Трајко Вељаноски: Благодарам.
Има збор госпоѓа Казанџиска Билјана, повелете.
Билјана Казанџиска: Господине заменик министер јас се извинувам што ќе ве вознемирам и овој пат очигледно дека вие сте решиле да молчите и за ова законско решение како што молчевте и за претходното, немате што да кажете, немате аргументи, аргиментите се на наша страна можам и да ве разберам зошто молчите. Тоа е познатиот вмровски принцип дека молчење е одобрување значи се сложувате со се што кажуваме ние од опозицијата. Не сте од ВМРО-ДПМНЕ но сте коалиционен партнер од власта, по нивна директива мора да молчите и во наша корист да го одобрувате сето она што ние го говориме, ама не само што вие молчите, молчат и лекарите од владеачкото мнозинство. Молчат бидејќи се свесни за сите овие штетни законски решенија кои се нудат бидејќи се свесни дека сите овие законски решенија ќе бидат применети и на нив покрај на нивните колеги кои моментално работат во здрвството. И покрај нашите укажувања на Комисија дека двајца директори со врзан потпис со менаџерски договор ќе носат и понатаму штета на Фондотв, вие решивте и во овој закон со членот 57 да понудите две лица за директори, значи две лица кои се подеднакво одговорни за работењето на Фондот и за обврските што се преземаат од правниот промет. И на крајот во последниот став се вели дека по именувањето на директор на Фондот се склуува менаџерски договор меѓу именуваните лица за директор и Владата на Република Македонија. Нашата цел беше да овој член 57 се измени и тоа да биде едно лице за да се знае кој ќе ја сноси одговорноста за настанатите штети на Фондот. Но, бидејќи за јавноста треба да се спомне какви штети направија овие два врзани потписи во Фондот за здравствено осигурување сакам да ве потсетам на случајот кога решивте како Влада да доведете едно стручно лице од Словенија за да го стави Фондот на здрави нозе. Тогаш и покрај одлуката на Уставен суд кој се изјасни дека директор на јавната здравствена установа не може да биде странец вие како Влада решивте словенецот Јанез Јелникар да биде вториот директор на Фондот. И тогаш образложенијата беа дека се работи за стручен кадар магистер по фармација со богато работно искуство и на голема врата го промовиравте како голем стручњак избран од повеќе кандидати. Тогаш Владата молчешкум занемарувајќи ја одлуката и укажувањата на Уставниот суд ниту некој смееше да каже како овој странец доби македонско државјанство како заедно со Ѓорѓи Тренкоски ја раководеа националната здравствена каса. Но, кога човек ќе се заинтересира за ваквите стручњаци и ќе видиш дека според биографијата на Јелникар тој работел како директор и менаџер но нема никакво искуство во фондовското работење. Последното негово работно место според податоците од биографијата доставени до Владата е директор на Зирап од Љубљана. Доколку пак се отвори сајтот на оваа фирма ќе се види дека во 2007 година била регистрирана за бизнис со коси и крзна и дека оваа фирма има само двајца вработени. Во биографијата исто така стои дека овој првиот фондовец течно говори англиски и српскохрватски јазик но не говори македонски јазик. Но понатаму секој ќе си го постави прашањето зошто еден ваков стручњак избран од Владата на половина од директорскиот мандат си замина. Е, сега кога вртиш по новинарските натписи и ќе дојдеш до еден податок дека на половината од директорскиот мандат денеска се мисли на 29 септември 2010 година се повлече словенечкиот „експерт“ Јанез Јелникар кој што беше најавуван како спасител на лошата состојба на Фондот за здравствено