3. Дали сите полициски органи во земјата се под иста команда? Дали се преклопуваат одговорностите на поедини полициски служби? Ве молиме опишете ги процедурите за соработка и координација меѓу различните тела?
Со Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија„ бр. 19/95, 55/97, 38/2002, 33/2003 и 19/2004) децидно е утврдено дека внатрешни работи се работите кои се однесуваат на заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните; спречување на вршење кривични дела, откривање и фаќање на сторители на кривични дела и нивно предавање на надлежни органи; заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот загарантирани со Уставот; спречување на насилно уривање на демократските институции утврдени со Уставот; одржување на јавниот ред и мир, спречување на разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, обезбедување на определени личности и објекти, регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата и други работи сврзани со безбедноста на сообраќајот и патиштата, престој и движење на странци и други работи утврдени со закон.
За конкретно извршување на своите работи и задачи овластените службени лица на МВР одговараат пред нивниот непосреден раководител и раководителот на организациониот облик кој му припаѓаат, додека раководителите на организационите облици во рамките на друг организационен облик му одговараат на раководителот на соодветниот организационен облик. Сите организациони облици надлежни за извршување на внатрешните работи се систематзирани во рамки на Одделот за полиција, Одделот за организиран криминал и Одделот за гранична полиција како и повеќе самостојни организациони облици кои вршат работи за потребите на Одделот за полиција, Одделот за гранична полиција и Одделот за организиран криминал. Сите овие облици се дел од Бирото за јавна безбедност, со кој раководи директор. Раководители на Одделот за полиција, Одделот за организиран криминал и Одделот за гранична полиција се потсекретари кои функционално се поврзани со директорот на Бирото за јавна безбедност и непосредно му одговараат на директорот за работите и задачите од својата област. Директорот на Бирото за јавна безбедност на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија и тој за својата работа му одговара на министерот и на Владата на Република Македонија.
За извршување на внатрешните работи на територијата на Република Македонија формирани се 12 подрачни организациони облици - Сектори за внатрешни работи. Со нив раководат началници. Во рамките на Секторите за внатрешни работи организирани се вкупно 23 Одделенија за внатрешни работи. За непосредно извршување на полициските и другите внатрешни работи за подрачјето на една или повеќе општини се формирани полициски станици, со кои раководат командири.
Како орган во состав на Министерството за внатрешни работи за извршување на работите сврзани со системот на државната безбедност основана е Управата за безбедност и контраразузнавање. Со Управата раководи директор кој на предлог на министерот го именува и разрешува Владата на Република Македонија и кој за својата работа му одговара на министерот и Владата на Република Македонија.
Во рамките на Министерството за внатрешни работи државниот секретар го обединува работењето и ја унапредува хоризонталната координација на сите организациони облици во министерството и врши работи од надлежност на Министерството за кои министерот ќе го овласти. Државниот секретар го именува Владата на Република Македонија на предлог на министерот. На врвот на хиерархиската поставеност на Министерството се наоѓа министерот за внатрешни работи кој на предлог на претседателот на Владата го именува и разрешува Собранието на Република Македонија. Согласно Уставот на Република Македонија, со орган на државната управа во областа на полицијата раководи цивилно лице кое непосредно пред изборот на таа функција било цивил најмалку три години. Министерот за својата работа е одговорен пред Владата на Република Македонија и пред Собранието на Република Македонија .
Со Правилникот за организација и работа на Министерството за внатрешни работи јасно и прецизно се утврдени надлежностите, овластувањата и одговорностите на сите полициски и други органи во состав на Министерството. Имено, работите од јавната безбедност ги врши Бирото за јавна безбедност, за државната безбедност е задолжена Управата за безбедност и контраразузнавање додека во рамките на овие два органи сите организациони облици имаат свои јасно и децидно утврдени надлежности.
Со оглед на наведеното сите полициски служби во рамките на Министерството за внатрешни работи, имаат свои задачи и одговорности што укажува на фактот дека нема преклопувања на одговорностите на полициските служби.
Министерството за внатрешни работи и другите органи на државната управа како и одделните органи и служби во рамките на министерствата како носители на извршната власт во Република Македонија остваруваат секојдневна соработка. Нивниот делокруг на работа е разграничен со Законот а органите на државната управа, секторските закони и подзаконските акти.
Во Законот за внатрешни работи утврдено е дека граѓаните, претпријатијата и другите правни лица и државните органи му овозможуваат на Министерството за внатрешни работи уредно вршење на работите од негова надлежност. Истовремено, пропишано е дека Министерството за внатрешни работи во рамките на својата надлежност им укажува стручна помош на граѓаните, претпријатијата и другите правни лица и на државните органи во остварувањето на пропишаните права и обврски, заштита на животот и личната сигурност на граѓаните и имотот.
Министерството за внатрешни работи на граѓаните, претпријатијата и другите правни лица и на државните органи, им дава информации, податоци и известувања за прашања од својот делокруг за кои тие се непосредно заинтересирани.
Соработката односно укажувањето правна помош помеѓу органите на државната управа утврдена е и со Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр.47/86 и 44/02). Согласно овој закон државните органи кои имаат јавно овластување за решавање во управните работи, должни се едни на други да укажуваат правна помош во управната постапка. Органите за внатрешни работи се должни да му дадат на органот надлежен за спроведување на извршувањето, на негово барање, помош во спроведувањето на извршувањето.
Согласно Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија„ бр.58/00 и 44/02) со кој се уредени организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа, органите на државната управа што вршат инспекциски работи се должни во вршењето на инспекциските работи од заеднички интерес да соработуваат меѓусебно, како и со други органи на државната управа.
Ако меѓу министерствата настане спор во врска со надлежноста или се појават други спорни прашања во вршењето на работите од нивна надлежност, овие министерства се должни да формираат меѓуресорска група за решавање на спорните прашања. Доколку не се постигне согласност министерствата се должни да ја известат Владата на Република Македонија. Владата ќе го разгледа спорното прашање и ќе им даде насоки на министерствата за негово решавање.
На 10.11.2003 година Владата на Република Македонија донесе Конкретни мерки-активности за спречување на организираниот криминал, подржани од Советот на Европска Унија на 28.11.2003 година. Со нив, меѓу другото, се утврдени мерки кои се однесуваат на остварување на успешна меѓуинституционална соработка на Министерството за внатрешни работи и Министерството за финансии. Во таа насока, потпишан е меморандум за соработка за спречување на организираниот криминал во Република Македонија меѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за финансии. Со Меморандумот, потврдувајќи ја заедничката заложба и интерес да дадат свој придонес за унапредување на соработката и координацијата за спречување и борба против организираниот криминал во Република Македонија, а повикувајќи се на Конкретните мерки-активности за спречување на организираниот криминал, утврдено е дека соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за финансии ќе се остварува со преземање на непосредни активности од страна на организационата единица на Министерството за внатрешни работи надлежна за спречување на организираниот криминал со Дирекцијата за спречување на перење пари, Царинската управа и Финансиската полиција во Министерството за финансии. Соработката ќе се остварува во рамките на нивните законски надлежности со: меѓусебна размена на информации; одредување на заеднички приоритети; координирање на активностите; формирање на заеднички мултидисциплинарни тимови кои ќе дејствуваат во разрешување на одделни специфични случаи;преземање на заеднички акции, разработка на заеднички стандарди, особено во делот на прибирање и обработка на информациите и развивање на компатибилни информатички системи и програми и преземање на заеднички активности со цел обезбедување континуирана едукација на кадри. Меморандумот ќе биде предмет на постојана заедничка анализа, со цел унапредување на соработката. Со посебна одредба од меморандумот, се предлага, соработката утврдена со овој меморандум да се остварува согласно протоколи, што дополнително ќе се склучат помеѓу Министерството за внатрешни работи- Оддел за криминалистичка полиција и Дирекцијата за спречување на перење пари, Царинската управа и Финансиската полиција.
Констатираната потреба за децидно утврдување на прашањата и процедурите за соработка и координација меѓу различните тела, имплицира иницирање на постапки и за изготвување и на други меморандуми за соработка за одделни области потпишани меѓу одделни органи на државната управа.
Достарыңызбен бөлісу: |