4. На кој начин се признаваат и извршуваат странските одлуки во подрачјето на семејното право (пр. правна разделба, престанок на бракот, поништување на бракот, родителска одговорност, обврски за алиментација)?
Странските одлуки во случаите од семејното право се признаваат и извршуваат по основ на истите правни прописи, како и останатите одлуки во граѓанските предмети. Одговорот од прашањето број 2 (а) од Оддел „Судска соработка кај граѓански и кривични прашања„, Поглавје 24 се однесува и на тие прашања.
Меѓутоа, треба да се додаде дека посебен третман има признавањето и извршувањето на странските судски одлуки во семејните предмети. Со тие одлуки се создава, по правило, промена на семејната состојба на некое лице (пример, одземање или враќање на работна способност, родителско право и др., поставување старател на некое лице, развод или поништување на брак) што најчесто се констатира и во соодветните органи во државата чиј државјанин е лицето за чиј статус се работи.
Република Македонија кога се јавува како странка во меѓународните договори од оваа област е предвидено правосилните судски одлуки на едната страна договорничка да се признаваат во другата страна договорничка без било какво преиспитување од страна на судот. Членот 94 став 1 од Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи („Службен лист на СФРЈ„, бр. 43/82), кој се однесува на одлуките на странските судови што се однесуваат на личната состојба (статусот) на државјанин на државата чија одлука е во прашање, предвидува полесно признавање, бидејќи во таквите случаи не се испитуваат условите поврзани со надлежноста, општествениот поредок и взаемноста. Тоа значи дека во таквите случаи може да се признаат одлуките во Република Македонија, иако не е склучен меѓународен договор со соодветната држава, ниту пак е воспоставена фактичка взаемност на судските одлуки со таа држава.
Исто така, во многу меѓународни договори содржано е правилото дека судската одлука на една држава договорничка која се однесува на личната состојба (статусот) на државјаните на некоја трета држава, ќе се признае во другата држава договорничка само доколку таквата одлука е призната и во таа држава чии се државјани лицата за чии статус се работи (договорите со Франција, Грција, Унгарија). Само ако таквата одлука ги исполнува условите за признавање во државата чии се државјани лицата за чии статус се работи, ќе бидат признати и во Република Македонија. Таквото правило содржано е и во одредбата на членот 95 од Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи.
Во повеќе меѓународни договори предвидена е можност судските одлуки на една држава договорничка кои се однесуваат на личниот статус на државјаните на другата држава договорничка да биде призната во таа друга држава. Во таков случај, покрај условите за признавање предвидени во договорот, за да се признае се предвидени и дополнителни услови, и тоа доколку тие одлуки не се во спротивност со прописите на државата што ги признава кои би се применувале на тој правен однос, дека за него е решавано во државата што ги признава или пак суштествено не отстапува од тие прописи. Ова решение е предвидено во членот 93 од Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи.
Конвенцијата за остварување на алиментационите побарувања во странство од 20.06.1956 година во која се регулирана областа на издржувањето, Република Македонија ја има нотифицирано кај депозитарот во Обединетите нации, и како орган за доставување на барањата (отпремен орган) за Република Македонија е одредено Министерството за правда, а како орган за примање на барањата (посреднички орган) е Министерството за труд и социјална политика.
Во постапката за остварување на издржување посредува Центарот за социјална политика, надлежен спрема местото на живеење на должникот, и судот, доколку должникот не е согласен доброволно да ја изврши својата обврска. Извршната постапка се спроведува врз основа на Законот за извршната постапка („Службен весник на Република Македонија„, број 53/97, 59/00 и 64/03).
Во однос на меѓународните договори, види прашање 24_L_02.
5. Како се работи на случаите на меѓународно киднапирање на деца во однос на одредбите на Хашката конвенција од 1980 за Граѓанскиот аспект на меѓународното киднапирање на деца? Ве молиме, наведете го бројот на барањата за враќање на децата кои се доставени врз база на Конвенцијата во последните три години, резултатот на барањата (дали е вратено детето или не), како и просечното траење на постапката.
Во случаите на поднесено барање за постапување по Хашката конвенција за граѓанско правните аспекти на меѓународно грабнување на деца, од 1980 година постапува Министерството за труд и социјална политика. При тоа Министерството соработува со центрите за социјална работа заради доброволно враќање на децата во земјата на последен престој во смисла на член 10 од Конвенцијата, со судовите, во смисла на проследување на одлуката донесена од центарот за социјална работа и Министерството за труд и социјална политика, заради донесување на судска одлука, согласно член 11 и 12 од Конвенцијата, како и со органите за внатрешни работи заради пронаоѓање на детето.
За последните три години поднесени се вкупно 7 барања за постапување по Хашката конвенција за граѓанско правните аспекти на меѓународно грабнување на деца. Од овие барања, постапките по 5 од нив се завршени така што 4 барања за постапување по Конвенцијата се прифатени и децата се вратени во земјата на престој, а едно барање е одбиено и детето е останато во Република Македонија. За останатите 2 барања постапките се во тек.
Просечно траење на постапките до конечната реализација на одлуките е три години. Ова се должи пред се на фактот дека органите во Република Македонија се залагаат и ги превземаат сите соодветни мерки за доброволно враќање на децата, согласно членот 10 од Конвенцијата.
6. На кој начин во вашето право се решава судир на надлежности и кои правни прописи се применуваат во поглед на меѓународните постапки за несолвентност? Како се признаваат и извршуваат странските одлуки за несолвентност?
Со Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 55/97), во делот I, десетта, глава регулирана e меѓународната надлежност на судовите на Република Македонија од член 335 заклучно со член 342.
Судот на Република Македонија исклучиво е надлежен за спроведување на стечајна постапка против должник чие седиште е во Република Македонија.
Ако должникот - правно лице има стварно седиште во Република Македонија, а не во онаа држава во која е основано, ќе се смета за домашно правно лице и судот на Република Македонија ќе биде исклучиво надлежен за спроведувањето на стечајната постапка против тоа лице.
Постапката го опфаќа целиот имот на должникот, без оглед на тоа дали имотот се наоѓа во Република Македонија или странство.
Судот на Република Македонија е надлежен за спроведување на стечајна постапка и против должник кој има подружница без својство на правно лице во Република Македонија. Стечајната постапката од овој став го опфаќа само имотот на должникот што се наоѓа во Република Македонија.
Ако за спроведување на стечајна постапка во Република Македонија би биле месно надлежни повеќе основни судови, месно надлежен е оној суд кој прв примил предлог за отворање на стечајната постапка.
Во случај кога странскиот должник кој има подружница без својство на правно лице во Република Македонија е државјанин или има седиште или стварно седиште во држава со која не постои заемност во признавањето на судските одлуки во врска со стечајните постапки, судот на Република Македонија ќе биде исклучиво надлежен за спроведувањето на стечајната постапка врз тој должник во поглед на имотот на неговата подружница во Република Македонија.
На признавањето на странски судски одлуки за отворање на стечајна постапка против должникот кој има седиште на подрачјето на странски суд на соодветен начин се применуваат општите правила на правото на Република Македонија за признавање на странски судски одлуки.
Одредбите со кои е регулиран меѓународниот стечај се применуваат само ако се исполнети сите услови за признавање на странската судска одлука според правото на Република Македонија, а особено: одлуката да била донесена од страна на надлежен суд; одлуката да е правосилна на територијата на која е отворена стечајната постапка; одлуката да не е во спротивност со јавниот поредок на Република Македонија утврден со Уставот и да постои взаемност.
Постоењето на заемност во поглед на признавањето на странски судски одлуки во врска со стечајните постапки нема да се претпоставува и ќе се претпостави дека таквата заемност не постои се додека Министерството за правда не достави објаснение во врска со тоа. Се додека Министерството за правда на Република Македонија не ја потврди заемноста, непостоењето на заемност ќе претставува пречка за признавањето на странската судска одлука.
Ако не биде исполнет некој од условите утврдени во правото на Република Македонија за признавање на странска судска одлука, а особено ако не постои заемност, странската судска одлука донесена во врска со стечајната постапка нема да биде призната и ќе се смета дека во односната работа постои исклучителна надлежност на судот во Република Македонија.
Решението за признавањето на странската судска одлука се објавува во Службен весник на Република Македонија на начин предвиден во овој закон за објавување на решението за отворање на стечајна постапка.
Решението се доставува на предлагачот, на странскиот стечаен управник, на стечајниот должник, на банките кај кои должникот има жиро-сметки, како и на јавниот обвинител. Решението ќе се достави и на органите што ги водат јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите (катастар), регистарот на бродовите, бродовите во изградба и на воздухопловите. Овие органи по службена должност врз основа на доставеното решение ќе го забележат признавањето на странската одлука за отворање на стечајната постапка.
Со признавањето, странската одлука се изедначува со одлуката на судот на Република Македонија за отворање на стечајната постапка и во Република Македонија може да го има само она дејство кое е во согласност со домашното стечајно право.
На правната положба на странскиот должник и на странскиот стечаен управник соодветно се применуваат одредбите од Законот за стечај.
Ако странската судска одлука во врска со стечајната постапка отворена врз странски должник била призната, за деловите од имотот на тој должник што се наоѓаат на територијата на Република Македонија нема да се определува нов стечаен управник, ниту одбор на доверители во Република Македонија.
Роковите предвидени со правото на Република Македонија почнуваат да течат од објавувањето на одлуката за признавање.
Со измените и дополнувањата на Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 17/04), е предвидено дека одредбите на овој закон ќе се применуваат на стечајните постапки отворени по влегувањето во сила на овој закон, како и на стечајните постапки кои се во тек, а по кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не е одржано извештајно рочиште.
Достарыңызбен бөлісу: |