осигурување. Во рок од една година оставки тогаш дадоа двајцата директори нормално и Јелникар од лични причини. Ѓорѓи Тренкоски кој што пред една година се повлече од државниот здравствен дом дури и заврши и во притвор. Тренкоски беше уапсен во ноември 2009 година чинам, под сомнение дека направил финансиска злоупотреба додека бил на функцијата директор. Е, сега, овој стручен кадар кој беше промовиран и за кој не ја почитувавте одлуката на Уставниот суд и за кои не смеевте никој да кажете колку плата земал ревизорите кажаа дека за државните ревизори спорна е исплатата на платата на поранешниот директор на Фондот Јанез Јелникар од 2700 илјади евра. Исто така според кажувањата на државниот ревизор екс директорот Јанез Јелникар земал месечна плата од 2700 евра, користел мобилен телефон без ограничување, имал право на авионска карта еднаш месечно и на образование во странство пет дена во годината. Ревизорите сметаат дека ваквите превилегии оставале простор за неекономично користење на средствата од Фондот за здравствено осигурување. Исто така ревизорите потенцираат дека одговорни за ваквото работење за кое не знаат дали е резултат на грешки или на измама се и директорката Маја Парнаџиева Змејкова и екс директорот Јанез Јелникар кој Владата го донесе од Словенија како врвен експер за здравствен менаџмент. Е, сега од ваквите стручни лица со кои се расфрлавте и им дававте плата по 2700 евра и нивното несовесно работење досега се направени долгови на јавните здравствени установи од 2009 година до 2013 година од 45 милиони евра. Ова е извештајот од Фондот каде што стои колку долгови направиле јавните здрвствени установи, за проневерите допрва ќе видиме кој е одговорен бидејќи се што е од ВМРО завршува во фиока. Овде судските постапки траат со години бидејќи се работи за ваш кадар, ама ако се работи за некој друг кадар тоа завршува и во отсуство. Од буџетот, од државната каса секоја година 30 милиони евра завршуваат со блок дотации за покривање на дупките во Фондот и вие не сметате дека треба да дадете барем една реченица одговор за ваквото несовесно работење на вашите кадри. И згора на тоа не убедувате дека и понатаму двајца директори успешно ќе го раководат Фондот врзани со менаџерски договор. Како може кога двајца директори направиле огромни проневери, кога двајца директори направиле криминал во Фондот за здравствено осигурување за кој едниот има и кривична и сега наместо да го прифатите нашиот аргумент, да го прифатите нашиот амандман тоа да биде едно лице еден директор да носи одговорност, вие упорно ни нудите еден закон, кој и овој можеби ќе важи после една година ама е по скратена постапка со кој врзувате две лица директори врзани со менаџерски договор. Е, па, нели ви беше поука дека милиони завршија во непознат правец, нели ви беше поука дека вашите стручни кадри дебело платени прават само штета на нашиот Фонд не ви беше да, да значи го потврдувате дека не ви беше поука дека и понатаму ќе си работите криминално дека и понатаму криминалот ќе го барате секаде само не во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзините коалициони партнери, но кога ќе дојде денот кога ваквите законски решенија ќе ви се удрат од глава немојте да викате доста е, бидејќи сега народот вели доста е, ама вие нема слух, до вас не допира ништо. Затоа бидете спремни дека еден ден некој треба да понесе одговорност за едно вакво несовесно и криминално работење.
Трајко Вељаноски: Благодарам.
Госпоѓа Мазгалоска Вучетиќ Светлана има збор, повелете.
Светлана Мазгалоска Вучетиќ: Благодарам.
Почитувани граѓани, заменик министер, колеги пратеници,
И овој дополнет предлог закон исто така е од сетот на оние 120 закони кои што се донесуваат по скратена постапка во собранискиот дом. Јас би сакала на кратко да го изнесам моето мислење по овие предлог промени за кои што дебатиравме на долго и на широко на седницата на Комисијата за здравство. Главно законот се однесува на усогласување на Законот за здравствено осигурување со Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор. Меѓутоа тука има и одредени измени кои што би требало да се дискутираат за да биде јасно дека имаме и уште една новина дека се воведува дваца директори на Фондот за здравствено осигурување нешто што веќе еднаш беше а сега се враќа повторно и токму на таа новина на членот 57 од Законот на ставот 1 се однесуваше и нашиот амандман со кој што баравме членот 57 се промени и да имаме еден директор на Фондот за здравствено осигурување што е многу попрактично и ќе се покаже како поекономично. Зошто баравме да биде само еден директор а не двајца директори како што имаше претходно тоа ќе го поткрепам со неколку примери кои што се покажаа како штетни. Имавме двајца менаџери од кој едниот од тука а другиот од странство со кој што сакаше Владата да покаже ако се донесе човек од надвор и ако се претстави како експерт дека тоа ќе биде многу поуспешно и ќе може да се реализираат реформите поефикасно или пак ако сакаме да бидеме искрени ќе можеме на тој начин зад странскиот експерт да затскриеме одредени цели кои што ги планираме со реформите во здравството. Се покажа како непрактично бидејќи странецот кој што го донесе Владата даде повеќе изјави направи повеќе работи кои што беа се, само не корисни за здравството во Република Македонија. Тој најпрво истакна дека ќе треба да се направат големи политички резови, или да се направат дополнителни пари, за да може да се подобри состојбата во Фондот за здравствено осигурување. Меѓутоа тоа е најмалата штета што овој странски експерт ја направи во Фондот за здравство. Има еден пример кој што би требало и вреди да се слушне од страна на граѓаните. Од штетата на двајца дирктори или двајца менаџери, кои што работеа со Фондот за здравствено осигурување.
Во делот на тоа кој го направи циркусот во Фондот за здравствено осигурување, со одлуката за намалување на референтните цени над 300 лекови. Оваа одлука или листа на лекови кои што треба да бидат над 300 намалени референтните цени се донсе и се објави во службен весник, со потпис на овие двајца директори, едниот домашен, едниот странски експерт, меѓутоа објавена беше во петок, за веднаш после празниците да биде повлечена оваа одлука, исто така поништена е и од Управниот одбор, и од страна на тогашниот министер Бујар Османи.
Штетата која што се прави со вакви решенија треба да ни биде пример дека немаме потреба од двајца менаџери, од двајца директори, одврзани потписи, кои што можат да бидат штетни со носењето на вакви одлуки. Бидејќи и покрај одбивањето да се признае дека овие двајца директори ја потпишале оваа одлука и едниот и другиот одбијаа да го признаат, меѓутоа како што и сами знаеме, медиумите се секогаш тие кои што, тоа им е всушност и работа да пронајдат што е вистината. Вечер објави дека документот каде што е потпишана листата за намалување на референтните цени над 300 лекови, се потпишани и двајцата менаџери. Тоа е една од штетите која што го претрпува зравството со врзаните потписи или со двајцата директори. Би сакала да го поткрепам својот исказ со уште еден податок зошто не треба да имаме двајца директори, ова е изјава на господинот Владимир Лазаревиќ, кој што е поранешен заменик министер за здравство и автор на двете изборни платформи на владеачката ВМРО ДПМНЕ кој што објаснува дека ова сега што се прави во Фондот за здравствено осигурување е спротивно на неговите идеи. Тој вели дека денеска навистина нема потреба да имаме директор на Фондот за здравствено осигурување, многу би било подобро кога би имале координатор или техничко лице кое што всушност беа спроведувано, реализацијата на идеите на владините иницијативи. Оваа изјава е само потврда колкава е зависноста на Фондот за здравствено осигурување од Владата, од актуелното Министерството за здравство.
Меѓутоа оваа реформа која што сега се прави, не е ништо ново. Ваква реформа за двајца директори, за врзаниот потпис беше уште 2007 година, кога на чело со некои сега отсутни пратеници тука од првиот ред на владеачкото мнозинство ја убедуваше опозицијата дека многу подобро ќе биде кога скопските клиники, клиниките се распарчат на многу помали клиники, кога наместо еден директор ќе имаме двајца директори освен медицински ќе имаме и организационен директор. Дека врзаниот потпис ќе биде многу подобар, а во правец на тоа дека ќе се заштита клиниките од злоупотреба. Меѓутоа од сето тоа, од сите тие реформи во 2007 година, немаме никаков резултат, освен оној дека во здравството после 2009 година, кога со опростување едни на други на долговите клиниките по меѓу себе се израмнија на некој начин и оттогаш наваму пораст на долгот на јавните здравствени установи изнесува така ни повеќе ни помалку околу 2 милијарди 404 милиони и 580 илјади денари, или над 45 милиони евра. Тоа е резултатот од работењето на директорите на клиниките. Од работењето на многубројните директори, на бројните директори на врзаниот потпис, даде резултати меѓутоа во негативна конотација и по работењето на клиниките и по квалитетот. Така да овие реформи кои што сега ги донесуваме и го враќаме значи двојството или работењето на двајца директори нема да донесе некоја позитива, од она што до сега имавме можност да го видиме, воведувањето на нов начин на полагањето на испитите на директорите, не е ништо друго, почитувани граѓани, само начин како да се заташка на некој начин или да се покрие неуспешното работење и неуспешното менаџирање на досегашните директори на клиниките, кои што продуцираа огромни долгови. Тие долгови може самите граѓани па и вие да се отвори страната на Фондот за здравствено осигурување, да се види како растат долговите, тоа многу убаво се гледа и тие долгови секојдневно се се поголеми, податокот кој што јас сега го изнесувам е подток до ноември 2013 година.
Понатаму не се труделе оние кои што се одговорни да го изнесуваат долгот, бидејќи можеби и сметале дека нема потреба или како што тоа го рече моменталноит директор на Фондот за здравствено осигурување. Долговите се релативизираат, а ако тоа се релативизираат само она изгледа знае. Во претходната дискусија што ја имав за Законот за здравствена заштита која што е исто така како и овој и од неколкуте наредни кои што доаѓаат од областа на здравството и се од сетот на 120-те закони по скратена постапка и значат усогласување со Законот за административни работници, го запрашав заменик министерот дали од тн., соработка на Македонија, на министерот за здравство од Македонија со Италија, со Универзитетот Свето Срце, има некој резултат до сега, се надевам дека во меѓувреме заменик министерот успеал да набави податоци и да каже колку тоа лекари од Македонија ќе имаат можност да се доедуцираат бидејќи сите овие нови закони, бараат доедукација на лекарите и имаат можност да се доедуцираат во Италија или дали воопшто ќе стане збор за размена на нивни лекари кај нас, па да видиме која ќе биде користа, освен тоа што министерот на Италија вели дека имаме заеднички култури. Мислам дека во здравството не ни требаат заеднички култури, туку ни требаат искуства кои што ќе бидат потребни за грижата на здравјето на граѓаните. Благодарам.
Трајко Вељаноски: Благодарам.
Бидејќи е исцрпена листата на пријавени за збор, констатирам дека општиот претрес и претресот по членот 3 на дополнетиот предлогот на законот е завршен.
Врз основа на член 156 став 2 од Деловникот на Собранието, за седницата на Собранието не се поднесени амандмани на дополнетиот предлог на закон.
Поради тоа што Собранието не усвои ни еден амандман на дополнетиот предлог врз основа на член 162 од Деловникот на Собранието преминуваме на гласање по предлогот на закон во целина.
Согласно член 165 од Деловникот на Собранието, гласањето по оваа точка ќе се изврши утре во 11,00 часот.
Минуваме на точка 123 - Дополнет Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за санитарната и здравствената инспекција, по скратена постапка - второ и трето читање.
Дополнетиот предлог на Комисијата за здравство како матично работно тело и Законодавно правната комисија ви е доставен.
Отворам општ претрес и претрес по членот 1 на дополнетиот предлог.
Ги повикувам предлагачот и пратениците кои сакаат да говорат по општиот претрес и по претресот по членот 1 на Дополнетиот предлог на законот да се пријават за збор.
Благодарам.
Има збор господинот Диневски Менде, повелете.
Менде Диневски: Благодарам почитувани граѓани, почитуван заменик министер,
Овој закон, Законот за санитарна и здравствена инспекција вклучително и законите за заштита од јунизирачко зрачење и Законот за лекови, медицинските помагала се однесуваат на една измена, а тоа е измената во делот на изборот на директори, кои критериуми треба да ги исполнува директорот за да биде избран на оваа позиција. И тоа е добро ако сакате да го регулирате ова прашање, но, ниту на комисиската расправа, ниту вие, ниту министерот за здравство не даде образложение зошто ни се предлагаат овие измени сега, токму во овој период во еден пакет од 120 закони, а истите ќе почнат да се применуваат една година, од кога ќе влезе Законот во сила, а одредбата за познавање на странски јазик ќе отпочне да се применува две години од денот на влегување на овој закон.
Ако за претходните два закони, Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување, каде што предлагавте да изборот на директор да се направи со тоа што ќе има по двајца директори и во едниот закон и во другиот закон, особено оној за здравствена заштита на терцијално ниво, до некаде, се обидувавме да ве убедиме дека таквите законски решенија се погрешни. И ако во исто време, сега само што го разгледавме Законот за здравствено осигурување, а веќе на наредната седница која денес почна е во постапка за изменување и дополнување повторно на Законот за здравствено осигурување, пак по скратена постапка, но на некои други членови.
Сакам да ве прашам, има ли концепт Владата и знае ли Владата каде се движи? Да ист закон, два пати го менувате, два пати предлагате да се донсе по скратена постапка, а тврдите, дека истиот не е обемен и дека за тоа нема потреба да оди по редовна постапка. А, притоа тврдите дека реформите што ги правите во делот на здравството, ви се осмислени, дека тоа е концепт за кој вие се залагате и дека вие од тој концепт не отстапувате. А ни се случува на пример Законот за здравствена заштита, да го менуваме на три седници на Собрание последователно и тоа да го менуваме во истиот дел, на исти членови. На членовите каде што се врши изборот за директор. И претпоставувам за ова ќе добијам одговор, или молчењето ќе каже дека тоа што го тврдиме ние е точно, а тоа е дека ВМРО ДПМНЕ и Владата немаат концепт каде се движат. Туку како ќе му дојде на дневна основа така предлагаат закони, така истите закони ги предлагаат по скратена постапка, ќе кажат само заради тоа што имало од два до три членови во Законот, не е обемен закон и законот треба да оди по скратена постапка. И сето тоа ќе беше добро, ама знаете зошто не е добро? Затоа што вие и тие членови и тие закони што ги предлагате кои се два до три на број, ги предлагате погрешно. Чист пример е овој законот за санитарна и здравствена инспекција кој го предлагате по скратена постапка. Во него вие велите дека изборот на директор, односно кандидатот, лицето кое ќе биде именувано за директор, треба да ги исполнува следните услови. И во точка 3, стои дека треба да има стекнато 300 кредити согласно кредит трансфер системот. А медицински факултет има 360 кредити. И сега, предлагате измена на Законот, а при тоа не знаете колку кредити теба да има лицето кое ќе го назначите за директор. А велите дека не е обемен. Не е обемен од три члена е законот. Ама клучната работа вие сте ја згрешиле. И сега ако не беа овие од опозицијата, да предложеа измена на законот, а вие да го прифатите, бидејќи очигледно е дека ги правите грешките и не знаете што предлагате и ги копирате закон, по закон, закон по закон, бидејќи за сите инспекции имате предвидено 300 кредити, а за медицински факултгет, обврската е нешто сосема друго, ќе кажете дека тенденциозно зборуваме и кога ќе ви ги уочиме грешките и кога ќе ви ги предложиме амандманите и кога ќе дискутираме во Комисија за здравство, тогаш сме го правеле тоа, заради тоа што сме сакале нешто пред граѓаните поинаку да покажеме. Чист пример е ова законско решение кое денес го предлагате.
И за тоа, ако веќе сакате на една седница да предложите 120 закони, и ако тие ги предлагате, тогаш направете ги така како што треба. Или пак, застанете во Министерството за здравство, бидејќи очигледно некој таму или не знае да пишува закони, или најдете некој што тоа може да го направи, тогаш нека предложи законско решение, кое навистина ќе биде по скратена постапка и кое навистина нема да биде ниту обемно и ќе ги исполнува условите согласно Деловник. Но при тоа кога ќе го правите тоа и задржете се само на измената за која велите дека е усогласување. Да речеме во делот на законите во јанвиот сектор и администрацијата. Не одете на дополнителни измени кои вие пропратно сакате да ги протнете во законите и на мала врата да кажете дека нема да ги видат. Но пратениците од опозицијата ќе ги видат и ќе ги читаат.
И за тоа почитуван заменик министер, овој закон сега и наредните два закони што се, како и вклучително сите 120 закони во изминатите денови за кои говориме, а кои сите вие по скратена постапка тука ги предлагате и тврдите дека не се обемни и сложени, ќе добиете негативна, односно нема да ја добиете поддршката од опозицијата. За тоа што ем не знаете да ги напишете законите, ем истите закони кои ги предлагате не ги браните, ем пратениците од ВМРО ДПМНЕ и таму каде што им кажуваме дека се сериозни грешки, грешки во концепт, како што кажав и во делот на Законот за здравствена заштита и во делот на здравственото осигурување, вие како власт не сакате ниту да ги прифатите, ниту да ги корегирате. Ама, сето тоа оди на штета на граѓаните на Република Македонија. И непотребно огромни финансиски средства, пари се одвојуваат за непродуктивни трошоци, наместо да се одвојат за подобрување на здравствените услуги на граѓаните на Република Македонија. Благодарам.
Трајко Вељаноски: Благодарам.
Госпоѓа Казанџиска Билјана има збор, повелете.
Билјана Казанџиска: Заменик министер ви благодарам за исцрпното образложение и за објаснувањата за претходните два закони, за овој закон не морате да ни објаснувате ништо, не морате да ни давате реплики, за да се дообјаснуваме по членовите кои ви се фалични во законот, за овој закон се ни е јасно.
Овој закон по скратена постапка како да гори нешто во Собранието, ќе важи од наредната година. Член 4, овој закон влегува во сила 8-от ден од денот на објавувањето во Службен весник, а ќе отпочне да се применува по една година од денот на влегување на сила на овој закон.
Е, зошто ви се брза толку, а законот ќе важи од наредната година. Зошто не седнавте во Министерство, па да направите еден добар закон, еден исправен закон, каде што нема да направите привид, како што е во ставот 2, кој станува став 3 се менува и гласи, за директор кој може да биде избран и сте напишале да има стекнато најмалку 300 кредити или 7 степен образование, Медицински факултет, а самите знаете дека со 300 кредити нема Медицински факултете, ама ви се брзаше. Ама во тоа брзање не сте испуштиле дека кандидатот треба да има положено психолошки тест и тест на интегритет, за тоа беше законот по скратена постапка. Бидејќи треба да се соберат пари. 1950 денари од секој административец, од секој кој сака да конкурира или да биде директор на било каква установа. Секој граѓанин треба да се заблагодари со 1950 денари на партијата и тоа преку првиот братучед на Ставревски.
Дека се работи за братучедот на Ставревски, за јавноста говорам, не говарам за заменик министерот, ниту пак за портокаловите преродбеници, бидејќи тие воопшто не се загрижени, зошто токму Виста-груп да го прави ова тестирање и никој од нив, ниту медицински работник, ниту било која сфера не се запраша зошто овие тестови не ги спроведуваат комората на психолози. Зошто токму првиот братучед на Ставрески преку фирмата Виста-груп, треба да го изврши тестирањето на сите административци, или треба да земе 5 милиони евра од граѓаните на нашата држава. Фирмата на првиот братучед Зоран Ставрески добила тендер од Министерството за информатика од 800 илјади евра и станува збор за компанијата Интервејд дека оваа компанија фирмата на братучедот на Ставрески добил тендер од Министерството со уште други три фирми меѓу кои контраверзната Виста груп и оваа зделка е тешка речиси 800 илјади евра. Кога овде ја покажав фотографијата некој ми интервенираше да говорам по законот и дека ова не точка на дневен, ама за многу кратко време по скратена постапка добивме 120 закони каде што точка на дневен ред е токму првиот братучед на Ставрески, што тој преку неговата фирма треба да го наполни своето, партиското, фамилијарното конто ќе се договорат правилно како тоа ќе се направи. Бидејќи клетата опозицијата бара по документи кога еден, еве ова е Министерството за земјоделие, од ангажираното стручно лице од независна акредитирана професионална институција Виста Груп ДООЕЛ добиле мислење за положен психолошки тест. Еве уште едно такво мислење државен секретар Елена Кузмановска издала решение, мислење дека акредитираната фирма Виста Груп и дала мислење за положен психолошки тест. Од кога се виде ќе излезе криминалот на виделина решивте во соопштението за полагање на психолошки тест да напишете вака: кандидатите во рок од два дена ангажарано лиценцирано стручно лице од независна акредитирана професионална институција ќе ги спроведе единствениот психолошки тест односно тестот батерија кој содржи психолошки тест и тест на интегритет. Трошоците за спроведување на единствениот психолошки тест односно тестот батерија кандидатот ги уплаќа на сметка на ангажираното лиценцирано стручно лице од независна, акредитирана професионала институција до денот на спроведување на единствениот психолошки тест. Доказ за извршената уплата кандидатот го презентира пред почетокот на спроведувањето на единствениот психолошки тест, а кандидатот кој нема да презентира доказ за извршената уплата за надоместок нема да му биде дозволено полагање. Е, сега уплатата, вие како заменик министер навистина сакам да ми одговорите да кажете дали некоја банка ќе ви прима уплатница каде што уплатата ќе ја извршите на одредена жиро сметка, ама назив и седиште на примачот ќе напишете психолшки тестови. Знаете ли ваков примач, знаете ли седиште, психолошки тестови. Може ли да помине некоја уплатница со седиште психолошки тестови. Стопанска банка АД Битола психолошко тестирање за едно работно место чини 1950 денари. Е, затоа овде ќе подметнувате кукавички јајца, недовршени закони затоа сите закони ќе ви бидат фалични и ќе ги носите во скратена постапка бидејќи во скратена постапка најитно што може да можеше, да постоеше уште поскратена постапка за собирање на 30 евра по граѓанин и тоа ќе го направевте во ова Собрание, бидејќи се работи за пари, за многу пари, а тоа дека Законот е фаличен и дека ние треба да интервенираме со амандмани тоа вам не ви е грижа. Ниту како што ви беше грижа за претходниот закон каде што имаше милиони проневери од двајца директори, ниту како што не ви беше грижа за долговите на јавните здравствени установи, ниту сега ќе ви биде грижа дали директорот на санитарната инспекција дали знае англиски или не. Важно е психолошките тестови 1950 денари, Виста Груп, работата е завршена, забавата може да почне. Тоа ви е единствената цел, да дојдете до што повеќе пари. Не знам дали вреди и понатаму да се говори за другите закони, бидејќи се повикувате на усогласување со Законот за административни работници, а во секој закон од тие 120 што ги пуштивте по скратена постапка покрај усогласувањето има еден куп други глупости што мислевте дека никој од нас нема да ги види или нема да ги воочи, ама никаде немате заборавено дека треба да полага психолошки тест и тест на интегритет. Тој пропуст го немате направено во ниту еден закон и ако е ВМРО навистина е доста. Седнете, размислете, направете нешто како што треба, а не овде наврат, нанос да се протуркаат некои закони кои сега нема да имаат важност, ќе важат после една година, ама ќе ви донесат многу пари.
Достарыңызбен бөлісу: |