Правда и внатрешни работи


H. БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ



бет34/51
Дата29.06.2016
өлшемі3.39 Mb.
#166383
1   ...   30   31   32   33   34   35   36   37   ...   51

H. БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ



1. Ве молиме да наведете информации за законодавството или други прописи со кои се регулира ова подрачје, како и за нивната усогласеност со соодветните меѓународни конвенции?


Закони кои содржат одредби од значење за борбата против тероризмот се следниве:



  • Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/2002 и 43/2004);

  • Законот за кривичната постапка („Службен весник на РМ„, број 15/97, 44/02 и 74/04);

  • Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело („Службен весник на РМ„, бр.46/2004);

  • Законот за азил и привремена заштита („Службен весник на РМ„, бр.49/2004);

  • Законот за внатрешни работи („Службен весник на РМ„, бр.19/95, 55/97, 38/02, 33/03 и 19/04);

  • Законот за Агенција за разузнавање („Службен весник на РМ„, бр.19/95).



Нормативните одредби на Кривичниот законик на Република Македонија („Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04) ја изразуваат намерата на законодавецот, меѓу другото, да да се имплементираат стандардите на меѓународното казнено право кога се работи за сузбивање на тероризмот. Имено, со оваа внатрешна регулатива се инкриминирани сите однесувања кои според општите стандарди и критериуми можат да се сметаат за терористички однесувања; Со членот 313 од Кривичниот законик инкриминиран е „тероризмот„, како казниво дело, членот 419 ги регулира дејствијата на извршување на „меѓународен тероризам„, а членот 394а од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик го санкционира создавањето на „терористичка организација„, нејзиното финансирање, јавното повикување, поттикнување и поддржување на ваква организација. Покрај тоа, воведени се построги казени за кривични дела поврзани со тероризмот.

Oбласта на тероризмот е регулирана и со Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело („Службен весник на РМ„, бр.46/04), а постапката е уредена со Законот за кривичната постапка („Службен весник на РМ„, број 15/97, 44/02 и 74/04).

Со Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело се утврдени мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари и други приноси од казниво дело, како и организирањето и контролата на нивната примена.

Законот за азил и привремена заштита, пропишувајќи ги условите под кои може да се признае правото на азил, односно статусот на бегалец, истовремено предвидува дека дејствувањето против уставниот поредок на Р.Македонија, односно извршувањето кривично дело против човечноста и меѓународното право, целите и начелата на Обединетите нации претставуваат основа за одземање на правото на азил, односно статусот на бегалец (член 6).

Законот за внатрешни работи (член 13), меѓу другото ја пропишува и надлежноста на Министерството за внатрешни работи (Управата за безбедност и контраразузнавање) за вршење работи кои се однесуваат на заштита од тероризам.

Законот за Агенција за разузнавање (член 2), ја пропишува надлежноста на Агенцијата за разузнавање, да собира податоци и информации, од значење за безбедноста на Р.Македонија.

Собранието на Република Македонија донесе Национална концепција за безбедност и одбрана („Службен весник на РМ„, бр.40/03) , која го идентификува тероризмот треба да се оствари подобра безбедносна состојба и заштита на темелните вредности на општествениот поредок, како и да се надминат ризиците и опасностите по безбедноста, меѓу кои е и урбаниот тероризам.

Нормативната поставеност на законските акти на Република Македонија јасно говорат за намерата да се овозможи и осигури учество на Република Македонија во меѓународната соработка во борбата против тероризмот.

Република Македонија, во однос на инструментите на Обединетите Нации за борба против тероризмот ги има потпишано и ратификувано:

1. Конвенција за превенција и казнување на злосторства против лица под меѓународна заштита, вклучително и дипломатски агенти, Република Македонија е членка од 12 март 1998 година, по основ на спогодба за сукцесија. Одредбите на Конвенцијата се имплементирани во членовите 141, 181, 182, 183, 309, 310, 311, 419 и 420 од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04). ( Convention on the prevention and punishment of crimes against internationally protected persons, including diplomatic agents - Macedonia is a party since 12 March 1998 following the notification on succession )

2. Меѓународна конвенција против земање на заложници, Република Македонија е членка од 12 март 1998 година, по основ на спогодба за сукцесија. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членот 421 од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04). ( International convention against the taking of hostages - Macedonia is a party since 12 March 1998 following the notification on succession )

3. Конвенција за сузбивање на нелегална заплена на авион, Република Македонија е членка од 7 јануари 1998 година, по основ на спогодба за сукцесија. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 302 и 303 од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04). ( Convention for suppression of unlawful seizure of aircraft - Macedonia ia a party since 7 January 1998 following the notification on succession )

4.Конвенција за казнените дела и одредени други дела сторени во воздухоплов, Република Македонија е членка од 30 август, 1996 година, по основ на спогодба за сукцесија. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 302 и 303 од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04). ( Convention on offences and certain other acts sommitted on board aircraft - Macedonia is a party since 30 August 1996 following the notification on succession)

5.Конвенција за физичка заштита од нуклеарниот материјал, Република Македонија е членка од 20 септември 1996 година по основ на спогодба за сукцесија; Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 231, 288 и 407-б од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04).(

6.Конвенција за сузбивање на незаконски акти против безбедноста на цивилното воздухопловство, Република Македонија е членка од 4 јануари 1995 по основ на спогодба за сукцесија; Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 300 и 303 од Кривичниот законик на Република Македонија

7. Протокол за сузбивање на незаконски акти на насилство на аеродроми кои служат за меѓународно цивилно воздухопловство, дополнение кон Конвенцијата за сузбивање на незаконски акти против безбедноста на цивилното воздухопловство, Република Македонија е членка од 4 јануари 1995, по основ на спогодба за сукцесија. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 304, 403-а и 404 од Кривичниот законик на Република Македонија („Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04).

8.Меѓународна конвенција за сузбивање на терористички напади со експлозивни материи, Република Македонија ја потпишала оваа Конвенција на 16 декември 1998 година, ја ратификувала на 6 мај 2004 година. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членот 288 од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04).

9.Меѓународна конвенција за сузбивање на финансирање на тероризмот, Република Македонија ја потпишала оваа Конвенција на 31 Јануари 2000 година, ја ратификувала на 6 мај 2004 година. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членот 273 од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04).


Република Македонија, во однос на инструментите на Советот на Европа за борба против тероризмот ги има потпишано и ратификувано:

1.Европска конвенција за спречување на тероризмот, Република Македонија ја потпишала оваа Конвенција на 08 ноември 2001 година, ја ратификувала на 15 јули 2004 година. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 313, 419 и 394-а од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04).

2.Европска конвенција за екстрадиција и Дополнителните протоколи на Европската конвенција за екстрадиција, Република Македонија ја потпишала оваа Конвенцијата на 28 jули 1999 година, ја ратификувала на 28 јули 1999 година. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 509 до 525 од Законот за кривичната постапка и членовите 181 до 186 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка („Службен весник на РМ„ бр.15/97, 44/02 и 74/04)

3.Европска конвенција за взаемна судска помош за казниви дела, Република Македонија ја потпишала оваа Конвенција на 28 јули 1999, ја ратификувала на 28 јули 1999. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 502 до 509 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на РМ„ бр.15/97, 44/02 и 74/04),

4.Дополнителен протокол на Европска конвенција за взаемна судска помош за казниви дела, Република Македонија ја потпишала оваа Конвенција на 28 јули 1999, ја ратификувала на 28 јули 1999; Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членовите 502 до 509 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на РМ„ бр.15/97, 44/02 и 74/04),

5.Конвенција за перење на пари, откривање, заплена и конфискација на имотна корист прибавена со кривично дело, Република Македонија ја потпишала оваа Конвенција на 14 декември 1999 година, ја ратификувала на 19 мај 2000 година. Одредбите од Конвенцијата се имплементирани во членот 273 од Кривичниот законик на Република Македонија ( „Службен весник на РМ„ бр.37/96, 80/99, 4/02 и 43/04) и во Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело („Службен весник на РМ„, бр.46/04).

Согласно член 118 од Уставот на Република Македонија, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

2. Дали вашата земја е соочена со конкретен облик на тероризмот? Доколку да, дали тој потекнува од земјата или надвор од неа?

По терористичкиот напад врз САД на 11/09/2001 и изменетите геополитички фактори како резултат на глобалната закана, Република Македонијасе приклучи на меѓународната коалиција за борба против глобалниот тероризам. Република Македонија директно партиципира со единици на Армијата на Република Македонија во меѓународните мисии во Авганистан – ISAF од 2002 година и во Ирак – IRAQ FREEDOM од 2003 година.


Поради ваквиот ангажман на Република Македонија во меѓународната антитерористичката коалиција, на надворешен план, не е исклучена можноста од преземање на одредени акти на терор од страна на исламски радикални групи и организации спрема институции, граѓани или интереси на Република Македонијаво земјата и странство. Такви беа нападот на Канцеларијата на почесниот Конзул на Република Македонија во Карачи, Пакистан, на 6 декември 2002 година, кога погинаа 3 лица, како и убиството на тројцата македонски граѓани - цивилни лица, кои беа на работа во Ирак, во октомври 2004 година.
На внатрешен план Република Македонија од осамостојувањето до денес е изложена на одредени закaни од терористичка активност спрема нејзините национални интереси. Конкретни терористички акции во Република Македонијабеа изведени во 1995 година (атентат на Претседателот на Р.Македонија), во текот на 1997 беше извршен бомбашки напад врз судот во Гостивар, додека во 1998 година цел на бомбашки напади беа полициските станици во Прилеп, Куманово, Тетово, судот во Кичево како и пругата Скопје – Белград.

Вооружениот конфликт во текот на 2001 година во поголем обем ја наруши безбедносната состојба во Р.Македонија. По потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор, и започнувањето на неговата имплементација, Република Македонија и понатаму се соочуваше со закани од поединечни акти на тероризам од страна на поединци и криминални групи кои делуваа во поранешните кризни региони. Заканите се користат од страна на „Фронтот за национално обединување на Албанците„ и „Албанската национална армија„ (чија платформа е создавање „Обединета албанска држава„ на Балканот, со примена и на насилни методи и средства, заради што истите се прогласени од САД и Европската Унија за терористички организации) за подготвување и изведување на поединечни терористички напади или акти на насилство, по што истите ја преземаат одговорноста.

Во 2002 и 2003 година беа извршени акти со терористички обележја. Спрема сторителите на 4реддовие терористички акти беа поднесени кривични пријави за кривично дело „Тероризам„ за што и беа осудени на соодветни затворски казни.

Во текот на 2004 година, со стабилизирањето на безбедносната состојба, не се регистрирани непосредни терористички напади, иако не е исклучена можноста за преземање на поединечни акти на терор и насилство од поедини криминални групации надоврзани на „ФНОА„ („ФБКШ„) и „АНА„ („АКШ„), како и од други екстремни поединци и групации кои се против спроведувањето на одредбите од Рамковниот Договор, а чија основа на делување се големодржавни проекции.


3. Која е националната правна рамка и законска основа за анти- терористичко дејствување?

Правна основа за дејствување против терористичките активности во Република Македонијасе законите разработени во прашањето 1 од истиов Оддел. (24_H_1).

Во Кривичниот законик на Република Македонија(член 313) тероризмот е инкриминиран како кривично дело, за чиј сторител е предвидена казна затвор од најмалку четири години. Законот предвидува дејствието да се третира како тероризам, доколку едно лице има намера со предизвикување или сериозна закана за предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општо опасно дејствие или акт на насилство, да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонијаи создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните.

Казнување (со казна затвор од најмалку четири години) е предвидено и за секое лице кое ќе создаде заговор, банда, група или друго здружение на лица или организација (член 324) за вршење на терористичка активност. За лицето припадник на заговорот, бандата, групата или другото здружение, предвидена е казна затвор од една до пет години. Кривичниот законик предвидува ослободување од казна за припадникот на здружението, кој ќе го разоткрие здружението, пред во негов состав или за него да стори терористички акт.

Инкриминирано (член 325) е и (казниво со затвор од една до десет години) криењето и помагањето на сторителот на кривичното дело „Тероризам„ (давање засолниште, храна, пари или други средства, одржување врска, преземање дејствија насочени кон спречување на откривање или фаќање на сторетел или на друг начин укажување помош), како и подготвувањето (со казна затвор од три до десет години) на извршување на ова кривично дело (член 326). Инкриминирано е и потешко санкционирано (со затвор од најмалку десет години) поведението кога при извршување на терористичкиот акт, ќе биде предизвикана смрт на едно или повеќе лица, или ќе се предизвика имотна штета од поголеми размери. Умисленото лишување од живот на едно или повеќе лица при извршување терористички акт, како и извршување на ваков акт за време на војна или непосредна воена опасност, се казнуваат со казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.

Кривичниот законик го инкриминира и казнува (со казна затвор од најмалку осум години) и создавањето на терористичка организација (група, банда или друга злосторничка организација) за извршување на кривичните дела: убиство,телесно повредување, грабнување на лица, уништување на јавни објекти, транспортни системи, објекти на инфраструктура, информациони системи и други објекти во општа употреба, грабнување авиони или други средства за јавен траспорт, производство, поседување или трговија со нуклеарни, биолошки, хемиски и други видови оружја и опасни материи, пуштање опасни радиоактивни, отровни и други опасни супстанци или предизвикување пожар или експлозија, уништување на постројки за снабдување со вода, енергија или други основни природни извори, заради создавање чувство на несигурност или страв кај граѓаните или загрозување на уставниот поредок на земјата или интересите на меѓународна организација или странска држава. Законикот, предвидува поблаго казнување (со казна затвор од три месеци до три години) за сторителот на делото, доколку истиот ја открие организацијата, или на друг начин, го спречи извршувањето на планираните дела.

Казнување (со затвор од четири до десет години) е предвидено и за припадник на групата, бандата или друга злосторничка организација, како и за лицето кое обезбедува финансиски средства или помага на друг начин. Законодавецот предвидува да го ослободи припадникот на групата, бандата или другата злосторничка организација, кој ќе ја открие организацијата, пред во нејзин состав или за неа, да стори некое од претходно споменатите дела. Инкриминирано е и јавното повикување, поттикнување или поддржување на создавање терористичка организација. Членот 419 пропишува казнување (со казна затвор најмалку три години) за секој кој со намера да и наштети на странска држава или меѓународна организација, ќе грабне лице или изврши друго насилство, предизвика експлозија или пожар или со општо опасно дејство или средство предизвика опасност за животот на луѓето и имотот од значителна вредност. Доколку, поради ваквите активности, настапи смрт на едно или повеќе лица, или се предизвика штета од поголеми размери, односно умислено се лиши од живот друг, сторителот ќе се казни со затвор најмалку пет години, односно казна затвор, од најмалку десет години или доживотен затвор.

Кривичното законодавство на Република Македонија(член 116) се применува кога терористичкиот акт е сторен на територијата на Р.Македонија, односно домашен брод или воздухоплов, без оглед каде истите се наоѓале во моментот на извршување на делото.

Кривичното законодавство на Р.Македонија, важи и за секое лице, кое ќе изврши терористички акт во странство (член 117), како и за странец кој ќе изврши терористички акт спрема странец или странска држава во странство (кога за делото може да се изрече затвор од пет или повеќе години), а не ќе и биде екстрадиран на странската држава.

Правните прописи во Република Македонијане дозволуваат екстрадиција на македонски државјанин за било кое кривично дело, што значи и за извршено кривично дело „Тероризам„ (член 4 од Уставот на Република Македонијаи член 510 од Законот за кривична постапка), но ја дозволуваат можноста под одредени услови, од Р.Македонија, да биде екстрадиран странец - сторител на терористички акт (член 29 од Уставот на Република Македонијаи член 510 од Законот за кривична постапка).Имено според член 29 од Уставот на РМакедонија, екстрадиција на странец, може да се изврши само врз основа на ратификуван меѓународен договор и начелото на реципроцитет. Странец не може да биде екстрадиран заради политичко кривично дело. Дејствијата на тероризам, не претставуваат политички кривични дела. Членот 510 од Законот за кривична постапка ги пропишува претпоставките за екстрадиција. Имено, лицето чија екстрадиција се бара, не треба да биде државјанин на РМакедонија; делото поради кое се бара екстрадиција не треба да биде извршено на територијата на РМакедонија, против неа или нејзин државјанин; делото за кое се бара екстрадицијата да е кривично дело и според домашен закон и според законот на државата во кое е извршено. Исто така е потребно според домашниот закон да не застапила застареност на кривично гонење или застареност на извршување на казната, пред странецот да биде притворен или испитан како обвинет; или не бил осуден поради истото дело од домашен суд, или за истото дело од домашен суд, да не бил правосилно ослободен, или против него кривичната постапка да не била правосилно запрена или обвинението правосилно одбиено, освен ако не е дадена гаранција за остварување на имотното барање на оштетениот. Исто така се бара да биде утврден и идентитетот на лицето што треба да се екстрадира, како и да има, доволно докази за основано сомневање, дека странецот чија екстрадиција се бара, сторил определено кривично дело или дека постои правосилна пресуда.

Законот за кривична постапка (член 142), предвидува обврска Министерството за внатрешни работи да презема потребни мерки, кога постојат основи на сомневање дека се извршени терористички активности. Всушност Министерството има обврска да презема мерки за пронаоѓање на сторител и соучесник на терористичка активност, ги открие и обезбеди трагите и предметите на кривичното дело, собира известувања, корисни за успешно водење на постапката.

Во функција на поуспешно превенција и разоткривање на терористичките активности и нивните сторители, Законот за кривична постапка (со измените и дополнувањата од 2004 година), предвидува преземање посебни истражни мерки (следење на комуникациите; увид и пребарување во компјутерски систем или негово целосно или делумно одземање; тајно набљудување, следење и визуелно-тонско снимање на лица и предмети со технички средства; симулиран откуп на предмети, симулирано примање и давање поткуп; контролирана испорака и превоз на лица и предмети; користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации; отворање симулирана банкарска сметка, регистрирање привидни правни лица или користење на постојните заради собирање податоци), кои применети под услови и начин утврдени со закон, ќе можат да се употребат како доказ во кривичната постапка.

Законот за азил и привремена заштита, пропишувајќи ги условите под кои може да се признае правото на азил, односно статусот на бегалец, истовремено предвидува дека дејствувањето против уставниот поредок на Р.Македонија, односно извршувањето кривично дело против човечноста и меѓународното право, целите и начелата на Обединетите нации претставуваат основа за одземање на правото на азил, односно статусот на бегалец (член 6).

4. Кои државни тела и агенции се вклучени во борбата против тероризмот?

Според постоечката правна регулатива во Република Македонијанадлежности за борба против тероризмот имаат:



  • Јавното Обвинителство на Р.Македонија, формирано како државен орган надлежен за гонење на кривични дела, вклучително и кривичното дело „Тероризам„ и кривични дела поврзани со тероризмот (Закон за Јавно Обвинителство „Службен весник на Р.Македонија„ бр.38/04).

  • Агенцијата за разузнавање (Закон за Агенција за разузнавање „Службен весник на Р.Македонија„ бр.19/95).

  • Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Р.Македонија„ бр.19/95; 55/97; 38/02; 33/03 и 19/04) преку Управата за безбедност и контраразузнавање (член 13 од Законот за внатрешни работи и Правилата за работа на УБК ( „Службен весник на Р.Македонија„ бр.48/98), формирана како орган во состав на Министерството; Секторот за антитероризам формиран согласно „Декларацијата против тероризмот во Р.Македонија„ („Службен весник на Р.Македонија„ бр.7/98) и специјалните единици (ЕСЗ-Единица за специјални задачи и СЕБР-Специјална единица за брзо распоредување), кои се посебно обучени и задолжени за дејствување во кризни ситуации како што се: заложнички кризи, грабнување на авиони и сл., како и за совладување на непосреден отпор.

  • Дирекцијата за спречување на перење пари, која претставува административен модел на единица за финансиско разузнавање и дејствува како посредник меѓу органите на прогонот и приватниот сектор на полето на спречување на финансирање на тероризмот(Закон за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело „Службен весник на Р.Македонија„ бр.46/04).



Агенцијата за разузнавање, Министерството за внатрешни работи преку Секторот за антитероризам и Секторот за заштита на уставното уредување и спротивставување на тероризмот во Управата за безбедност и контраразузнавање во рамките на своите надлежности прибираат податоци и информации за откривање, следење, документирање и проучување на дејноста на поединци и групи, илегални групи и организации, како и активностите на странски меѓународни терористички организации, групи и поединци насочени кон загрозување на уставниот поредок на Р.Македонија, како и нејзините политички, стопански и други интереси во земјата и странство. Воедно, Секторите работат во правец на попречување и оневозможување на терористичките закани, како и откривање на извршители на сторено кривично дело „Тероризам„ и други кривични дела поврзани со тероризмот, откривање и демонтирање на експлозивни направи и водење преговори во заложнички кризи.

5. Кои национални тела ја координираат борбата против тероризмот?

Во согласност со преземените обврски согласно Резолуцијата на ОН 1267 од 1999 година Владата на Република Македонијана 25.06.2002 година донесе Заклучок да се формира меѓуресорско координативно тело, заради координирање на активностите во борбата против меѓународниот тероризам, вклучително инплементација на резолуцијата 1373 од 2001 година. Согласно Заклучокот, ова тело е формирано при Министерството за надворешни работи, а свои претставници имаат делегирано: Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за правда, Министрството за финансии и Агенцијата за разузнавање.

Согласно Одлуката на Претседателот на Република Македонија и претседателот на Владата на Република Македонија (ДТ.бр. 07-9 од 17.09.2003 година и ДТ. бр. 66/1 од 16.09.2003 година) безбедносните служби и агенции (Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана, Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи и Агенцијaта за разузнавање) кои, со свои активности учествуваат во борбата против тероризмот редовно разменуваат податоци и информации кои се однесуваат на постоењето терористички закани, подготовка и разоткривање на терористичките активности и нивните извршители.

Во случаите кога е извршен терористички акт или дејствие поврзано со терористички акт (подготвување, здружување и сл.), криминалистичко-техничката обработка ја координира надлежниот Јавен Обвинител, кој согласно своите надлежности, пропишани во Законот за Јавно Обвинителство („Службен весник на Р.Македонија„ бр.38/04) презема потребни мерки за собирање на податоци важни за покренување на кривична постапка. Во својата работа Јавниот Обвинител ја координира работата на сите органи и служби вклучени во откривањето на сторителите на кривичното дело тероризам, првенствено на Министерството за внатрешни работи.

Новоформираното одделение за организиран криминал, согласно Законот за Јавно Обвинителство (чл.29) во 2004 има надлежност и во гонењето на кривичното дело териризам и други дела поврзани со тероризмот. За детали види 24_I_02.

6. Која е улогата и учеството на безбедносните и разузнавачките служби?

Безбедносните служби на Република Македонија своите активности од областа на безбедноста ги засноваат врз основа на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Р.Македонија„ бр.52/91; 1/92; 31/98; 91/01 и 84/03); Законот за Агенција за разузнавање („Службен весник на Република Македонија„ бр.19/95); Законот за внатрешни работи („Службен весник на Р.Македонија„ бр.19/95; 55/97; 38/02; 22/03 и 19/04); Законот за одбрана („Службен весник на Р:Македонија„ бр.42/01); Националната концепција за безбедност и одбрана („Службен весник на Р.Македонија„ бр.40/03); годишните насоки за работа на безбедносните служби.

Министерството за внатрешни работи (Управата за безбедност и контраразузнавање), Агенцијата за разузнавање и Секторот за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана своите активности ги насочуваат кон спротивставување на сите облици на терористички активности во Република Македонијаи странство. За остварување на целите безбедносните служби и агенции во рамки на своите надлежности, вршат проучување на активностите на поединци, групи, организации и институции поврзани со финансирање, подготовка, организирање, помагање и преземање на активности со обележја на тероризам.

Безбедносните служби и агенции ги проучуваат поединците, групите и организациите кои би можеле да ја искористат територијата на Република Македонијаза подготвување, организирање и изведување терористички напади во други земји. За попречување на ваквите активности остваруваат соработка со сродни безбедносни служби.

Се истражуваат и врските на терористичките закани, со илегалниот трансфер на оружје, луѓе и дрога, како и криумчарењето на радиоактивни, хемиски и биолошки материи погодни за изработка на оружје за масовно уништување.

Заради навремено откривање на терористичките закани, безбедносните служби во Република Македонијапреземаат активности за:



  • Собирање податоци од граѓани.

  • Користење податоци од јавни извори.

  • Увид во регистри и збирки на податоци.

  • Користење на тајни соработници.

  • Примена на тајни мерки и активности (следење на комуникациите, тајно набљудување, следење и визуелно тонско снимање на лица и предмети со технички средства).

  • Водење збирки и регистри на податоци.

  • Вршење безбедносни проверки за лица, чиј престој е од важност за безбедноста на државата.

  • Обавување контраразузнавачка заштита на лица и објекти.



Согласно уставните и законски надлежности, безбедносните служби со годишни извештаи вршат информирање на Претседателот на Р.Македонија, Претседателот на Собранието на Република Македонијаи Владата на Рeпублика.Македонија. Податоците доставени до овие органи претставуваат државна тајна освен ако не се одлучи поинаку.

Безбедносните служби го известуваат Јавниот Обвинител за податоците кои укажуваат на подготовка или извршено дело тероризам.

Во собраниска процедура е донесување на Закон за следење на комуникациите. Тоа е овозможено со измените на Уставот предвидени со Амандманот 19 („Службен весник на Р.Македонија„ бр.84/03)

7. Дали постојат специјализирани тела кои се занимаваат со истражување на финансирањето на тероризмот?

Во Република Македонијане не е формирано посебно тело кое се занимава со истражување на финансирањето на тероризмот. За истражување на финансирањето на другите криминални активности се задолжени: Дирекцијата за спречување на перење на пари; Финансиската полиција; Државната комисија за спречување на корупцијата; Министерството за внатрешни работи; Управата за јавни приходи; Државниот девизен инспекторат; Комисијата за хартии од вредност; Народната банка на Република Македонијаи Јавното Обвинителство на Р.Македонија.

Агенцијата за разузнавање во својата организациона структура ама посебен оддел кој врши истражувачки работи насочени кон прибирање податоци и информации за дејноста на меѓународни организации и структури, кои преку активностите на илегална трговија , перење пари, сомнителни финансиски трансакции и трансвер на криминален капитал, обезбедуваат материјални претпоставки за финансирање на терористички активности.

Во рамките на своите активности Дирекцијата за спречување на перење пари, согласно Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело, преку надлежни субјекти предвидени во член 2 од Законот, ги следи трансакциите за кои постојат основи на сомневање, дека се поврзани со терористичка активност и дека парите или имотот што се предмет на трансакција се наменети за финансирање на тероризмот. Доколку, Дирекцијата располага со основано сомнение дека се врши кривично дело перење на пари или финансирање на тероризмот, најдоцна во рок од 24 часа (од сознанието дека трансакцијата е во тек), поднесува иницијатива до надлежниот Јавен Обвинител за преземање на соодветни мерки кои се состојат во запирање на трансакцијата и привремена заплена на парите или имотот.


8. Што е направено за обезбедување на специјализирана обука на тој персонал?

Во Министерството за внатрешни работи се посветува соодветно внимание на едукацијата и обуката на припадниците на Министерството кои вршат работи поврзани со борбата против тероризмот. Едукацијата и обуката се базираат на теоретска и практична надоградба која се организира и спроведува во Полициската Академија, како и учество на тренинг курсеви и семинари во организација на партнерски служби и земји.

Во организација на Полициската Академија, експерти од Министерството одржуваат „Основен курс за антитерористичко-контрадиверзиона заштита„ (за потребите на аеродромското и граничното обезбедување). Во организација на странски земји и пријателски служби организирани и одржани се повеќе тренинг курсеви од областа на спречување перење пари, како и други семинари и курсеви, од кои за одбележување се: Курсот на тема „Контра мерки за заштита при експлозии„ и „Постапување после бомби„ организирани од Департмент оф Стејт - ДС/АТА (Дипломатик Секјурити сервис - антитероризам асистенс програм); „Курс за решавање заложнички ситуации„ организиран од Амбасадата на САД во Будимпешта и „Центарот за борба против тероризмот за Југоисточна Европа„; „Курс за демонтирање на експлозивни направи„ организиран од Полицијата на Турција; „Борба против тероризмот и илегалната трговија„ во организација на ПФП „Тренинг Центар Турки„, Семинар на тема „Правни аспекти во борба против тероризмот„ реализиран од страна на Воениот институт за меѓународно-правни студии од САД и Амбасадата на САД во Р.Македонија; „Борба против тероризмот во Југоисточна Европа и идни насоки на СЕДАМ„ во организација на НАТО и други.

9. Наведете информации за постојната билатерална и меѓународна соработка (вклучувајќи ги офицерите за врска и судовите)

Согледувајќи ја интернационалната димензија на терористичките активности и неопходноста од заедничко постапување и нивно попречување, Владата на Р.Македонија, преземањето на неопходните мерки меѓу другото го темели и на соработката со другите држави, меѓународни организации и институции. Во оваа насока, досега, Владата на Република Македонијасклучи договори за билатерална соработка за борба против тероризмот со Владите на: Турција (1992); Словенија (1995); Хрватска (1997); Бугарија (2002); Србија (2003); Црна Гора (2003); Романија (2003);.Албанија (2004).

Безбедносните служби на Р.Македонија, реализирајќи ги обврските за сузбивање на тероризмот, континуирано, преку претставници на странските безбедносни служби и експертски тимови, вршат размена на информации, за превентивен настап, односно разоткривање на организаторите, извршителите и логистичарите на терористичките активности. Размената на податоци сознанија и информации се врши преку назначени офицери за врска во Р.Македонија. Во моментов непосредна соработка воспоставена е со службите и агенциите од следните земји: Албанија, Бугарија, Обединетото Кралство СР Германија, Грција, Италија, САД, Руската Федерација, Република Франција, Турција, Хрватска.

Исто така воспоставена е соработка и непосредни контакти со надлежни претставници од Србија и Црна Гора, Словачка и Мисијата на Обединетите Нации на Косово - УНМИК.

Во рамките на СЕКИ Центарот во Букурешт назначени се офицери за врски од Министерството за внатрешни работи и Царинската Управа, а Секторот за антитероризам со свој претставник учествува во работата на „Работната група за антитероризам„ чиј претседавач е Република Турција.

Потребата од усогласување на интересите и формирање заедничка стратегија на земјите од Југоисточна Европа за превенција и сузбивање на заканите кои произлегуваат од меѓународниот тероризам, резултираше со воспоставување соработка на мултилатерално ниво, при што Агенцијата за разузнавање и Управата за безбедност и контраразузнавање се постојани членки на Конференцијата на разузнавачките служби од Југоисточна Европа - СЕЕИЦ.

Агенцијата за разузнавање, во склоп на дипломатските мисии во странство, има деташирано 5 (пет) офицери за врска (Р.Хрватска, Р.Албанија, Р.Бугарија, Р.Турција и Србија и Црна Гора), кои се непосредно вклучени во билатералната соработка со разузнавачките служби на наведените земји и на полето на борбата против тероризмот.

10. Обезбедете информации за создавање на електронски бази на податоци (статистика, профилирање на терористите и тн.)?

Министерството за внатрешни работи со цел спречување и откривање на кривични дела, пронаоѓање на сторители на кривични дела собира, обработува и користи лични и други податоци за извршителите на сите видови кривични дела вклучувајќи го и кривичното дело „Тероризам„ и другите кривични дела поврзани со тероризмот, внесувајќи ги во единствен информатички систем на Министерството. Посебни евиденции се водат и за лицата за кои е распишана меѓународна или домашна потерница.

Во Република Македонијане постои статистика и посебна база на податоци за извршителите на кривичното дело „Тероризам„ или кривични дела поврзани со тероризмот. Но, безбедносните служби релевантните податоци (до кои доаѓаат во текот на оперативното работење, размената на податоци со сродни служби или од отворени извори) ги класифицираат и внесуваат во компјутерски системи, соодветно ги обработуваат и одлагаат во документациони фондови за терористичка или друга нелегална активност поврзана со тероризмот.




Достарыңызбен бөлісу:
1   ...   30   31   32   33   34   35   36   37   ...   51




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет