѓутоа на крајот, при спроведувањето на ваквите проекти наидуваме на сериозни потешкотии.

Зошто тоа го кажувам? Знаеме дека истото Собрание, истата Влада на ист начин се сликаше, навистина беше донесен Законот за енергетска сиромаштија, не би спорел околу тоа дали проектот е на СДС и ВМРО-ДПМНЕ, јасно е дека проектите што се добри, издржани, ги предлагала опозицијата ги презело парламентарно мнозинство, но тоа не е толку важно, важни се бенефитите што граѓаните ќе ги имаат од ваквите законски решенија. Ова што се случува со Законот за енергетска сиромаштија ми дава за право да се сомневам во успешноста на ваквите проекти, бидејќи, пред се, нема добра анализа во делот на спроведувањето, односно применливоста на ваквите законски решенија.

Сега се соочуваме со состојба во тоа законско решение за енергетска сиромаштија, прво имаме луѓе што многу во мал број аплицирале за да можат да го остварат ова право, а пак оние кои добиле решение, да не можат со месеци да ги добијат средствата, по добивање на решението.

Или второто законско решение, што значи стимулирање на наталитетот, исто така е едно од сериозните законски решенија што понуди перспектива на граѓаните, дека се води политика за зголемување на наталитетот. На крајот се доживува крах. Веројатно, ако се следат изјавите на некои функционери во државата, како што е директот на Фондот за здравствено осигурување, ќе каже дека Фондот пропаднал затоа што имаме премногу породувања во Република Македонија. Но тоа не е така.

Ова законско решени за субвенционирање на кредит за купување стан или изградба куќа, навистина мислам дека не се темели на добри анализи и финансиски показатели што мораше Министерството за финансии да ги достави до Владата при подготовка на овој текст на законот со цел да можеме да ги погледнеме финансиските импликации во текот на сите години на отплата, што тоа значи за Буџетот на Република Македонија, каде и на каков начин овие финансиски средства ќе бидат обезбедени за да можеме да имаме релевантни податоци и сигурност дека овој проект ќе продолжи.

Ги гледав анализите што Министерството за финансии ги има доставено до Владата, односно образецот за проценка на фискалните импликации, каде што за секој дел од овој терк на барање, што се бара од Министерството за финансии до Владата стои дека имаем вкупни трошоци за кредитот нула, односно за предлогот. Одобрени средства за предлогот нула, промени за одобрените средства нула итн. Укажува навистина на еден несериозен пристап кон овој предлог на закон со што ќе се решава проблемот на субвенционирање на кредитот.

Во однос на законското решение, навистина имаме сериозни дилеми во неколку сегменти, како и на кој начин овој кредит ќе биде ефектуирани на крајот, при добивање на можноста граѓаните да земат кредит што ќе биде субвенциниран од државата. Зошто е тоа така, затоа што прво, навистина немаме сериозна основа на тоа да видиме колку од комерцијалните банки би се пријавиле за да можат да учествуваат, бидејќи каматнта стапка се ограничува на 4,9%, што е добро за граѓаните на Република Македонија, но навистина не знам дали ќе имаме доволен интерес од комерцијалните банки за да можеме да ги прифатиме барањата што граѓаните на Република Македонија ќе ги поднесат.

Кога зборувам за финансиските импликации се уште не знаеме колку Република Македонија е подготвена да финансира, односно да дава подршка на ваквите кредити.

Второ, отплата на месечниот ануитет во првите пет години е во еднаков износ. Но, од друга страна се дозволува после третата година да може да биде зголемена каматата за 10% од износот, значи, од 4,9%. Тоа значи дека еднаквиот износ на месечниот ануитет нема да опфаќа зголемување на таа каматна стапка, туку ќе падне на товар на странката што го зема кредитот. Навистина, мислам дека во тој дел сериозно треба да размислиме.

Понатаму, во делот на средствата што се ограничуваат за учество од 6.250, тоа е класично земање на заем што без камата се враќа после 20 години. Прашањето е сериозно зошто, не би рекол најмала, туку и најголемиот месечен ануитет, односно на колку месеци би се отплаќал кредитот, е 20 години. Зошто се ограничува баш на 20 години одплата на овој кредит за стан или изградба на куќа, бидејќи е можно, можеби и некој сака да земе кредит за пократко времетраење.

Потребно е навистина сериозно да се разработи делот каде што законодавецот предвидува отплатата односно враќањето на кредитот да биде во момент на завршување на годините, ако имаме нередовна отплата на овој кредит. Прашањето е навистина да видиме заради што тоа се случува, дали може заради некоја виша сила што може да настане, да биде спречен некој од договорните страни да изврши отплата на кредитот и притоа навистина на тој начин да му оневозможиме до крај да го искористи ова право.

Очекувам дека ќе се направат посериозни анализи на носењето на овој закон во Собранието, со цел да имаме применливо законско решение, а не само да значи промовирање на ваков проект, а резултатите односно ефектите да бидат минимални во овој дел.

Ние, како СДСМ ќе дадеме подршка на потребата од носење на ова законско решение. Сигурно дека преку амандмани ќе успееме да промовираме еден подобар текст на законот што ќе значи подобро остварување на правата на Република Македонија. Благодарам.



Достарыңызбен бөлісу:
1   2   3   4   5   6   7   8




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет