Во врска со Спроведувањето на Акциониот план за подобрување на состојбата на Ромите и Синтите во областа на дејствување на обсе


Поглавје V од Акциониот план – Подобрување на пристапот до образование



бет4/8
Дата25.06.2016
өлшемі0.85 Mb.
#157599
1   2   3   4   5   6   7   8

Поглавје V од Акциониот план – Подобрување на пристапот до образование
67) Да се обезбеди националното законодавство да вклучува соодветни одредби со кои се забранува расна сегрегација и дискриминација во образованието и се обезбедуваат делотворни санкции за прекршување на тие законски одредби.

Земјата домаќин во своето национално законодавство забранува дискриминацијата во образованието, на расна или етничка основа. Релевантната правна рамка се содржи во Законот за основно образование (чл. 2 (2)) и Законот за средно образование (чл. 3) како и во Законот за спречување и заштита од дискриминација (кој стапува на сила на 1 јануари, 2011). Меѓународните документи, кои се потпишани од Земјата домаќин (на пр. Конвенцијата на ОН за правата на детето) го нагласуваат бесплатниот и задолжителниот карактер на основното образование, што е релевантно во однос на пристапот до образование.


Националното законодавство, предвидува казни за основните училишта во кои се случува дискриминација (Закон за основно образование, член 172), а казни се предвидени и за други случаи на дискриминација (Законот за спречување и заштита од дискриминација, Поглавје VII). Кривичниот законик содржи правна основа за санкционирање на прекршоците во полето на дискриминацијата (на пр. кривични дела предизвикани од омраза).

Ефективноста на таквите мерки тешко може да се оцени, и тоа од три главни причини. Прво, не постои прецизна дефиниција за тоа што е расна дискриминација во училиштата, поради што делата на дискриминација тешко можат да се идентификуваат и да се пријават. Второ, и покрај фактот што во неколку истражувања се наведуваат дискриминаторски практики во училиштата, до сега не е пријавена или истражена појава на дискриминација против ромските деца во училиштата.70 Трето, Комисијата за заштита од дискриминација ќе обезбеди дополнителен увид во реалното спроведување на законот против дискриминацијата дури по 2011 година. Директорот на Дирекцијата за развој и промоција на образованието на јазиците на заедниците71 потврди дека информациите за новиот закон против дискриминација се доставени до училиштата и дека во моментот се организира обука за образовните инспектори.72


Прашањето на сегрегација во училиштата предизвикува слична загриженост. Во националното законодавство не се споменува таквата практика, ниту пак експлицитно се забранува. Државните функционери дури неодамна почнаа да го употребуваат терминот сегрегација.73 Сепак, испитувањата на Институтот Отворено општество74 и Извештајот за имплементација на Декадата за вклучување на Ромите,75 како и Националната стратегија за вклучување на Ромите,76 ја идентификуваат сепарацијата во образованието како проблем кој влијае врз ромските деца.

Непропорционално висок процент на деца Роми се оценуваат како деца со посебни образовни потреби и се одвојуваат во одделенија за деца со посебни потреби или во такви училишта. Барањата за префрлање на децата во таквите одделенија може да потекнуваат од наставниците, доколку учениците не можат да ги разберат наставните содржини, или пак од нивните родители. Постои комисија која го разгледува случајот и го одобрува префрлањето. Честата примена на таквата практика укажува на недостатоци во постапката за оценување на статусот на посебни потреби.77 (Види преп. 73). Иако не постојат законски одредби кои ја забрануваат сегрегацијата, 78 почнуваат да се прават одредени напори за повторна интеграција. Таков пример е малиот проект на Министерството за образование и наука, Вклучување на децата со посебни потреби во редовните училишта.


68) При изготвувањето на образовните политики што ги засегаат заедниците на Ромите и Синтите да се консултираат нивните претставници.

Директорот тврди дека Министерството за образование и наука постојано ги консултира претставниците на ромските граѓански организации.79 Бидејќи ромските граѓански организации имаат директен контакт со граѓаните Роми и се запознаени со нивните потреби, тие се соодветните партнери за Министерството при креирањето на образовните политики и програми. Ромскиот образовен фонд, меѓу другите, често финансира и спроведува проекти кои се поддржани од Владата, особено во полето на предучилишното образование на децата, проекти за менторство и обука за наставниците.80 Министерството за образование и обука ги консултира ромските граѓански организации кога има потреба од податоци или извештаи за состојбата на теренот.


