Правда и внатрешни работи


Дали постојат во вашата земја поедноставени постапки за покренување и наплата на неоспорени барања и побарувања од мала вредност?



бет47/51
Дата29.06.2016
өлшемі3.39 Mb.
#166383
1   ...   43   44   45   46   47   48   49   50   51

3. Дали постојат во вашата земја поедноставени постапки за покренување и наплата на неоспорени барања и побарувања од мала вредност?

1. Во Република Македонија поедноставените постапки за покренување и наплата на неоспорени барања и побарувања од мала вредност се уредени со Законот за парничната постапка (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 33/98 и 44/02). Во рамките на овој закон во две посебни глави се уредени институтите платен налог (член 417 - 427) и постапка во спорови од мала вредност (член 428 - 437).

Имено, согласно одредбите од Законот за парничната постапка, судот ќе издаде платен налог, односно ќе му издаде налог на тужениот да го исполни тужбеното барање кога тужбеното барање се однесува на стигнато побарување во пари, а тоа побарување се докажува со веродостојна исправа приложена кон тужбата во оригинал или во заверен препис. Законот како веродостојни исправи ги смета јавните исправи, приватните исправи на кои потписот на обврзникот го заверил органот надлежен за заверување, мениците и чековите со протест и со повратни сметки ако се тие потребни за засновање на барање, изводите од заверени деловни книги, фактурите и исправите кои според посебни прописи имаат значење на јавни исправи. Доколку се исполнети условите за издавање платен налог, судот и самиот ќе издаде платен налог иако тужителот во тужбата не предложил такво нешто. Меѓутоа, ако врз основа на веродостојна исправа може да се бара извршување според Законот за извршната постапка, судот ќе издаде платен налог само ако тужителот го стори како веројатно постоењето на правен интерес за издавање на платен налог. Доколку тужителот не го стори веројатно постоењето на правен интерес за издавање на платен налог, судот ќе ја отфрли тужбата. Во случаите кога тужбеното барање се однесува на стигнато побарување во пари кое не го надминува износот од 30.000 денари, судот ќе издаде платен налог против тужениот иако кон тужбата не се приложени веродостојни исправи, но во тужбата се изнесени основата и висината на должењето и се назначени доказите врз основа на кои може да се утврди вистинитоста на тужбените наводи. Ваквиот платен налог може да се издаде само против главниот должник.

Судот го издава платниот налог без одржување на рочиште. Со истиот изрекува дека тужениот е должен во рок од осум дена, а во меничните и чековните спорови во рок од три дена по приемот на платниот налог да го исполни барањето на тужбата заедно со трошоците што ги одмерил судот или во истиот рок да поднесе приговори против платниот налог. Во платниот налог судот ќе го предупреди тужениот дека ќе ги отфрли ненавремено поднесените приговори.

Платниот налог тужениот може да го побива само со приговор. Ако платниот налог се побива единствено во поглед на одлуката за трошоците, оваа одлука може да се побива само со жалба против решение. Во делот во кој не е оспорен со приговор, платниот налог станува правосилен.

Ненавремени, нецелосни или недозволени приговори ќе ги отфрли судот без одржување на рочиште. Ако приговорите се поднесени навремено, судот ќе оцени дали е потребно да закаже подготвително рочиште или може веднаш да определи рочиште за главна расправа. Во текот на подготвителното рочиште и на главната расправа странките можат да изнесуваат нови факти и да предлагаат нови докази, а тужениот може да истакнува и нови приговори во поглед на побиваниот дел на платниот налог.

Во одлуката за главната работа судот ќе одлучи дали платниот налог во целост или делумно се одржува во сила или се укинува.

Ако тужениот приговори дека не постоеле законски основи за издавање на платниот налог или дека постојат пречки за натамошниот тек на постапката, судот прво ќе одлучи за тој приговор. Ако најде дека таквиот приговор е основан ќе го укине со решение платниот налог и по правосилноста на решението ќе започне расправање за главната работа, кога за таквото расправање има место, а ако не го усвои овој приговор, ќе премине на расправање за главната работа, а решението на судот ќе се внесе во одлуката за главната работа.

Кога судот ќе донесе решение со кое се отфрла тужбата, ќе го укине и платниот налог. Тужителот може да ја повлече тужбата без согласност од тужениот само до поднесувањето на приговорот. Во тој случај судот со решение ќе го укине платниот налог.

Ако тужениот до заклучувањето на главната расправа се откаже од сите поднесени приговори, платниот налог останува во сила.


2. Во Законот за парничната постапка во посебна глава се уредени споровите од мала вредност. Спорови од мала вредност, во смисла на одредбите на оваа глава, се спорови во кои тужбеното барање се однесува на побарување во пари кое не го надминува износот од 30.000 денари.

Како спорови од мала вредност се сметаат и споровите во кои тужбеното барање не се однесува на побарување во пари, а тужителот во тужбата навел дека се согласува наместо исполнување на определено барање да прими определен паричен износ кој не го преминува износот од 30.000 денари, како и споровите во кој предмет на тужбеното барање не е паричен износ туку предавање на подвижен предмет чија вредност, што тужителот во тужбата ја навел не го преминува износот од 30.000 денари.

Не се сметаат како спорови од мала вредност, споровите за недвижности, споровите од работни односи и споровите поради сметање на имот.

Постапката во споровите од мала вредност ќе се спроведува и по повод приговор против платниот налог, ако вредноста на оспорениот дел на платниот налог не го преминува износот од 30.000 денари.

Во постапката во споровите од мала вредност е дозволена посебна жалба само против решението со кое се окончува постапката.

Ако тужителот го преиначи тужбеното барање така што вредноста на предметот на спорот го надмине износот од 30.000 денари, постапката ќе се доврши според одредбите на овој закон за редовна постапка, а ако тужителот до заклучување на главната расправа што се води според одредбите на овој закон за редовна постапка го намали тужбеното барање така што повеќе не го надминува износот од 30.000 денари, натамошната постапка ќе се спроведе според постапката во споровите од мала вредност.

Доколку тужителот не дојде на првото рочиште за главна расправа, а уредно е повикан, ќе се смета дека ја повлекол тужбата, освен ако тужениот не се впушти во расправање.

Пресудата во постапката во споровите од мала вредност се објавува веднаш по заклучувањето на главната расправа.

Пресудата или решението со кое се завршува спорот по постапката во споровите од мала вредност може да се побива со жалба како правен лек само поради суштествена повреда на одредбите на законот и поради погрешна примена на материјалното право.

Против одлуката на второстепениот суд не е дозволена ревизија (вонреден правен лек).




Достарыңызбен бөлісу:
1   ...   43   44   45   46   47   48   49   50   51




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет