Светлана Јакимовска: Благодарам.
Контрареплика има госпоѓа Шекеринска Радмила, повелете.
Радмила Шекеринска: Благодарам.
Последниот пат кога слушнав една таква позитивна критика, позитивна оценка од ММФ за Македонија беше непосредно пред да ги изгубиме изборите во 2006 година, така што драго ми е што ќе ги прифатите сугестиите за следната година, ама навистина очекувам дека друг ќе го прави буџетот за 2012 година.
Што се однесува до облогот, не го спуштајте, кажав и ќе си стојам на зборот, само се надевам дека нема вие да се однесувате како неколку министри од Владата кои сеуште му должат пари на пратеникот Макрадули, бидејќи хотелот не изграден за да се напијат таму кафе.
И последно, бев многу внимателна, жалам што реплицирате на Емилијан Станковиќ а можеби мене не сте ме слушнале како што треба за заемо и кредитната линија, за која не јас, не Емилијан, не опозицијата или не СДСМ туку Никола Груевски вашиот премиер, веднаш по вашето враќање од Вашингтон го кажа следнот: Во овој момент немаме потреба од прифаќање таков заем. Благодарам.
Светлана Јакимовска: Благодарам.
За реплика е пријавен господинот Мисовски Горан, повелете.
Горан Мисовски: Благодарам.
Госпоѓо Шекеринска, за малку помислив дека министерот ќе го коментира вашиот дел околу Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, но тој се фати за ручекот и вечерата, тоа е ваше легитимно право, но кога вие го спомнавте веќе пва законско решение, јас сакам да укажам на две работи.
Прво, кога оди во процедура постапка за буџет, кој од Владата е најавен како еден од најразвојните буџети од осамостојувањето, Владата ни пушта едно вакво законско решение, со кое придонесите ги зголемува во просек за 4-5%.
Пратеничката група на НСДП во јуни 2010 година предложи едно вакво решение и тогаш Владата го одби. Ја користам оваа прилика бидејќи кога сакав во процедурална забелешка да дадам одредени забелешки во врска со овој закон,претседателот на најбрутален начин ми го исклучи микрофонот. Првиот преседан за најразвојниот од развојните буџети со дупки во сите фондови, министерот присутен, заменикот присутен, министерот е добар, најразвојниот буџет го презентира пред граѓаните, заменик министерот седи до него и ни предлага едно вакво срамно законско решение затоа што во 2009 година сакаше ВМРО ДПМНЕ да се додвори на нивните финансиери, да каже еве ние ќе ви ги намалиме трошоците, ќе ги намалиме придонесите по основ на пензиско и здравствено осигурување, и што се случи? Тоа што го предвидовме се случи, дупка во Буџетот на фондот за пензиско и инвалидско осигурување, во 2009 во однос на 2008 година за 5,3%. И уште лицемерието да биде поголемо, во Предлог законот што ни беше доставен во 2009 година Владата не убедува дека нема да има финаниски импликации. Замислете, буџетот на Фондот остана празен, Владата мораше да позајмува пари со огромни камати за да ги исплаќа пензиите. Тоа е најразвојниот од најразвојните буџети на Владата на ВМРО ДПМНЕ.
Светлана Јакимовска: Благодарам.
Контрареплика има госпоѓа Шекеринска Радмила, повелете.
Радмила Шекеринска: Благодарам.
Сега сме веќе уморни, и вчера и денес работиме подолго и не му се лутам на колегата Мисовски што можеби го пропуштил цитатот кој што го споменав, а се однесува на изјавата на истиот министер за финансии минатата година. Минатата година Владата тврдеше дека најзначајна економска мерка е намалување на придонсите, денес се откажува од неа. Најуспешна! Внимавајте, ако најзначајната реформаска мерка ви паѓа, што ви останува од политиката? Во 2008 година го носевме буџетот за 2009 година, го цитирав бившиот романски премиер кој вака рче за својата Влада: Романската економија е како Титаник веќе удрен во сантата лед, веќе влегува вода во долните делови на бродот, ама оркестарот свири ли свири. Така се однесуваше и Македонската влада, оркестарот свири, ама водата влегва и веќе се помалку и помалку луѓе имаат шанса да го слушаат.
Светлана Јакимовска: Благодарам.
Следен пријавен за збор е господин Дамески Панче, но не е тука, го губи правот на на збор.
Следен пријавен за збор е господин Гинев Јован, но не е тука, го губи правото на збор.
Следен пријавен за збор е господин Ѓорчев Владимир, но не е тука, го губи правото на збор.
Следна пријавена за збор е госпоѓа Мираковска Соња, но не е тука, го губи правото на збор.
Има збор госпоѓица Тушева Маринела, повелете.
Маринела Тушева: Благодарам.
За дискусија за дебатата за буџетот за 2011 година бевме пријавени 60 пратеници. Сега се наоѓаме во една состојба кога имаме триесетина пратеници кои што веќе се откажаа од дискусија од власта, веројатно и тие десетина кои што останаа, не се откажале многу логично и за очекување дека и тие ќе се откажат. Многу интересна состојба бидјеќи очигледно пратеници на власта не веруваат и не чувствуваат потреба не да бидат објективни бидејќи одамна веќе знаеме дека не се објективни, туку дека веќе не чувствуваат ни потреба да го пофалат овој буџет. Меѓутоа станува збор за пари. Сепак сите ние имаме обврска да дадеме наш став за тоа на кој начин ќе се трошат парите на граѓаните, а оваа власт е позната по тоа што негува силна страст за парите. Нема врска дали се трошат соодветно или не, важно е да ги има, ако може да се стави во партискиот или во фамилијарниот џеб. Има една интересна поговорка која вели парите се добар слуга ама лош господар. Очигледно парите стануваат неприкосновен господар на членовите на Владата и на функционерите од ВМРО ДПМНЕ, па исклучително ги троша на нетранспаретен и сомнителен начин. Затоа веројатно имаме и толку многу коруптивни случаи, корупциски скандали во зародиш, нешто почнува да се одмотува клопчето, нешто има силен страв, ништо не се презема за тоа, медуимите пишуваат, карванот си врви кучињата лаат и ништо не се случува. Меѓутоа, сепак како што реков имаме обврска да го кажаме нашиот став и да предупредиме за начинот на кој што се трошат парите на граѓаните.
Годинешниов буџет е предвидено да биде некаде околу 2 милијарди 587 милиони евра од кои што предвидено е во државната каса да се слеат некаде околу 2 милијарди и 399 милиони евра. Ова значи дека е предвидено плус 134 милиони евра од лани, од она што стопанството го испорачало. Имавме прилика за слушнеме да видиме дека стопанствениците предупредуваат дека ова не можат да ги издржат, дека не можат да поднесат волкав даночен товар, особено што парите кои што се враќаат назад од државниот буџет, воопшто не одат во насока на она што тие го нарекуваат мерка три „И“ - инвестиција, инфраструктура, извоз. Значи имаме една состојба во која што Владата го истоштува стопанството неколку години по ред. Се разбира и граѓаните се жртви на една ваква себична и алчна политика.
Меѓутоа, ќе почнам со ред. Ќе се обидам да прокоментирам неколку аспекти од буџетот. Се разбира дека ќе се навратам и на амандманите кои што ги поднесовме, кои што секако дека беа одбиени. Имаме една многу интересна состојба во која што имавме 500 амандмани од кои што стотина беа од СДСМ, не беше прифатен ниту еден. Утринава зборев за еден амандман кој што беше поднесен од Клубот на жените пратенички за кој што се договоривме за излобирама кај нашите колеги пратеници, меѓутоа, и кај министерот за финансии и да биде прифатен. И почитувани колеги, видете каква иронична ситуација не само што колегите пратеници не го прифатија амандманот на Клубот на пратенички, туку дури и самата пратеничка член на Комисија за буџет не гласаше за својот амандман на кој што таа е потпишана. Меѓутоа тоа е тоа што може ВМРО ДПМНЕ да ви направи. Се разбира ако треба за партијата ќе се откажете и од сопствените ставови.
