Само-експериментирање во медицинските истражувања



Дата21.07.2016
өлшемі73.5 Kb.
#212955

Универзитет “Св.Кирил и Методиј“- Скопје


предмет:

Научно-истражувачка етика

Докторанд:



Бисера Пендовска бр.37

Студиска потпрограма:



Клиничка медицина
Есеј бр.2

Тема:


Само-експериментирање во медицинските истражувања
Скопје,јуни 2012 година

Одговорен професор: Проф.Д-р Мирко Спироски

е-mail: bpendovska@yahoo.com

САМО-ЕКСПЕРИМЕНТИРАЊЕ ВО МЕДИЦИНСКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА

Експериментите врз луѓе низ историјата на медицинските истражувања, привлекувале и привлекуваат интензивно проучување и дебата, додека само-експериментирањето помеѓу медицинските истражувачи добива помалку внимание.

Само-експериментирање представува специјален тип на научно истражување со еден субјект, каде што експериментаторот го изведува екпериментот врз самиот себе. Ова значи дека дизајнерот, операторот, субјектот, анализаторот и објавувачот на експериментот се еден ист човек. Само-истражувањето има долга и добро-документирана историја во медицината, се појавило пред два века, својот врв го достигнало во првата половина на дваесетиот век а е присутно и денес.

Голем број од истражувачите кои експериментирале врз себе имале упспешна кариера, вклучувајки и добивање Нобелова награда. Исто така документирани се шест смртни случаи поврзани со само-експериментирање. Иако само-експериментирањето во денешницата е во опаѓање, не може да не се земе во предвид храброста на оние кои го практицираат ова и бенефитот кон општеството.


Примери за само-експериментирање низ историјата на медицината има многу: Салк си ја администрирал прв вакцината на себе, на жената и децата. Слично на него Алберт Сабин, таткото на оралната полио вакцина, ја администрирал вакцината прво на себе,жената,децата и најблиските пред да биде дадена на илјадници луѓе. Во Куба,Волтер Рид и истражувачкиот тим се инфицирале со жолта треска за да го докажат патот на трансмисија(од комарец) и умреле од компликации 1900 година. Клаус Хансен испил “тешка“ вода, Оле Јакоб Малм транспалнтирал кожа од животно на нековата кожа за да докаже посоење на различни типови на ткиво. Тим Фриед направил сопствена вакцина за каснатини од змија користејки на себе инјекции со чист отров од 4 типа мамба и 4 типа кобра за да постигне висок имунитет. Санторио Санторио поминал 30 години на платформа безгрешно мерејки ги дневниот внес на храна и течности, телесната тежина и екскретите(фецес и урина) и го докажал испарувањето од кожата (perspiratio insensibilis).

Кевин Варвик специјалист по вештачка интелегенција и роботика си имплантирал 100 електроди во n.medianus на левата рака и открил дека одалечена роботска рака одговара на сигналите пратени од електродите имитирајки го движењето на неговата рака. Неговата работа има високи дострели особено во техно-физиолошкото поле на трансхуманизмот,чии следбеници дебатираат за етичките прашања што го опкружуваат модифицирањето и надградувањето на човечкото тело со електронски имланти.


Во 1885 година студент по медицина кој ја изучувал епидемијата во Перу тогаш позната како Oroya треска ги превземал работите “во свои раце“ кога замолил негов пријател да земе крв од 14 годишно девојче кое имало треска и да ја инјектира во неговиот крвотек. Тој ја докажал врската помеѓу двете форми на болест кои ги предизвикувала иста бактерија –Bartonella која што предизвикува Trench треска и болест од мачкино гребење но умрел две недели потоа,како резултат на болеста. Од тогаш, Oroya треската се нарекува Карионова болест, а владата на Перу го донела 5 октомви-денот на смртта на Карион, како ден на перуанската медицина.

Др.Карл Ландстајнер (Dr Karl Landsteiner) ги открил крвните групи на АБО системот во 1900 година. Неговото истражување се базирало на методолошка анализа на 6 примероци на крв на колеги од лабарторијата вклучувајки го и него (за среќа два примероци биле А крвна група,два Б крвна група и два 0-крвна група).

Најдраматичниот самоексперимент во полето на кардиологијата е на Вернер Форсман (Werner Forssmann) кој во 1929 година внел катетер во својата кубитална вена и ретроградно ја спровел до десната предкомора на срцето.Својот експеримент гио документирал со рентгенграфии. За своите достигнувања добил Нобелова награда 1956 година.

Форсман бил млад и ентузијазен интернист,ученик на Др.Ричард Шнајдер. Тој ги проучувал експериментите на француските физиолози кои пристапувале до срцето на коњите низ југуларната вена и бил импресиониран од податоците добиени за физиологијата на срцето без да се нанесе морбидитет и морталитет. Форсман се запрашал дали оваа техника може да се спроведе и кај луѓето и дали може да обезбеди пат за апликација на течности и лекови. Тој му ја презентирал идејата на Др.Шнајдер и го прашал дали ќе му дозволи да прави слични експерименти на терминални пациенти или алтернативно,на самиот себе. Неговото барање било отфрлено. Ова не го обесхрабрило Форсман, кој бил убеден дека со флексибилна цевка со доволна должина може да влезе до срцето. За да го направи ова, потребни му биле стерилна хируршка опрема и уринарен катетер. Цела опрема била чувана во операциона сала,заклучена и обезбедувана од виша сестра Герда Дитзен. За да ја здобие нејзината соработка, тој поминувал денови со неа,зборувал за медицина, и позајмувал книги и ја дискутирал идеата за катетеризација на срце со неа. Дитзен се воодушевила од Форсман и не само што ја прифатила идејата за катетеризација на срце туку и се пријавила да биде првиот доброволец.

Едно попладне Форсман ја собрал целата неопходна опрема и ја подготвил Дитзен на опреациона маса за да може да ја изведе катетеризацијата на срце преку брахијалната вена.Тој дури и ги врзал лабаво рацете за да може да го изведе експериментот. Тоа што Дитзен не била свесна е дека Форсман стално мислел дека тој самиот треба да биде првиот доброволец. Додека Дитзен лежела мирно и го чекала да се врати и да почнат со процедурата, Форсман сам направил инцизија на брахијалната вена и си внел уринарен катетер во неговата подлактица. Тој успеал да го спроведе катетерот, чуствувајки само жаречка болка до место каде што “мислел“ дека е во срцето. По ова ,му требало доказ за експериментот односно рентгенграфија. За да го направи ова, му била потребна помош од страна на Дитзен. Кога и кажал што направил му помогнала да се симне еден спрат подолу каде се наоѓал одделот за радиологија. Рентгенологот го издал на еден од неговите соработници кој пробал насилно да му го извади катетерот и да го преќине експериментот. На крајот попуштил и Форсман успеал да добие рентгенолошки доказ за катетеризација на неговата десна предкомора.

Форсман го повторил својот експеримент во повеќе прилики пред и по издавањето на своите искуства во Klinische Wochenscrift. Тој исто така направил ангио-кардиографија со натриум јодид на кучиња и на себе. Тој престанал со само-експериментирање по болна и неуспешна аортографија. Работата на Форсман јасно и недвосмислено ги напреднала кардиологијата и медицинскиот имиџинг.

Во 1950 година Вилијам Ј.Харингтон(William J. Harrington) направил трансфузија на крв помеѓу него и пациент со тромбоцитопенија одкривајки ја имунолошката основа на идиопатската тромбоцитопенична пурпура(ИТП) и го докажал постоењето на автоимунитет.

Имено, во април 1945 година било примено 17 годишно девојче во градската болница во Бостон со знаци за вагинално крварење. Дежурниот лекар дал дијагноза за неуспешен абортус , но крвната анализа покажала тешка тромбоцитопенија. Дијагнозата ја промениле во Идиопатска тромбоцитопенична пурпура и на девојчето му било направено спленектомија. Тоа подоцна умрело, не поради ИТП туку поради попуштање на лигатурата од лиеналната артерија. Згрозен од погрешната дијагноза и од јатрогената смрт на девојчето, Харингтон решил да истражува во полето на хематологијата. Харингтон аплицирал и добил грант од Националниот институт за здравје кој го делел со Др. Џејмс Холинксворт(Dr James Hollingsworth) под водство на Др.Карл Мур (Dr Carl Moore).

Во тоа време причините за ИТП биле непознати, било познато само дека ИТП предизвикува крварење и модрила по кожата и дека одговара на стероиди и спленектомија. Работејки заедно, Харингтон и Холингсворт приметиле дека децата на мајките со ИТП биле тромбоцитопенични на раѓање. На двајцата научници ова им личело дека има компонента во плазмата која ја поминува плацентата и ги уништува тромбоцитите на фетусот in utero. Прашањето било,дали тие можат да докажат дека постои таква супстанца во плазмата која предизвикува тромбоцитопенија. Бидејки немало животински модел на ИТП на научниците им требало човечки модел за да ја тестираат нивната хипотза. Харингтон мислел дека е потребно да се земе плазма од болен со ИТП и да се инјектира во човек кој нема ИТП и да се измери бројот на тромбоцити. Се што им требало е да најдат пациент со ИТП кој ќе соработува. Не чекале долго. Во болницата примиле жена со ИТП, спленектомирана, со перзистентна тромбоцитопенија која крварела. Кога и кажале за експериментот таа со ентузијазам го прифатила и се согласила да даде крв. Серолошки била О-позитив- истата крвна група како Харингтон,кој што се пријавил да биде првиот одброволец. Била направена трансфузија на 250 мл крв помеѓу пациентката и Харингтон. Пред трансфузијата бројот на тробоцити бил 5x109/L кај пациентката а кај Харингтон 250x109/L. Пред трансфузијата на Харингтон му била направена биопсија на коскена срцевина за да се докаже нормална мегакариопоеза. Трансфузијата поминала без компликации, но подоцна Харингтон добил генералозиран напад од кој се опоравил за кратко време и продолжил со анализа на примероците крв. Бројот на тромбоцити после трансфузија ги потврдил сомневањата на Харингтон. Бројот на тромбоцити после трансфузијарта на пациентката биле несигнификантно променети додека на Харингтон драматично ниски- 10x109/L. Истражувачите биле пресреќни со пронајдокот, но следното утро биле изненадени кога Др.Мур на визита(не знаејки за експериментот на колегите) ја прогласил пациентката за терминална бидејки не одговарала на терапијата со спелнектомија и стероиди. Ова го ставило Харингтон на мисла за трансфузијата со пациентката и му кажал за “тајниот“ експеримент на Др.Мур. Тој со тешко срце го прифатил експериментот но ги подржал.

Во тек на следните 3 дена Харингтон доживеал серии компликации поврзани со прогресивната тробоцитопенија: петехии на кожата и лигавиците, гингивално крварење, епистакса и ректално крварење. За да не добие интрацеребрална хеморагија Харингтон спиел во исправена положба на неколку перници за да го намали интрацеребралниот притисок. Исто така, ги избегнувал студентите кои го прогонувале за да го прегледаат дали има спленомегалија. По една недела, бројот на тромбоцитите му се нормализиррал, и продолжил со нормалните активности. Тој го повторил експериментот врз себе уште 35 пати со разични количини на плазма за да го истражува ефектот поврзан со дозата. Во само-експериментирањето не бил сам. И Холингсворт и Мур правеле слични експерименти врз самите нив како и други соработници и колеги. За среќа, немало смртни случаи ниту интрацеребрални крварења и никој од само-експериментаторите не добил хронична ИТП.

Резултатите од ова истражување се од непроценливо значење. Ова истражување ја докажало имунолошката основа на ИТП и дало непобитни докази за постоењето на автоимунитет. Работата на Холинсгворт на тромбоцитни против тела е база за понатамошната работа на Проф. Жан Досе поврзана со тромбоцитни противтела и ХЛА противгените.
Пример од поблиската историја е откривањето на врската помеѓу Helicobacter Pylori и гастритис во 1984 година од австралијанскиот научник Др.Бери Маршал (Dr Barry Marshall). До ова откритие е дојдено со внимателно конструирани серии на само-експериментирање кои што вклучувале: гастроскопија и биопсија на желудник пред ингестија на H.Pylori, ингестија наH.Pylori, регастроскопија и ребиопсија и третман со тинидазол.

По првобитните неуспешни обиди да зарази прасиња со H.Pylori Маршал си направил гастроскопија и биопсија на желудник по што испил Петриева шоља која содржела култура на H.Pylori. Тој очекувал да добие улкус на желудникот во следните години. Изненадувачки, по само 3 дена развил наузеа и халитоза која прва ги забележала мајка му( поради ахлорхидрија,немало киселина за да ги убилва бактериите во желудникот и нивните распадни продукти се манифестирале како лош здив). Од 5-тиот до 8-миот ден почнал да повраќа желудочна содржина која не содржела киселина. На 8-от ден направил повторно гастроскопија и биопсија, на која била евидентентна масивна инфламација на желудникот т.е. гастритис и од културата бил идентификуван H.Pylori. На 14тиот ден направил 3- та гастроскопија по што Машал почнал да зема антибиотици. Интересно е тоа што Маршал не создал противтела за H.Pylori, што довело до сознание дека понекогаш само локалниот имунитет е доволен за ерадикација на H.Pylori. Маршаловото заболување и лекување докажано со култура на микроорганизам од пациентот ги исполнило Кох-овите постулати за H.Pylori и гастритис но не и за улкус. Овој експеримент е објавен во 1985 година во Medical Journal of Australia и е меѓу најцираните трудиви од ова списание. Во декември 2005, на Маршал и Робин Ворен( негов долгогодишен соработник) им е доделена Нобелова награда за медицина за откривање на H.Pylori и негонвата улога во гастритисот и улкусната болест.


Експериментите на Форсман,Харингтон и Маршал ги носат во себе сите квалитети на само-експериментирање. Секој од нив имал длабока љубопитност за наука, сите сакале искуство од прва рака од експериментите,секој бил воден од духот за авантура и сите биле сигурни дека користејки се себе си за експериментите како доброволци за истражувањата ќе ја зголемат точноста и зависноста од нивното истражување. До која мера нивните постапки произлегувале од потреба, убедување или желба да го делат ризикот со други доброволци не е доволно јасно. Можеби се понесени од алтруистичката желба да го превземат истиот ризик што тие би го побарале од доброволците во истражувањата или можеби се понесени од загриженоста за нееднаквоста при партиципација на некои субјекти на пр: затвореници, ментално болни, сиромашни и сл. Можеби сакаат да ја избегнат бирократската “црвена линија“ на критиките на научната јавност и етиката. Можеби бараат слава , среќа и академско напредување од брз научен прогрес. Највероватно е дека нагонот за ненаситна научна љубопитност и потребата да учествуваат одблиску во сопствените истражувања се главни двигатели во нивните истражувања.

Како и да е,постојат и значајни недостатоци во само-исражувањето. Има потешкотии со научната валидност и генеризирањето бидејки во истражувањето има само еден субјект. Учествувањето на истражувачот во експериментот може да го направи целото истражување помалку објективно а резултатите поотворени за сомнителна интерпретација. Само-експериментирањето може да служи во контекст во кој истражувачите превземаат непотребни ризици или ризици кои во друга ситуација не би ги прифатиле во истражувањето.

Покрај се, само-експериментирањето ни зачнува важни прашања за начинот на кој истражувачите ги структурираат истражувањата на луѓе и прашањата кои сакаат да им бидат одговорени со истражувањето. Само-истражувањето од нас бара да ја земеме во предвид вредноста која што ја препишуваме на алтруизмот и на човековите битија генерално.Го зачнува прашањето дали животите на пациентите или субјектите во истражувањата имплицитно се девалоризираат наспроти животите на докторите и научниците.

Алтман(1) препорачува дека прашањето за само-експериментирање треба да биде земено во предвид од сите научници. Сите научници трба да се запрашаат себе си,или да бидат прашани од страна на етичките комитети дали се спремни истражувањето да го направат на самите себе,ако не,зошто НЕ? Ова би ги натерало сите доктори и истражувачи да пресметаат подобро колкав е степенот на ризик во нивното истражување и да го земат во предвид концептот на одобрување(од страна на субјектите) во истражувањето.

Само-експериментирањето покренива уште едно прашање за истражувачите: кога и до кој степен учествувале во некое истражување како субјект а не како истражувач. Многу доктори никогаш не биле болни. Поголемиот дел од нив никогаш немале и нема да имаат искусено потешкотии да се здобијат со соодветна медицинска нега и никогаш нема да знаат како изгледа да си обезмоќен во структурите на здравствениот систем. Исто така, повеќето никогаш не биле во позиција на неразбирање( незнаење) на ситуацијата во која се наоѓаат. Повеќето од нив никогаш не учествувале во истажување ниту биле повикани да учествуваат во истражување. Ова можеби не е аргумент за само-експериментирање но е аргумент за емпатија и активна партиципација во истражувањата, како истражувач да се проба да се биде и субјект.

Кој е моменталниот статус на само-истражувањето и која може да биде неговата улога во иднината? Дали ќе има напори за негово забранување или регулирање на оваа активност?

Понекогаш се одржуваат конференции на пр. Harvard School of Public Health во 2004 година каде што се дискутира- за и против само-експериментирањето.

Трендот во последните години за колаборативни студии кои се често пати масивни, само-експериментирањето од страна на една индивидуа затворена во неговата лабораторија изгледа старомодно,како реликвија од минатото. Како и да е, напредоците во медицината најчесто не се направени од панели на познати “експерти“. Риверс(2) ги нарекува:“gang research“-банда или група стражувачи“. Тој кажува “ Големите откритија не се направени од страна на комитети или група на работници,тие потекнуваат од паметот на индивидуалци... Не понавам ни едно важно откритие во медицината или биологијата што еволуирало од група истражувачи .. Можеш да направиш многу извидничка работа со “gang research” но идеата за откритието секогаш ќе дојде од идеата на еден човечки ум. Со други зборови,можеш да изнајмиш луѓе а не идеи“.

Можеби како што напредуваме во нова ера на молекуларна биологија,која што се карактеризира со развој на комлексни методи на истражување, потребата за само-експериментирање ќе исчезне.

Мојот заклучок е дека поголемиот дел од само-експериментите се покажале како непрценливо вредни за медицинската заедница и за пациентите кои бараат помош. На место да се обезвреднуваат нашите бесстрашни колеги во нивната потрага по вистината треба да се поздрават за нивната работа.



БИБЛИОГРАФИЈА:

  1. Altman LK Who Goes First? The Story of SelfExperimentation in Medicine. Berkeley: University ofCalifornia Press; 1987.

  2. Benison S. Tom Rivers. Reflections on a life in medicine andscience. An oral history memoir. Cambridge (MA): MIT Press; 1967

  3. http://www.nobelprize.org/nobel_prizes/medicine/laureates/1956/forssmann-bio.html

  4. http://www.nobelprize.org/nobel_prizes/medicine/laureates/2005/marshall.html

  5. http://www.ishapd.org/2002/827.pdf

  6. http://en.wikipedia.org/wiki/Self-experimentation_in_medicine

  7. http://www.toptenz.net/top-10-researchers-who-experimented-on-themselves.php


Достарыңызбен бөлісу:




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет