8. Ве молиме да ги опишете Вашите планови за трансфер на одговорноста за контрола на границите од Министерството за одбрана на Министерството за внатрешни работи, вклучувајќи го и релевантниот временски распоред и распределбата на буџетот.
Трансферот на одговорноста на надлежностите за контрола на границите од Министерството за одбрана на Министерството за внатрешни работи е планиран и се реализира како тесно координиран процес помеѓу овие субјекти, во време траење од 2 години, во текот на 2004 и 2005 година.
Пред започнувањето на процесот, во периодот од 2000 до 2003 година, се реализирани подготвителни активности, при што се изработени неопходните планови и подготвени нормативните акти врз основа на кои се реализира процесот на примопредавањето на надлежностите помеѓу граничната бригада на Армијата на Република Македонија и Одделот за гранична полиција на Министерство за внатрешни работи.
Во подготовките на процесот и изработката на нормативните акти (поопширно разработено во Поглавје 24, дел А - Надворешни граници, прашање број 1) интензивно се вклучувани експерти од Европската uнија, при што дел од активностите се финансирани од КАРДС програмата на ЕУ.
Плановите и нормативните акти за формирање на Граничната полиција на Република Македонија се во најголема можна мерка усогласувани со препораките на ЕУ изнесени во Шенгенскиот каталог на најдобри пракси и со преземените обврски на Република Македонија
Во фаза на подготовка се низа закони, подзаконски акти и други документи со кои ќе се дорегулира функционирањето на системот на Интегрираното гранично управување, меѓу кои најзначајни се новиот Закон за надзор на државната граница, Закон за полиција и Национален акционен план за интегрирано гранично управување.
Согласно планираниот временски распоред за примопредавање на државните граници од Министерството за одбрана на Министерството за внатрешни работи државните граници кон Република Грција и Република Бугарија се веќе предадени во надлежност на Министерството за внатрешни работи, и тоа: кон Република Грција во 1.05.2004 година, а кон Република Бугарија во 1.11.2004 година.
Според планираното, преземањето на контролата на оваа граница кон Државната заедница Србија и Црна Гора се реализира во 2 фази: првата фаза во делот кон Србија е завршена во декември 2004 година, а делот кон Косово преостанува во втората фаза. Во тек се координирани подготовки помеѓу надлежните институции на Министерството за одбрана и Министерство за внатрешни работи за започнување на примопредавањето на одговорноста за обезбедувањето на северната граница која според член 19 од Законот за изменување на Законот за преминување на државната граница и за движење во грaничниот појас („Службен весник на Република Македонија“, бр. 19/04), треба да се изврши најдоцна до 01.05.2005 година.
Трансферот на одговорноста за контрола на државната граница кон Република Албанија треба да се изврши изврши најдоцна до 01.11.2005 година, со што ќе се заокружи целиот процес на трансферот на одговорноста од Министерството за одбрана на Министерство за внатрешни работи.
По завршувањето на овој процес Министерството за одбрана преку наменските сили на Армијата на Република Македонија на Граничната полиција ќе и обезбедува поддршка според декларираните активности во Стратегискиот одбрамбен преглед.
Трансферот на одговорноста за контрола на границите е комплексен процес кој ги опфаќа следните основни елементи:
1. Трансфер на персоналот од Министерството за одбрана во Министерството за внатрешни работи
Селекција на персоналот се врши во тесна координација помеѓу надлежните служби на Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.
Пред почетокот на процесот на селекција во Министерството за одбрана е спроведена анкета за заинтересираност на персоналот за доброволно преминување во состав на Гранична полиција. Целокупниот натамошен процес на селекција е базиран на податоците од анкетата.
Преземање на персоналот од Министерството за одбрана во Министерство за внатрешни работи се врши со поединечна спогодба помеѓу трите страни (Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и лицето кое се презема).
Пред чинот на преземањето секој кандидат (превземен од Министерството за одбрана) поминува низ основна полициска обука во траење од три месеци во Полициската Академија и низ задолжителни проверки.
2. Трансфер на искуства на единиците на Армијата на Република Македонија во линиското и на Министерството за внатрешни работи во длабинското обезбедување на границата на Граничната полиција
Стекнатите искуства на единиците на Армијата на Република Македонија во обезбедувањето на границите се пренесуваат преку персоналот на граничната бригада која во најголем број се презема во состав на Граничната полиција и преку ставање на располагање на проценки, оперативни планови и други документи согласно кои единицата на Армијата на Република Македонија ги извршувала граничните операции.
Искуствата на персоналот на Министерството за внатрешни работи во новиот систем на контрола на границите се пренесува преку вклучувањето на дел од персоналот на Полициските станици кои вршеле длабинско обезбедување на границите во состав на Граничната полиција и со ставање на располагање на соодветна документација.
3. Трансфер на опремата и дел од вооружувањето од Министерството за одбрана на Министерство за внатрешни работи
Целокупното до сега преземено лично вооружување и поголем дел од опремата за надзор на државната граница со кои во моментов е опремена Граничната полиција е преземена од Министерството за одбрана - Армијата на Република Македонија. Системот на радио врски и дел од транспортните средства со кои се служи Граничната полиција се дадени на времено користење од Министерството за одбрана на Министерство за внатрешни работи, до комплетирањето на системот на овој вид на врски на Министерство за внатрешни работи.
Преземање на опремата и вооружувањето се планира во текот на целиот процес на трансферот, со внимателна селекција на истите по критериумите на функционалноста и квалитетот.
4. Трансфер на објектите за сместување на елементите на Граничната полиција
За сместување на организациските целини на Граничната полиција на Министерството за одбрана се ставени на располагање поранешните објеки на граничната бригада на Армијата на Република Македонија. Дел од овие објекти според оперативните проценки на Граничната полиција се веќе преземени и понатаму се планира преземање на нови објекти.
Од вкупно 7 објекти во кои се сместени организациските елементи на Регионален центар Југ, 6 се преземени од Армијата на Република Македонија, а од вкупно 5 објекти кои во моментов ги користат елементите на Регионален центар Исток, од Армијата на Република Македонија преземени се 4.
Покрај преземените објекти и опремата од Министерството за одбрана-Армијата на Република Македонија, во опремувањето на Граничната полиција значителен удел имаа и странските донации и средствата од фондовите на ЕУ. Благодарејќи на ваквата структура на опремувањето, буџетските импликации на формирањето на вака сложена организациска целина се во рамките на подносливото, но поголеми потреби за капиталните вложувања се очекуваат дури по заокружувањето на процесот на трансферот на персоналот, односно формирањето на сите планирани организациски единици на граничната полиција.
За 2004 година, за трансфер на одговорноста за контрола на границите, од буџетот на Министерството за одбрана се издвоени вкупно 113.445,000 денари. Останатите потреби се финансирани од буџетот на Министерството за внатрешни работи и Министерството за финансии.
Министерството за внатрешни работи за отпочнување на функционирањето на Граничната полиција потроши вкупно 95.681,765 денари распределени за следните трошоци:
1. Купување на оружје (830 пиштоли) за граничната полиција и муниција за истите - 15.709,260 денари;
2. Набавка на техничка опрема во износ од 1.031,000 денари;
3. Набавка на униформи за Граничната полиција во вкупна вредност од 78.941,505 денари.
Од горе изнесеното може да се констатира дека за формирањето на Граничната полиција од буџетот на двете министерства (Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи) во 2004 година вкупно се издвоени средства во износ од 209.126,765 денари, не земајќи ја при тоа предвид вредноста на капиталните добра (градежни објекти, технички средства за надзор на границата, вооружување и друга опрема) што со одлука на Владата на Република Македонија, Министерството за одбрана ги отстапи на Министерството за внатрешни работи.
Во ребалансот на Буџетот за 2004 година, средствата за плати и надоместоци за преземениот персонал, во износ од 100.000,000 денари се префрлени од буџетот на Министерството за одбрана во буџет на Министерството за внатрешни работи.
Од Буџетот за 2005 година, постои посебна ставка за Гранична полиција, во рамките на Буџетот на Министерството за внатрешни работи. Во текот на 2005 година во оваа ставка предвидени се вкупно финансиски средства во износ од 670.362,000 денари. Средствата се распределени на следниов начин:
1. Плати, наемнини и надоместоци за вработените 247.206,000
Основи плати и надоместоци 163.975,000
Придонеси за социјално осигурување од работодавачите 82.253,000
Останати придонеси од плати 978,000
2. Стоки и услуги 82.775,000
Патни и други расходи 3.400,000
Комунални услуги, греење, комуникација и транспорт 28.025,000
Ситен инвентар, алат и други материјали за поправки 41.850,000
Поправки и тековно одржување 7.700,000
3. Капитални расходи 6.100,000
Градежни објекти 3.000,000
Купување на мебел, опрема, возила и машини 3.100,000
ВКУПНО 670.362,000
Достарыңызбен бөлісу: |