Стенографски белешки



бет3/11
Дата13.07.2016
өлшемі0.68 Mb.
#196382
1   2   3   4   5   6   7   8   9   10   11

Минуваме на точката 1 - Предлог на декларација за реафирмирање на определбата за реализација на стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО, поднесен од пратениците Силвана Бонева, Џеват Адеми, Талат Џафери, Малиша Станковиќ, Рафет Муминовиќ, Авдија Пепиќ, Благородна Дулиќ, Арбен Љабеништа, Михајло Џолонга, Весна Пемова, Јордан Пачков, Харалампие Шокаровски, Миле Пачемски, Светлана Јакимовска, Димитар Стевананџија, Кенан Хасипи, Лилјана Затуроска, Ане Лашкоска, Стевче Трпковски, Косана Николиќ - Мазнева, Надица Танчева - Тулиева, Нада Ципушева, Сузана Салиу, Амди Бајрам, Илија Димовски, Антонијо Милошоски, Васил Пишев, Владанка Авировиќ, Ромео Тренов, Милорад Додевски, Диме Маџоски, Сузана Анова, Трајчо Димков, Драган Цуклев, Ванчо Апостолов, Светлана Карапетрова, Драган Настески, Лилјана Кузмановска, Дарко Димитриески, Нада Станческа, Цена Матеска Дуза, Васко Пашовски, Ѓорѓи Коџобашиев, Веле Ѓорѓиевски, Павле Трајанов, Владимир Ѓорчев, Елена Павлова, Лилјана Поповска, Бети Кузмановска, Славе Гошев, Александар Николоски, Илија Китаноски, Изет Зеќири, Фламуре Демири Креци, Радмила Шекеринска, Гордан Георгиев, Наташа Савова, Игор Ивановски, Тања Томиќ, Ана Павловска Данева, Оливер Спасовски, Горан Минчев, Благоја Стојановски, Самка Ибраимоски, Драгиша Милетиќ, Марјанчо Николов, Маринела Тушева, Емилијан Станковиќ, Билјана Казанџиска, Миле Андонов, Голубчо Ангелов, Станка Анастасова, Андреј Петров, Панче Орцев, Горан Сугарески, Цветанка Иванова, Саве Марачков, Светлана Мазгалоска Вучетиќ, Борче Ставров, Јани Макрадули, Весна Бендевска, Митре Велјаноски, Ердоган Сарач, Дивна Јофковска Ефтимоска, Менде Диневски, Стојко Пауновски, Тито Петковски, Ивон Величковски, Горан Мисовски, Соња Мираковска, Николче Ацевски, Рејхан Дурмиши, Фијат Цаноски, Ленче Николовска, Мевмед Џемајлоски и Сафет Бишевац.

Предлогот на декларацијата ви е доставен.

Отворам општа расправа.

Ги повикувам предлагачот и пратениците кои сакаат да говорат по општата расправа по Предлогот на декларацијата да се пријават за збор.

Благодарам.

За збор се јави поголем пратеници. Молам да се подготви листинг на пријавени пратеници за збор.

Има збор госпоѓа Бонева Силвана како овластен претставник на предлагачот, повелете.

Силвана Бонева: Благодарам.

Почитуван претседателе, почитувани колеги пратеници,

Во Собранието на Република Македонија има можеби многу прашања за кои различно размислуваме, прашања кои можеби и не делат, меѓутоа, ова прашање кое е точка на дневен ред во овој момент, членството на Република Македонија во НАТО, е прашање кое ги обединува сите политички партии и мноштвото граѓани во Република Македонија. Затоа, во пресрет на одржувањето на самитот на НАТО во Чикаго во мај 2012 година и потврдувајќи ја безрезервната определба за зачленување на Република Македонија во НАТО, изразена со одлуката на Собранието на Република Македонија за пристапување на Република Македонија во членство на организацијата на Северноатлантскиот договор НАТО од 1993 година, Декларацијата за подигнување на нивото на односите и соработката меѓу Република Македонија и НАТО од 2004 година и Декларацијата за барање на поддршка за прием на Република Македонија во НАТО од 2007 година предлагаме Собранието на Република Македонија да донесе декларација за реафирмирање на определбата за реализација на нашата стратешка цел, членство на Република Македонија во НАТО.

Потписниците на оваа декларација сметаме дека со нејзиното донесување уште еднаш ќе се реафирмира определбата за реализација на стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО. Затоа, во преамбулата меѓу другото истакнуваме дека сме обединети околу основната определба за натамошен развој на евроатлантските интеграциски процеси. Потсетуваме дека Република Македонија како земја партнер од 1995 година и земја кандидат за членство во НАТО од 1999 година се докажа како достоинствен сојузник на алијансата подготвена да работи на промовирање на заедничките демократски вредсности, стабилноста и добросостојбата во евроатлантската област.

Истакнуваме дека членстовото во НАТО е од суштинско значење за зголемување на безбедноста и стабилноста на Република Македонија и свесни дека членството во НАТО ќе влијае позитивно и врз деловната клима и економскиот раст и развој, со што ќе се подобри и животниот стандард на граѓаните на Република Македонија, изразуваме респект за околу 3000 мажи и жени од Армијата на Република Македонија кои во периодот од 2002 година до денес служеле рамо до рамо со војниците од земјите членки на алијансата во меѓународните операции, афирмирајќи ја стратешката и консензуална определба на сите политички субјекти и на граѓаните на Република Македонија и повторно потврдувајќи ја преку консензусот на претставниците на политичките партии застапено во Собранието на Република Македонија за интензивирање на евроатлантските интегративни процеси врз основа на член 68 став 2 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 25 април 2012 година предлагаме да донесе декларација за реафирмирање на определбата за реализација на стратешката цел, членство на Република Македонија во НАТО.

Во точка 1 од декларацијата стои:

Главен стратешки интерес на Собранието на Република Македонија е зачленувањето во Северноатлантската договорна алијанса НАТО за чија реализација постои најширок општествен консензус и поддршка од граѓаните на Република Македонија.

Точка 2: Интеграцијата на Република Македонија во НАТО е главната политичка определба, интенција, цел и заслуга на сите политички партии, општествени чинители и граѓаните кои со своето делување влијаат врз динамиката и квалитетот на реализацијата на овој процес и споделуваат обврска за придонес.

Точка 3: Повикуваме на почитување на принципите на отворени врати на НАТО алијансата врз кои и се темели алијансата, реафирмирајќи дека ги имаме исполнето сите критериуми и услови за членство во алијансата и остануваме посветени на континуираните реформи и поддршка на мировните операции за обезбедување на светскиот мир и демократијата секаде каде што се потребни под покровителство на НАТО.

Апелираме на почитување на легитимитетот и легалитетот на Организацијата на Обединетите нации и телата кои се формирани од Светската организација, почитување на меѓународното право и неговите норми и ја уважуваме пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и препораките од таа пресуда, а во функција на објективно отсликување на состојбите кои имаат влијание на Евроатлантската интеграција на Република Македонија и во функција на постигнување на напредок на овој пат и соработка со нашите соседи.

Понатаму, акцентираме дека одржувањето на добрососедските односи се од витално значење и суштинска важност за обезбедување развој на регионот и овој стратешки приоритет го има полното наше внимание и нашата заложба е постојано унапредување на меѓусебната соработка со соседите во функција и во интерес на граѓаните на Република Македонија. Со ова реафирмираме дека сме посветени и сериозно заинтересирани за изнаоѓање решение за спорот со името под покровителство на Организацијата на Обединетите нации, решение кое нема да биде на штета на никого.

Укажуваме на значењето регионот да биде во фокусот на проширувањето на НАТО и бараме поддршка од земјите членки на претстојниот самит на НАТО во Чикаго за покана за Република Македонија за членство во НАТО, како и започнување на пристапни преговори со Европската унија.

Убедени сме дека поканата за членство НАТО на Република Македонија и почетокот на пристапните преговори со Европската унија ќе бидат силно охрабрување за двете страни за решавање на прашањето за разликите околу уставното име на нашата земја. Имајќи ја предвид суштествената важност на процесот на евроатлантските интеграции констатираме дека е особено важно сите политички партии со своето однесување и неупотребувањето на оваа стратешка цел во контекст на дневно политичките потреби да го афирмираат духот на заедништвото и конструктивноста во насока на што поскоро остварување на целта за полноправно членство на Република Македонија во НАТО.

Повикувајќи се на улогата на Република Македонија во Антифашистичката коалиција, водејќи се од принципите на Атлантската повелба за самоопределување, признавајќи ја борбата на генерации граѓани за организирање на Република Македонија како евроатлантска модерна и демократска држава, констатирајќи го напредокот што го има постигнато државата и длабоко свесни за цивилизациската вредност на процесот на обединување на евроатлантскиот простор, се обврзуваме натамошно да ги јакнеме предностите од и за што поскоро интегрирање на Република Македонија во НАТО.

Оваа декларација почитувани колеги ќе се достави до сите релевантни меѓународни организации и институции. Очекуваме силна поддршка не само од потписниците на оваа декларација, туку од сите колеги кои што не успеаа да се потпишат да испратиме една силна порака до земјите членки на НАТО, Република Македонија конечно да добие членство во Северноатлантската алијанса. Благодарам.

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господино Алиу Имер има реплика, повелете.



Имер Алиу: Благодарам.

Почитувани пратеници, сигурно сте ја прочитале декларацијата и сте забележале дека потписите на пратениците на ДПА не се меѓу потписниците. Не се затоа што Демократската партија на Албанците не може да дозволи да се случи ваков патетизам ескивирање или пак празна демагогија која што ја слушаме што се однесува на процесот на зачленување на Македонија во Европската унија и во НАТО. Има една вистина и тоа е констатација на сите. Нема политички субјект во Македонија кој што е против зачленувањето на Република Македонија во НАТО. Демократската партија на Албанците ова го има докажано, потврдено, афирмирано многу пати својата јасна определба без никаква алтернатива за членството на земјата во НАТО и Европската унија. Меѓутао има еден проблем од Хилари Клинтон до Штефан Филе сите без исклучок ни дале до знаење кој е условот да Македонија се зачлени во НАТО и Европската унија. Јас не знам каде се гледа оправданоста за оваа декларација кога се знае јасно дека условот за Македонија за членство во НАТО и Европската унија е да го смени името. Токму поради ова ние не сме за овој вид или ваков вид на патетизам, дволичност кога всушност не се работи во потребната насока за да се изнајде компромис за прашањето на името, туку се прави обид на овој начин секако за да се покрие и затскрие неспособноста и немањето способност за наоѓање на решение за прашањето на името, ние не можеме да дозволиме да бидеме дел од оваа маскарада.

Токму поради ова пратениците од ДПА и пратеничката група не ја потпиша оваа Декларација и сигурно дека нема да гласаме за оваа Декларација. Не дека сме ние против сите ја знаат определбата на ДПА и определбата на Албанците воопшто затоа што се тие 99% за членството на Македонија во НАТО. Меѓутоа оваа метода на постапување на парламентарно мнозинство кога се знае кој е условот на Македонија за членство, а тоа е промена на уставното име на оваа земја не можеме да дадеме дозвола.

Трајко Вељаноски: Благодарам.

Госпоѓа Силвана Бонева има контра реплика, повелете.



Силвана Бонева: Благодарам претседателе.

Почитувани колега, можам да кажам во име на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, меѓутоа и во име на сите потписници на оваа Декларација, дека ова не е празна демагогија за барање членство во НАТО. Сите ние тргнуваме од фактот што ја имаме во вид Спогодбата најпрво од 1995 година со која што Република Грција се обврзува дека нема да ја попречува Република Македонија во нејзиното интегирање во меѓународните организации. Ја имаме во вид и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг. И токму од тие причини бараме од Северно атланската алијанса да ги има во предвид овие факти, да го има во предвид фактот што Република Македонија ги исполни сите критериуми и не ја прекрши Спогодбата, тоа го докажа Меѓународниот суд во Хаг и затоа бараме подршка за наше членство во Алијансата.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Господинот Петров Андреј има збор, повелете.



Андреј Петров: Благодарам претседателе.

Почитувани колеги пратеници, жалам што денеска не е тука претседателот на државата или претседателот на Владата за вака значајна точка каде што ваква Декларација Собранието усвојува, треба да се тука. Меѓутоа тоа е она што е, јас би сакал неколку работи и во име на пратеничката група на СДСМ ги соопштам и да го презентирам тука пред Собранието нашиот став.

За СДСМ највисок приоритет се евроатланските интеграции на земјата. Оттука секој чекор, секоја иницијатива, значи и оваа Декларација до колку помогне за остварување на овие стратешки цели за нас е целосно прифатливо. Веројатно владеачкото мнозинство проценило дека со оваа деклариција на Владата ќе и се олесни. На Самотот на НАТО во Чикаго Македонија полесно да ја добие поканата за членство во НАТО односно на мајскиот самит Македонија да стане членка на НАТО. До колку тоа е така, ние тоа безрезерво го подржуваме. Гиставивме нашите потписи на Декларацијата ние и нашите коалициони партнери. Имаме намера оваа Декларација тука, која влегуваме и како предлагачи да ја гласаме. Тоа е она што ние како СДСМ како одговорна партија, како партија која смета дека за граѓаните пред се за граѓаните, за луѓето кои живеат во нашата земја од пресудна важност Македонија да стане членка на НАТО што е можно побрзо уште на Самитот во Чикаго. Заради тоа ние се решивме да ја подржиме оваа Декларација. Се разбира, имајќи предвид дека надвореншната политика ја осмилсува и ја води, дека надворешната политика ја осмилсуваат и ја водат коалиционите партнери, дека процесот на интеграции на земјата е пред се одговорност на Владата. Не бегаме ние како опозиција како во овој случај да ја покажеме нашата конструктивност и да ја покажеме нашата подршка. меѓутоа имајќи предвид дека пред се е работа која ја води Владата, очигледно е дека тие имаат своја проценка, дека оваа Декларација е клучна за членството на Македонија во НАТО. Заклучуваме дека имаат план како Македонија на Самитот во Чикаго ќе стане член на НАТО и заради сето тоа оваа Декларација ја подржуваме и очекуваме резултат. Резултат за Македонија е, Македонија во Чикаго во мај да стане членка на НАТО.

Тука би сакал да спомнам неколку работи во однос на начинот, на процедурата. Прво мислам дека беше ред оваа Декларација пред да биде најавена дека ќе се поднесе од страна на владеачките партии, а во прилог на консензусот, во прилог на она што сакаме да ги градиме заеднички за стратешките цели, заедничките интереси на земјата, прво да се направи разговор и со опозицијата. Тоа заеднички да го промориваме на една прес конференција. Бевме во ситуација да не затече прес конференција на владеачката партија, а Декларацијата сеуште не беше во архивите на Собранието. Заради тоа мислиме дека со таквиот начин на пласирање на работите укажуваме неединство во земјата и тоа не е добро. Меѓутоа да не се фаќаме на ситната игра, на тоа кој ќе ги однесе поените во јавноста, да видиме дека тоа е стратешка цел на земјата. СДСМ и со тоа нема проблем. Заради сето тоа дава отворена подршка на оваа Декларација. Се надеваме, искрено се надеваме дека ова не е појар обид, значи деке не е ова маркетинчки обид. Се надеваме дека ова е навистина осмислен план од страна на Владата базиран вр реални пдатоци, базиран на реално очекување Македонија да стане членка во НАТО. Меѓутоа, информаците ги немаме заради тоа што овој процес на начинот на кој напредува, напредува прилично нетранспарентно. Меѓутоа и со тоа немаме проблем. Даваме отворена пдршка за овој стратешки приоритет на Владата.

Би сакал да спомнам дека СДСМ како партија се гордее со фактите. На 23.12.1993 година одлуката на ова Собрание на Република Македонија беше донесена Македонија да стапи во северно атланската договорна организација НАТО. Тоа беше одлука на овој Парламент, во време кога СДСМ гоимаше мнозинството, ја имаше формирано Владата на чие чело беше тогашниот премиер господинот Црвенковски, заради сето тоа тој процес почна во тој период кога се кршеше определбата и мнозинството на народот застана позади одлуката на Собранието Македонија да стане членка на НАТО. Исто така потсетуваме дека Република Македонија стана земја партнер во 1995 година повторно во време кога мандатот да ја води државата го имаше СДСМ. И повторно државн ички одлуки беа донесени во вистински насоки во правец на евроатланските интеграции.

Исто така сакаме да исктакнеме во 2002 година во времето кога СДСМ ја водеше Владата беше донесена одлуката за испраќање на војниците на Република Македонија да бидат дел од Алијансата на меѓународни сили кои ќе се борат за мирот, ќе се борат за демократијата, ќе се борат за воспоставување на еден демократски систем во светот за кој длабоко сум убеден дека сите ние независно од партиски бои веруваме.

Би сакал исто така да истакнам дека нормално е при тоа ние како опозиција да укажуваме на одредени работи кои се забелешки на Алијансата. Стратешка цел е за Република Македонија, ама таа не оди паралелно со намалување на буџетот на одбраната, на буџетот на Армијата на сметка на полицијата. И тоа е една забелешка која ја имаат голем број од нашите партнери и пријатели и тоа не нешто што треба да се корегира. Некои основни правци мораат да претрпат корекции. Мораме да се фокусираме на нашите НАТО пријатели и сојузници пред се. Мораме да се фокусираме на нашите НАТО пријатели и сојузници пред се. Диспрезираниот обид на некаква дипломатија во која ќе се лобира прво, на некои други места, а потоа во земјите членки на НАТО на Македонија не може да и донесе успех. Настапот мора да биде фокусиран. Тоа е нешто што исто така како Влада, како владеачко мнозинство имате обврска да го спроведувате, кого зборувам фокусиран клучните земји членки на НАТО и се знае кои се стратешките партнери на Македонија, и се знае со која земја Македонија има потпишано стратешко партнерство, тоа е пред се САД.

Исто така, сакам да истакнам дека составен дел на оваа Декларација е и подршка на одлуката на Меѓународниот суд во Хаг. СДСМ ја поздрави во целост одлуката на Меѓународниот суд во Хаг. Сметаме дека таа е исправна, дека е базирана на правото и дека правните аргументи се на страната на Македонија и дека политиката на нашиот сосед во однос на ова прашање е неправедна. Меѓутоа, она што СДСМ го укажувало и пред тоа, го укажуваме и по донесувањето на одлуката. Правните аргументи на таа одлука треба да бидат во функција на деблокирање на нашите интеграции, не во функција на закопување во рововите и неодење напред во интеграциите. Оние аргументи кои се на страна на Македонија, кои се на страна на граѓаните на Република Македонија.

Би сакал уште неколку работи да истакнам. Што е всушност за граѓаните НАТО? И зошто е многу битно, повторувам на 20 мај сите да се радуваме. Заради тоа што НАТО за Македонија прво значи безбедносна компонента, безбедносен чадор. Нема подобар безбедносен чадор, без разлика на било чии коментари од оној чадор што како безбедносна политика го има воспоставено НАТО. Нема пандан, особено за мала земја како што е Македонија кој може да гарантира безбедност и сигурност на граѓаните на Република Македонија, поголема од она што може да го направи НАТО. Меѓутоа НАТО има и нешто друго што за граѓаните на Република Македонија е исто така многу важно. НАТО има своја економска димензија, лошиот животен стандард во Македонија, сиромаштијата која надвлеа во момент единствен начин да се преброди е да се отворат вратите за сите оние инвеститори кои сакаат да инвеститраат во земјата а тие тоа ќе го направат само до колку безбедносна на нивните инвестици е осигурана. Само до колку стои печатот на НАТО голем дел од инвеститорите ќе решат да инвестираат во Македонија и тоа е нормално. Никој не ги инвестира своите пари таму каде што смета дека е несигурно и таму каде што смета дека сеуште не е воспоставен системот за кој НАТО е гарантот. НАТО ќе значи не само подобра живеачка за администрација, бидејќи во државата не живее само администрација, НАТО ќе значи повисок стандард за сите оние фирми кои плаќаат даноци во земјава, за сите оние граѓани кои работат мали бизниси, среднио бизниси, за сите оние кои сакаат да просперираат во оваа држава и кои својата иднина ја гледаат, верувам како и сите нас во Република Македонија. Сето тоа е наша обврска и сето тоа е наша цел заедничка и кон таа цел треба да се стремиме.

Би сакал искрено да верувам дека оваа цел ќе ја оствариме. За СДСМ многу поважно е граѓаните да живеат во безбедна стабилна и економски проспрететна држава отколку тоа кој ќе ги стави ордените на себе и во кој периодот тоа железничка биде завршено. Како што СДСМ заврши голем број на тие таб во пристапувањето на земјата и добивањето на кандидатскиот статус за Европска унија. На тој начин ние и нашите коалициони партнер веруваме дека треба да ви ја дадеме оваа отворена подршка верувајќи дека имате план, верувајќи дека знаете, дека имате некои информации веројатно поради тоа што е дел од вашиот делокруг на работа и дека Македонија ќе стане членка на НАТО час поскоро. Затоа сфатете го тоа како искренаљ подршка од опозицијата за една крупна стратешка цел. СДСМ ви дава отворена подршка заедно со нашите коалициони партнери повторувам, ќе имаат можност и тие да си го искажат своето, да Македонија стане членка на НАТО што е можно побрзо и потоа сите заеднички кон крајот на месец мај тоа да ги прославиме. Благодарам.



Трајко Вељаноски: Благодарам.

Има збор господинот Петковски Тито, повелете.



Тито Петковски: Благодарам претседателе.

Почитувани колеги, веднаш да кажам на почетокот дека пратеничката група на НСДП и ЛП ќе ја подржат оваа Декларација од едноставна причина што станува збор само за реафирмација на определбата за реализација стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО, тука нема ништо спорно, верувам за ниту една политичка партија. Ништо не носи некаков исчекор, некаков продор за членство во НАТО, ниту ги зголемува, ама ниту ги намалува нашите шанси за членство во НАТО, што би рекол нашиот народ ниту ќар, ниту зијан од оваа работа. значи нема ништо спорно ниту во содржината на документот за кој би можеле да спориме. Дури мислам дека ни некои позитивни поени на домашен план за предлагачите на носии. Единствено лично како човек, мислам малку непријатно се чувствував кога вчера во 17 часот и како пратеник, ни беше доставен текстот да го погледнеме и да го потпишеме. Многу покоретно ќе беше тоа да се направеше многу порано, да партиципиравме сите политички и опозицијата и парламентарно мнозинство бидејќи станува збор за цел која што е заедничка, недвојбено на сите политички партии и на сите релеватни фактори во државата. Дека тоа беше набрзина свикано говори и самиот амбиент во салата. Но, дека е нешто многу значајно, суштествено тоа ќе потврдеше присуството, што рече колегата Петров на претседателот на државата, на премиерот, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи. значи ова уште еднаш покажува колку оваа работа е склепана на брзина и изнасилена, а не е продукт на сите, на размислувањето на сите политички фактори. Ова е само практично уште едно повторување на определбата на државниот врв дека тие посветено работат на приклучукот на Македонија кон НАТО.

Она што е најважно и што чувствувам за потребно да го кажам веднаш ќе речам дека оваа Декларација не е патот што води кон НАТО, што ја води Република Македонија кон НАТО. За тоа треба нешто многу повеќе. Патот кон НАТО верувам го знаеме сите присутни во салава, го знае и државниот врв. Но, за да се трасира таков пат за наше приклучување кон НАТО треба и храброст, треба и мудрост, ама треба и срце, треба да се жртвува нешто од личниот интерес макар и од рејтингот на политичарите кои што денес ја водат државата. За жал тоа денес го нема. Ние немаме политиќар државник кој гледа малку подалеку од хоризонтот и кој има храброст непријатнит прашања да ги изнесе на судот на јавноста и да каже, да во овој момент тие прашања се непријатни ама антиципираме во иднината на Република Македонија за некоја година, мислиме за идните генерации, мислиме за стабилност во регионот, меѓутоа пред се за стабилност на Република Македонија. Ние тоа немавме шанса да го видиме, ниту да ги демонстрираме. Оди и премиерот овие денови после моето пратеничко прашање дали е подготвен да прави некоја државна стратегија и објаснува колку не треба да се има затворена седница, туку прашањето да се оди на референдум. Па кој му пречи на премиерот да залаже референдум. 6 години, пишува и во документот на ВМРО ДПМНЕ, а 6 години говори референдум, референдум, референдум, ама никако не го закажува, ниту кое прашање, ниту која содржина, ниту која е суштина на референдумот. Времето е нашиот сојузник е неговата теза. Јас тврдам дека времето не е наш сојузник. Времето може доста лошо да се одрази на стабилноста н а Република Македонија и затоа ни треба храброст и затоа ни треба национално единство за она за кое говорев и молев премиерот да направи стратегија.

Мислев да обезбедиме национално единство да партиципираат сите политички партии, парламентарни, целиот творечки ум во државата, интелектуалната сфера, бизнис секторот, невлдините организации, па ако сакате и црквата која секој потег на опозицијата го прогласува за ЕРЕС, а така здушно соработува со власта особено со ВМРО ДПМНЕ.

Значи сите да партиципираат во таа државна стратегија па тука ако треба и на затворена и на отворен седница ден, два, три четири, па и пет дена да се расправаме, да се убедуваме. И да изградиме став зошто сеуште немаме предлог на Република Македонија.

Сите тврдат, меѓународната заедница дека треба да имаме позитивистички однос кон ова прашање, кон укажувањето на меѓународната заедница. Кој е нашиот став. Дали некогаш државниот прв го соопшти нашиот став по однос на инсистирањето на конмпромис. Колешката Бонева, кажа да за компромис, меѓутоа што нема да го навреди достоинството на овие граѓани, на овој народ. Ама, ајде, кој е тој став. Ајде да го кажеме, тоа е тој став што ние сметаме дека тоа е компромисот што нема да го навреди достоинството на Македонците. Ние молчиме, чекаме.

Јас ве уверувам ако премиерот не беше во состојба да распише референдум за промена на урбанистичките планови, за имињата, за улици, за уредувањето на просторот за живеење, за плоштадот најмалку да има храброст да распише референдум за името. Бидејќи знае дека тој треба да го смисли референдичкото прашање. Владата, никој друг. Затоа бега како ѓавол од темјан.

Бега од тоа прашање и секогаш некој друг е виовен и тезата дека јас Бранко Црвенковски и сите други сме предавници, а тој е патриот што ја чува Македонија на купче и што ја спасува.

Тој е убеден дека Македонија едвај чекала тој да се роди па да ја спаси Македонија. Ама прашањето е многу сложено и бара и многу храброст и многу чувство на одговорност. Ние тоа го немаме во државниот врв.

Говориме дека ги реафирмираме нашите ставови. Сакам да ви кажам колку е тоа од политички план непотребно. Ние во 2004 година после одлуката за наше пристапување во НАТО донесовме декларација за подигнување на нивото на односите на соработка меѓу Република Македонија и НАТО. Ова значи уште едно ниво над таа Декларација?

Значи, не е спорна заложбата, не е спорна определбата и од тие причини ние ќе ја поддржиме оваа Декларација и ги ставивме нашите потписи само заради тие причини.

Конечно сакам да кажам дека прашањето за нашиот прием во НАТО апсолутно не го решаваме со оваа Декларација. Значи ли тоа, да ве потсетам, 2008 година донесовме Резолуција за изнаоѓање на стратегија за наметнатиот спор од страна на Република Грција за нашето уставно име. Не е чепнато. Три години поминаа од тогаш.

Има обврски за премиерот и Претседаелот на државата што треба да направат. Ниту не информираат, ниту нешто прават. Значи ли тоа дека ние сега пред извештајот на Европската комисија како Собрание пак ќе донесеме декларација за потврдување на нашите ставови што сме ги донеле. Што правиме со тоа? Се вртиме во круг, или како мачка околу врел компир само да не ја кажеме суштината на проблемот. Суштината на проблемот е јасна, бегале, не бегале од тоа мораме да се соочиме. Ако имаме обврска да ја водиме оваа држава, а некој има поголема одговорност отколку ние во опозиција тие први треба да кажат дека Македонија е соочена со невиден проблем дека некој сака да ни го смени уставното име дека некој сака да не обезличи итн., а ние само кукаме и гледаме од страна.

Сакам да потврдам уште еднаш врз основа на моите искуства овие 20-21 година на нашата самостојност прекрасно е она што се случи во Хаг со пресудата, ама зарем уште еднаш не се уверивте дека во меѓународните односи не владее правото, правда нема во меѓународните односи. Диктира моќ, диктира сила моќниот и тоа се случува. Македонија не може да бега постојано од проблемот да се соочи. Затоа ни треба дискусија на таа тема, па да кажеме, во ред, од сега натаму што сакате правите ние остануваме цврсто на тоа, но да дадеме предлог дека имаме таков и таков предлог. Некој го вика тоа црвена линија. Еве, да ја утврдиме македонската црвена линија. Ако имаме храброст ајде околу тоа да седнеме и да разговараме.

А, ако не тоа, државниот врв има обврска да понуди алтернатива па да каже оваа работа не ја бидува со НАТО што не ја бидува, но граѓанин на Република Македонија дајте да бараме некое чаре кое било, ама треба да излезат па да кажат кое е тоа друго чаре, бидејќи овде се додирнува прашањето околу нашата интеграција со Европската унија. Истото прашање е. Значи, мора да излезе државниот врв, владечката партија и да каже дека Македонија е соочена со таков и таков проблем и бараме тој проблем да се реши со постигнување консензус и национално единство.

Ако е партија за македонско национално единство дајте да го обезбедиме тоа национално единство, ама понудете ја платформата на која што ќе ја обебедиме. Не само никој не не сака, а ние само кукаме и плачеме. Калимеро политика не му донела профит на никој, па нема ни на Македонија да и донесе. Тоа треба да го знае и премиерот и претседателот на државата.

Мислам дека не е спорно од никој да се поддржи оваа декларација но за да направиме исчекор во НАТО и Европската унија треба да бидеме многу одлучни, храбри, одважни, мудри и да рачунаме дека за нас ќе суди идната генерација и историјата, а не да чекаме од господ помош. Не бива. За Македонија за да се спаси ни требаат многу чуда, не е доволно едно чудо што се случи едно чудо во Свети Димитриј.



Достарыңызбен бөлісу:
1   2   3   4   5   6   7   8   9   10   11




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет