Правда и внатрешни работи


Кои овластувања ги има полицијата



бет23/51
Дата29.06.2016
өлшемі3.39 Mb.
#166383
1   ...   19   20   21   22   23   24   25   26   ...   51

5. Кои овластувања ги има полицијата:


a) Кога станува збор за превенција од можни закани?
b) Кога станува збор за кривична истрага?


а) Oвластувања на полицијата при превенција од можни закани

Министерството за внатрешни работи, согласно член 1 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.19/95, 55/97, 38/2003, 33/2003 и 19/2004) превзема мерки и дејствија во насока на:



  • заштитата на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните,

  • спречување на вршење кривични дела, откривање и фаќање на сторители на кривични дела и нивно предававање на надлежните органи,

  • заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот,

  • спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија,

  • одржување на јавниот ред и мир,

  • спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост,

  • обезбедување на определени личности и објекти,

  • регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата и други работи сврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата,

  • заштита на државната граница, контрола на преминување преку државната граница и престој во граничниот појас,

  • престој и движење на странци,

  • утврдување и решавање на гранични инциденти и други повреди на државната граница,

  • поставување, контрола и одржување на ознаките со кои се обележува граничниот појас на копно и вода,

  • контрола на условите во врска со производство, промет, набавување, поседување и носење на оружје, делови за оружје и муниција,

  • контрола на производство, промет, складирање, превоз и заштита од експлозивни и други опасни материи и складирање и заштита од запаливи течности и гасови,

  • контрола на пријавување и одјавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните,

  • укажување на помош при отстранување на последиците предизвикани од природни непогоди и епидемии кои можат да го загрозат животот и здравјето на граѓаните и имотот,

  • истражување и развој во областите од негова надлежност и

  • други работи утврдени со закон.



Работите на непосредно одржување на јавниот ред и мир, регулирањето и контролата на сообраќајот на патиштата, безбедноста на езерата, како и други работи од член 1 од Законот за внатрешни работи, чија природа или услови бараат да ги извршуваат униформирани работници на Министерството ги врши полицијата.

Работите на заштитата на државната граница, контрола на преминувањето преку државната граница, утврдување и решевање на граничните инциденти и други повреди на државната граница и други работи утврдени со закон ги врши граничната полиција.

Криминалистичката полиција ги врши работите на спречување на вршење кривични дела, откривање и фаќање на сторители на кривични дела, криминалистичко-техничките работи, контролата на престојот и дрижењето на странците, инспекцискиот надзор во заштитата од пожари и екслозии, Управата за безбедност и контраразузнавање ги врши работите кои се однесуваат на заштита од шпионажа, тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија со насилни средства, како и заштита од потешки форми на организиран криминал.

Согласно одредбите од Законот за кривична постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.15/97, 44/2002 и 74/2004) со Правилникот за вршење на работите на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.12/1998, 137/98, 10/99, 91/2001, 1/2002, 15/2003 ) во извршувањето на работите од надлежност на Министерствотото за внатрешни работи,овластените службени лица превземаат пропишани дејствија и мерки во случаите предвидени со закон и други приписи и тоа:



  • легитимирање на лица заради утврдување на идентитетот,

  • предупредување на граѓаните кога основано ќе се оцени дека со своето однесување може да го загрозат или нарушат јавниот ред и мир или да го доведат во опасност животот и имотот на друго лице или кога оправдано може да се очекува дека тој граѓанин ќе предизвика друго лице да стори кривично дело или прекршок,

  • повикување на граѓани заради собирање потребни известувања во врска со сторено кривично дело или заради собирање известувања кои би можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постопка,

  • издавање на наредби на граѓани и други правни лица и органи кога е тоа потребно да се заштити животот и личната сигурност на луѓето и имотот; да се спречи извршување на кривично дело кое се гони по службена должност или прекршок, да се обезбедат траги од кривичното дело и предмети што може да послужат како доказ во кривичната или прекршочната постапка; да се одржи или спречи нарушување на јавниот ред и мир, како и за воспоставување на јавниот ред и мир и во други случаи,

  • собирање на потребни известувања од граѓани,

  • преглед на превозни средства, лица и багаж ,

  • ограничување на движење во определен простор и објект (блокада, рација и заседа),

  • влегување во туѓ дом или просторија со претходно легитимирање и презентирање на судска одлука односно наредба,

  • обезбедување на местото на настанот и вршење на увид,

  • обезбедување на увид на место на настани при тешки сообраќајни, железнички и авионски несреќи или елементрарни непогоди,

  • вршење увид во деловни книги и друга документација на државни органи, институции што вршат јавни овластувања и други правни лица,

  • трагање по лица и предмети заради пронаоѓање и фаќање на сторители на кривични дела, пронаоѓање на предмети што се во врска со кривични дела, утврдување на идентитетот на фатени непознати лица, утврдување на идентитетот на пронајден непознат леш и собирање на податоци за лица или предмети.

  • по потреба запирање и гонење сомнителен пловен објект, вршат проверка на знамето, преглед на бродските исправи, претрес на пловен објект и негово спроведување до надлежниот орган доколку пловниот објект не се придржува на прописите,

  • асистирање по образложено барање на надлежен субјект за спроведување на извршна одлука согласно условите утврдени со закон.



Овластените службени лица може да употребат средства на присилба пропишани со Уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје (“Службен весник на Република Македонија“ бр.22/98 и 17/04), заради воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, совладување отпор на лице кое го нарушува јавниот ред и мир или лице кое треба да се приведе, задржи или лиши од слобода, заради одбивање напад од себе, од друго лице или објект што се обезбедува, заради присилно отстранување на лица од определено место, како и лице кое не постапува по наредба на овластеното службено лице.

Кога постојат можности за употреба на повеќе средства за присилба, ќе се употреби средството за присилба кое со оглед на настанатата ситуација нема да предизвика штета или штетата ќе биде минимална.

Овластеното службено лице кое употребило средство на присилба или огнено оружје, поднесува писмен извештај на непосредно повисокиот одговорен работник кој ја оценува основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на средствата на присилба, односно огненото оружје.

Извештајот содржи податоци за: времето, местото и начинот на употребата на средството на присилба, односно огненото оружје, лицето спрема кое е употребено, видот, евентуалните последици од употребата, лично име на овластеното службено лице кое го употребило средството на присилба односно огненото оружје.

Во случај кога со употребата насредствата за присилба или огнено оружје е предизвикана тешка телесна повреда или е усмртено лице или кога истите се употребени спрема повеќе лица организационата единица надлежна за вршење внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи ги разгледува околностите под кои е применето средството за присилба, односно огненото оружје и истата изготвува извештај со мислење за основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на средствата за присилба односно огненото оружје.

Извештај за употреба на средства на присилба во услови на нарушен јавен ред и мир во поголем обем се доставува до Владата на Република Македонија.

Меѓутоа, со донесувањето на Законот за финансиска полиција (“Службен весник на Република Македонија“ бр.55/02), Законот за изменување и дополнување на Законот за кривична постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.74/2004), покрај Министерството за внатрешни работи, превенцијата од можниот криминал, како и спроведувањето на криминалните истраги, во случаи и на начин утрведни со закон, ја врши и финасиската полиција

Согласно одредбите од Законот за финансиска полиција, финансиската полиција е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии.



Делокругот на работа на Финансиската полиција, утврден во Законот за финансиска полиција, се состои во:

  • контрола за правилна примена на даночните и царинските прописи,

  • прибирање на информации и податоци во соработка и координација со другите сектори на Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и други државни органи и други правни лица, со цел да се откријат прекршителите на законот вклучени во одредени активности поврзани со даночно затајување, перење на пари, криумчарење, недозволена трговија со стока и производи или друг вид кривични дела, кои вклучуваат поголеми и значителни износи на данок, царина или други приходи,

  • истраги против едно или повеќе лица за кои постои основано сомневање дека се вмешани во недозволени финасиски активности кои се против економските интереси на замјата во целина или на одредени сектори од стопанството, кои се организираат во замјата или се од меѓународен карактер и се во надлежност на Министерството за финансии,

  • истраги во кои се вклучени физички лица или претпријатија кои се занимаваат со активности кои се во спротивност со постојните прописи за перење на пари, даноци или други видови финансиски криминал,

  • истраги на финансиски криминал кој не може да се докаже непосредно со постојните докази и вклучува методи на посредно докажување, како на пример: трошоци, процена на вредности или постоење на банковни сметки и слично, кои се користат во случаи кога дел или целокупната финансиска документација на даночниот обвзник не постои, е уништена или поради друга причина недостапна,

  • истраги во случаи кога постои сомневање за склучени договори од сомнителен карактер,

  • воведување на база на податоци за потенцијално ризични даночни обврзници, односно лица кои веќе биле осудувани за тешки кривични дела или поради друга причина се сметаат за ризични, со цел да се заштитат вработените во службата од физички напад, односно телесна повреда и

  • експертска комјутерска анализа на одземени докази во форма на компјутерски податоци, од мобилни телефони или други електронски апарати и медиуми кои содржат информации кои се од интерес за сузбивање на финасискиот криминал.



Финансиската полиција при вршењето на работите од својата надлежност има право да:

  • врши увид и истражување на деловни книги и друга евиденција, документи, записници, меморандуми и компјутерски податоци и податоци добиени од други електронски медиуми кои се однесуваат на податоци и елементи на даночните пријави на лицата кои се под истрага,

  • зема изјави од осомничен и од сведоци кои се однесуваат на деловни книги, записници и други документи со цел да се добијат потребните информации и докази,

  • обезбедува примероци од ракопис за спроведување и докажување на автентичноста и потеклото на документите,

  • врши претресување на деловни простории на осомничениот и други простории, по сопствена оцена или по барање на Јавното обвинителство,

  • врши претрес на живеалиштето на лицето (стан, куќа, викендица и слично), со судски налог,

  • приведува лица кои се под истрага или ја попречуваат или оневозможуваат истрагата или постапката,

  • привремено запира и прегледува превозни средства за кои постои основано сомнение дека се користат за транспорт на стока и луѓе, како и прегледува магацини и други објекти за складирање на стоката, независно од тоа кој е сопственик на тие објекти,

  • конфискува стока која е ставена во промет или се транспортира, кога не постои доказ за платени давачки и документација за потеклото на истата,

  • привремено одзема возило и друго превозно средство со кое стоката се транспортира, доколку вредноста на стоката е поголема од една третина од вредносрта на средството со кое таа се транспортира,

  • привремено може да одземе пари, хартии од вредност, предмети и други документи од моментот на започнување на истрагата до завршувањето на постапката,

  • одзема електронски, механички или други апарати кои можат да содржат податоци, записници, други документи или друг вид информации кои се сметаат за потенцијални докази и

  • да поднесе барање до судот да изрече времена мерка за забрана за располагање со имот, опрема и средства на сметка од моментот на започнување на истрагата до завршувањето на постапката.



Работниците на финансиската полиција (финансиски полицајци) поседуваат и огнено оружје кое можат да го носат и употребат при вршењето на службените задачи, и тоа:

  • да одбијат од себе непосреден напад со кој се загрозува нивниот имот и

  • да спречат бегање на превозно средство.



Пред употребата на огненото оружје, финансиските полицајци се должни на тоа да го предупредат лицето против кое имаат намера да го употребат оружјето.

б)Овластувања на полицијата при кривична истрага

Кога постојат основи за сомневање дека е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност, Министерството за внатрешни работи, согласно член 142 од Законот за кривична постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.15/97, 44/2002 и 74/2004), е должно да ги превземе потребните мерки да се пронајде сторителот на кривичното дело, сторителот или соучесникот да не се скрие или не побегне, да се откријат и обезбедат трагите на кривичното дело и предметите што можат да послужат како доказ,како и да ги соберат сите известувања што би можеле да бидат од корист за успешно водење на кривичната постапка.

Заради извршување на наведените задачи,овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи може да ги превземаат следните мерки и дејствија:


  • да бараат потребни известувања од граѓани,

  • да сопрат, да легитимираат и да извршат потребен преглед или претрес на лица, превозни средства и багаж ако постојат основи на сомневање дека кај нив ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети кои можат да послужат како доказ.Министерството за внатрешни работи може да употреби разумна сила само како крајно средство ако тоа е нужно за да се изврши преглед или претрес на лицето, превозното средство или багажот,

  • со наредба да пренасочат, насочат или ограничат движење на лица и превозни средства на определен простор за нужно потребно време,

  • да превземат потребни мерки во врска со утврдувањето на идентитетот на лицата и на предметите,

  • да спроведат потрага, распишат потерница по лицето и објава по имотот и имотната корист или по предметите по кои се трага,

  • во присуство на службено или одговорно лице да извршат преглед на определени објекти и простории на државни органи,институции што вршат јавни овластувања и други правни лица и да остварат увид во определена нивна документација.



За фактите и околностите што се утврдени при превземањето на одделни дејствија, а можат да бидат од интерес за кривичната постапка, како и за предметите што се пронајдени или се одземени постои обврска да се состави записник.

Лицата и патниците на превозното средство што се прегледуваат или претресуваат треба да се известат дека за превземените дејствија ќе се состави записник.

Времето за кое лицето или превозното средство можат да се задржат заради извршување на дејствијата од страна на Министерството за внатрешни работи мора да се сведе на нужно потребно време за извршување на ваквите дејствија.

Заради собирање на потребни известувања, Министерството за внатрешни работи со писмена покана може да повикува граѓани.Во поканата мора да се наведат причините за повикувањето и поука за нивните права.

Повиканото лице може присилно да се доведе само со судска одлука и само тогаш кога очигледно избегнува да се јави на уредно доставена покана во која бил предупреден на можноста од присилно доведување и тогаш кога своето недоаѓање нема да го оправда.Лицето кое се јавило на поканата или било присилно доведено, а одбило да даде известување не може повторно да се повикува од истите причини.

Лицето кое е повикано или присилно доведено мора да се извести на јазик што го разбира за причините на повикувањето, односно приведувањето, за неговите права и од него не може да се бара изјава.Истовремено лицето мора да се подучи дека истото не е лишено од слобода и откако ќе даде или одбие да даде известување може да си оди.

Овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи со дозвола на истражниот судија, односно на претседателот на советот, може да собираат известувања од лица кои се наоѓаат во притвор, ако тоа е потребно заради откривање на други кривични дела на истото лице, на неговите соучесници или кривични дела на други сторители.Овие известувања ќе се собираат во времето што ќе го определи истражниот судија и во негово присуство, или во присуство на лице кое ќе го определи истражниот судија, односно претседателот на советот.

Исто така, овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат да ги упатат до истражниот судија лицата затечени на местото на извршувањето на кривичното дело или да ги задржат до неговото доаѓање, но не подолго од 6 часа, ако тие лица би можеле да дадат податоци важни за кривичната постапка и ако е веројатно дека подоцна не би можело да се изврши нивно сослушување или тоа би било врзано со значително одолжување или со други тешкотии,

Согласно одредбите од Законот за кривична постапка овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат да фотографираат и да земаат отпечатоци од прсти од лице за кое постојат основи за соменевање дека извршило кривично дело, а кога е тоа неопходно заради утврдување на идентитетот или во други случаи од интерес за успешното водење на постапката, со одобрение на судот јавно да ја објават фотографијата на тоа лице,

Исто така, овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат да земаат отпечатоци од прстите од лицата за кои постои веројатност дека можеле да дојдат во допир со предмети, ако е потребно да се утврди од кого потекнуваат отпечатоците од прстите врз тие предмети.

Покрај наведените мерки и дејствија, кога постои опасност од одлагање, овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат и пред поведувањето на истрагата привремено да одземаат предмети кои според Кривичниот законик треба да се одземат или што можат да послужат како доказ во судската постапка и да вршат претресување на дом и на лице под услови и на начин утврден со одредбите на Законот за кривична постапка.

Ако истражниот судија не е во можност веднаш да излезе на самото место, овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат да извршат увид и да определат потребни вешатачења, освен обдукција и ексхумација на леш. Ако истражниот судија стигне на самото место во текот на вршењето на увидот, тој го превзема вршењето на овие дејствија. За се што е превземено ќе биде известен јавниот обвинител.

Кога сторителот на кривичното дело е непознат, јавниот обвинител може да побара Министерството за внатрешни работи да преземе определени истражни дејствија, ако со оглед на околностите на случајот, би било целесообразно и пред поведувањето на истрагата да се превземаат такви дејствија.

За кривични дела за кои со закон е пропишана казна затвор од најмалку четири години, за кривични дела сторени од повеќе извршители, или кога тоа го бараат особено оправдани причини, поради ефикасно обезбедување докази за обвинението, јавниот обвинител може да нареди едно или повеќе овластени лица од соодветното министерство или друг државен орган да му бидат ставени на располагање за определен период во претходната или во кривичната постапка што е поведена по негово барање, но најмалку една година.

Согласно одредбите на Законот за кривична постапка лицето кое е затечено на извршување на кривично дело за кое се гони по службена должност може да го лиши од слобода секој доколку постои опасност од бегство, за што веднаш се известува Министерството за внатрешни работи.Лицето кое е лишено од слобода мора веднаш да му се предаде на истражен судија или на Министерството за внатрешни работи, а доколку не може тоа да се стори, мора веднаш да се извести еден од овие органи.

Овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат без одлука на суд да лишат од слобода и лице за кое постојат основи на сомнение дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност ако постои опасност од одлагање а постои некоја од причините за притвор (ако лицето се крие, не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат околности што укажуваат на опасност од бегство), но се должни веднаш да го приведат до надлежниот истражен судија.При приведувањето овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи ќе го извести истражниот судија за причините и за времето на лишувањето од слобода, за што изготвува службена белешка.Ако не е изготвена службена белешка, истражниот судија даденото известување ќе го внесе во записник.

По исклучок, овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат да го задржат лицето за кое постојат основи на сомнение дека сторило кривично дело за кое се гони по службена должност, ако задржувањето е потребно заради утврдување на идентитетот, проверување на алиби или од други причини е потребно да се соберат нужни податоци за водење на постапка против определено лице, а постојат и причини за притвор ( ако лицето се крие, не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, или особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело за кое се заканува), а во случај кога причина за притвор е постоењето на основан страв дека ќе ги уништи трагите на кривичното дело или ако особени околности укажуваат дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците, соучесниците или прикривачите, само доколку постои стравување дека тоа лице ќе ги уништи трагите на кривичното дело.

Лицето лишено од слобода мора да веднаш да биде известено на јазик што го разбира за причините за лишувањето од слобода и за било какво кривично обвинение против него, како и за неговите права и од него не може да се бара изјава.

Во наведените случаи, ако лицето кое е лишено од слобода бара помош од бранител, овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи ќе му овозможи да повика бранител, односно ќе му обезбеди бранител и ќе ги одложи извршувањето на сите дејствија до доаѓањето на бранителот, но најдолго за 2 часа од времето кога е известен бранителот.

Овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи можат да го задржат лицето најдолго 24 часа сметано од моментот кога лицето е лишено од слобода.По истекот на овој рок, тие се должни задржаното лице да го пуштат на слобода или да го предадат на надлежниот истражен судија.

Лицето се задржува во посебно уредени полициски станици, определени со акт на министерот за внатрешни работи.Задржувањето го одобрува службеникот за прифат.За секое задржано лице, службеникот за прифат води посебен записник во кој се внесуваат податоци за: денот и часот на лишувањето на лицето од слобода;причините за лишување од слобода; причините за задржувањето;времето кога е подучено за неговите права;знаци на видливи повреди, болест, ментална растроеност и слично;кога е контактирано со семејството, бранителот, дипломатско-конзуларното преставништво и слично;податоци кога е со него разговарано;дали е префрлено во друга полициска станица; ослободување или изведување пред суд и други важни податоци.Лицето лишено од слобода ќе се потпише на записот по однос на часот и датумот на лишувањето, часот и датумот на пуштање на слобода и поуката за правото на бранител, како и на записникот во целина.Отсуството на потпис на лицето лишено од слобода службеникот за прифат мора да го образложи.На задржаното лице му се врачува примерок од записникот при негово пуштање на слобода или предавањето на истражниот судија.Доколку лицето согласно одредбите на Законот за кривична постапка не се предава на истражниот судија, а е префрлен во друга полициска станица, копие од записникот се доставува до таа полициска страница.

Ако лицето лишено од слобода е изведено пред истражниот судија, согласно одредбите на Законот за кривична постапка, истражниот судија е должен по службена должност да ја испита законитоста на лишувањето од слобода и е должен тоа да го утврди со решение.

Лицето лишено од слобода кое не е изведено пред истражен судија, може во рок од 30 дена од денот на пуштањето на слобода да бара од истражниот судија на надлежниот суд да ја испита законитоста и тоа да го утврди со посебно решение.Против ова решение дозволена е посебна жалба во рок од 48 часа до советот на првостепениот суд, кој решава во рок од три дена.Жалбата го одлага извршувањето на решението.

Овластените службени лица, согласно одредбите од Законот за кривична постапка, врз основа на судска наредба можат да вршат претрес на дом и лице.

Меѓутоа, Законот за кривична постапка им дозволува на овластените службени лица на Министерството за внатрешни работи и без судска наредба за претрес да влезат во дом и други простории ако таму се наоѓа лице што по наредба на суд треба да се притвори или присилно да се доведе.

Исто така, овластените службени лица можат и без наредба за претрес и без присуство на сведоци да извршат претрес на лице при извршување на наредба за приведување или при лишување од слобода ако постои сомнение дека тоа лице поседува оружје или орудие за напад или ако постои сомнение дека ќе ги отфрли, сокрие или уништи предметите што од него треба да се одземат како доказ во кривичната постапка.

Министерството за внатрешни работи може да примени полиграфско испитување на лицето за кое постојат основи на сомение дека извршило кривично дело, само со писмена согласност на лицето.На полиграфско испитување не може да се подложи лице под дејство на алкохол,опојни дроги и психотропни супстанции, лице со сериозни срцеви заболувања, лице кое манифестира видливи знаци на душевна болест или заостанат душевен развој, бремена жена или жена непосредно по породувањето.

Министерството за внатрешни работи не може да примени полиграфско испитување на деца на возраст до 14 години.За помлади и постари малолетници полиграфско испитување може да се примени по исклучок, само доколку постојат основи на сомнение дека сториле кривично дело и само врз основа на писмена согласност на родителот, односно старателот.

Овластувањата што ги има Министерството за внатрешни работи, во предистражна постапка и во истрагата, ги имаат и со закон овластените службени лица на Царинската Управа на Република Македонија во случаите кога работат на откривање на кривичните дела и нивните сторители и прибирање докази заради кривично гонење на сторителите на кривичните дела:производство и пуштање во промет на штетни средства за лекување 9член 212 од КЗ), производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други производи (член 213 од КЗ), неовластено производство и пуштање во промет наркотички дроги, психотропни супстанции и прекурсори (член 215 од КЗ), неовластено прибавување и располагање со нуклеарни материи (член 231 од КЗ), внесување опасни материи во земјата (член 232 од КЗ), изнесување, односно извезување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природна реткост (член 266 од КЗ), перење пари и други приноси од казниво дело (член 273 од КЗ), криумчарење (член 278 од КЗ), царинска измама (член 278-а од КЗ), прикривање на стоки предмет на криумчарење и царинска измама (член 278-б од КЗ),даночно затајување (член 279 од КЗ), недозволено држење оружје и распрскурачки материи (член 396 од КЗ), трговија со луѓе (член 481-а од КЗ), кривични дела од членовите 59 и 60 на Законот за акцизи и други кривични дела поврзани со увоз, извоз и транзит на стоки преку граничната линија .

Овластувањата што ги има Министерството за внатрешни работи во предистражната постапка и во истрагата, ги има и финансиската полиција во случаите кога работи на откривање на кривични дела и нивни сторители и на прибирање докази заради кривично гонење на сторителите на кривичните дела:даночно затајување (член 279 од КЗ), перење пари и други приноси од казниво дело (член 273 од КЗ), криумчарење (член 278 од КЗ), недозволена трговија (член 277 од КЗ) и други кривични дела кои вклучуваат поголеми и значителни износи на данок, царина и други приходи.

Со стапување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за кривична постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.74/2004) со наредба на истражниот судија, односно со наредба на јавниот обвинител може да се нареди преземање на посебни истражни мерки:


  • следење на комуникации и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање на услови за следење на комуникации, под услови и постапка утврдени со закон,

  • увид и пребарување во компјутерскиот систем, одземање на компјутерски систем или дел од него или базата за складирање на комјутерски податоци,

  • тајно набљудување, следење и визуелно-тонско снимање на лица и предети со технички средства,

  • привиден (симулиран) откуп на предмети, како и привидно (симулирано) давање поткуп и привидно (симулирано) примање поткуп,

  • контролирана испорака и превоз на лица и предмети,

  • користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци,

  • отварање привидна (симулирана) банкарска сметка, на која може да се вложуваат средства што потекнуваат од сторено кривично дело и

  • регистрирање на привидни правни лица или користење на постојните правни лица заради собирање на податоци.



Примената на посебните истражни мерки е предвидена само заради обезбедување податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка кои на друг начин не можат да се соберат или нивното собирање би било сврзано со поголеми тешкотии, за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години, за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од пет години за кои постои основано сомнение дека се извршени од страна на организирана група, банда или друго злосторничко здружение.

Во случај кога не се располага со сознание за идентитетот на сторителот на кривичното дело, посебните истражни мерки можат да се одредат и спрема предметот на кривичното дело.

Во случаи утврдени со закон,во предистражна постапка, посебните истражни мерки се определуваат со наредба од јавниот обвинител или истражниот судија, а во истрага, само со наредба од истражен судија.

Во предистражна постапка посебните истражни мерки се определуваат со писмено образложена наредба на истражниот судија,а врз основа на писмено образложен предлог на јавниот обвинител.Истражниот судија, во оваа фаза од кривичната постапка, со писмена наредба одлучува за примена на сите посебни истражни мерки, освен за посебната истражна мерка: следење на комуникации и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање на услови за следење на комуникации.Доколку настане несогласување меѓу јавниот обвинител и истражниот судија во поглед на примена на посебните истражни мерки, за тоа одлучува советот на првостепениот суд составен од тројца судии.

Во предистражната постапка, кога не се располага со сознание за идентитетот на сторителот на кривичното дело, посебните истражни мерки можат да се определат и со писмено образложена наредба донесена од страна на јавниот обвинител, а врз основа на писмено образложен предлог од Министерството за внатрешни работи. Јавниот обвинител во наведениот случај со писмена наредба може да одлучи за примена на посебните истражни мерки, освен за примена на посебните истражни мерки :следење на комуникации и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање на услови за следење на комуникации и увид и пребарување во компјутерскиот систем, одземање на компјутерски систем или дел од него или базата за складирање на комјутерски податоци.

Наредбата за примена на посебните истражни мерки ја извршува Министерството за внатрешни работи, Царинска Управа на Република Македонија и Финансиската полиција.

Наредбата содржи податоци за лицето против кое се применуваат посебните истражни мерки кога сторителот е познат, основите за сомневање за стореното кривично дело, фактите од кои произлегува примената на посебните истражни мерки, како и начинот, обемот и времетраењето на тие мерки.

Спроведувањето на посебните истражни мерки, освен спроведувањето на посебната истражна мерка: следење на комуникации и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање на услови за следење на комуникации, може да трае најмногу четири месеца.Меѓутоа, на предлог на јавниот обвинител, кога наредбата ја издава истражниот судија, односно на предлог од Министерството за внатрешни работи, кога наредбата ја издава јавниот обвинител, од оправдани причини може траењето на посебните истражни мерки да се продолжи најмалку уште за три месеца.

Доколку посебните истражни мерки се преземени без наредба од истражниот судија, односно без наредба од јавниот обвинител или се превземени во спротивност со одредбите од Законот за кривична постапка, доказите до кои се дошло со примената на тие мерки не може да се употребуваат во кривичната постапка.

Меѓутоа, податоците, известувањата, документите и предметите што се прибавени со примена на посебните истражни мерки под услови и на начин утврден со одредбите на Законот за кривична постапка, може да се употребат како доказ во кривичната постапка.

Условите под кои може да се нареди примената на посебната истражна мерка:следење на комуникации и влез во дом и други простории или во превозни средства заради создавање на условиза следење на комуникации, органите кои се надлежни за донесување на наредбата со кој се определува примената на оваа посебна истражна мерка, како и самата постапка за спроведувањето на следењето на комуникации децидно е уредено со посебен закон, Законот за следење на комуникации, чија постапка за донесување е во тек. За повеќе информации види I_Х_16.



Достарыңызбен бөлісу:
1   ...   19   20   21   22   23   24   25   26   ...   51




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет