9. Кои се главните облици на трговија (луѓе, дрога, цигари, огнено оружје, украдени возила итн.) и криумчарење?
Во Република Македонија во изминативе години трговијата со луѓе, дрога, огнено оружје, украдени возила и криумчарењето завземаат голем процент на застапеност како по квантитет така и по голема разновидност.
Во изминативе години трговијата со луѓе се одвива преку неколку канали од кои поексплоатирани се следните; Молдавија - Романија – Србија и Црна Гора (вклучувајќи го Косово) до Република Македонија; Романија - Бугарија - Македонија како и од Молдавија - Романија за Република Македонија.
Република Македонија се наоѓа на средиштето на балканскиот полуостров и е една од земјите низ која поминува така наречениот "Балканскиот пат" по кој се одвива нелегалната трговија со опојни дроги и прекузори.
Првиот нелегален канал - трансфер на хероин се одвива од Република Турција - Бугарија - Република Македонија -до Косово.
Вториот нелегален канал - трансфер се одвива од Република Турција - Република Бугарија - Република Македонија –до Република Албанија.
Третиот нелегален канал - трансфер на наркотични дроги марихуана и хероин се одвива од Република Албанија - Република Македонија - Република Бугарија- до Република Турција и
Четвртиот нелегален канал - трансфер се одвива преку Република Албанија - Република Македонија - Република Грција – до Република Италија.
Во однос на трговијата со дрога, треба да се спомене дека Република Македонија во последните година стана значајна транзитна точка за хероинот и хашишот со потекло од Југо-западна Азија, како и не толку значајна транзитна точка за трговија со кокаин со потекло од Јужна Америка.
Херионот произведен од Авганистан, наменет за пазарот на Западна Европа, минува низ т.н “Балкански пат“, односно, Бугарија, Република Македонија, земјите од поранешна Југославија, од каде понатаму се пренесува во земјите од Западна Европа. Во последните две години се зголеми и трговијата со синтетички дроги.. Овие евтини дроги со потекло од Бугарија и Србија, се внесуваат во Република Македонија во мали количини.
Недозволената трговија со оружје како и сите други злоупотреби на мало и лесно оружје во Република Македонија се присутни како последица од воената криза од 2001 година. Како резултат на ова,во државата се акумулираа поголеми количини на нелегално оружје. Како сторители на овој вид кривични дела се јавуваат поранешни учесници во конфликтот кои и покрај спроведената акција за доброволно предавање на нелегалното оружје (акцијата спроведена од 01.11.2003 до 15.12.2003 година ) го немаат предадено оружјето. Најчесто на илегалниот пазар кај нас може да се најде мало и лесно оружjе од кинеско, бугарско и заставино оружје од Србија и Црна Гора. Најголемата концентрација на нелегално оружје муниција и експлозивни направи се наоѓаат во поранешните кризни региони поради што се бележи пораст на насилни кривични дела , пред се убиства, разбојништва, киднапирања и др.
Во последните 10 години кражбите и трговијата со украдени возила стана забележителен проблем во нашата земја. За разлика од порано кога најголемиот број на кражби се вршеа од малолетници и други сторители кои ги користеа украдените возила за да се "повозат" или со истото да извршат друго кривично дело од 1993 година е забележлив зголемен број на украдени скапи возила, а сторителите се организирани во криминални групи кои се многу често со меѓународен елемент. Евидентна е поврзаноста на домашните криминалци со странските, најчесто од соседните земји. Најчесто украдените возила од кој најголемиот процент се украдени во Скопје се изнесуваат надвор од Република Македонија и тоа во соседните Република Албанија, Србија и Црна Гора, а во последните години и на Косово. Дел од украдените возила сторителите ги продаваат во авто сервисите од чија страна се растураат и се продаваат на делови по авто пазарите. Во претходниот период патнички моторни возила се изнесуваа и во Република Бугарија, но во последните години тоа веќе не е актуелно. Во последните две три години покрај нашите криминални групи забележлива е појавата на криминални групи кои доаѓаат во нашата држава од Република Србија кои добро го познаваат теренот и делуваат сами без помош од домашни криминалци. Возилата ги изнесуваат на илегални премини, но и на легалните гранични премини со однапред подготвени фалсификувани документи. Поради близината на границата со соседите за многу кратко време од 20-30 минути ги изнесуваат од Република Македонија. Криминалните групи при вршењето на кражбите на моторни возила покрај класичните начини со кршење на контакт бравите користат и софистицирана електронска опрема со цел деблокирање на системите на патничките моторни возила.
Република Македонија за меѓународниот криминал со моторни возила е интересна како транзитно подрачје, а за помал дел од возилата и како крајна дестинација. Најчесто ваквите возила прокриумчарени во Република Македонија со помош на фалсификувани документи, се упатуваат кон крајната дестинација - некои од соседните држави.
Криумчарењето опфаќа недозволена трговија со алкохол, цигари, нафта, како и други видови производи кои во одреден временски период се со помали продажни цени во соседните држави во однос на продажните цени во Република Македонија и обратно.
За криумчарењето со акцизни и други вид на стоки неопходно е да се напомене дека за шверцот со цигари Република Македонија се користи како транзитно подрачје, а илегалните канали за таквиот шверц минуваат низ Косово - Република Македонија – до Република Грција. Покрај ова постои и криумчарење на легално внесени цигари во Република Македонија кон западно- европските земји.
Шверцот со алкохолни пијалоци најчесто се реализира започнувајки од фришоповите во Република Грција и Република Бугарија на граничните премини со Република Македонија.
Недозволената трговија со текстилна стока (од кинеско, турско и бугарско производство) се одвива преку Република Турција - Република Бугарија -до Република Македонија.
Техничката стока (мобилни телефони, компјутери, компјутерски делови) се криумчари преку Република Грција за Република Македонија, додека прехрамбените артикли се шверцуваат од Република Бугарија и Србија и Црна Гора за Република Македонија.
Во последните години значаен проблем во Република Македонија претставува и трговијата со луѓе, особено трговијата со жени, со цел нивна проституција. Во однос на овој вид на криминал, Република Македонија се јавува и како крајна дестинација и како транзитна земја. По извршените истражувања од страна на надлежните органи, НВО секторот, како и сослушувањата на самите жртви на ваквиот вид нелегална трговија, утврдено е дека за пренесување на странските државјанки со цел нивна проституција, се користат истите канали како и за трговијата со дрога. Тоа значи дека тие се внесуваат на територијата на Република Македонија преку Бугарија, а потоа се пренесуваат главно во Албанија од каде се испраќаат на европските пазари за проституција.
10. Колкав е проценетиот обем и вредност на различните категории на нелегалната трговија?
Криумчарењето со акцизни и друг вид на стоки, во последниве години поприма карактеристики на организиран криминалитет и во поголем број случаи е во непосредна врска со кривичните дела “корупција“, “злоупотреба на службена положба и овластување“, “употреба на исправи со невистинита содржина“, “фалсификување на исправи“ итн.
Постојат неколку начини за криумчарење на акцизни и друг вид на стоки, меѓу кои најзастапени се: криумчарење извршено со помош на царински и полициски службеници кои овозможиле нелегален влез на стоки во Република Македонија, увоз на стоки со изготвување на фиктивна документација и декларирање на непостоечки фирми,и пренесување на стоки во земјава преку илегални премини од други соседни земји или во специјално направени бункери во возилата.
Од 2002 година заклучно со деветте месеци од 2004 година од страна на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија се откриени 549 кривични дела “криумчарење“ и недозволена трговија“ согласно Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 19/04“) и Законот за акцизи (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/01, 50/01, 45/02, 98/02 и 24/03), извршени од 608 лица. Во 2002 година се откриени 172 кривични дела извршени од 189 сторители, во 2003 година регистрирани се 174 дела извршени од 197 сторители и во деветте месеци од 2004 година се откриени 203 дела извршени од 222 сторители. Во споменатиот период, во најголем број случаи е шверцувана акцизна стока (цигари и алкохол), прехрамбени артикли, техничка и текстилна стока (од кинеско, бугарско и турско произвотство).
Во 2002 година честа појава беше шверцот со алкохолни и безалкохолни пијалоци при што беа запленети 19.375 литри алкохол и 47.910 литри безалкохолни пијалоци, 15.950 штеки цигари, над 9 тони месо и месни производи и над 6 тони прехрамбени производи (сирење, кашкавал) итн.
Во 2003 година поголем број од откриените случаи на криумчарење се однесуваа на акцизна стока при што беа запленети 29.868 штеки цигари, над 21 тон алкохолни пијалоци (најчесто “Узо“),прехрамбени артикли, жива стока итн.
Во изминатите девет месеци од 2004 година беше забележано криумчарење со акцизни стоки при што беа запленети 32.7 штеки цигари, 13.034 литри алкохол, техничка стока (компјутери и компјутерски делови, мобилни телефони), прехрамбени производи итн. Во споменатиот период најчесто се шверцувале лекови, прашок за перење и разна друга стока.
Министерството за внатрешни работи во рамките на сузбивањето на криумчарењето со акцизни и друг вид на стоки своите активности ги насочува во координација и соработка со царинските и инспекциските служби.
Вредноста на запленетата стока во изминатата 2002,2003 и деветте месеци од годинава изнесот за кој е оштетена стоката изнесува 105.035.760. Од овој износ, вредноста на запленетите штеки цигари изнесува 46.996.800 денари, на алкохолните пијалоци 13.780.000 денари, на безалкохолните пијалоци 3.000.000 денари, на прехрамбените артикли 36.229.660 денари, на техничката стока вредноста изнесува 3.338.000 денари, вредноста на запленетата текстилна стока изнесува 1.128.410 денари, додека вредноста на запленетите разни видови на стоки изнесува 562.890 денари.
11. Ве молиме, опишете го вашето национално законодавство кое се однесува на трговијата со луѓе (да се видат исто така, и прашањата во делот на политичките критериуми)
Во рамките на законодавството на Република Македонија постојат повеќе законски одредби кои ја регулираат областа на трговијата со луѓе. Согласно последните измени на Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.19/04) трговијата со луѓе е регулирана со членовите: чл.418- а “Трговија со луѓе“, 418- б “Криумчарење на мигранти“ и 418- в “Организирање на група и потикнување на извршување на делата на трговија со луѓе и криумчарење на мигранти“.
Дејствијата од членот 418- а “Трговија со луѓе“, се состојат во врбување, превезување,пренесување, купување, продавање,засолнување или прифаќање лица заради експлоатација по пат на проституција или други форми на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа или слугување, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или нему сличен однос или недопуштено пресадување делови од човековото тело.
Доколку делото е сторено со деца или малолетни лица, претставува потежок облик за што е предвидена и поголема казна, односно казна затвор од најмалку осум години.
Наведената законска одредба предвидува санкции кон тој што ќе одземе или уништи карта, пасош или друга туѓа идентификациона исправа како и кон тој што користи или овозможува на друг користење на сексуални услуги од лице за кое знае дека е жртва на трговија со луѓе. Законот ја предвидува и одговорноста на правно лице, како и одземање на предмети употребени за извршување на ова дело.
Со член 418- б “Криумчарење на мигранти“ санкционирано е илегално пренесување мигранти преку државната граница, набавување или поседување лажна патна исправа со таква цел, како и врбување, превезување, пренесување, купување, продавање, засолнување или прифаќање мигранти.
Доколку при вршење на овие дела се загрози животот или здравјето на мигрантот, или со мигрантот се постапува особено понижувачки или сурово, или мигрантот е малолетно лице, делото е квалификувано како потежок облик за што се предвидени и поголеми казни односно казна затвор најмалку осум години.
Во членот 418- в “Организирање на група и поттикнување на извршување на делата на трговија со луѓе и криумчарење на мигранти“ е санкционирано организирањето и поттикнувањето на извршување на делата на трговијата со луѓе и криумчарење на мигранти. За припадникот на групата кој ќе ја открие групата пред да стори кривично дело, предвидено е ослободување од казната.
Во фаза на изработка е Законот за странци со кој се предвидуваат одредби што ќе бидат од големо значење во областа на пружање помош и заштита на жтрвите на трговија со луѓе. Во постапка на донесување е и Законот за заштита на сведоци кој ќе допринесе кон подобрувањето на националното законодавство во напорите за што поефикасно справување во борбата против трговијата со луѓе. Истата цел ја има и Законот за следење на комуникациите.
12. Дали во вашата земја постои Национална програма за сузбивање на трговијата со луѓе? Доколку постои, Ве молиме да ги опишете главните елементи.
Владата на Република Македонија на планот на превенцијата и борбата против трговијата со луѓе и илегалната миграција во 2002 година ја донесе Националната програма за борба против трговија со луѓе и илегална миграција (“Службен весник на Република Македонија“,бр. 10/02“). Со Националната програма се предвидени активностите за истражување на причините кои влијаат на трговијата со луѓе и илегалната миграција во земјата и регионот, откривање на носителите на криминалните дејствија, начинот на нивното дејствување и поврзаноста со меѓународните групи и поединци, мерките за превентивно дејствување и кривичното гонење на носителите на овие појави на сите нивоa како и мерките за заштита на жртвите на овие активности.
Националната програма опфаќа:
-
Осовременување на националното законодавство (особено изменување и дополнување на кривичното законодавство) заради создавање на законска основа за поефикасна борба против трговијата со луѓе, воведување на современи истражни техники за поефикасно откривање на кривичните дела, воведување на програма на заштита на сведоци, како и создавање на услови за непречена меѓународна правна помош во случаи на кривично гонење на мегународни криминални групи.и сл.
-
Превентивни активности со цел создавање стратегија за развивање и имплементирање на предвидените активности за спречување на трговијата со луѓе и тоа: лоцирање и редукција на економските и социјалните фактори што придонесуваат жените и децата да бидат жртви на трговија со луѓе, поттикнување на истражувачки проекти за проблемите на трговијата со луѓе и илегалната миграција, презентирање на статистички показатели во оваа област, утврдување на илегалните канали за префрлување на лица преку државната граница, откривање на лицата и групите кои ги организираат илегалните канали во Република Македонија и соседните држави, откривање на соучесниците и помагачите на организаторите на илегaлните префрлувања, превозните средства, телефонските броеви што се користат за контакти, местата на „привремен“ престој, дестинациите на лицата кои илегално се префрлуваат итн.
-
Помош и поддршка на жртвите на трговија со луѓе со цел унапредување на условите и можностите за сигурно и хумано враќање преку заштита и помош на жртвите на трговија со луѓе, односно формирање транзитни центри во кои на жртвите на трговија со луѓе ќе им се обезбеди сместување, исхрана, преведувач, социјална, здравствена и правна помош.
-
Враќање и реинтеграција на жртвите со цел обезбедување на правото на враќање и реинтеграција на жртвите во земјите на потекло, односно склучување билатерални и мултилатерални договори за соработка при враќање на жртвите, регулирање на финансирањето при остварување на правото на враќање, воспоставување соработка меѓу прифатните центри и невладините организации и изработување програма за населување во трети земји,
-
Меѓународна соработка и координација во спроведувањето на законите заради обезбедување меѓународна соработка и координација во гонење на сторителите и заштитата на жените и децата во трговија со луѓе, склучување на договори за екстрадиција, за дела на трговија со луѓе, склучување билатерални односно мултилатерални договори со државите од и во кои жените и децата се предмет на трговија со луѓезаради спречување на трговијата и обезбедување на сигурно враќање, унапредување на соработката меѓу јавните обвинителства и полициските и други соодветни служби во земјите од Југоисточна Европа, размена на информации меѓу државите и планирање заеднички акции за откривање на меѓународни групи, соработка со иницијативата СЕКИ, Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, Меѓународната организација за миграции и други организации итн
-
Едукација на кадри и тоа: едукација на оперативните работници во Министерството за внатрешни работи, на судии и обвинители, адвокати,царински службеници и социјалните и здравствените работници.
-
Координација на активностите односно воспоставување на единствен информативен систем на податоци, обезбедување на централно собирање и ажурирање на податоци за трговија со луѓе, нивна обработка и сл.
-
Информативно пропагандно влијание врз јавното мислење во борбата против трговијата со луѓе кое се состои во активна медиумска покриеност на проблемот со трговијата со луѓе како и дисеминација на информации преку спотови, документарни филмови и контактни емисии, дневен печат и периодичен печат.
13. Кои се надлежните тела за сузбивање на трговијата со луѓе?
Во 2001 година со Одлука на Владата на Република Македонија формирана е Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегалната миграција (“Службен весник на Република Македонија“, бр. 18/01) во која партиципираат претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за здравство и Министерство за финансии -Царинска управа. Во рамките на оваа комисија формирана е поддгрупа за борба против трговија со деца во јануари 2004 година.
Во 2002 година донесена е Националната програма за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“, бр. 10/02 год), која предвидува законодавни и превентивни активности, помош и подршка на жртвите на трговија со луѓе, враќање и реинтеграција на жртвите, меѓународна соработка и координација во извршување на законите, едукација на кадри, координација на активностите и информативно пропагандно влијание врз јавното мислење во борбата против трговијата со луѓе.
Носители на законодавната активност се: Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Министерството за економија (сите задолжени за создавање на правната рамка поврзана со санкционирање на носителите на трговијата со луѓе и преземање превентивни активности).
За превентивните активности се задолжени: Министерството за труд и социјална политика, односно Одделението за еднаквост на половите (презема соодветни економски и социјални мерки) и Министерството за внатрешни работи (презема оперативни мерки и активности за разоткривање на каналите за илегално префрлање луѓе).
Во помошта и подршката на жртвите од трговијата со луѓе се вклучени: Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за правда (сите задолжени во рамки на своите надлежности да учествуваат во организација на транзитните центри за прифаќање на жртвите од трговијата со луѓе).
Носител на процесот на обезбедување на правото на враќање и реинттеграција на жртвите во домашните земји е Министерството за внатрешни работи.
Задолжени за меѓународна соработка и координација во извршување на правните акти се: Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи (склучување билатерални и мултилатерални договори со државите од и во кои лицата се предмет на трговија со луѓе, унапредување на комуникацијата и соработката помеѓу јавните обвинителства и полициските служби во земјите од Југоисточна Европа; ефикасно кривично гонење и затворање на патиштита за трговија со луѓе, размена на податоци за криминалните групи и поединци со другите држави; соработка со соодветните владини и невладини организации).
Од големо значење за помош и заштита на жртвите од трговијата е формирањето на Транзитниот центар за странци, во март 2001 година, каде жртвите од овој вид на илегални активности се сместуваат се до нивната репатрација, односно обезбедување на потребната документација за нивно враќање во матичните земји Во Центарот на жртвите им е обезбедено 24-часовно полициско обезбедување, како и здравствена психолошка и правна помош, која им ја овозможува Меѓународната организација за миграции и Невладини организации.
Во насока на остварување на поголема контрола на вработувањето во угостителските објекти во рамките на Министерството за внатрешни работи, во 2002 година формирана е Комисија за одлучување во врска со барањето согласност за вработување како танчерки во ноќните барови, со што е овозможено поголема контрола на вработување на странски државјанки како танчерки, келнерки, и слично во угостителските објекти.
14. Дали органите надлежни за спроведување на законите добиваат посебна обука за сузбивањето на трговијата со луѓе? Ве молиме да ја опишете.
Во рамките на Националната програма за борба против трговија со луѓе и илегална миграција (“Службен весник на Република Македонија“, бр 18/01) предвидена е соодветна едукација и обука за оперативните работници во Министерството за внатрешни работи и припадници на другите органи, во чиј делокруг на работа меѓу другото е и борбата против трговијата со луѓе.
Согласно Националната програма предвидени се следните специфични активности:
-
едукација на оперативните работници во МВР кои се директно задолжени за полициски истражувања во случаи на трговија со луѓе;
-
едукација на судскиот и обвинителскиот кадар и кадрите во казнено-поправните установи; и
-
едукација на царинските службеници за активно вклучување во борбата против трговија со луѓе.
За ефикасно реализирање на едукцијата, Националната програмa предвидува:
-
стручни семинари со домашни и меѓународни експерти за унапредување на соработката на национално и меѓународно ниво, и
-
присуство на меѓународни, регионални и локални семинари.
Во контекст на погоренаведените насоки, на Полициската академија, која отпочна со работа во 2004 година, предвидено е студентите до го изучуваат феноменот на трговија со луѓе еден семестар (во третата година од студиите), во рамките на предметот Kриминалистика. Исто така, во рамките на курсевите организирани од Полициската академија се реализираат модули во кои се опфатени теми за борбата против организираниот криминал (економскиот криминал, недозволената трговија со луѓе, дрога, оружје и акцизна стока).
Во рамките на основната обука за полицаец, трговијата со луѓе е опфатена со 20 часа, а потоа се полага завршен тест.
Во октомври 2003 година потпишано е Писмо за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи, ОБСЕ и ИОМ за тренинг во областа на борба против трговија со луѓе на околу 650 работници од сите нивоа на постоечкиот полициски кадар и новоформираната гранична полиција.Тренингот се спроведува четири дена од страна на домашни и странски експерти а како основа се користи адаптираниот материјал од Пактот за стабилност и УНДП со што е обезбедена и комплетна имплементација на овие проекти.
Претставници на Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, судството и невладините организации од Република Македонија активно учествуваа во изготвување на регионалните прирачници во организација на УНДП и Пактот за стабилност чиј инплементирачки партнер беше ИЦПМД. Земјите од југоисточна Европа, во организација на Пактот за стабилност изготвија регионален прирачник за обука на полициски офицери од понизок ранг и регрути, а во организација на УНДП, регионален прирачник за обука на полициски офицери од повисок ранг.Во организација на Пактот за стабилност изготвени се и регионални прирачници за обука на судии и обвинители. Исто така беа едуцирани и едукатори од составот на Министерството за внатрешни работи, јавното обвинителство, судството, Министерството за финансии - Царинската управа и претставници на невладини организации, кои продолжија со имплементацијата на прирачниците, обуката на полицајците, судиите, јавните обвинители и стручните соработници во судовите и јавното обвинителство.
Во тек е реализацијата на проектот “Рефлекс“, чија цел меѓу другото е и едукација на кадри за попречување на илегалното транзитирање, криумчарење и трговија со луѓе од областа на разузнавање и оперативна анализа. Проектот се спроведува под покровителство на Владата на Обединетото Кралство. Во февруари 2004 година, во рамки на проектот Рефлекс, во Обединетото Кралство одржан е курс за разузнавање, на кој беше презентиран Британскиот модел за анализа на податоци, беа објаснети фазите на аналитичкиот циклус, техниките на поврзување податоци и потребата од примена на унифициран начин на проценка на изворите на информации и информациите, при поднесувањето оперативни извештаи. Презентирани беа и принципите на аналитичкиот модел, начинот на поврзување податоци, како и потребата од нивно табеларно претставување. Објаснета беше и улогата на аналитичарот, разликата меѓу тактичката и стратешка аналитика, тактичкиот и стратешкиот аналитичар, тактичката и стратешка проценка, тактичкото и стратешкото одлучување. Беше презентиран и начинот на работа со прикриениот полицаец, нивната евиденција, основ за ангажирање и добивање информации.
Во текот на 2004 година Агенциите на Одделот за правда во Амбасадата на Соединетите Американски Држави, преку Меѓународната програма за помош и обука во кривичните истраги (ИЦИТАП) и Програмата за помош, развој и обука на обвинителствата(ОПДАТ), во соработка со мисијата на ОБСЕ во Република Македонија организираа три работилници на тема „трговија со луѓе“
ИОМ во рамките на проектот Counter trafficking, Technical cooperation/capacity - building подржан од Владата на Кралството Норвешка во текот на месеците јуни и јули 2004 година организираше три последователни обуки на тема “Трговија со луѓе и нелегална миграција“, наменети за едукација на адвокати, припадници на полициските сили, јавни обвинителства и судии.
Во Букурешт- Романија, во текот на месец мај, во организација на СЕКИ Ценарот е одржан тренинг курс за специјални истражни техники и сослушување за трговија со луѓе.
Јавно обвинителство
Една од клучните институции кои имаат надлежности во борбата против организираниот криминал а во рамките на тоа и трговијата со луѓе претставува Јавното обвинителство.
Во таа смисла, изминатиот период беа организирани обуки за проблематиката поврзана со кривичните дела од областа на трговијата со луѓе, како најекспониран сегмент од содржината на организираниот криминал. Оваа активност резултираше и со изготвување на Прирачник за постапување наменет за судии и јавни обвинители, а во фаза е и подготовка на Практикум за посебните практични аспекти на овој вид криминал. Исто така, оргазнизирани се и повеќе семинари на теми поврзани со корупцијата и перењето пари и трговија со луѓе на кои учество зедоа поголем број јавни обвинители.
Обуката на судии во Република Македонија ја изведува Центарот за континуирана едукација. Во табелите што следат се дадени едукативните активности организирани од Центарот за континуирана едукација во областа на организираниот криминал.
2004
|
Р.б.
|
Тема
|
Почеток
|
Крај
|
Ден
|
Вк. учес.
|
Вк. судии
|
Вк. стр. сор.
|
Вк. од обвин.
|
Вк. гости
|
1.
|
Организиран криминал
|
11.3.2004
|
13.3.2004
|
3
|
6
|
6
|
/
|
/
|
/
|
2.
|
Даночен криминал
|
17.3.2004
|
18.3.2004
|
2
|
9
|
9
|
/
|
/
|
/
|
3.
|
Даночен криминал
|
18.3.2004
|
19.3.2004
|
2
|
10
|
10
|
/
|
/
|
/
|
4.
|
Трговија со луѓе
|
1.4.2004
|
3.4.2004
|
3
|
12
|
12
|
/
|
/
|
/
|
5.
|
Трговија со луѓе
|
24.6.2004
|
26.6.2004
|
3
|
27
|
12
|
/
|
6
|
9
|
6.
|
Трговија со луѓе
|
8.7.2004
|
10.7.2004
|
3
|
30
|
15
|
2
|
8
|
5
|
2003
|
Р.б.
|
Тема
|
Почеток
|
Крај
|
Час
|
Вк. учес.
|
Вк. судии
|
Вк.стр. сор.
|
Вк. од
oбвин.
|
Вк. гости
|
1.
8.
|
Трговија со луѓе
|
09.05.2003
|
10.05.2003
|
8,5
|
64
|
30
|
1
|
18
|
15
|
2.
10.
|
Трговија со луѓе
|
06.06.2003
|
07.06.2003
|
9
|
80
|
45
|
0
|
17
|
18
|
3.
15.
|
Трговија со луѓе - имплементација на Регионалниот прирачник за судии и јавни обвинители
|
15.10.2003
|
18.10.2003
|
17
|
17
|
10
|
2
|
|
|
4.
16.
|
Борба против организираниот криминал, активната и пасивната корупција и перењето пари
|
20.10.2003
|
24.10.2003
|
24,5
|
38
|
6
|
3
|
|
|
5.
17.
|
Трговија со луѓе - имплементација на Регионалниот прирачник за судии и јавни обвинители
|
29.10.2003
|
01.11.2003
|
16,5
|
26
|
17
|
0
|
|
|
2002
|
Бр.
|
Тема
|
Почеток
|
Крај
|
Ден
|
Вк. учес.
|
1.
|
Трговија со луѓе
|
3.10.2002
|
3.10.2002
|
1
|
5
|
2.
|
Трговија со луѓе
|
24.10.2002
|
26.10.2002
|
3
|
4
|
3.
|
Трговија со луѓе
|
28.10.2002
|
30.10.2002
|
3
|
5
|
4.
|
Перење на пари
|
11.12.2002
|
13.12.2002
|
3
|
7
|
Царинска управа
Во рамките на борбата против организираниот криминал и трговијата со луѓе, посебни надлежности има и Царинската управа на Република Македонија. Кaкo државен орган надлежен за спроведување на законите Царинската управа оваа своја надлежност ја остварува преку Секторот за контрола и истраги. Со цел што поуспешно справување со сите нови облици на организиран криминал и заедничко дејствување со другите државни институции, a особено со обвинителството и судството, спроведени се заеднички обуки како во државата така и надвор од неа. Така, дванаесет царински работници од Царинската управа на Република Македонија учествувале на обуки кои го третирале проблемот со перење на пари, корупциски кривични дела, злоупотреба на службена положба, транснационален организиран криминал, трговија со луѓе, финансирање на тероризам, даночно затајување, криумчарење и сл. Во овие обуки, покрај вработените во Царинската управа активно учествуваат и претставници од јавното обвинителство и судството а со основна цел поврзување на овие институции заради заедничко третирање, координирање и успешно спроведување на борбата против горе наведените облици на организиран криминал.
15. Дали надлежните органи за спроведување на законите имаат посебни одделенија за сузбивање на трговијата (луѓе, дрога, цигари, огнено оружје, украдени возила и тн.)?
Во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија откривањето и спречувањето на трговијата со луѓе, дрога, оружје, цигари, одземање на возила, согласно Стратегијата за реформи на полицијата и усвоениот Акциски план, од јануари 2005 година е во делокругот на работа на Одделот за организиран криминал во чии рамки се 7 Сектори и 3 самостојни Одделенија и тоа:
-
Сектор за финансиски криминал во чии рамки се наоѓаат:
-
Одделението за економски криминал,
-
Одделението за перење пари и корупција и
-
Одделението за компјутерски криминал и фалсификати.
-
Секторот за недозволена трговија со дрога во чии рамки се наоѓаат:
-
Одделение за недозволена трговија со опијати, кокаин и канабис и
-
Оделение за недозволена трговија со синтетички дроги, психотропни супстанци и прекурсори.
-
Секторот за насилен криминал во чии рамки се наоѓаат:
-
Одделение за трговија со луѓе и друг насилен криминал,
-
Одделение за крвни деликти и
-
Одделение за имотни деликти во чии делокруг на работа спаѓаат тешките кражби на возила, како и откривање и спречување други кривични дела против имотот.
-
Секторот за недозволена трговија со оружје и опасни материи во чии рамки се наоѓаат:
-
Одделението за недозволена трговија со оружје и
-
Одделението за недозволена трговија со опасни материи.
-
Секторот за криминалистичко-разузнавачка анализа во чии рамки се наоѓаат
-
Одделението за криминалистичка анализа,
-
Одделението за разузнавање и
-
Одделението за подршка и администрација.
-
Секторот за Меѓународна полициска соработка во чии рамки се наоѓаат:
-
Одделение на национално централно биро-интерпол-Скопје
-
Одделение за техничка подршка и администрација.
-
Секторот за специјални истражни техники во чии рамки се наоѓаат:
-
Одделение за прикриени операции,
-
Одделение за оперативно извидување и документирање и
-
Одделение за електронско набљудување.
Покрај наведените Сектори во Одделот за организиран криминал формирани се и три самостојни одделенија и тоа: Одделение за заштита на сведоци, Одделение за потраги и Одделение за контрола на квалитетот.
Во Министерството за финансии - Царинска управа на Република Македонија функционира Секторот за контрола и истраги чија основна цел е борбата против организираниот криминал во прв ред сузбивањето на нелегалната трговија со високо ризични стоки, дрога, оружје, цигари,луѓе итн.
Во состав на Секторот за контрола и истраги се наоѓаат:
-
Одделението за разузнавање,
-
Одделението за истраги,
-
Одделението за мобилни тимови,
-
Одделението за ревизија и контрола,
-
Одделението за анализа на ризик,
-
Службата за аналитика и статистика и
-
Дежурен оперативен центар.
Секторот за контрола и истраги е ставен во функција на откривање и спречување на царински прекршоци и кривични дела како и во спроведување на контролно инспекциски работи. Во Секторот не постојат посебни Одделенија или служби кои се специјализирани во сузбивањето на горенаведените облици на трговија односно сите Одделенија и служби во Секторот се координирани во извршувањето на активностите за сузбивање на трговијата со дрога, оружје, луѓе, цигари итн.
16. Дали постои - врз база на мултидисциплинарен приод - некаков облик на соработка помеѓу надлежните тела за спроведување на законите и другите служби, кои се вклучени во спречувањето и борбата против трговијата со луѓе?
На планот на превенцијата и борбата против трговијата со луѓе во 2001 година во Република Македонија формирана е Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегалната миграција (“Службен весник на Република Македонија,бр. 18/01“) во која партиципираат претставници од Министерството за внатрешни работи,Министерството за надворешни работи,Министерството за правда,Министерството за труд и социјална политика, Министерство за здравство и Министерство за финансии -царинска управа.
Во 2002 година донесена е Националната програма за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“, бр. 10/02) кој се заснива на мултидисциплинарен и мултидимензионален методолошки пристап со користење на искуствата од досегашната практика, искуствата од други земји, соработка и членство во меѓународни иницијативи, како и соработка со разни меѓународни и домашни невладини организации и здруженија кои се занимаваат со проблемите на трговијата со луѓе и илегалната миграција.
Со цел воспоставување соодветен начин на соработка и конструктивен настап во заедничкото делување на националните власти, меѓународните организации и невладиниот сектор на планот на борбата против трговија со луѓе и илегална миграција во Република Македонија, Националната Комисија, на својата седница на 16.07.2003 година, донесе одлука за формирање Секретаријат на Националната Комисија.
Секретаријатот на Националната Комисија е составен од претставници на организационите единици на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, меѓународните организации ИОМ, ОБСЕ, ИЦМПД, УНИЦЕФ, УНДП, УСАИД, ИЦИТАП и ОПДАТ и домашните невладини организации “Среќно детство“ и “Отворена порта“.
Тој претставува тело со техничко логистички карактер и координастивна функција во процесот на имплементација на Националната програма за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.
Националната комисија како координативно тело ги следи и анализира состојбите од областа на трговијата со луѓе и илегалната миграција и на своите работни состаноци се презентираат програмските активности со цел донесување стратешки одлуки. Секретаријатот на Националната комисија е надлежен за операционализација на приоритетните активности, координација на проектите со меѓународни организации склучени од страна на ресорните Министерства, подготовка на материјали за дневен ред за седниците на Националната комисија, воспоствување соработка и размена на искуства со други држави, како и организирање семинари за обука.
Согласно Националната програма најголем дел од предвидените активности се во надлежност на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.односно организационите единици во ова Министерство во чии делокруг на работа е борбата против трговија со луѓе, криумчарење мигранти и илегална миграција.
До јануари 2005 година аа спречување, откривање, документирање и процесуирање на кривичните дела од оваа област беше задолжен Секторот за организиран криминал - Одделението за борба против трговија со луѓе, имотни деликти со елементи на присилба, фалсификати и комар кое е во состав на Одделот за криминалистичка полиција. Со формирањето на Оддел за организиран криминал, Одделението за трговија со луѓе други видови насилен криминал функционира во рамките на новиот Сектор за насилен кирминал.
Овластените службени лица во рамките на нивните работни задачи прибираат оперативни информации, кои ги добиваат преку Невладини организации, ИОМ, отворени телефонски линии за лица кои се жртви на трговија со луѓе. Со лицата се врши разговор и доколку се идентификува дека лицето е жртва на трговија со луѓе веднаш се пружа асистенција и помош., односно се сместува во Транзитниот центар за странци кој е во состав на Министерството за внатрешни работи. Партнер во работењето е Меѓународната организација за миграции.
Во Центарот жртвите добиваат 24-часовно полициско обезбедување, психолошка, медицинска и правна помош.Оваа помош ја добиваат од страна на домашни невладини организации кои се континуирано присутни, во Транзитниот центар. Нивното сместување во Центарот е на доброволна база и не e условено истите да бидат сведоци во некоја постапка кој се води пред надлежните судови во Република Македонија или пак да бидат од било каква оперативна корист на органите надлежни за спроведување на законите. Идентификацијата на жртвите ја вршат припадници на Министерството за внатрешни работи, Меѓународната организација за миграции и Невладините организации.
За процесирање на жртвите во Транзитниот центар договорени се стандардни оперативни процедури кои ги регулираат односите на Министерството за внатрешни работи, Меѓународната организација за миграции и невладини организации, вклучени во работата во Центарот.
Доколу се утврди дека жртвата на трговија со луѓе е малолетно лице од страна на Министерството за труд и социјална политика - Центарот за социјални работи се назначува старател кој има улога во давање поддршка на малолетното лице во сите сегменти.
Воедно преку Министерството за надворешни работи се известува и дипломатското конзуларно претставништво на матичната земја на лицето кое е жртвата на трговија со луѓе.
Репатријацијата на жртвите на трговија со луѓе ја врши Министерството за внатрешни работи и Меѓународната организација за миграции.
Министерството за внатрешни работи врз основа на доказите кои ги обезбедил, против сторителите на овие кривичните дела, поднесува кривични пријави до надлежниот Основен јавен обвинител кој понатаму го процесуира делото пред надлежните судови.
Во рамките на Националната комисија за борба против трговија со луѓе во јануари 2004 година формирана е Подгрупа за борба против трговија со деца , којa е интердисиплинарана, а во тек е изготвување на Нацрт национен план за акција за борба против трговија со деца. Националниот план за акција е документ чии основни цели се формирање сеопфатна мултидисциплинарна шема на мерки за борба против трговијата со деца, превенција од трговија со деца, заштита на децата- жртви на трговија со луѓе и кривичен прогон на оние кои тргуваат со нив. Оваа подгрупа ја сочинуваат претставници од Министерството за внатрешни работи, Невладините организации, ОБСЕ - Набљудувачката мисија во Скопје, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Заменик Народен правобранител за заштита на правата на децата и претставник од Меѓународна организација за миграции.
Оваа Подгрупа ќе прифати адаптиран водич за заштита на правата на децата жртви на трговија со луѓе. Водичот ги определува стандардите за постапување и посебните мерки во однос на заштитата и помошта за децата жртви на трговија во Република Македонија од почетното идентификување па се до конечното интегрирање и опоравување на детето. Овој водич е донесен врз основа на стандардите на водичот на УНИЦЕФ за заштита на правата на децата жртви од трговија во Југоисточна Европа и е адаптиран и усогласен со националното законодавство.
Република Македонија е прва држава во регионот која, на сопствена иницијатива, организираше доаѓање на сведоци -жртви на трговија со луѓе, кои веќе биле репатрирани во матичните земји. Доаѓањето на сведоците - жртви на трговија со луѓе, се должи на соработката на судските органи, Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија со Министерствата за внатрешни работи на Република Украина, Романија, Молдавија, Бугарија, СЕКИ - Центарот и Меѓународната организација за миграции.
17. Ве молиме да ги наведете главните тешкотии со кои сте соочени во спречувањето на перењето на пари (види исто така Глава 4 - слободно движење на капитал).
Спречувањето (превенцијата) на перењето пари во Република Македонија за прв пат е регулирано со Законот за спречување на перење пари (“Службен весник на Република Македонија” број 70/01) донесен во август 2001 година. Со Законот за спречување на перење пари (“Службен весник на Република Македонија” број 70/01) се регулираа мерките и дејствијата кои задолжените субјекти ги превземаат за откривање и спречување на ова кривично дело и се формираше Дирекција за спречување на перење пари (како Financial Intelligence Unit-FIU) како орган задолжен за прибирање, обработување, анализа, доставување и чување на податоците добиени од задолжените субјекти. Во превенцијата на перењето пари досега Дирекцијата се соочуваше со неколку проблеми кои пред се, се однесуваат на недостатокот на знаење и искуство од оваа област, недоволната техничка и човечка екипираност и недостатоците на Законот за спречување на перење пари (“Службен весник на Република Македонија” број 70/01). Овие проблеми постепено се надминуваат и забележан е значителен напредок, пред се со доекипирањето на Дирекцијата за спречување на перење пари (зголемување на бројот на вработените од 4 на 8 вработени), интензивирање на обуките за вработените, проширување и зацврстување на регионалната соработка, со членството во ЕГМОНТ и со усвојувањето на новиот Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело (“Службен весник на Република Македонија” бр, 46/04). Исто така, во однос на истрагата и гонењето на сторителите на кривичното дело перење пари, органите на прогонот (Министерството за внатрешни работи, Финансиската Полиција, Јавното Обвинителство) се соочуваа со проблеми на докажување на предикативното дело, пред се поради тешкотијата во докажувањето на незаконското потекло на имотот, но и поради неможноста за примена на специјалните истражни средства и методи при полициската истрага. Со последните измени на Законот за кривичната постапка од крајот на октомври 2004 година (“Службен весник на Република Македонија” бр. 15/1997, 44/02, 74/04) се регулира примената на посебните истражни мерки, кои ќе придонесат за обезбедување на податоци и докази неопходни за успешно водење на кривичната постапка за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.
18. Ве молиме да ги опишете постојните структури за сузбивање на перењето на пари (вклучувајќи ги и оние во полицијата, јавното обвинителство и судство). Дали имате воспоставено соодветна единица за финансиско разузнавање? Опишете било која соработка со банкарскиот систем
Постојните структури за сузбивање на перењето пари во Република Македонија ги сочинуваат следните органи:
-
Дирекцијата за спречување на перење пари (како Financial Intelligence Unit-FIU);
-
Финансиската полиција;
-
Министерството за внатрешни работи;
-
Јавното обвинителство;
-
Судовите;
-
други органи како Царинска Управа и Управата за јавни приходи.
Во состав на Министерството за финансии делува Дирекцијата за спречување на перење пари која претставува единица за финансиско разузнавање (Financial Intelligence Unit –FIU), основана со Законот за спречување на перење пари (“Службен весник на Република Македонија” број 70/01) донесен 29.08.2001 година и влезен во сила на 01.03.2002 година. Дирекцијата за спречување на перење пари како Financial Intelligence Unit- FIU од административен тип, претставува орган без истражни овластувања која согласно Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело (“Службен весник на Република Македонија” бр., 46/2004) кој го наследи Законот за спречување на перење пари (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/01) и стапи во сила на 20.07.2004 година, надлежна е за прибирање, обработување, анализа, чување и доставување на податоците добиени од субјектите кои се законски обврзани да превземаат мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари. Доколоку по анализата на добиените извештаи се утврди сомневање за перење пари, Дирекцијата подготвува писмен извештај до надлежните државни органи (Јавно обвинитество, Министерство за внатрешни работи и Финансиска полиција). Оттука, може да се заклучи дека Дирекцијата претставува посредник помеѓу финансискиот и другиот приватен сектор (субјектите обврзани со Законот) од една страна и полициските и правосудните органи од друга страна.
Во тој контекст, соработката на органите на прогонот со приватниот, односно банкарскиот сектор во однос на спречување на перење пари и финансирање на тероризмот во Република Македонија се остварува токму преку Дирекцијата за спречување на перење пари. Банкарскиот сектор како дел од финансискиот сектор со Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело е задолжен да превзема мерки и дејствија за спречување на перење пари при што, соработката со Дирекцијата за спречување на перење пари се остварува преку посебно назначени лица за контакт ( compliance officers ), кои се одговорни и се грижат за спроведување на програмите за имплементација на мерките за спречување на перење пари во нивната банка. Покрај извештаите за трансакции кои банките се должни да ги доставуваат до Дирекцијата согласно Законот, банките исто така доставуваат податоци и информации на барање на Дирекцијата.
Поконкретно, со цел спречување на перењето пари и финансирањето на тероризам, банките ги имаат следните обврски:
Идентификација на клиентите:
-
при една или неколку поврзани трансакции (без оглед дали се готовински или безготовински) во износ од 15.000 ЕВРА во денарска противвредност или повеќе;
-
при воспоставување на деловен или договорен однос;
-
пред отворање на сметка или штедна книшка, прием на чување на акции, обврзници или други хартии од вредност, овозможување на користење на сефови, управување со имот или ефектуирање или прием на уплата во име на трето лице;
-
при менувачки работи пред секоја трансакција во износ од 2.500 ЕВРА во денарска противвредност или повеќе;
-
при давање на услуги брз трансфер на пари пред секоја трансакција во износ од 2.500 ЕВРА во денарска противвредност или повеќе;
Идентификација на ополномоштувачите;
-
Посебно следење на трансакции за кои постојат основи на сомневање дека се поврзани со перење пари или финансирање на тероризам;
-
Собирање и чување на податоците за трансакциите и клиентите кои ги вршат;
Доставување на податоци до Дирекцијата за спречување на перење пари за:
-
готовински трансакции во износ од 15.000 ЕВРА или повеќе, поврзани готовински трансакции кои заедно го достигнуваат износот од 15.000 ЕВРА или повеќе (во рок од три работни дена);
-
трансакции (без оглед на износот и без оглед на видот-готовински или безготовински) доколку постои сомневање дека се работи за перење пари (најдоцна во рок од 24 часа);
Воведување на внатрешни програми за имплементација на мерките за спречување на перење пари, со кои се предвидува:
-
централизација на податоците за идентитетот на клиентите, носителите на права, ополномоштените, овластените застапници и ополномоштувачите, како и на податоците за сомнителните трансакции;
-
именување на одговорни лица кои ќе се грижат за спроведувањето на програмата од раководно ниво, како и во секој организационен дел;
-
план за постојана обука на одговорните лица и другите вработени;
-
инструменти за внатрешна проверка на спроведување на мерките и дејствија;
-
соработка со Дирекцијата.
Покрај определените мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари, банките се должни да доставуваат дополнителни податоции и информации по барање на Дирекцијата за трансакции кои подетално ги анализира. Од друга страна, Дирекцијата учествува во професионалното усовршување на одговорните лица во банките и утврдува листи на индикатори за препознавање на сомнителни трансакции во соработка со банките и органите кои вршат надзор врз нивното работење. Исто така, соработката со банкарскиот сектор се остварува и на ниво на организирање на обуки и едукативни тренинзи за вработените во банките со цел нивна поуспешна акција во спроведување на мерките од Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело.
Од друга страна, Дирекцијата за спречување на перење пари, согласно Законот за кривична постапка и Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело, има обврска да го информира јавното обвинителство за средства, принос или имот за кои на било кој начин дознал при извршувањето на работите од својот делокруг, ако постојат основани сомневања дека се остварени со дела од организираниот криминал. Банките и другите правни субјекти се должни согласно Законот, на барање на јавното обвинителство веднаш да му достават податоци за состојбата на оние сметки за кои постјат основани сомневања дека служат за користење или прикривање на изворите на такви пари.
Дирекцијата согласно Законот, може податоците што ќе ги добие во текот на своето работење да ги достави, по нивно барање и под услов на реципроцитет и до овластени тела и организации за борба против перење на пари на други држави , како и на меѓународни организации кои се занимаваат со откривање и спречување на перење пари и спречување на финансирање на тероризам.
За постојните структури на Дирекцијата за Спречување на перење пари подетално види одговор 04_III_02.
Финансиската полиција е орган во состав на Министерството за финансии формирана врз основа на Законот за финансиска полиција (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 55/02) во јуни 2003 година. Согласно Законот, Финансиската полиција е оперативен орган на државната управа надлежен за кривичен прогон, односно за откривање на лица кои се вклучени во активности поврзани со најсложените видови на финансиски криминал, (даночно затајување, перење пари или друг вид кривични дела) кои вклучуваат неплаќање поголеми и значителни износи на акцизи, данок, царина или претставуваат легализирање на приноси од казниво дело. Надлежностите на Финансиската полиција во моментов ги извршуваат 10 финансиски полицајци организирани во две одделенија: Одделение за прибирање на информации и развивање на случај и Одделение за полициски истраги.
Во рамките на соработката меѓу Царинската Управа и Управата за јавни приходи, и Дирекцијата за спречување на перење пари и другите надлежни органи, во тек е потпишување на Протоколи за соработка и меѓусебна размена на податоци. Соработката и размената на податоци ќе се одвива преку офицери за врска (одговорни лица вработени во овие институции), со што ќе се овозможи поголема безбедност и доверливост на податоците.
Во новоформираниот Оддел за организиран криминал во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, надлежен за сузбивање на перењето пари е Секторот за финансиски криминал, во кој е формирано посебно одделение за перење пари и корупција. .
Во Одделението за перење пари и корупција се ангажирани 8 инспектори -експерти за проблематиката која се однесува на перење пари,. На регионално ниво прашањата во врска со перење на пари ги третираат организационите единици за сузбивање на економскиот криминалитет во Секторите и Одделенијата за внатрешни работи. На наведените работи и работни задачи работат извршители со соодветно високо образование, и завршени специјалистички курсеви и семинари за економски криминалитет, со посебен акцент на теми од областа на перењето на пари.
Во рамките на Јавното Обвинителство на Република Македонија согласно член 29 од Законот за јавно обвинителство (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/04), како посебна организациона единица е основано Одделение за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата, кое практично во рамките на својата надлежност го опфаќа и перењето пари како дел од содржината на кривичните дела дефинирани како организиран криминал. Одделението во својот делокруг е надлежно да постапува пред првостепените судови на целата територија на Република Македонија и согласно одредбите од Законот за кривична постапка и Законот за јавното обвинителство во остварувањето на функцијата за откривање и гонење соработува со надлежните државни органи а пред се со Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција, Дирекцијата за спречување на перење пари, како и со Народна Банка.
Согласно Законот за судови (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/95, 45/95 и 64/03), судовите имаат општа надлежност и се организирани на три нивоа, и тоа: основни, апелациони и врховен суд. Во Република Македонија не постојат специјализирани судови. Во документот Конкретни мерки- активности за спречување на организираниот криминал во Р Македонија, кој Владата на Р Македонија го донесе на 10.11.2003 година, опфатени се и судовите во Приоритет 4 кој предвидува Специјализирана обука на судиите во подрачјето на борбата против организираниот криминал.со што се зајакнува капацитетот на судството за борба против организираниот криминал. Со одлука на претседателите на основните судови назначени се судии во пет судови кои работат на случаи на организиран криминал, во кој припаѓа и перењето пари и во тек е специјализација и обучување на избрани судии во подрачјето на борба против организираниот криминал. Во рамките на Стратегијата за реформа на правосудството предвидено е зајакнување на професионалните односи со Одделение за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата во рамките на Јавното Обвинителство како и со останатите институции во Република Македонија кои работат на полето на борбата против организираниот криминал.
19. Кои обврски ги имаат финансиските институции со цел спречување на перењето на пари? Дали имаат финансиските институции обврска за пријавување на сомнеж во врска со перење на пари?
Со цел спречување на перењето пари и финансирањето на тероризам, финансиките институции (и други нефинансиски институции одредени со Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело(“Службен весник на Република Македонија” бр. 46/04) ги имаат следните обврски:
Идентификација на клиентите:
-
при една или неколку поврзани трансакции (без оглед дали се готовински или безготовински) во износ од 15.000 ЕВРА во денарска противвредност или повеќе (член 22);
-
при воспоставување на деловен или договорен однос (член 7 став 1);
-
пред отворање на сметка или штедна книшка, прием на чување на акции, обврзници или други хартии од вредност, овозможување на користење на сефови, управување со имот или ефектуирање или прием на уплата во име на трето лице (член 7 став 2);
-
при осигурување на живот, кога поединечната или неколку рати на премијата која треба да се плати во период од една година надминува 1.000 ЕВРА во денарска противвредност или кога единствената премија го надминува износот од 2.500 ЕВРА во денарска противвредност (член 7 став 3);
-
непосредно по влегување во казино (член 19);
-
при менувачки работи пред секоја трансакција во износ од 2.500 ЕВРА во денарска противвредност или повеќе (член 17);
-
при давање на услуги брз трансфер на пари пред секоја трансакција во износ од 2.500 ЕВРА во денарска противвредност или повеќе (член 18);
Идентификација на ополномоштувачите (член 10)
-
·Посебно следење на трансакции за кои постојат основи на сомневање дека се поврзани со перење пари или финансирање на тероризам (член 15);
-
Собирање и чување на податоците за трансакциите и клиентите кои ги вршат (член 20);
Доставување на податоци до Дирекцијата за спречување на перење пари за:
-
готовински трансакции во износ од 15.000 ЕВРА или повеќе, поврзани готовински трансакции кои заедно го достигнуваат износот од 15.000 ЕВРА или повеќе (во рок од три работни дена)- член 22 став 1 точка б) и в);
-
трансакции (без оглед на износот и без оглед на видот-готовински или безготовински) доколку постои сомневање дека се работи за перење пари (најдоцна во рок од 24 часа)- член 22 став 1 точка а);
Воведување на внатрешни програми за имплементација на мерките за спречување на перење пари, со кои се предвидува (член 33):
-
централизација на податоците за идентитетот на клиентите, носителите на права, ополномоштените, овластените застапници и ополномоштувачите, како и на податоците за сомнителните трансакции;
-
именување на одговорни лица кои ќе се грижат за спроведувањето на програмата од раководно ниво, како и во секој организационен дел;
-
план за постојана обука на одговорните лица и другите вработени;
-
инструменти за внатрешна проверка на спроведување на мерките и дејствија;
-
соработка со Дирекцијата.
Согласно член 22 став 1 точка а) и член 15 став 2 од Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 46/04) финансиските институции имаат обврска да доставуваат извештаи во случаи на сомневање за перење пари и финансирање на тероризам. Во овие случаи, финансиските институции покрај утврдувањето на идентитетот на клиентот потребно е да побараат информации за текот на целата трансакција, нејзината цел, крајната дестинација на парите и за сите учесници во трансакцијата. Врз основа на овие податоци финансиските институции изготвуваат писмен извештај кој најдоцна во рок од 24 часа од сознанието за сомнителноста на трансакцијата го доставуваат до Дирекцијата за спречување на перење пари. Во случај кога клиентот или ополномоштувачот одбива да се идентификува, финансиските институции се должни да го одбијат деловниот однос или извршувањето на трансакцијата, а ако трансакцијата е во тек да ја задржат и за тоа до Дирекцијата за спречување на перење пари да достават писмен извештај со податоци со кои располагаат. При утврдување на сомнителноста на одредена трансакција покрај своето искуство, финансиските институции ги применуваат индикаторите за препознавање на сомнителни трансакции.
20. За колку случаи на перење на пари се воделе постапки и се решиле со успех?
Година
|
кривични пријави
|
истраги
|
обвинителни акти
|
пресуди
|
1997
|
1
|
1
|
0
|
0
|
1998
|
0
|
0
|
0
|
0
|
1999
|
1
|
1
|
0
|
0
|
2000
|
0
|
0
|
0
|
0
|
2001
|
0
|
0
|
0
|
0
|
2002
|
0
|
0
|
0
|
0
|
2003
|
0
|
0
|
0
|
0
|
2004
|
1
|
1
|
0
|
0
|
вкупно
|
3
|
3
|
0
|
0
|
Во досегашниот период во Република Македонија не се регистрирани процесуирани случаи за перење пари кои завршиле со успех.
21. Како одговоривте на барањата за давање на взаемна правна помош во врска со перење на пари?
Министерството за Правда во поглед на давањето на взаемна правна помош постапува согласно одредбите од Законот за кривичната постапка (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/97, 44/02, 74/04), со кои е уредено дека меѓународната кривично-правна помош се врши според одредбите од овој закон, доколку со меѓународен договор не е уредено нешто друго. Државата молител барањето за давање на меѓународна правна помош го доставува до Министерството за Правда кое без исклучок за кое дело станува збор, во зависност од степенот на постапката, замолницата ја доставува до Јавното обвинителство или до судот. Одговорот се враќа по истиот пат, односно судот или јавното обвинителство го доставува до Министерството за Правда на Македонија, а Министерството истото го препраќа до органот кој побарал правна помош.
Во Министерството за правда досега не е добиена замолница, односно барање за давање на меѓународна правна помош за кривичното дело перење пари.
Достарыңызбен бөлісу: |