Европската агенда на Владата на ВМРО ДПМНЕ почнува да се разјадува од многу страни. Веројатно прво што е многу евидентно и што најлесно може да се коментира, тоа е буџетот кој што се одвојува за Секторот за европски прашања. Имено, за разлика од лани буџетот е намален за 20%. Лани бил 2,2 милиони евра, а годинава изнесува 1,8 милиони евра. Или ако имаме предвид каква работа треба да сработи овој сектор, каков еден товар треба да понесе на плеќи, почитувани колеги воопшто нема да згрешиме ако речеме дека му се даваат трошки на Секторот за европски прашања. Пред овој Сектор стојат, односно вкупно треба да се преведат 100 илјади страници европско законодавство и да се усогласат. До сега се преведени 53 илјади страници од кои што само 20 илјади страници се стручни ревидирани и одобрени. Во 2009 година биле преведени само 4.381 страна, нула страни се стручни ревидирани и одобрени, а предвидена динамика за превод на европското законодавство е 30 илјади страни годишно. Значи предвидено е 30 илјади страни годишно, а во 2010 година се преведени само 4381 страна. Веројатно согласно со средствата кои што му се одобровуваат на овој Сектор е и повратниот ефект кој што го дава. Уште еден прилог кон тоа дека не сме многу вични за европската агенда и фактот што имаме преговарачки тим, ниту има структура, ни раководители на преговарачкиот тим. Еден пример кој што не е воопшто далеку од нас е Словенија во која што преговорачкиот тим беше оформен многу пред добивањето на датум и реалното отпочнување на преговорите, се разбира и преводите секако беа скоро комплетно завршени пред добивањето на датумот на преговорите.
Уште еден проблем на овој буџет е транспарентност, односно нетранспарентноста на буџетот. Еве ја спомнав Словенија, нејзината транспаретност е 70% или 70 процентни поени од 100. Кај нас во 2009 година била 54 процентни поени, во 2010 година 49. Значи овде имаме пад, се разбира граѓаните со ВМРО ДПМНЕ не смеат да знаат како се трошат нивните пари, бидејќи многу често и ние пратениците ќе се најдеме во една состојба кога и ние не знаеме како се трошат граѓанските пари односно се вршат пренамени на средства, разно, разни манипулации кои што се прават без да се информира Собранието со меѓусебен договор меѓу институциите. Еден таков пример е кога имаме пренамена на средства за институции таканаречени загубари кои што работат нерентабилно. Најчесто тоа се дел од јавната администрација. Реков работат непрофитабилно и лошо. Граѓаните еднаш плаќаат за лоша услуга, со пренамена на средства за подмирување на долгови на овие инстутиции, граѓаните од свои пари плаќаат за лоши услуги. Се разбира ова е навика и ова станува пракса во изминативе 4-5 години, па логично е веројатно ова да го очекуваме дека ќе се случи и во 2011 година.
Овој буџет се нарекуваше најинвестицискии реформски буџет до сега, односно имавме обичај, не ние имавме обичај, меѓутоа на крајот завршната сметка покажуваше дека во изминативе 4 години стануваше збор за социјален буџет. Не гледам причина зошто и оваа година да не биде така, бидејќи, на пример се предвидени средства за капитални инвестиции 383 милиони евра, а за средства за плати 381 милион евра. Така што нема некоја голема разлика.
Понатаму, исто така во однос на лани во првичниот буџет биле предвидени 373 милиони евра, оваа година имаме 383 милиони евра. Значи само 10 милиони евра повеќе, а тоа е сосема друга приказна односно политичка манипулација што подоцна со ребаланс на буџет од оваа ставка капитални инвестиции минатата година, односно оваа година, беа скратени некаде околу 85 милиони евра.
Зошто мислите почитувани колеги дека и оваа година нема да ни се случи истата политичка финта. Повторно да се направи огромно кратење, на оваа ставка. Праксата го покажала тоа до сега и веројатно се во право стопанствениците и граѓаните и сите политички меѓутоа и неполитички субјекти, кои што реално, дека овие средства навистина ќе се реализираат онаму каде што треба. Веројатно најпотребно нам во овој момент ни се подобрување на инфраструктурата на државата.
Понатаму, исто така едно прашање кое што се премолчува и кое што се одбегнува е повратниот ефект кој што си има од трошењето на средствата односно од трошењето на буџетски пари, врз домашната економија. Еве на пример, Министерството за внатрешни работи еден од поголемите реализатори на пари, меѓутоа имавме можност минатата година да видиме дека не ги користат услугите на домашните фирми. На пример имавме набавка на маици, униформи, панцери итн., од странски фирми, меѓутоа не ги користевме услугите еве на пример на текстилната индустрија. Се разбира нашите пари не одат за нас, не одат за нашата индустрија, не одат за нашите работници, одат во некои странски фирми и секако дека влегува огромна провизија во нечиј џеб.
Со овој буџет за сузбивање на сиромаштијата се предвидени 3,4 милиони евра, интересно е што пвоеќе пари се предвидени за триумфалната капија, 4,5 милиони евра, што почитувани колеги апсолутно е нелогично и неприфатливо. Понатаму, уште еден аспект на буџетот е тоа што е предвидено да се инкасираат 3,5 милиони евра повеќе за разлика од лани од неданочни приходи, што е навистина еден симптоматичен податок, бидејќи цела година овде во Собрание дискусиите беа дека глобите, па таксите, административните пријави се намалени за 50%, па сега е навистина чудно од каде се очекува да има зголемување на овој даночен приход.
Понатаму, во изминативе 2-3 години, за технолошко индустриските зони, беа потрошени некаде над 20 милиони евра. Меѓутоа реално немаше никаков повратен ефект. Бидејќи во Штип имаме технолошко индустриска зона, таму нема ниту една фабрика, имавме само два пати свечено пуштање во употреба, најчесто тоа се случува пред избори се разбира со убави оптимистички, ведри најави и еветувања за отворање на голем број на фабрики, голем број на нови работни места, меѓутоа се разбир на крај се соочувате со реалноста дека ништо од тоа не се реализира.
Што да се заклучи освен дека дефинирањето на приоритетите, односно редоследот на тоа како треба и на кој начин треба да се трошат парите на граѓаните е навистина или слаба страна на ВМРО ДПМНЕ или пак едноставно кога ќе се направи карма каша, навистина тешко е да се најде трагот на парите каде и на каков начин се потрошени.
Меѓутоа, апсолутно тоа не не амнестира од општествената одговорност која што ја носиме ние како пратеници, а уште повеќе членовите на Владата за начинот на трошење на овие средства.
И на крај сакам да се осврнам, чувствувам обврска уште еднаш, на амандманите кои што беа поднсени, а не беа прифатени. Имавме амандмани за студентски домови и студенски дом во Штип, тоа е реална потреба на штипските студенти, бидејќи со отворањето на новиот универзитет, има некаде плус до 10 илјади студенти, се разбира градот има проблем со сместувачките капацитети и многу реална и многу разумна потреба е студентски дом во Штип. Штип има студентски дом, меѓутоа тоа е многу мал капацитет. Потребно е или зголемување на капацитетот или пак изградба на нов студентски дом.
Што е уште поинтерсно имавме пред еден месец, имавме и ветување од министерот дека студентски дом во Штип во оваа, односно во следнава година ќе се изгради. Меѓутоа, веројатно во иднина не треба да ги сфаќаме сериозно изјавите на министерот за образование, бидејќи кога е во тесно се расфрла со огромен број на ветувања, изјави, понекогаш и закани, понекогаш на крај и се разбира, ништо од тоа не се реализира. На штипските студенти кои што често пати се и жртви на партиски манипулации не им останува ништо друго, освен да чекаат подобри денови за посоодветни услови за живеење и студирање.
Понатаму, секако дека ќе го спомнам и амандманот за средства за стечајните работници, сметам дека е крајно несериозно и недозволиво една Власт да нема апсолутно чувство за потребите и проблемите на сопствените граѓани, особено што оваа партија, дојава на власт на бранот на оптимизмот на стечајните работници.
И кога сме веќе кај стечајните работници кои што веќе успеаја да влезат во Законот кој што го донесовме во Собрание, веројатно вредно за споменување уште еднаш, е дека дури и тие се жртви на ВМРО ДПМНЕ. Односно не им е направено усогласување со просечната годиншна плата. Владата им должи о.г. им кати, еве да не речам краде од стечајните работници секој месец, по 1000 денари. Значи, поставивме прашање дали овие 12 илјади денари имате намера следната година да им ги дадете на стечајните работници и ако имате намера на каков начин ќе им ги вратите на луѓето, бидејќи навистина им се потребни и на крајот на краевите ставивме еден член во Законот кој што велеше дека 30% од просечната годишна плата ќе изнесува месечниот надомест кој што овие луѓе треба да го примаат. Ако не сакате да им помогнете на оваа другава категорија на стечајни работници барем бидете доследни на себе, она што сте го ветиле, она што ова Собрание го ставила во закон, барем навистина да се реализира.
Зборев кратко за европските интеграции, не сме многу далеку и за НАТО интеграциите, односно имаме континуирано зголемување на вработувањата во Министерството за одбрана, имавме конкурс за државни службеници, на кој што се разбира единствено се вработува по партиски или фамилијарен клуч. Очигледно направив погрешна процона имав намера да зборувам малку повеќе за Министерството за одбрана и за нивниот буџет, меѓутоа, за тоа се разбира во следна прилика. Благодарам.
Трајко Вељаноски: Благодарам.
Следен за збор госпоѓа Ивановска Јаготка не е тука.
Следен за збор е господинот Мисовски Горан.
Да ве информирам дека со говорот на господинот Мисовски горан, па тука ќе ја прекинеме седницата, повелете.
Горан Мисовски: Благодарам претседастеле, почитувани колеги пратеници, заменик министер за финансии,
Расправаме по Предлог буџет за 2011 година, како што реков пред малку Владата го најави како најразвиен буџет од најразвиените буџети до сега во Република Македонија, јас би рекол буџет кој што исто како и претходната година 2009 и 2008, буџет со кој што ќе се покаже дека Владата практично направи или ќе направи тотално промашување во фискалната проекција особено сега во Предлог буџетот за 2011. година.
Кога ќе ја погледате структурата на Буџетот, или ајде пред да говорам за структуата на буџетот, добро е почитуван заменик министер во името на Владата на Република Македонија, да им објасните на граѓаните на Република Македонија, што значи најразвоен буџет. Вака не гледаат граѓаните се чудат за што говорат овие пратенициве во Собранието. Министерот го брани буџетот, они од опозицијата го напаѓаат. Што е практично најразвоен буџет? Дали тоа значи дека ако буџетот кажете дека е најразвоен, граѓаните на Република Македонија утре ќе живеат подобро? Не. Тоа е лага. Дали тоа значи дека граѓаните во 2011 година ќе имаат подобро здравство? Не. И тоа е лага. Дали тоа значи дека граѓаните во 2011 година, ќе имаат подобро образование? Не и тоа е лага.
Ако ја земете струткурата на буџетот од тие 2,6 милијарди евра, ќе видите дека милијарда и 100 милиони евра се за социјални трансфери. И 375 милиони се за плата на државната и јавна администрација. Кога ќе ги соберете овие две ставки доаѓате до буџет од 2,6 милијарди кои што треба да сервисира милијарда и 600 за платата на државната јавна администрација и за социјални трансфери.
И да биде парадоксот уште поголем, ја зголемувате ставката минимална за социјални трансфери, а по последните информации кои што дојдоа согласно анкетата која што ја, или истражувањето кое што ја прават Обединетите Нации повторно Република Македонија во регионот е една од најсиромашните држави. Е сега, дали социјалните трансфери се зголемуваат затоа што граѓаните на Република Македонија се посиромашни, и повторно тоа го врзувам во контекст на најразвојниот буџет од најразвојните до сега предложи навистина, граѓантие на Република Македонија од ваша страна должат објаснување. Дали најравојниот буџет овој за 2011 ќе ги направи посреќни, повесели и побогати. Јас се сомневам и мислам дека тоа ни случајно нема да се случи.
Капиталните инвестиции, гледам се мачи министерот да ни објасни да не убеди нас, треба да ги убеди граѓаните на Република Македонија, дека се зголемуваат за 22%. И кога ќе ја погледнете ставката во проценти, капиталните расходи во овој буџет се на ниво од 16,7%. Или ако сакате во однос на 2007 година, помалку за некаде од околу 2,3%. Значи исто така е лага дека во овој буџет зголемувањето на капиталните расходи или капиталните инветиции се најголеми до сега од осамостојувањето на Република Македонија. Погледнете ги податоците за 2007 година, ќе видите дека овие капитални инвестиции или расходи се на пониско ниво од 2007 година.
И кога сме кај структурата на капиталните расходи. Оние капитални расходи кои што носат дополнителна вредност, од вкупните капитални расходи, кои што од вкупниот буџет изнесува 16,7% не поминуваат 3%. Значи тоа е катастрофална структура на капиталните расходи. За Владата на ВМРО ДПМНЕ, капитален расход е ставката во Службата на општи и заеднички работи и оние милијарда и 680 милиони за административни згради. Дали е тоа капитална инвестиција? Дали 8-те милиони за Музејот на ВМРО е капитална инвестиција која што носи дополнителна вредност, дали во истиот тој музеј на ВМРО 820 илјади евра за мебел се капитална инвестиција, дали милион евра исплатени за слики, рамки, 200 илјади евера за идејното решение или идејниот проект, се капитални инвестиции кои што носат дополнителна вредност - не се.
Или, продолжувам со прашањето, дали 32 милиони евра, за 20 споменици кои што во овој момент се исплатени се капитална инвестиција што носи дополнителна вредност? Се се ова средства од граѓаните на Република Македонија содржани во буџетот и од кои се исплаќаат овие небулозни проекти на Владата, а ги водите како капитални инвестиции.
Дали хонорарот на госпоѓа Валентина Стефановска, од 800 илјади евра, ве прашав и во текот на вчерашната расправа, никој не се охрабрува, ниту од Владата, ниту од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, да каже дали е тоа капитална инвестиција. Еден уметник, два споменика да го платите 800 илјади евра. И дали најразвојниот од најравоните буџети овозможува на еден човек близок до ВМРО ДПМНЕ, да заработи од само два проекта 800 илјади евра и да си отиде во пензија и оние кутри, јани, бедни сиромашни граѓани, кои што гледаме заради невремето се поплавени во пола Македонија треба на ваков начин да бидат дискриминирани?
Треба Владата на ВМРО ДПМНЕ, да даде образложение на граѓаните. Зошто за ВМРО ДПМНЕ се приоритети споменици, музеи, административни згради и зошто трите милиони евра, бидејќи велите дека буџетот ви е полн, од ланските поплави се уште не им се исплатени на овие граѓани? Знаете кога некој од Прилеп, од Јагуновце, од Битола, од Дојран, не гледаат, слушаат како говорите за буџетот за 2011 со право се прашуваат дали со дел од средствата кои што ги плаќаат по основ на даноци, придонеси, а се слеваат во буџетот, Владата ќе финансира вакви непродуктивни проекти, а штетите кои што се направени по основ на поплавите, вие како Влада не сакате да им исплатите? Е, тоа не е најразвоен буџет.
Уште еднаш со задоволство ќе си ја повторам дискусијата околу Агенцијата за странски инвестиции. Навистина, се додека сум пратеник во ова Собрание и се додека министерот Ставрески е министер за финансии, секогаш ќе го потсеќам на една од најлошите или најпромашените негови персонални обиди да направи нешто во сферата на странските инвестиции, а тоа е Агенцијата за странски инвестиции. Во Агенцијата за странски инвестиции, на стапката економски маркетинг, имале предвидено 53 милиони денари. Требаше некој од Владата да даде одговор. Десет дена во второто читање во општата распрапва, амндманска, сега еве втор ден расправаме за Буџетот, никој не дава образложение на што ќе се потрошат 53 милиони. За мене на пример, кога би се прашал јас, а гледам дека такво расположение има и од опозицијата, а имавме и такви амандмани, овие средства еве веднаш би ги префрлиле за исплата на штетите на сите овие поплавени од невремето од лани од 2009 година. Зошто, ставка 53 милиони денари, тоа заменик министер се огромни пари.
Во истата агенција, ставка економска промоција, за плата на 23 промотори, кои што ја срамат Република Македонија, не ја промовираат, туку ја срамат, зошто велам дека ова е еден од најпромашените промотори на министерот Ставрески, за плати, 43 милиони денари, или во просек секој економски промотор, во просек добива плата од 3 до 3500 евра. Плус, на ставката договорни услуги 35 милиони денари, средства кои што им се исплаќаат по основ на одвоен живот и кирии, или просечно еден економски промотор месечно ја чини државата или ги чини буџетот на Република Македонија во просек околу 5000 евра. И со право се прашуваат граѓаните зошто со средствата кои што ги уплаќаат по основ на даноци и прицонеси да финансираме еден ваков небулозен проект?
