Чест ми е да го поздравам почитуваниот г. Паз Агуерас, aмбасадор на Кралството Шпанија, мојот драг колега г. Висенте, oмбудсман на областа Арагон во Шпанија, почитуваната г-ѓа Мехијас постојан координатор на ООН и постојан претставник на УНДП и секако организаторот на оваа јавна расправа г-ѓата Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности помеѓу мажите и жените.
Почитувани дами и господа,
Денес разговараме за феномен кој, за жал, се повеќе претставува дел од нашето секојдневие и освен што значи кршење на основните човекови слободи и права претставува и сериозно загрозување на основната и најважна клетка на општеството, а тоа е семејството.
Семејното насилство во Законот за семејство е дефинирано дека претставува малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв.
Не би се задржувал повеќе на манифестациите на овој феномен, туку согласно мојата функција во општеството повеќе би зборувал за тоа како се справува нашиот систем со ова зло и што врз основа на констатациите од нашето работење сметам дека во иднина треба да се прави за успешно да ги штитИме жртвите од семејно насилство и да го спречиме неговото натамошно ширење.
Иако повеќето од вас секако знаат која е надлежноста на Народниот правобранител јас сепак, накратко би ги споменал нашите надлежности и начинот на работа за да потоа се надоврзам и на начинот на работа по претставките кои се однесуваат на семејното насилство.
Имено, Народниот правобранител на Република Македонија согласно надлежностите е орган кој ги штити правата на граѓаните кога им се повредени од страна на органите на државната управа и од други органи и организации со јавни овластувања. Со Законот за народен правобранител од 2003 година се прошири надлежноста на дејствување од аспект на следење на состојбите со начелото на недискриминација и почитување на принципот на соодветна и правична застапеност.
Народниот правобранител дејствува кога граѓаните ќе укажат на повреда на нивните уставни и законски права со акт или дејствие на органите на државната управа, што не значи дека тоа е негова единствена активност. Напротив, Народниот правобранител едновремено ги следи состојбите и на глобално ниво, односно појавите во општеството кои предизвикуваат сериозни кршења на човековите слободи и права, а се предизвикани од страна на поединци.
Таков е случајот и со семејното насилство кое се повеќе станува воочливо во општеството како резултат на поголемата свесност на граѓаните за нивните слободи и права.
Согледувањата покажуваат дека жртва на семејно насилство може да биде кое било лице, член на семејството, без оглед на пол и возраст. Меѓутоа кога зборуваме за семејното насилство мораме да констатираме дека жената и децата се најранливата категорија врз која се насочува насилството во семејството. Насилството во семејниот круг, а особено во брачните заедници навидум може да изгледа дека се најчесто расправии меѓу членовите во семејството, но причините за тоа може да се и традиционалните сваќања, невработеноста, сиромаштијата, алкохолизмот, наркоманијата или одредени психолошки проблеми кај некој од членовите во семејството или кај насилникот. Насилството во семејството не претставува проблем само за семејството, туку тоа е и општествен проблем затоа што семејното насилство, иако се третира како личен и индивидуален проблем, всушност е загрозување на семејството како клетка во општеството, затоа што со постојаното насилство во едно семејство кон кој било негов член, се руши и распаѓа семејството во целина и се пореметува неговото нормално функционирање.
Насилството врз жената и децата денес е едно од најприсутните кршења на човековите права. Насилството не само што претставува кршење на човековите права, туку го отежнува и спречува остварувањето на основните човекови слободи и права.
Меѓутоа ефикасната борба против овој вид насилство и заштитата на основните човекови права повредени со насилство често се оневозможува поради тоа што жртвите, а тоа најчесто се жените и децата, не го пријавуваат насилството затоа што во најголем дел не го препознаваат како проблем кој треба да се санкционира и го третираат како приватна семејна работа.
Исто така, поради стравот од одмазда и натамошно зголемување на насилството оваа појава често се прифаќа како нешто што мора да се издржи или како судбина од која нема спас.
Жртвите често се многу исплашени и се срамат јавно да зборуваат за овој проблем, а уште помалку се осмелуваат да побараат заштита од надлежните институции, па се обидуваат насилството да го прикријат за него да не се разбере надвор од семејството и се обидуваат сами да го решат.
Многу често и недовербата во институциите претставува причина поради која жртвите не го пријавуваат насилството, а јавноста пак, најчесто поради сваќањето дека тоа е приватна работа, не реагира на ваквите појави.
Здравјето на мајката и на децата, воспоставувањето на семеен живот со взаемна доверба и меѓусебно почитување, без предрасуди, сомнежи и страв дека прифаќањето на брачниот другар како рамноправен и рамен на себеси ќе има за последица негативен одраз врз неговата личност и неговото его, секако дека е значаен фактор за сузбивање на семејното насилство, а тоа е и важен сегмент за опстанокот и развојот на едно општество.
Токму заради заштита од семејно насилство со Законот за семејството, посебно се третира семејното насилство поради што се предвидени повеќе мерки за заштита на жртвите. Со Законот е забранет секаков вид насилство независно од полот и возраста.
Секој може и треба да пријави семејно насилство до центарот за социјална работа, кој согласно Законот може: да обезбеди нужно сместување на жртвата на насилство најмногу до 6 месеци, со можност за продолжување уште шест месеци, да обезбеди соодветна здравствена заштита, психосоцијална интервенција и третман, да го извести органот за прогон, да даде секаков вид правна помош на жртвта, да покрене постапка пред надлежен суд или да преземе други мерки.
За заштита на жртвите центарот за социјална работа од судот може да бара и изрекување привремени мерки, чие извршување го следи центарот за социјална работа.
Кривичниот законик исто така го утврдува семејното насилство како посебна инкриминација.
Меѓутоа што покажува нашата работа во оваа област, односно како овие мерки се реализираат во практиката?
Народниот правобранител спроведе истражување како центрите за социјална работа постапуваат со децата жртви од семејно насилство кои или се директни или пак секундарни жртви.
И покрај тоа што истражувањето беше фокусирано на децата жртви од семејно насилство, сепак низ призмата на податоците добивме генерални согледувања како функционира системот на заштита во целина по однос на ова прашање.
Имено, истражувањето покажа дека освен што не се води посебна евиденција за децата жртви на семејно насилство, дека центрите многу ретко бараат изрекување привремени мерки, дека судовите бавно реагираат и постапуваат, како и дека многу често судовите бараат повлекување на предлозите наводно поради немање законски услови за изрекување привремена мерка.
Најчестите мерки кои ги барале центрите биле: забрана на сторителот да се заканува и мерка задолжително лекување, потоа забрана сторителот да се приближува до живеалиштето, училиштето, работното место и мерката забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин да комуницира со член на семејството директно или индиректно.
Она што загрижува е дека центрите во најголем број случаи немаат сознанија за ефектите од изречените мерки што значи дека не се пристапува сериозно кон овој вид насилство иако, според законот, центрите треба да го следат спроведувањето на изречените судски мерки.
Особен проблем е и тоа што судските постапки се долготрајни, а треба да се итни со што се зголемува ризикот за безбедноста на жртвите. Податоците до кои дојдовме се поразителни и од причина што по изрекувањето на мерките насилството се намалува, но не престанува, туку продолжува.
По однос на сместувањето на жртвите, фактор што треба особено да загрижува е нерешеното прашање за материјална поддршка на жртвите при нивното излегување од прифатилиштето.
Според Законот за семејство, една од мерките со кои треба да се заштитат децата жртви на семејното насилство е сместувањето на лицето што врши насилство во посебно советувалиште. Оваа мерка беше внесена во Законот по наш предлог со цел децата да не се одвојуваат од семејството и да не доживуваат дополнителни трауми. Во таа насока беше предложено насилникот да се издвои од семејството и да се задолжи да посетува соодветно советувалиште заради подобрување на неговото однесување, а и за да се заштитат жртвите од повторно насилство особено во случаите кога жртвата треба повторно да се врати во семејството.
