15. Дали корупцијата претставува проблем во рамките на полициските сили? Доколку тоа е така, кои мерки се преземени за подобрување на ситуацијата? Дали постои кодекс за полициска етика? Како се применува?
а) Министерството за внатрешни работи (МВР) ja остварува сопствената функцијата преку повеќе организациони облици каде неговите вработени имаат непосредни контакти со граѓаните, при што се пројавуваат и одредени облици на корупција.
Во тој контекст, МВР, односно Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и Одделот за криминалистичка полиција преземаат мерки за откривање и докажување на облиците на корупцијата и по документирањето поднесуваат соодветни поднесоци.
Како резултат на досега преземени мерки и активности, откриени се облици на корупција кај делот на вработените кои преземаат мерки од областа на сообраќајот, преминот на државната граница и управно надзорните работи и против оние работници кај кои е докажано кривичното дело примање на поткуп, поднесени се кривични пријави до надлежниот јавен обвинител.
Во случај кога кај работник во Министерството е утврдено кршење на работната дисциплина или неисполнување на работните обрвски од членот 133 од Колективниот договор на МВР (“Службен весник на Република Македонија“ број 8/98, 11/98, 12/00, 2/03 и 3/04), против истиот се поднесува предлог за покренување постапка за утврдување на одговорност пред комисијата за водење постапка за отказ. По спроведената расправа и изведените докази комисијата ја утврдува одговорноста на работникот и изготвува писмен предлог до министерот заради донесување соодветно решение. Доколку комисијата утврди дека работникот не е одговорен или не се исполнети условите за донесување на решение за престанок на работниот однос со отказ, му предлага на министерот да го отфрли предлогот, односно да ја запре постапката. Доколку министерот не се согласува со предлогот, предметот може да го врати на повторно разгледување во случај кога неправилно или нецелосно е утврдена фактичката состојба, или погрешно е применет материјалниот пропис, или може да донесе поинакво решение.
Во зависност од степенот на одговорноста на работникот, условите под кои е направена повредата на работните обврски, поранешната работа и однесување на работникот, тежината на повредата и нејзините последици, министерот може отказот на работникот да го замени со парична казна која не може да биде поголема од 15% од месечната плата на работникот во траење од 1 до 6 месеци.
Покрај тоа, согласно член 142 став 6 од Законот за кривична постапка (``Службен весник на Република Македонија`` број 15/97), Министерството за внатрешни работи врз основа на собраните докази и сознанија, против работникот кој извршил дејствие што преставува кривично дело, изготвува кривична пријава која што заедно со доказите и списите за преземени мерки и дејствија, ја доставува до надлежниот јавен обвинител.
Во периодот од 01.01 до 31.12.2002 година, поради утврдени случаи на злоупотреби или коруптивно однесување на вработените во Министерството за внатрешни работи, против 53 вработени во Министерството за внатрешни работи биле водени 53 постапки за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина. Од нив по предлог на комисијата за отказ во 9 случаи биле донесени решенија за отказ, во 41 случаи биле донесени решенија за парични казни, а во 3 случаи поради недостаток на докази, постапката била запрена.
Во периодот од 01.01 до 31.12.2003 година, поради утврдени случаи на злоупотреби или коруптивно однесување на вработените во Министерството за внатрешни работи, против 280 вработени биле водени 274 постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина. По предлог на комисијата за отказ, во 94 случаи биле донесени решенија за отказ, во 156 случаи биле донесени решенија за парични казни, а во 30 случаи постапката била запрена поради недостаток на докази. Покрај тоа, во овој период до надлежниот Јавен обвинител против 121 вработени во МВР биле поднесени кривични пријави поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело.
Во периодот од 01.01 до 01.11.2004 година поради утврдени случаи на злоупотреби или коруптивно однесување на вработените во Министерството, против 260 вработени биле водени 245 постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина. По предлог на комисијата за отказ, во 35 случаи биле донесени решенија за отказ, во 198 случаи биле донесени решенија за парични казни, а во 27 случаи поради недостаток на докази била запрена постапката. Покрај тоа, во овој период против 38 вработени во МВР биле изготвени предлози за поднесување на кривични пријави до надлежниот јавен обвинител, поради постоење на основи на сомнение дека истите сториле кривично дело.
б) Согласно член 74 став 2 од Законот за внатрешни работи (``Службен весник на Република Македонија`` број 19/95, 55/97, 38/02, 33/03 и 19/04), министерот за внатрешни работи донесе Кодекс за полициска етика. Овој Кодекс е објавен во Службен весник на Република Македонија број 3 од 26.01.2004 година.
Во членот 1 став 1 од Кодексот за полициската етика, се определени начинот на однесувањето, организацијата работењето и целите на полицијата, правните основи на полициската функција, односот на полицијата и правосудните органи, квалификациите, процесот на селекција, вработување и обука на полицијата, полициските интервенции, одговорноста и контролата на полицијата, истражувањето и меѓународната соработка на полицијата, со цел почитување на основните принципи и препораки содржани во Европскиот кодекс на полициска етика, усвоен од Комитетот на министрите на Советот на Европа на 19.09.2001 година
Во ставот 2 од истиот член е определено дека ``припадниците на полицијата се должни да се придржуваат кон одредбите на овој Кодекс``, а додека според член 133 став 1 точка 1 од Колективниот договор на МВР, непридржувањето на одредбите на полициската етика преставува основ за покренување постапка за утврдување на одговорност при случаи на кршење на работната дисциплина.
Со оглед на наведеното, во секојдневното работење на Министерството за внатрешни работи задолжително се имплементираат одредбите на Кодексот од сите структури на министерството, соодветно на нивниот делокруг на работа.
Достарыңызбен бөлісу: |