Студиска посета во република бугаријА



Дата24.06.2016
өлшемі47.5 Kb.
#156410
СТУДИСКА ПОСЕТА ВО РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА
Во рамки на спроведувањето на активностите кои се предвидени со Договорот потпишан меѓу ЗЕЛС (комисијата за рурален развој) и СНВ Македонија, во периодот од 15 до 17 јуни беше организирано студиско патување во Република Бугарија.

Домаќин и партнер во организацијата на студиското патување во Бугарија беше EUBA (Energy Utilization Biomass Association) од Република Бугарија чиј претседател е проф. Д-р. Димитар Младенов. Покрај EUBA, на студиското патување беа присутни и г-дин Димитар Дамјанкин, управител на Зрно-горска техника од Дупница, Бугарија и г-дин Рајко Бозов, управител на Биомаса инженеринг од Чепеларе.

Групата гости на студиското патување беше составена од разнородна структура:


  1. Игор Лазаревски, Директор на инспекторат за шумарство, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Република Македонија;

  2. Стојан Лазарев, градоначалник на општина Конче;

  3. Горан Малешевски, градоначалник на општина Делчево;

  4. Исен Асани, градоначалник на општина Теарце;

  5. Емануел Тасев, Грин Инвест, Скопје;

  6. Александра Капсималова, Агенција за енергетика на Република Македонија;

  7. Анела Ставревска-Панајотова, советник за шумарство, SNV Macedonia;

  8. Сашо Петровски, проектен лидер за шумарство, SNV Macedonia;

  9. Alastair Anton, проектен лидер за шумарство, SNV Albania;

  10. Stavri Plaha, советник за шумарство, SNV Albania;

Целта на студиското патување беше презентација на искуствата кои во Бугарија се изградени врз база на употребата на дрвото како обновлив извор на енергија во модерни системи за затоплување кои користат дрвени пелети или дрвен чипс.

Програмата на студиското патување беше дводневна, при што првиот ден беше организиран во општина Чепеларе, а вториот ден во Хасково.


Во општина Чепеларе програмата започна со презентација на производство на дрвен чипс во приватна пилана во Чепеларе. Дрвениот чипс се добива со дробење на остатоци од пиланско производство. Дробењето се прави во статична машина – дробилка, а материјалот се складира во помошна просторија или директно се испорачува на купувачите како рефус или пакувано во големи пакувања од по 2 м3. Чипсот е гориво кое се употребува во котли кои работат на овој вид на гориво. По цената на чинење на испорачана топлотна единица, дрвениот чипс надалеку ги надминува сите останати видови на горива кои се употребуваат за затоплување: нафта, струја, гас или пелети.

Потоа презентацијата продолжи во средното земјоделско-шумарско училиште кое се затоплува на овој вид на гориво, со котел со моќност од 270 KW. Притоа служителот на котелот ни појасни дека претходно училиштето се затоплувало на нафта, а со инсталацијата на котелот на дрвен чипс трошоците за затоплување на училиштето се намалиле за неверојатни 75%. Системот работи самостојно и автоматски, што дополнително ја зголемува неговата економска ефикасност.





По оваа презентација, во просториите на Биомаса инженеринг беа презентирани повеќе котли кои работат на пелети и на биомаса (дрвен чипс, семки од црешни). Котлите кои беа предмет на презентација беа со моќност од 12 до 45 KW, што е доволно за загревање на простории од 100 до 400 м2.

Следен дел од програмата беше посета на општината Чепеларе, каде бевме пречекани од градоначалникот Георги Попов и од општинската администрација.



Пречекот беше многу срдечен, а градоначалникот лично ни ги презентираше напорите на општина Чепеларе да ги исполни заложбите на Европа за употреба на 20% обновливи извори на енергија до 2020 година (20/20/20). Овој процент општината веќе го има на големо надминато, а како што беше презентирано во 2011 година тој процент веќе изнесува 68%, а емисиите на CO2 се намалени за 900 тони. Трошоците за затоплување во општината се намалени од 542.000 лева во 2006 на 232.000 лева во 2011 година.

Општината за овие заложби е наградена со 1 место на натпреварот во Прага 2011, за општини кои употребуваат обновливи извори на енергија, во категоријата на општини со број на жители од 5 – 20.000.

По срдечниот пречек во општината следна беше презентацијата на затоплување на јавен објект (градинка) со котел на пелети кој е инсталиран надвор од градинката во метален контејнер. Директорот на градинката и опслужувачот на котелот им пренесоа на гостите дека котелот работи веќе четврта година и дека се крајно задоволни од квалитетот на неговата работа како и од заштедите кои ги остварува.

Вториот ден студиското патување се одржа во градот Хасково, каде бевме гости на ЕРАТО холдинг, компанија која покрај другите дејности се бави и со производство на котли на биомаса за бугарскиот и за пазарот во ЕУ, производство на разни машини меѓу кои и дробилици за дрво, како и производство на пелети за свои потреби. ЕРАТО сериски произведува котли со моќност до 45 KW. Поголемите котли се набавуваат од европски партнери или се произведуваат по нарачка, како големи котли со моќност од 1000 KW.

Од особен интерес за посетителите беше погонот за производство на пелети во кој се произведуваат пелети со висок квалитет (ENplus-A1). Беше презентиран целокупниот процес на производство, од неколкукратно дробење на суровината до финален производ - пелет.

ЕРАТО презентираше и котел со моќност од 1000 KW кој има капацитет да загрее околу 9000 м2. Работата на овој котел се следи пеку комјутерски софтвер, а енергијата која ја произведува е со крајно поволна цена.


За крај, претставниците на ЕРАТО не прошетаа низ погоните за производство на машини и на котли во кои голем дел од производните процеси се одвиваат по највисоките стандарди за квалитет и заштита во производството.

Со оваа студиска посета се остварија зададените цели, а тоа се:


  • Подобрено знаење на употребата на дрвото како обновлив извор на енергија;

  • Подобрено знаење за ефикасноста на употреба на дрвен чипс и пелети во иновативни системи за затоплување;

Учесниците на студиското патување разменија контакти како со домаќините во Бугарија, така и меѓусебно, со цел идна соработка на полето на обновливи извори на енергија, размена на искуства и подобрување на употребата на обновливи извори на енергија во Македонија.

Градоначалниците на општините Конче, Делчево и Теарце се здобија со повеќе информации за ефикасноста на употребата на иновативни системи за затоплување кои можат да најдат широка примена во јавните објекти во кои надлежноста за обезбедување на загревање е во рамките на локалната управа.

Резултатите од студиската посета ќе бидат презентирани и на работилница која согласно планот на активности ќе биде одржана во Септември 2011.








Достарыңызбен бөлісу:




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет