2. Ве молиме да дадете преглед на Вашите активности за имплементација на мерките кои ги усвои Владата како последователни активности на Охридската конференција за безбедност и управување со границите, кои беа презентирани на М инистерскиот состанок за правда и внатрешни работи на ЕУ- Западен Балкан од 28 ноември 2003.
Во согласност со обврските преземени со заедничката платформа усвоена на Охридската конференција за безбедност и управување со границите, како и со документот за идните активности (Way Forward Document), од страна на надлежните институции на Република Македонија преземени се активности во насока на реализирање на следните мерки:
-
Усвојување на Стратегијата за интегрирано гранично управување;
-
Измени и усогласување на легислативата од областа на граничното управување;
-
Преземање на обезбедувањето на државната граница од страна на Министерството за внатрешни работи;
-
Етаблирање на граничната полиција во рамките на Министерството за внатрешни работи;
-
Развивање на прекуграничната соработка со соседните држави;
-
Изградба на информатички систем;
-
Издавање на нови патни и други документи за идентификација со заштитни обележја во согласност со европските стандарди
Стратегија за интегрирано гранично управување
Владата на Република Македонија на 17.03.2003 година формира Меѓуминистерска работна група која управува со проектот “Интегрирано гранично управување“, со задача да го следи целиот процес, од изготвување на Национална Стратегија за интегрирано гранично управување, па се до целосна имплементација на овој концепт, при што како краен рок беше дефиниран крајот на 2005 година. Наведената Меѓуминистерска работна група, координирана од страна на Министерството за внатрешни работи и составена од претставници на Министерството за одбрана, Министерството за образование и наука, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии - Царинска управа, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање, ја подготви Националната стратегија за интегрирано гранично управување, што Владата на Република Македонија ја усвои на 22.12.2003 година. Со цел реализирање на стратегијата, во завршна фаза е изработката на Национален Акционен план за интегрирано гранично управување. Акциониот план јасно ги дефинира конкретните активности кои треба да се преземат и временскиот распоред за имплементација на истите, индикатори на остварување, одговорни министерства или агенции, неопходните ресурси и потенцијалните ризици и условености.
Измени и усогласување на легислативата од областа на граничното управување
На 24 март 2004 година, од страна на Собранието на Република Македонија усвоени се Закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 19/04) и Законот за изменување на Законот за преминување на државната граница и за движење во граничниот појас („Службен весник на Република Македонија“, бр. 19/04), со што е создадена правна основа за формирање на граничната полиција и за трансферот на надлежностите за обезбедување на државната граница од страна на Министерството за одбрана на Министерството за внатрешни работи.
Изготвена е работна верзија од новиот Закон за надзор на државната граница со кој прецизно се дефинирани надлежностите и овластувањата во вршењето на надзор на државната граница, дефинирањето на граничната линија, движењето и престојот во граничната зона, преминувањето на државната граница и граничен премин, граничната контрола, работи на граничната полиција во внатрешноста, меѓународната соработка и собирањето на личните податоци и евиденции.
Преземање на обезбедувањето на државната граница од страна на Министерството за внатрешни работи
Со цел создавање предуслови за трансфер на надлежностите во обезбедувањето на државната граница во текот на месец јули 2003 година помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана беше формирана меѓуминистерска работна група со пет работни подгрупи, која имаше за задача да изготви Проект за формирање на гранична полиција. Покрај другото, цел на проектот беше да се даде преглед на постојната состојба во однос на опремата и персоналот кој требаше да премине во Министерството за внатрешни работи како и да се изврши анализа и проценка на потребите на граничната полиција во периодот 2004 и 2005 година. Наведената работна група својата работа ја заврши во текот на месец јануари 2004 година при што изготвениот проект беше прифатен од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.
Во текот на 2004 година се започна и со обуката на персоналот кој од Министерството за одбрана ќе премине во Министерството за внатрешни работи. Досега се реализирани три курса (02.02. - 30.04.2004 и 10.05. - 06.08.2004 и 13.09.2004 до 10.12.2004) во кој вкупно се обучени 803 кандидати. а обуката се изведува во Полициската академија со учество на експерти од ОБСЕ Досега завршените кандидати се распоредени на извршување работни задачи на границата кон Република Грција и Република Бугарија. Во согласност со Националната стратегија за интегрирано гранично управување на 1 мај 2004 година започна процесот на трансфер на надлежноста во обезбедувањето на државната граница. Досега од страна на Министерството за внатрешни работи односно од страна на Одделот за Гранична полиција преземено е обезбедувањето на јужната граница кон Република Грција,источната граница кон Република Бугарија и дел од северната граница кон Србија и Црна Гора.
Етаблирање на граничната полиција во рамките на Министерството за внатрешни работи
Со преземањето на надлежноста во обезбедувањето на државната граница кон Република Грција на 01 мај 2004 година, во рамките на Министерството за внатрешни работи започна и процесот на етаблирање на Одделот за гранична полиција (која формално - правно постои од 27.04.2004 година) како единствена структура во чија надлежност е контролата на преминувањето на државната граница и надзорот и контролата на државната граница. Во организациската структура на Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција претставува Оддел во рамките на Бирото за јавна безбедност. Во досегашниот период покрај тоа што започна да функционира Одделот за гранична полиција кој презема активности на централно ниво, започна да функционира и Регионален центар Југ во чија надлежност е обезбедувањето и контролата на јужната граница кон Република Грција и Регионален центар Исток во чија надлежност е обезбедувањето и контролата на источната граница кон Република Бугарија.
Во овој момент во тек е Проект за изградба на објект за седиштето на Одделот за гранична полиција и Проект за набавка на моторни возила за потребите на граничната полиција. Реализирањето на овие проекти е предвидено за 2005 година.
Развивање на прекуграничната соработка со соседните држави
Соработка со граничните служби на соседните држави бележи нагорен тренд:
-
Со Република Грција веќе е воспоставена пракса на одржување на редовни работни состаноци помеѓу службите непосредно вклучени во обезбедувањето на државната граница и истовремено воспоставен е линк за размена на информации кои се однесуваат на граничната безбедност;
-
Со Република Бугарија определени се офицери за врска за размена на информации на локално, регионално и централно ниво;
-
Со Република Албанија во тек е спроведување на проектот за зацврстување на граничната соработка меѓу Македонија и Албанија. Во рамките на наведениот проект покрај веќе воспоставената пракса на одржување на состаноци на локално, регионално и централно ниво во тек е релизирањето на обука на припадниците на граничните служби на двете држави за запознавање со законските прописи на соседната држава;
-
Со Привремената управа на Обединетите Нации на Косово (Србија и Црна Гора) определени се офицери за врска за размена на информации кои се однесуваат на граничната безбедност.
Изградба на информатички систем
Во насока на подигање на степенот на оперативната моќ на граничната полиција, во тек се активности за понатамошна надградба на постоечкиот информатички систем. При тоа, во тек се следните два проекта:
-
Проект за градење и зајакнување на телекомуникациската структура. Со наведениот проект се предвидува телекомуникациско поврзување на граничните премини со седиштето на Министерството за внатрешни работи и овозможување трансфер на податоци од граничните премини до централната база на податоци и обратно;
-
Проект за изработка на информатички систем за интегрирано гранично управување (софтвер за гранично работење). Со проектот се предвидува изработка на соодветен софтвер кој ќе овозможи централизирано собирање, обработка и дистрибуција на податоците кои се однесуваат на граничното работење.
Издавање на нови патни и други документи за идентификација со заштитни обележја во согласност со европските стандарди
Во однос на издавање на нови патни и други документи за идентификација, во тек е постапка за јавна набавка. До сега завршена е првата квалификациона фаза при што се очекува во текот на 2005 година да биде потпишан договор и да се отпочне со издавањето на новите исправи. Новите исправи во целост ќе бидат во согласност со европските стандарди, и ќе содржат биометриски податоци, ласерско гравирање на фотографија и податоци за носителот на документот, како и високо квалитетни заштитни знаци со кои значително ќе се намали можноста за нивно фалсификување.
Достарыңызбен бөлісу: |