Знаете лесно е да се сликате пред паното да Владата, да ги извадите сите министри позади вас и да кажете 8 милијарди евра ќе инвестираме ние во Република Македонија, а овие економски промотори кои што државата ја чинат по милион ипол евра годишно, ќе донесат во Република Македонија милијарда евра. И замислете не донеле ни 1 евро грен филд инвестиција. Значи ниту 1 евро. Само ифнормација дека посетиле 11 илјади фирми.
Државниот ревизор, господин заменик министер, државниот ревизор при извршениот увид во документацијата во Агенцијата за странски инвестиции констатирал дека воспоставениот систем за следење на остварените резултати од работењето на промоторите недоволно ги дефинираат ефектите од нивното ангажирање како основа за оценување на ненаменско користење на буџетски средства. Значи Државниот ревизор се сомнева дека има наменска исплата на средства или дека Владата соодветно добива повратен бенефит за средствата вложени во овие економски промотори од кои едниот е во Дубари. Навистина дали овде има елементи за криминал ќе откриеме веројатно многу брзо, кога ќе се смени оваа Влада. Да финансирате 23 економски промотори по 1,5 милион евра годишно, една година ајде може да дадеме подршка, две години, трета година, четврта година помина по 1,5 милион евра никој да не донел ниту едно евро, ниту еден долар странска инвестиција тоа навистина мислам дека е дополнителен мотив за следната влада која многу брзо ќе дојде во Република Македонија да го испита ова и да ги казни сите оние кои што на ваков начин, незаконски ги трошеле парите на граѓаните.
И по трет пат со задоволство ќе повторам, ова е еден од најпромашените проекти на министерот Ставрески и сакам заради граѓаните, а добро е почитуван заменик министер и вие уште еднаш да ја слушнете најавата во колумната на министерот Ставрески кога го замислил проектот Агенција за странски инвестиции. Го цитирам министерот Ставрески: „Македонската Влада од првиот ден на својот мандат ги стави инвестициите на врвот на својата економска и политичка агенда. Во таа насока е создадена уникатна институционална структура што ја рефлектира посветеноста кон оваа цел. Клучниот столб во таа структура е Агенцијата за странски инвестиции“, замислете, клучниот столб во таа структура за привлекување на странски инвестиции што граѓаните на Република Македонија ги чини милион и 500 илјади евра годишно е резултат нула. Да не говорам подоле почитуван заменик министер, што вели министерот Ставрески дека постел во Владата гринтим Македонија, во кој што учествува и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, во кој што државниот ревизор констатира дека не законски, ненаменски, ги трошел средствата, а да не говорам за дел од наодите на државниот ревизор, само една позиција ќе ви прочитам – не спровел постапка за јавни набавки во износ од 7 милиони и 300 илјади денари. Не баре се тоа 75 денари. 7 милиони и 300 илјади денари. Не спровел постапка за јавна набавка. Ете, тој е дел од тимот Македонија, гримтим кој што требало да донесе странски инветиции.
Јас тврдам, нашата пратеничка група имаше и такви амандмани дека во Министерството за економија барем еден мал дел од овие средстав ги прераспределивме на ставката субвенции за приватни претпријатија за туроператори. Туроператорите согласно законот, согласно ставките во Буџетот имаат одредена сума на средства кој што државата им ги исплаќа за да можат да обезбедат да донесат странски туристи во Република Македонија. Гарантирам дека ако ја зголемевме оваа ставка како што ние предлагавме, само за 10 милиони денари овие луѓе ќе имаа дополнителен мотив и ќе донесеа моногу повеќе странски туристи кои што ќе оставеа многу повеќе срества, или девизи, почитуван заменик министер, отколку што тоа го прават економските промотори како проект на министерот Ставрески и премиерот Груевски. Вие тоа го одбивте, не сакавте да го прифатите.
Втора работа, повторно околу развојниот, најразвојниот буџет во Република Македонија за 2011 година. Економска промоција во Владата на Република Македонија околу 600 милиони денари. 10 милиони евра. Значи, повторно Владата на ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од оние глупави проекти како што беа не дрогирај се, не пуши, немој да пиеш, образувај се, читај книги, инвестирај во Македонија, истражи ја Македонија, ти си Македонија, итн, итн.
Само за проектот „Животот мојот филм“, филмот за одвикнување од конзумирање на дрога, за кој што Агенцијата Република доби 594 илјади евра само за изработка, без емитување на телевизиите. Замислете 592 илјади евра. Јас се обидов да консултирам експерти од оваа област кои што работат на оваа проблематика околу продукција, производство на спотови и блиц ќе ви дадам едно образложение почитуван заменик министер, можеби ќе ве заинтересира.
Најдобрата камера од Белград и од Софија да ја изнајмите, најдборите актери, четири или пет, најсофистицираната опрема во моментот најдоброто студио во Софија не може да чини овој спот повеќе од 80 до 100 илјади евра. Јас да сум сопственик на Агенцијат Република би се срамел да ви испорачам фактура за 600 илјади евра. Јас би се срамел навистина. Би ми било непријатно кога ќе гледам на вести како се гушат во долгови граѓаните на Република Македонија, како гледаме луѓе по контејнери, не можат да ја примат социјалната помош, каснат породилните исплати, навистина би се срамел. Немам посоодветен збор да кажам освен дека би се срамел 600 илјади евра да досавам фактура до Владата.
И што се случува сега. Бројките се поразителни. Инвестирате 600 илјади евра за спот за одвикнување од конзумирањ на дрога, ефектот или анализата е поразителна.
Во 2008 година пред емитувањето на кампањата имало 8619 зависници, а во наредната 2009 година кога се имитувала кампањата имало 159 зависници повеќе или вкупно за 8778. Значи кој бил ефектот? Нула. Само потрошени, за жал, таа идна влада што велам дека многу брзо ќе дојде ќе констатира претпоставувам и многу криминал во ваквото финансирање од страна на Владата. Или некаде приближно исто чини спотор без емитување на Си Ен Ен за привлекување на странски туристи. Повторно резултатите се поразителни. Во јануари-август период 2010 година во однос на истиот период од претходната година бројот на туристи е намален за 2,6%. И тоа кај домашните туристи намалувањето изнесува 3,2%, а кај странските е забележано намалување за 1,6%. Зошто ви велам повеќе пари во Буџетот за туроператори, многу ќе бидат поефикасни овие луѓе и ќе ви донесат повеќе средста, отколку вака потрошени средства за рекламирање на Си Ен Ен.
Инвест Македонија, или финансирај во Македонија, кампања прескапа. Значи, тимот Македонија на чело со Ставрески и оној од Агенцијата за странски инвестиции потпомогнат со една ваква медиумска кампања требаше во Република Македонија да донесе многу многу повеќе странски инвестиции, или барем една милијарда од најавените осум милијарди. Податокот е поразителен. Повторно овој тим од Македонија на чело со министерот Ставрески замислете во оваа 2010 година успеал, бидејќи они се тие надлежни за да донесат странски инвестиции да обезбеди во Република Македонија странски инвестиции во износ од 97 милиони евра. Значи, уште еден поразителен податок.
Трета работа, во континуитет Владата на ВМРО-ДПМНЕ го намалува Буџетот на Министерството за одбрана. Во континуитет, 2007, 2008, два пати по 10 милиони евра префрлени во Министерството од Министерството за одбрана во Министерство за внатрешни работи, се билда тајната служба, се купува опрема за која никој не дал известување што тоа се набавува, претпоставувам и во тој сегмент новата Влада која многу брзо ќе дојде ќе го открие криминалот кој што претпоставуваме дека постои затоа што 20 милиони евра да набивате за две години во тајната полиција, навистина тоа за мене не е нормално.
И ќе се обидам нешто околу амандманите. Навистина се обидовме со неколку амандмани да направиме една реалокација на средства, повеќе средства во здравството, повеќе средства во образованието, повеќе средства за оние најзагрозените дечиња кои што заради неможност да вршат интервенции во Република Македонија, а имаат одредени заболувања тоа мора да го прават надвор од Република Македонија. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и за овие малку дечиња нема пари, ама затоа има пари за споменици, за административни згради и се надевам дека целата споменизација на крај ќе заврши со еден огромен споменик во центарот на градот, на плоштадот со Никола Груевски.
Трајко Вељаноски: Господинот Аднан Јашари, не е тука, го губи правото на збор.
Тука ја прекинувам седницата.
Продолжуваме утре во 11,00 часот со истата оваа 128 седница.
По завршување на 128-та седница продолжуваме со 123-та седница. Благодарам.
(Седницата прекина во 19,37 часот)
128-1/.-
Достарыңызбен бөлісу: |