12. На кој начин во вашето право се решава судирот помеѓу законите за договорни и недоговорни обврски?
Во Република Македонија односите од меѓународната правна помош и надлежноста за договорни и други односи, односно судирот помеѓу законите за договорни и недоговорни односи се регулирани во Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи (“Службен лист на СФРЈ” бр. 43/82), кој Република Македонија го има преземено со членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, како републички пропис. Овој закон содржи правила за определување на меродавното право за статусните, семејните и имотните, односно материјално-правни односи со меѓународен елемент.
Согласно членот 19 од овој закон за договор меродавно е правото што го избрале договорните страни, ако со овој закон или со меѓународен договор не е поинаку определено.
Во случај кога договорните страни не избрале меродавно право и ако посебни околности на случајот не упатуваат на друго право, согласно членот 20 од овој закон како меродавно право се применува:
1. За договор за продажба на подвижни предмети – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на продавачот;
2. За договор за дело, односно за договор за градење – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на претприемачот;
3. За договор за полномошно – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на полномошникот;
4. За договор за посредување – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на посредникот;
5. За договор за комисион – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на комисионерот;
6. За договор за шпедиција – павото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на шпедитерот;
7. За дговор за закуп на подвижни предмети – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на закуподавачот;
8. За договор за заем – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на заемодавачот;
9. За договор за послуга – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на послугодавачот;
10. За договор за депозит – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало зивеалиштето, односно седиштето на оставопримачот (депозитарот);
11. За договор за складирање – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на складиштарот;
12. За договор за превоз – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на превозникот (возарот);
13. За договор за осигурување – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на осигурувачот;
14. За договор за авторско право – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на авторот;
15. За договор за подарок – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на дародавачот;
16. За берзански работи – право на седиштето на берзата;
17. За договор за самостојни банкарски гаранции – правото на местото каде што во времето на склучувањето на договорот се наоѓало седиштето на давачот на гаранцијата;
18. За договор за пренос на технологија (лиценци, и др.) – правото на местото каде што во времето на склучувањето на договорот се наоѓало седиштето на примачот на технологија;
19. За имотни побарувања од договор за работа – правото на државата во која работата се врши или се вршела;
20. За други договори – правото на местото каде што во времето на приемот на понудата се наоѓало живеалиштето, односно седиштето на понудувачот.
Во случај кога договорните страни поинаку не се договориле за односите помеѓу нив, правото кое што е меродавно за самиот договор, ќе биде меродавно и за одредување на часот од кој стекнувачот, односно преземачот на подвижниот предмет има право на производите и плодовите на предметот, како и за определувањето на часот од кој стекнувачот, односно преземачот го поднесува ризикот во врска со предметите (член 22).
Правото на местото каде што предметот мора да се предаде е меродавно ако договорните страни не договориле поинаку за начинот на предавање на предметот и за мерките што треба да се преземат ако се одбие преземањето на предметот (член 23).
На дејството на отстапување на побарување или на преземање на долг спрема должникот, односно доверителот што не учествувале во отстапувањето односно преземањето, ќе се примени правото што е меродавно за побарувањето, односно долгот (член 24).
Законот за решавање на судирите на законите со прописите на други земји во определени односи (“Службен лист на СФРЈ”, бр. 43/82), преземен со членот 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија како републички пропис го уредува и предвидува и меродавното право на акцесорната правна работа, ако со правна работа или со закон или со меѓународен договор не е определено поинаку, ќе се примени правото меродавно за главната правна работа (член 25).
За еднострана правна работа е меродавно правото на државата на живеалиштето, односно седиштето на должникот (член 26).
На стекнувањтео без основ се применува правото меродавно за правниот однос што настанал, бил очекуван или претпоставен, а по повод кој настанало стекнување.
За работоводство без налог е меродавно правото на местото каде што е извршено дејствието на работоводителот.
За обврските од употреба на предмети без работоводство и за другите вондоговорни обврски што не извираат од одговорноста за штета е меродавно правото на местото каде што се случиле фактите што ја предизвикале обврската (член 27).
За вондоговорна одговорност за штета, ако со закон или со меѓународен договор за одделни случаи не е определено поинаку, меродавно е правото на местото каде што дејствието е извршено или правото на местото каде што настапила последицата, зависно од тоа кое од тие две права е поповолно за оштетениот. Ова право е меродавно и за вондоговорна одговорност за штета што настанала во врска со правните односи од членот 27 на овој закон.
За противправност на дејствие е меродавно правото на местото каде што дејствието е извршено или каде што настапила последица, а ако дејствието е извршено или последица настапила на повеќе места – доволно е дејствието да е противправно според правото според кое и да било од тие места (член 28).
Ако настанот од кој произлегува обврската за надомест на штета се случило на брод на отворено море или во воздухоплов, како право на местото каде што се случиле фактите што предизвикале обврска за надомест на штета, се смета правото на државата чија припадност бродот ја има, односно правото на државата во која воздухопловот е регистриран (член 29).
Додека пак за договори што се однесуваат на недвижности исклучиво е меродавно правото на државата на чија територија се наоѓа недвижноста (член 21).
13. На кој начин во вашето право се решава судирот на надлежностите за кривичните предмети?
Во Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“, бр. 15/97, 44/02 и 74/04), во посебна глава е уредена надлежноста на судовите (член 21-35).
Согласно законот, судовите во кривичните предмети судат во границите на својата стварна надлежност определена со закон.
Во однос на месната надлежност, по правило месно надлежен суд е судот на чие подрачје е извршено или обидено кривичното дело. Ако кривичното дело е извршено или обидено на подрачја на различни судови или на границата на тие подрачја или е неизвесно на кое подрачје е извршено или обидено, надлежен е оној суд што прв ќе ја започне постапката, а ако постапката не е започната надлежен е судот до кој прво е поднесено барање за поведување на постапката. Кривичното дело (согласно Кривичниот законик) е извршено како во местото каде што сторителот работел или бил должен да рабoти, така и во местото каде настанала последицата. Подготвувањето и обидот на кривичното дело се сметаат за извршени како во местото каде што сторителот работел, така и во местото каде што според неговата умисла требала да настапи или можела да настапи последицата.
Законот му овозможува избор на приватниот тужител. Имено, во однос на поднесување на приватна тужба, право е на приватниот тужител да одлучи дали приватната тужба ќе ја поднесе до судот според местото на извршувањето или до судот на чие подрачје обвинетиот има живеалиште или престојувалиште. И во однос на кривичното дело кое е сторено на домашен брод или на домашен воздухоплов додека се наоѓа во домашно пристаниште или надвор од него, применет е принципот за надлежност на судот според местото на домашното пристаниште, односно се применува домашната јурисдикција.
Доколку не е познато местото на извршувањето на кривичното дело или ако тоа место е надвор од територијата на Република Македонија, надлежен е судот на чие подрачје обвинетиот има живеалиште или престојувалиште. Ако судот на чие подрачје обвинетиот има живеалиште или престојувалиште веќе ја започнал постапката, останува надлежен иако се узнало за местото на извршувањето на кривичното дело. Ако не е познато местото на извршувањето на кривичното дело, ниту живеалиштето или престојувалиштето на обвинетиот или обата се надвор од територијата на Република Македонија, надлежен е судот на чие подрачје обвинетиот ќе се фати или самиот ќе се пријави. Оваа одредба претставува исклучок од правилото за одредување на месната надлежност од причина што местото на извршување на кривичното дело не е познато или е надвор од нашата земја.
Ако некое лице сторило кривични дела во Република Македонија и во странство, надлежен е судот што е надлежен за кривичното дело сторено во Република Македонија, а месната надлежност на судот се одредува согласно погоре наведеното.
Ако според одредбите на овој закон не може да се установи кој суд е месно надлежен Врховниот суд на Република Македонија ќе определи еден од стварно надлежните судови пред кој ќе се спроведе постапката. Одредувањето на ваква месна надлежност се должи пред се на тоа што не може да се определи редовна месна надлежност.
Законот содржи и одредби кои предвидуваат основи за одредување на стварна и месна надлежност преку спојување и раздвојување на постапката
Одредбите на законот предвидуваат и основ за пренесување (делегација) на месната надлежност. Имено, ако надлежниот суд од правни или стварни причини е спречен да постапува, должен е за тоа да го извести непосредно повисокиот суд кој по сослушувањето на јавниот обвинител, кога постапката се води по барање од јавниот обвинител, ќе определи друг стварно надлежен суд на своето подрачје. Против ваквото решение не е дозволена посебна жалба. Делегираниот суд останува надлежен до завршување на постапката, без оглед на тоа што во текот на постапката престанале пречките што довеле до делегирање.
Исто така, ако е очигледно дека полесно ќе се спроведе постапката или ако постојат други важни причини, заеднички непосредно повисокиот суд може за водење на постапката да определи друг стварно надлежен суд на своето подрачје. Решението за вака пренесана надлежност судот може да го донесе по предлог од истражниот судија, судијата поединец или од претседателот на советот или по предлог од јавниот обвинител кој постапува пред судот што одлучува за пренесување на месната надлежност кога кривичната постапка се води по барање од јавниот обвинител.
Судот е должен да внимава на својата надлежност и штом ќе забележи дека не е надлежен ќе се огласи за ненадлежен и по правосилноста на решението ќе го упати предметот до надлежниот суд. Должноста на судот да внимава на својата надлежност (и стварна и месна) се однесува на сите стадиуми на постапката. Откако обвинителниот акт ќе влезе во правна сила, судот не може да се огласи за месно ненадлежен ниту странките можат да истакнуваат приговор за месната ненадлежност. Согласно ваквата одредба, огласувањето на судот за месно ненадлежен е ограничено до влегувањето на обвинението во правна сила. Ненадлежниот суд е должен да ги преземе оние дејствија во постапката за кои постои опасност од одлагање.
Ако судот на кој му е отстапен предметот како на надлежен смета дека е надлежен судот што му го отстапил предметот или некој друг суд, ќе поведе постапка за решавање на судирот на надлежноста. Имено, обврската за поведување на постапка за решавање на негативен судир на надлежноста лежи на судот на кој е отстапен предметот.
Кога по повод жалбата против одлуката на првостепениот суд со кој тој се огласил за ненадлежен донел одлука второстепениот суд за таа одлука е врзан по прашањето на надлежноста и судот на кој му е отстапен предметот ако второстепениот суд е надлежен за решавање на судирот на надлежноста помеѓу тие судови.
Судирот на надлежноста меѓу судовите го решава заеднички непосредно повисокиот суд. Пред да донесе решение по повод судирот на надлежноста, судот ќе побара мислење од јавниот обвинител кој е надлежен да постапува пред тој суд, кога кривичната постапка се води по барање од јавниот обвинител. Против ова решение не е дозволена посебна жалба. Додека не се реши судирот на надлежноста помеѓу судовите, секој од нив е должен да ги преземе оние дејствија во постапката за кои постои опасност од одлагање.
14. Какви процедури пoстојат во полето на посредување кај кривичните предмети?
Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“, бр. 15/97, 44/02 и 74/04), содржи одредби кои го уредуваат ова прашање.
Имено, согласно член 145 од овој закон, јавниот обвинител со согласност на оштетениот може да го одложи кривичното гонење за кривично дело за кое е пропишана парична казна или казна затвор до три години ако осомничениот е подготвен да се однесува според упатствата на јавниот обвинител и да ги исполни определените обврски со кои се намалуваат или отстрануваат штетните последици на кривичното дело. Обврски за осомничениот се отстранување или надоместување на штетата, плаќање на определен придонес во полза на буџетот или друга институција што врши јавни овластувања или во хуманитарни цели и исполнување на обврските во однос на издржувањето. Јавниот обвинител исто така со согласност на оштетениот може да го одложи кривичното гонење доколку се исполнети условите за ослободување поради компензација на штетата определена со Кривичниот закон.
Јавниот обвинител ќе ја отфрли кривичната пријава против сторителот на кривичното дело ако тој во рок кој не може да биде подолг од шест месеци ја исполни обврската.
Исто така, Законот за кривичната постапка (член 146 и 146-а) уредува дека јавниот обвинител не е должен да превземе кривично гонење, односно може да се откаже од гонењето ако:
-
Во Кривичниот законик е утврдено дека судот може сторителот на кривично дело да го ослободи од казна и јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот оцени дека самата пресуда без кривична санкција не е потребна;
-
Во Кривичниот законик за кривичното дело е пропишана парична казна или казна затвор до три години, а осомничениот поради вистинско каење го спречил настанувањето на штетните последици или ја надоместил сета штета, и јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот оцени дека кривичната санкција не би била основана; и
-
осомничениот како член на организирана група, банда или друго злосторничко здружение доброволно соработува пред или после откривањето или во текот на кривичната постапка и ако таквата соработка и изјави на тоа лице е од битно значење за откривање на кривичните дела и сторителите.
Достарыңызбен бөлісу: |