Иако Министерството за образование и наука добива информации за потребите на Ромите преку учеството на локалните граѓански организации, самите образовни институции не го гарантираат истото ниво на прифаќање и разбирање на потребите на Ромите. Во Дирекцијата е формиран совет, чија функција е да обезбедува совети во однос на образованието на малцинствата, во кој членува по еден претставник од секоја малцинска заедница.81 Позицијата која е резервирана за граѓанин Ром не е пополнета во моментов и не е јасно дали постојат шанси за навремено назначување на претставник на Ромите. Сегашниот Директор, кој е Ром, во моментов обезбедува одредена рамнотежа. Во Бирото за развој на образованието, орган надлежен за изработка на наставни програми со значителни овластувања да го формулира наставниот процес, како и во Инспекторатот за образование во моментов немаат вработени Роми. Наставните програми, поради неучеството на Ромите во нивното изготвување, може да не соодветствуваат на културната чувствителност на ромското население.
69) Активно да се промовираат еднакви можности во подрачјето на образованието на децата Роми и Синти, особено со обезбедување помош во однос на јазикот, или друг вид помош.

Земјата домаќин, чиј Устав предвидува дека „секој има право на образование под еднакви услови“,82 формално се залага за еднакви можности и образование за сите. Секоја заедница има право да посетува настава на мајчин јазик. Сепак, Ромите не го користат ова право и посетуваат настава на македонски јазик, и многу поретко, на албански или турски јазик. Ова е последица на малиот број квалификувани наставници Роми и достапноста на учебници на ромски јазик. Поради ова, ромските деца често имаат проблеми во првите години на основното образование, предизвикани од недоволното познавање на јазикот, особено доколку дома зборуваат ромски. Како последица на ова, голем број на деца Роми се отпишуваат од училиштата (покрај фактот што основното и средното образование се задолжителни), или често се преместуваат во одделенијата за деца со посебни потреби.83 (Види исто преп. 73 и 75).

Иако Министерството за образование и наука е свесно за оваа ситуација,84 не постојат систематски програми за помош во однос на јазикот. Постојат напори за промовирање на еднаквите можности во образованието за децата Роми, со особен фокус на прашањата поврзани со јазикот. Прво, Министерството за образование и наука ги поддржува проектите на граѓанските организации, како што е Проектот за медијатори на Националниот ромски центар, преку кој, уште од 2005 година, се обезбедува помош при учење за децата Роми во Скопје и Куманово. Второ, во академската 2010/2011 година на Филолошкиот факултет е воведен предметот Ромски јазик и култура. Доколку ромскиот јазик се изучува на факултетот, 85 тоа ќе ги зголеми шансите образување на наставници по ромски јазик, а ќе овозможи и останатите наставници да се запознаат со културата на Ромите. Ваквите активности ги подобруваат можностите за развивање на мултикултурно образование и за намалување на предрасудите и дискриминацијата во училиштата. Трет позитивен елемент е ставањето акцент на предучилишното образование, преку проектот на Министерство за труд и социјална политика, Вклучување на децата Роми во предучилишното образование. Тој започна со спроведување во учебната 2006/7 година и се уште е во тек, но опфаќа само мал дел од вкупниот број на деца Роми на предучилишна возраст.86 Проектот на Ромскиот образовен фонд Добар почеток, кој започна во 2010 година, придонесува за зголемување на бројот на децата Роми кои учествуваат во предучилишното образование.87
Значајна пречка за присуство на децата Роми во училиштата се лошите социо-економски услови, проблем, кој само делумно се решава. Најновата јавна политика за бесплатен транспорт на децата кои живеат подалеку од 2 км од училиштето и бесплатните учебници за сите ученици, навистина се корисни за ромската заедница. Спроведувањето и резултатите од овие две политики ќе се анализираат во иднина.88 Со тоа се создадени потребните предуслови за ослабување на економскиот фактор како причина за отсуство од училиштата.

Позитивен настан е одлуката на Министерството за образование и наука од 2009/2010 година да го преземе извршувањето на Програмата за стипендии и менторство на Фондацијата институт отворено општество Македонија, насочена кон децата Роми во средните училишта. Оваа програма е поддржана од Ромскиот образовен фонд. Сепак, спроведувањето на оваа Програма од страна на Министерството за образование и наука доцни, што предизвикува загриженост. Програмата на Фондацијата институт отворено општество Македонија, како и реформата во 2008 година, со која средното образование стана задолжително, придонесоа за зголемување на бројот на ученици Роми кои се запишале во средните училишта помеѓу 2005 и 2010 година, како и за намалувањето на бројот на ученици Роми кои го напуштиле училиштето.89


70) Да се преземат посебни мерки за подобрување на квалитетот и делотворноста на образованието за децата Роми и Синти. Да се поттикнува поголема застапеност на Роми и Синти во редот на наставниците.

Обезбедувањето помош во однос на јазикот и спроведувањето на други менторски мерки за Ромските деца се клучни за подобрување на квалитетот и ефективноста на нивното образование. Нивните шанси за квалитетно образование ќе се зголемат преку задржување на учениците Роми во главните текови на образованието, а не нивно вклучување во одделенијата за посебни потреби. Со тоа ќе се зголемат и шансите за нивно идно вработување. Министерството за образование и наука, како партнер на граѓанските организации и донаторите, повремено е вклучено во менторски програми за децата Роми, но тие опфаќаат ограничен број на деца.


Потребно е да се зголеми бројот на наставници Роми, со што би се намалиле предрасудите во училиштата и би се обезбедила запознаеност со прашањата кои се актуелни за децата Роми. Ова би имало позитивни ефекти врз бројот на деца кои се запишуваат во училиштата, и би се намалил и бројот на оние кои се откажуваат од образованието. Овие мерки, во иднина, би и овозможиле на ромската заедница да го искористи своето уставно право и да се образува на ромски јазик.

Само 0.16% од вкупниот број на наставници во основните училишта се Роми.90 Воведени мерки за стипендирање на студентите Роми,91 а воведен е и изборниот предмет Ромски јазик и култура на Филолошкиот факултет. Во моментот нема механизми за мотивација (на пример: финансиска поддршка, квоти), кои би ги привлекле младите Роми во наставната професија. Потребно е да се подобри образовното ниво на младите Роми, со што ќе се зголемат шансите за создавање на квалификувани наставници Роми за во иднина.


71) Во образовните текстови да се вклучат историјата и културата на Ромите и Синтите, со посебен акцент врз се она што им се случувало на Ромите и Синтите за време на Холокаустот.

Ромската историја и култура не се адекватно застапени во образовните материјали, без оглед дали станува збор за учебници по историја, граѓанско образование или литература. Фондацијата институт отворено општество Македонија оценува дека историјата и културата на Ромите се споменува на околу 1.7% од страниците на учебниците.92 Студијата на UNICEF за мултикултурализмот во училиштата нагласува дека описите на културата на Ромите во учебниците во основното училиште се преполни со стереотипи.93 Адекватната застапеност на содржини во врска со етничките заедници во учебниците е генерален проблем кој се одразува и врз Ромите. Во учебниците нема содржини поврзани со искуствата на Ромите за време на Холокаустот, а и на часовите воопшто не се зборува за тоа или за нивниот живот во минатото и сегашноста.


Предметот Ромски јазик и култура, кој претходно беше факултативен, а сега изборен во основните училишта, содржи информации за ромската историја и култура, но целна група на овој предмет се само учениците Роми.
Во овој контекст од голема важност е посветеноста на Министерството за образование и наука да преземе „чекори кон интегрирано образование во образовниот систем на Република Македонија“.94 Министерството ја согледува неусогласеноста помеѓу правото на образование на мајчин јазик и недостигот на меѓусебно познавање и интеракција помеѓу етничките групи, што е спротивно со реалноста и мултиетничкиот карактер на општеството. Во согласност со препораките на Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, дадени во 2008 година, Министерството за образование и наука се согласи да ги прегледа наставните програми и да обезбеди дека тие ќе содржат наставни содржини за заедниците кои живеат во земјата. