4. Кои административни и/или судски контролни тела и процедури постојат? Како се организирани а) внатрешните и б) судските контроли и како се спроведуваат?
Контрола од страна на Собранието на Република Македонија
Контрола врз Министерството за внатрешни работи, се спроведува од страна на Собранието на Република Македонија,и Владата на Република Македонија, додека судската контрола ја вршат надлежните судови.
Контролата од страна на Собранието на Република Македонија се остварува преку вршење надзор од страна на Собранието на Република Македонија врз работата на Управата за безбедност и контраразузнавање, која е орган во состав на Министерството за внатрешни работи.
Согласно одредбите од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.19/95, 55/97, 38/2002, 33/2003 и 19/2004) Собранието на Република Македонија врши надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање преку соодветна комисија.
Делокругот на работа и составот на Комисијата за надзор на работата на Управата за безбедност и контраразузнавање е регулиран со Одлука за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.85/2002 и 30/03).
Согласно наведената Одлука Комисијата ги разгледува прашањата што се однесуваат на
-
почитување на правата и слободите, утврдени со Уставот и законот од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање;
-
законитоста во спроведувањето на овластувањата на Управата за безбедност и контраразузнавање од аспект на пречекорување на овластувањата, превземање неовластени постапки, злоупотреба и други негативности во работењето, спротивно на нивните права утврдени со закон;
-
методите и средствата што ги користи Управата за безбедност и контраразузнавање од аспект на законитоста и почитувањето на правата на граѓанинот и другите субјекти;
-
материјалната, кадровската и техничката опременост на Управата за безбедност и контраразузнавање, како и други прашања што се однесуваат на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Комисијата, согласно одредбите од Законот за внатрешни работи, до Собранието на Република Македонија доставува извештај за извршената работа најмалку еднаш годишно.
Пред доставувањето на извештајот до Собранието на Република Македонија Комисијата е должна да го достави извештајот до Владата на Република Македонија заради прибавување на мислење од аспект на заштитата на тајноста на одделни негови делови.Владата на Република Македонија е должна во рок од 30 дена од денот на приемот на извештајот да го достави своето мислење по извештајот.
Со цел да се обезбеди законска гаранција за достапност на Комисијата кон податоците, Законот за внатрешни работи предвидува експлицитна обврска на Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање да овозможи увид и да ги даде сите известувања и податоци од делокруг на работа на Комисијата.
Известувањата и податоците изнесени на седницата на Комисијата се сметаат за државна тајна.
Заклучоците во врска со извештајот на Комисијата, Собранието на Република Македонија ги доставува до Владата на Република Македонија.
Истовремено, контролата на Собранието на Република Македонија врз работа на Министерството за внатрешни работи се остварува и со предвидувањето на правото на пратениците во Собранието на Република Македонија да поставуваат пратенички прашања. За повеќе информации види I_Б_02.
Исто така, најмалку петтмина пратеници во Собранието на Република Македонија можат да постават интерпелација за работата на носителот на јавна функција кое го избира Собранието, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи.
Контрола од страна на Владата на Република Македонија
Согласно одредбите од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002), надзорот над работата на министерствата врши и Владата на Република Македонија.
Надзорот над работата на министерствата што се спроведува од страна на Владата на Република Македонија го опфаќа надзорот над законитоста и ефикасноста на нивната работа.
Внатрешна контрола
Внатрешната контрола во Министерството за внатрешни работи се спроведува од страна на Единицата за внатрешна контрола и професионални стандарди, која како посебна организациона единица, непосредно работи на расчистување и документирање на пречекорување на законските овластувања, злоупотреба на службената должност и другите противзаконски дејствија извршени од страна на вработените во Министерството за внатрешни работи.
Истовремено наведената организациона единица, согласно утврдениот делокруг на работа,предлага и соодветни мерки за спречување и разрешување на констатираните појави на злоупотреба на службените овластувања од страна на вработените во Министерството за внатрешни работи.
Согласно одредбите од Правилник за вршење на работите на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи Сд.бр.15.1-7716/1 од 29.09.2003 година, Решение за укинување на вид и степен на тајност бр.161/5294/1 од 03.02.2004 година и Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за вршење на работите на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи бр.161-38562 од 12.07.2004 година, откривањето и документирањето на незаконското и непрофесионалното постапување на вработените во Министерството се врши врз основа на податоци, информации и сознанија кои самоиницијативно и по барање ги доставуваат или презентираат работниците во Министерството, врз основа на преставки на граѓани, како и по наредба на министерот за внатрешни работи.
По потреба и врз основа на одобрение на министерот, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди може вработените во Министерството за внатрешни работи да ги подлежи на медицински и други испитувања заради утврдување на присуство на алкохол и наркотични средства во организмот.
Инспекторите во Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди, како и инспекторите на Секторот кои се деташирани во подрачните организациони единици на Министерството, се должен да постапуваат, да ги проверуваат и утврдуваат наводите истакнати во преставките на граѓаните што се однесуваат на незаконско и непрофесионално однесување на вработените во Министерството.Поднесените преставки се евидентираат во Книга за преставки.
Секторот писмено го известува вработениот дека против него е поднесена преставка и за причините за поднесувањето на преставката. Меѓутоа, по исклучок, Секторот може пред доставувањето на известувањето определен временски период да го набљудува вработениот заради утврдување на основаноста на преставката.
Истрагите за полесните облици на незаконито и непрофесионално постапување треба да завршат најдоцна во рок од 30 дена од поднесувањето на преставката, а за потешките облици на незаконско и непрофесионално постапување најдоцна во рок од 90 дена.По исклучок, а со согласност на раководителот на Секторот и доколку за тоа има оправдани причини истрагата може да трае и подолго, но не подолго од 6 месеци.
Во случаите кога истрагата трае подолго од 30 дена од поднесувањето на преставката, странката ќе се извести во рок од 30 дена од поднесувањето на преставката дека истрагата продолжува заради утврдување на дополнителни факти.
Ако во текот на истрагата се утврди дека постои основ за поведување постапка за отказ поради кршење на работната дисциплина, Секторот ќе предложи истрагата да продолжи пред Комисијата за отказ, согласно Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.
За спроведената истрага и резултатите од истрагата, раководителот на организационата единица, односно инспекторот на Секторот изготвува конечен извештај кој се доставува до раководителот на Секторот. По разгледување и одобрување од страна на раководителот на Секторот, конечниот извештај се доставува до министерот.
Инспекторот на Секторот кој го изготвил конечниот извештај за спроведената истрага писмено ќе ги извести вработениот за кој се водела истрагата, раководителот на организационата единица во која тој работи, подносителот на преставката (ако е познат), како и министерот за резултатот од истрагата.
Истрагите за преставките што се однесуваат на кршење на човековите права од страна на вработен на Министерството, корупција, прекумерна употреба на средства на присилба и огнено оружје и други потешки случаи на незаконско и непрофесионално постапување, ги водат исклучиво инспекторите на Секторот.Во текот на истрагите, испекторите применуваат пропишани оперативни и оперативно-технички средства и методи.
По завршувањето на истрагата се составува конечен извештај кој меѓу другото содржи и еден од следните заклучоци:резултатите од истрагата го потврдуваат сомневањето дека вработениот против кој е водена истрагата незаконски или непрофесионално постапувал; нема доволно докази за да се потврди или отфрли сомневањето дека вработениот против кој е водена постапката незаконски или непрофесионално постапувал;неосновани се сомневањата или кога резултатите од истрагата ќе покажат дека вработениот незаконски или непрофесионално постапувал, но постојат околности кои го ослободуваат од одговорност.
Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди може да покрене истрага и врз основа на податоци, информации и сознанија што самоиницијативно или по барање ги доставуваат или презентираат вработени во Министерството, а се однесуваат на незаконско и непрофесионално работење на вработен во Министерството.
Исто така секој раководител на организациона единица во Министерството може да побара да се поведе истрага.
Доколку во текот на истрагата се утврди дека незаконското постапување на вработениот во Министерството за внатрешни работи има елементи на кривично дело, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди има обврска непосредно да го извести јавниот обвинител и истовремено да го информира и Одделот за криминалистичка полиција.
Покрај наведеното, внатрешната контрола се спроведува и преку поведување и водење на постапка за утврдување на кршење на работната дисциплина, која е правно нормирана со одредбите на Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (Службен весник на Република Македонија бр.8/98, 11/98, 12/00, 3/03 и 3/04)
Во случај кога е утврдено кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските утврдени со закон, Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи и договорот за работа, потсекретарите во Министерството, директорот на Дирекцијата и работниците кои се овластени од страна на Министерот, поднесуваат предлог за покренување на постапка за утврдување на одговорност на работникот.
Предлогот, согласно член 143 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи, му се врачува на работникот и од него се бара писмено изјаснување по наводите содржани во предлогот, а истовремено се доставува и до Синдикатот.
Целокупната постапка ја спроведува Комисијата за отказ, која со решение е формирана од Министерот за внатрешни работи и која е составена од претседател, двајца членови и нивни заменици.
Меѓутоа, во случаите на кршење на работната дисциплина или неисполнување на обврските од член 133 став 1 точки 3, 18, 19 и 20 од Колективниот договор (ако работникот неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена со прекин во текот на една година; не се придржува кон распоредот и користењето на работното време; не побара отсуство или навремено не го извести Министерот односно раководителот на организационата единица или друг одговорен работник за отсуство од работа;поради болест или оправдани причини отсуствува од работа, а за тоа во рок од 24 часа не го извести Министерот односно раководителот на организационата единица или друг одговорен работник), како и во случај кога на работникот по поднесената кривична пријава му е одредена мерка притвор, предлогот за покренување постапка за утврдување на одговорност на работникот се доставува непосредно до Министерот заради донесување решение без водење на постапка пред Комисијата за отказ.
До донесување на правосилно решение за престанок на работниот однос со отказ, работникот може да се отстрани од работното место и од Министерството во случаи утврдени со Законот за работните односи (Службен весник на Република Македонија број 80/93, 14/95, 53/97, 21/98, 25/00, 3/01, 50/01, 25/03, и 40/03) и во потешки случаи на кршење на работната дисциплина, ако настане една од следните ситуации:
-
непосредно се загрозуваат животот или здравјето на работниците или другите лица или се оштетуваат средства од поголема вредност;
-
присуството на работа и понатамошната работа во Министерството штетно ќе се одрази врз работењето на Министерството;
-
го осуетува или оневозможува утврдувањето на одговорноста за повреда на работните обврски;
-
кога против него е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во врска со работа.
Комисијата за отказ е должна итно да го разгледа предлогот и да закаже расправа на која се повикува работникот против кого е поведена постапката и преставникот на Синдикатот на основната организација во која членува работникот.
По завршување на расправата комисијата ја утврдува одговорноста на работникот и изготвува писмен предлог до Министерот да донесе соодветно решение.
Ако комисијата утврди дека работникот не е одговорен или не се исполнети условите за донесување на решение за престанок на работниот однос со отказ, му предлага на Министерот предлогот да го отфрли, односно да ја запре постапката.
Решение за престанок на работниот однос со отказ донесува Министерот за внатрешни работи.
Во зависност од степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски, поранешната работа и однесувањето на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, Министерот може отказот да го замени со парична казна која не може да биде поголема од 15% од месечната плата на работникот во траење од 1 до 6 месеци.
Против решението на министерот за внатрешни работи работникот има право на приговор до надлежната комисија при Владата на Република Македонија и право во рок определен со закон да поднесе тужба пред надлежниот суд.
За повеќе информации види I_Ф_11.
Судска контрола
Согласно член 142 став 9 од Законот за кривична постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.15/97, 44/2000 и 74/2004) лицето спрема кое се превземени дејствија од страна на Министерството за внатрешни работи во рок од 30 дена од денот на превземањето на дејствијата може да бара од истражниот судија да ја испита нивната законитост и евентуалната повреда на правата, а надлежниот суд е должен тоа да го утврди со решение.Решението се доставува до лицето што тоа го побарало, Министерството за внатрешни работи и надлежниот јавниот обвинител.Против решението дозволена е жалба во рок од 48 часа до советот на првостепениот суд, кој е составен од тројца судии.Советот е должен да постапи по жалбата во рок од три дена.
Покрај наведеното, согласно член 530 од Законот за кривична постапка, на лицето кое поради грешка или незаконита работа на органот неосновано или незаконито е лишено од слобода му припаѓа право на надомест на штета.
Во Член 530 од Законот за кривична постапка определени се и другите случаи кога на лицето му припаѓа право на надомест на штета, односно ако:
-
било во притвор а не дошло до поведување на кривична постапка или постапката е запрена со правосилно решение, или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено;
-
издржувало казна лишување од слобода, а по повод повторувањето на кривичната постапка, барањето за заштита на законитоста или барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда му е изречена кажна лишување од слобода во пократко траење од казната што ја издржал, или му е изречена кривична санкција која не се состои во лишување од слобода или е огласено за виновно, а е ослободено од казната;
-
во притвор поминало подолго време отколку што трае казната затвор на кое е осудено.
Право на надомест на штета, согласно член 526 од Законот за кривична постапка има и лицето спрема кое била правосилно изречена кривична санкција или кое е огласено за виновно а е ослободено од казната, а подоцна по повод вонреден правен лек новата постапка правосилно е запрена или со правосилна пресуда е ослободено од обвинението или обвинението е одбиено, освен во следните случаи:
-
ако до запирање на постапката илипресудата со која обвинението се одбива дошло поради тоа што во новата постапка оштетениот како тужител, односно приватниот тужител се откажал од гонењето или оштетениот се откажал од предлогот, а до откажувањето дошло врз основа на спогодба со обвинетиот и
-
ако со решение во новата постапка обвинителниот акт бил отфрлен поради тоа што судот не бил надлежен, а овластениот тужител го започнал гонењето пред надлежниот суд.
Правото на надомест на штета лицето го остварува преку поднесување на барање до Министерството за правда заради постигање спогодба за постоење на штетата и за видот и висината на надоместокот.
Ако барањето за надомест на штета не биде усвоено или по него Министерството за правда не донесе одлука во рок од три месеци од денот на поднесувањето на барањето оштетениот може кај надлежниот суд да поднесе тужба за надомест на штета.Тужбата се поднесува против Република Македонија.
Судската контрола врз работата на полицијата се спроведува и во граѓанска постапка која е иницирана со тужба поднесена за надомест на штета настаната како последица на незаконитото постапување на полицијата.
Согласно одредбите од Законот за облигациони односи (“Службен весник на Република Македонија“бр.18/2001) штетата преставува намалување на нечиј имот и спречување на негово зголемување (материјална штета), како и нанесување на друга физичка или душевна болка или страв (нематеријална штета).
Материјална штета се надоместува со воспоставување на состојбата што била пред да настане штетата, а доколку тоа не е можно, судот може да определи на оштетениот да му се исплати соодветна сума на пари на име надомест на штета.
За претрпени физички болки, за претрпени душевни болки поради намалување на животната активност, нагрденост, повреда на угледот, честа, слободата или правата на личноста. смрт на блиско лице, како и за страв судот ако најде дека околностите на случајот, а особено јачината на болките и стравот и нивното траење го оправдуваат тоа, ќе досуди справедлив паричен надомест на име нематеријална штета, независно од материјалната штета, како и во нејзино отсуство.
Достарыңызбен бөлісу: |