АД ЕВРОПА Скопје
ИЗВЕШТАЈ
за работењето на Надзорниот одбор
на АД ЕВРОПА Скопје
во деловната 2015 година
Март 2016
Согласно Законот за трговските друштва и Статутот на друштвото, Надзорниот одбор извршува надзор врз управувањето со друштвото што го врши Управниот одбор и во тие рамки спроведува увид и проверка во книгите и документите на друштвото како и во извештаите, актите и документите на Управниот одбор. Надзорниот одбор го застапува друштвото спрема членовите на Управниот одбор. Во тој контекст Надзорниот одбор вршеше постојана и целосна контрола на работењето на друштвото, оценка и точност во финансиските извештаи, следење на почитувањето на прописите , политиките и процедурите на друштвото.
Надзорниот одбор своето работење и активностите ги остваруваше на своите редовни седници при што во текот на извештајниот период Надзорниот одбор одржа 10 редовни седници.
Во извештајниот период, во рамките на своите надлежности утврдени со Законот за трговски друштва и Статутот на друштвото, Надзорниот одбор презеде голем број на активности поврзани со работењето на друштвото и тоа :
1.Разгледување и усвојување на Извештаи за работењето на друштвото
На одржаните седници во извештајниот период, Надзорниот одбор, согласно ЗТД, разгледуваше тромесечни извештаи за работењето на друштвото. Повремено беа разгледувани и месечни податоци за работата на АД ЕВРОПА Скопје. Врз основа на разгледаните извештаи, надзорниот одбор вршеше надзор над работењето на друштвото, физичкиот обем на производство, продажбата кај нас и остварениот извоз, за соработката и остварената продажба во ланците супермаркети, дистрибуцијата во земјата, за соработката со ланците супермаркети надвор од земјата.
2.Разгледување на финансиски податоци од работењето на друштвото.
Надзорниот одбор покрај извештаите за работењето на друштвото, разгледуваше и финансиски податоци поврзани со наплатата на побарувањата, направените приходи и расходи, профитабилноста на производите и остварената добивка. На една од одржаните седници, Надзорниот одбор даде согласност на Упрвниот одбор да донесе одлука за рефинансирање на кредити по поповолни услови.
3. Разгледување на Планот за 2016
Надзорниот одбор го разгледа Планот за 2016 година, кој Управниот одбор го усвои и во кој беше опфатен целокопниот процес на анализирање и предвидување на идните услови за екстерно и интерно окружување во кои друштвото функционира како дел од стопанскиот систем. Во Планот беа содржани глобалните рамки односно големини во сите деловни активности со чија реализација се обезбедува позитивно финансиско работење ( планираните количини на асортимани, издвоената продажба на домашен пазар и извоз, изработка на материјални биланси од кои се добиваат материјалните трошоци за планираното производство, енергија, режиски трошоци, работна рака, амортизација, планирани приходи и трошоци кој ќе го покажат очекуваниот квалитет на работење, односно големината на добивката што е крајна цел во процесот на репродукција).
При остварување на планот во предвид беа земени големината и функцијата на капацитетите за производство, структурата на работниот колектив, внатрешниот систем на информации, и финансиската способност на друштвото.
4.Утврдување на пречистен текст на Статутот на АД ЕВРОПА Скопје
Во согласност со ЗТД, а врз основа на донесената одлука за измена на статутот на друштвото на седницата на собрание на акционери, Надзорниот одбор на една од одржаните седници донесе одлука за утврдување на пречистен текст на Статутот на АД ЕВРОПА Скопје.
5. Разгледување на Годишната сметка на друштвото, Извештајот за економско финансиската ревизија на АД ЕВРОПА Скопје за деловната 2014 год. и материјалите за собрание на акционери
Надзорниот одбор на една од одржаните седници ги разгледа материјалите предмет на усвојување, односно одобрување на собранието на акционери.
6.Одобрување на Годишен план за работа на Службата за внатрешна ревизија за деловната 2016 година
Надзорниот одбор согласно член 415-б од Законот за трговските друштва разгледа и одобри Годишен план за работа на Службата за внатрешна ревизија за деловната 2016 година во кој беше наведен предметот на ревизија со опис на содржината на планираната ревизја во одделни области и распоред на контролите во текот на годината со планирано времетраење за спроведување на контролите/термински план.
7. Разгледување на годишен и полугодишен Извештај за работа на Службата за внатрешна ревизија
Надзорниот одбор согласно член 415-в од Законот за трговските друштва разгледа и усвои годишен и полугодишен Извештај за работа на Службата за внатрешна ревизија во кој беа наведени извршените ревизии на работењето на друштвото согласно предвидениот термински план.
8.Отповикување и именување на членови на Управен одбор
Во текот на извештајниот период, Надзорниот одбор донесе одлука со која се отповикаа двајца членови на УО, и на истата седница на место на отповиканите се изврши именување на двајца нови членови.
9.Утврдување на месечен надоместок на членовите на Управниот одбор.
На една од одржаните седници, Надзорниот одбор согласно законот за трговските друштва, донесе одлука за утврдување на месечен надоместок на членовите на Управниот одбор.
10.Објективност на финансиските извештаи
Надзорниот одбор на друштвото ја испита објективноста на финансиските извештаи за 2015 година и утврди дека тие објективно ја претставуваат финансиската состојба, во сите материјални значајни аспекти.Тоа се гледа и во извештајот на ревизорите, каде е наведено дека сите финансиски извештаи ја презентираат објективно од сите материјални аспекти , финансиската состојба на АД ЕВРОПА Скопје заклучно со 31 декември 2015 година како и неговата финансиска успешност и неговите парични текови за годината што измина, во согласност со Мегународните стандарди за финансиско известување што се прифатени и објавени во Република Македонија. Врз основа на гореизнесеното, Надзорниот одбор му предлага на собранието на акционери да ја одобри годишната сметка, финансиските извештаи и годишниот извештај за работењето на друштвото во деловната 2015 година.
Март 2016 година Претседател на Надзорен одбор
на АД ЕВРОПА Скопје
Стерјо Зиков
Достарыңызбен бөлісу: |