Во моментот се уште не постојат такви советувалишта и што се случува? Се одвојуваат жртвите и со тоа се врши повторно повредување! Значи, наместо системот да и овмозможи на жртвата враќање на самодовербата и сигурноста, таа е принудена да го напушти својот дом и да живее некогаш и во полоши услови со што доживува дополнителни трауми.
Во канцеларијата на Народниот правобранител мал е бројот на претставки поднесени од страна на жени жртви на семејно насилство, односно во најголем број се однесуваат на прашањето на заштита на децата кои во семејствата каде е присутен овој феномен неминовно се жртви што претставува сериозен проблем за нивниот нормален раст и развој.
Со цел да се заштитат, жените најчесто го пријавуваат својот случај преку СОС телефонот за жртви на семејно насилство во Центрите за социјална работа и во другите невладини организации што работат со оваа категорија на граѓани и освен засолниште им даваат и друг вид заштита од социјален и здравствен аспект.
Меѓутоа кога Народниот правобранител постапува по претставките од оваа област согласно својата надлежност се обраќа до Министерството за труд и социјална политика и до надлежниот Центар за социјална работа, проверувајќи притоа дали овие надлежни органи ги искористиле правните средства кои согласно Законот за семејство, им стојат на располагање се со цел соодветно да ја заштитат жртвата. Оттаму, постапувајќи по претставките на овие граѓани, иако Народниот правобранител не може директно да им помогне, сепак со своите дејства ги спречуваме евентуалните несоодветни постапувања на надлежните органи за ова прашање. На пример, Народниот правобранител беше соочен со случај каде неспорно беше констатирано насилство врз жена во семејството и требаше да се упати препорака до надлежните органи, односно до полицијата и центарот, но за жал, постапката беше запрена од причина што жртвата не верувајќи во системот на заштита, а и од страв од уште поголемо насилство, инсистираше да не се постапува.
Ова поттикнува на размислување каде е излезот од ваквата состојба, ако се има предвид дека системот не обезбедува материјална поддршка и целосна заштита на жртвите.
Од тие причини сметам дека за ефикасна борба против семејното насилство потребна е не само соодветна законска рамка, туку и обезбедување реални услови за заштита и за натамошна егзистенција и благосостојба на жртвите.
Исто така, Народниот правобранител во голем дел од претставките што се однесуваа на деца жртви од семејно насилство постапуваше и во насока на извршување на изречената мерка од страна на судот со цел да се заштити семејството од насилникот што претставува голем проблем во постапките од овој вид. Значи, се случува токму институциите поради ненавременост и несуштествен приод во оваа сфера индиректно да придонесат за продолжување на насилството.
Постапувајќи по предмет кога на малолетно дете сериозно му беше загрозен животот како резултат на семејно насилство од страна на невенчаниот сопруг на неговата исто така малолетна мајка, Народниот правобранител освен што целосно ја следеше постапката за натамошно згрижување на мајката и детето исто така укажа и на несоодветното ниво на заштита на жртвите од семејно насилство токму поради фактот што тие во Скопје се сместуваат во кампот каде се случи настанот со малолетното дете. Ова потегна многу прашања околу одговорноста при третирањето на оваа категорија граѓани и пред се одговорноста на државата за справување со овој проблем.
Инаку, заради соодветно следење на состојбите со семејното насилство кое зема се поголем замав во Република Македонија, Народниот правобранител прибира податоци и информации од надлежното Министерство за труд и социјална политика каде постои посебно одделение што се занимава со ова прашање. Не помалку се важни и податоците со кои располагаат невладините организации чиј предмет на активност е заштитата на жртвите од семејно насилство.
Имајќи предвид дека државите, вклучително и нашата, имаат одговорност во почитувањето, заштитата и остварувањето на човековите права на сите нејзини граѓани, мора да се преземат сите потребни мерки со цел да се спречуваат, истражуваат и казнат сите форми на насилство врз жените, вклучително и насилството во семејството и заедницата.
Ова го велам поради фактот што е очигледно дека иако законската регулатива за заштита на жртвите од семејно насилство, како и инкриминацијата на семејното насилство претставува основа за негово сузбивање и спречување, но тоа не е доволно за ефикасна борба против оваа појава.
Ќе резимирам со тоа што ќе ги наведам активностите кои сметам дека е потребно да се преземаат.
Имено, пред се е неопходно да се преземаат мерки за охрабрување на жртвите да го пријавуваат насилството до надлежите органи кои треба брзо и ефикасно да делуваат и да ги преземаат најсоодветните мерки кои ќе обезбедат реални услови за заштита на жртвата и нејзино понатамошно интегрирање во општеството. Тука пред се мислам на материјалната поддршка при што секогаш во постапките од ваков вид треба да се почитува основниот принцип на итност.
Неопходно е почесто да се вклучуваат центрите за социјална работа како основни установи кои треба да преземаат законски мерки не само за заштита на жртвата, туку и за сузбивање на оваа појава на општ план, при што центрите треба да имаат и проактивна улога за стекнување со сознанија и распознавање на семејното насилство преку работата и постапувањето во семејните односи. Центрите треба да работат со жртвата за да се стекнат со сигурност дека постои семејно насилство, а не да бараат докази од жртвите, кои најчесто не располагаат со такво нешто, особено ако станува збор за психичко малтретирање или ако неблаговремено го пријавиле физичкото насилство, па трагите се изгубиле.
За да се следи овој проблем и благовремено да се преземаат и превентивни мерки, неопходно е центрите да водат посебна евиденција за случаите на семејно насилство и да ги утврдуваат причините што доведуваат до оваа појава со цел да се отстрануваат и причините, а не само последиците.
Исто така, семејното насилство треба да се пријавува и од страна на медицинскиот персонал на установите каде што жртвите се обраќаат за помош и заштита на здравјето нарушено поради физичко, психичко или друг вид семејно насилство, а полицијата секогаш кога има елементи да го третира како кривично дело, а не како прекршок.
Воедно, потребно е сите деца да се вклучат во образованиот систем, особено женските деца; во образованиот систем да се внесат содржини за човековите слободи и права; да се менуваат сваќањата за односите во семејството и во бракот; да се зголеми нивото на образование на жените, односно да се едуцираат за самозаштита од сите повреди и злоупотреби, а воедно да се врши и постојана едукација на сите граѓани за човековите слободи и права, особено со опфаќање на граѓаните од руралните средини, но во исто време да се врши и континуирна едукација и обука на службените лица што работат на оваа проблематика.
За да се отстранат причините кои доведуваат до ваков вид насилство неопоходно е зголемување на вработеноста на жените, обезбедување на соодветен животен стандард на секое семејство и остварување на уставната улога на државата како социјална, која има обврска да им посвети посебна грижа на семејството и мајчинството.
На крајот би сакал да истакнам дека расправите од ваков вид ми даваат надеж дека сепак вољата на сите нас ќе ги покрене работите во претстојниот период и конечно ќе доведе до реализирање на сите активности кои секој од нас наведе дека е потребно да се преземат.
Сметам дека конечно треба да престанеме со зборување за тоа што треба да се направи и да покажуваме декларативна воља за акција. Мислам дека тоа доволно го правевме. Сега ценам дека е време да прејдеме на реализација на зацртаното кое може да успее единствено со глобална акција на сите надлежни органи во системот кои се вклучени со својата работа во оваа област.
Уште еднаш сакам да го изразам своето одобрување за организирањето на денешниот настан и да ви заблагодарам за поканата да учествувам.
Ви благодарам
Достарыңызбен бөлісу: |