1. Ве молиме да дадете информации за националните закони или други прописи кои го регулираат ова подрачје, како и за нивната усогласеност со соодветните меѓународни конвенции
Република Македонија направи значаен напредок во примената на Европските и меѓународните стандарди кои ја олеснуваат соработката во борбата против потешките облици на криминал, а особено во борбата против организираниот криминал, корупцијата и перењето на пари, како и во усогласувањето на националните закони со соодветните меѓународни конвенции.
Во тој контекст, Република Македонија потпиша и ратификува релевантни меѓународни конвенции и го усогласува своето законодавство со решенијата и стандардите во истите, земајќи ги при тоа во предвид и препораките содржани во извештаите за Република Македонија подготвени од меѓународните организации (Европската Комисија, ГРЕКО, Комитетот на Советот на Европа за перење пари PC-R-V /MONEVAL/, Иницијативите на Пактот за стабилност ).
Досега, ратификувани се следните конвенции:
-
Кривична Конвенција за корупција (1999);
-
Цивилна Конвенција за корупција (2002);
-
Конвенција за трансфер на осудени лица со Дополнителни Протоколи (1999);
-
Европска Конвенција за меѓусебна правна помош во кривичната материја (1999);
-
Европска Конвенција за екстрадиција со Дополнителни Протоколи (1999);
-
Конвенција на Советот на Европа од 1990 година за перење пари, откривање, заплена и конфискација на имотната корист прибавена од криминалот (2000);
-
Европска Конвенција за пренос на казнените постапки (2004);
-
Европска Конвенција за сузбивање на тероризмот (2004);
-
Конвенција за компјутрерски криминал (2004);
-
Конвенција на Обединетите Нации против Транснационалниот Организиран криминал со Протоколите;(2004)
-
Конвенција на ОН за сузбивање на терористички напади со експлозивни направи (2004)
-
Конвенција за спречување на финансирање на тероризам (2004)
Дополнително треба да се ратификуваат:
-
Дополнителен Протокол кон Казнената Конвенција за Корупција на Советот на Европа (крајот на 2004 и почетокот на 2005)
-
Конвенција на ОН против корупција усвоена од Генералното Собрание на ОН на 31.1о.2003 (крајот на 2004)
Во националното законодавство се направени следните измени и тоа:
1. Во Уставот на Република Македонија
-
На 26.12.2003 год.,Собранието на Република Македонија усвои Предлог Амандман XIX на Уставот на РМ, за измена на членот 17 (“Службен весник на Република Македонија“, бр.84/2003), со кој прислушкувањето е легализирано (под одредени околности) и се создадени основи за воведување и употреба на посебни истражни мерки.
2. Со измените на Кривичниот Законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2004 ) е извршено усогласување со европските и другите меѓународни стандарди и решенија во врска со сузбивањето на организираниот криминал и тероризмот и тоа :
-
предвидена е одговорност за правни лица;
-
воведен е институт за конфискација на имот и имотна корист и враќање на сопственост на друга држава;
-
предвидени се нови кривични дела и санкционирани се новите форми на перење пари, финансирање на тероризам, компјутерски криминал и криумчарење на мигранти и
-
редефиниран е системот на санкции со воведување на алтернативни мерки.
3. Со измените на Законот за кривична постапка (“Службен весник на Република Македонија“, бр.74/2004), исто така е извршено усогласување со соодветните меѓународни конвеции. Во таа насока, законот предвидува:
-
примена на посебни истражни мерки;
-
мерки за обезбедување на присуство на обвинетиот во текот на постапката;
-
одредби за заштита на сведоци, соработници на правдата и жртвите на криминалот;
-
постапка против правните субјекти;
-
воведување на нови правни решенија во однос на постапката за конфискација на имот, замрзнување и конфискација на имот, заради подобра имплементација на Виенската конвенција за борба против трговијатa со наркотички дроги и психотропни супстанци и Стразбуршката конвенција за перење пари, откривање, заплена и конфискација на приноси од кривично дело;
-
постапка за зајакнување на трансферот на осудени лица.
4. Измените на Законот за спречување на перење пари и други приноси од кривично дело (“Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2004), обезбедуваат:
-
поефикасен систем за превентивни мерки и активности против перењето на пари и финансирање на тероризам и
-
усогласување со Конвенцијата на Обединетитте Нации против транснационалниот организиран криминал, Директивата на ЕУ за спречување на користењето на финансискиот систем со цел за перење пари 91/308/ЕЕС од 1991 година и Директивата на ЕУ 2001/97/ЕЕС од 2001 год., за измени на Директивата од 1991 год., како и со 40-те препораки на FATF за спречување на перењето пари и 8-те специјални препораки на FATF за спречување на финансирање на тероризам.
5. Со дополнувањето на Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2004 ):
-
зајакната е автономноста и независноста на Државната Комисија за спречување на корупцијата, преку прибавување на капацитет на правен субјект;
-
зајакната е улогата на Државната Комисија за спречување на корупцијата, заштитата на нејзините членови и на лицата кои се занимаваат со спречувње на корупцијата и
-
ограничена е употребата на буџетските фондови.
6. Со донесувањето на Законот за јавно обвинителство (“Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2004 );
-
создадени се услови и формирано е Одделение за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата во рамките на Канцеларијата на Јавниот обвинител на Република Македонија со обвинители специјализирани за борба против организираниот криминал (согласно зо препораките на Советот на Европа, GREKO и другите меѓународни организации за борба против корупцијата, Лондонската конференција на ЕУ тројката за правда и внатрешни работи), кое е веќе оперативно;
-
зголемена е позицијата на Јавниот обвинител и неговата автономија;
-
воспоставен е совет на обвинители, како советодавно дело и
-
создадена е можност за назначување на експерти од Министерството за внатрешни работи и другите институции во канцеларијата на јавниот обвинител и вклучување на истите во кривичната постапка.
7. Во собраниска постапка е Предлог за донесување на Закон за заштита на сведоци; и
8. Изработен е и Предлог на Закон за следење на комуникации, со кој треба да бидат утврдени условите, начинот и постапката за примена на оваа мерка.
Достарыңызбен бөлісу: |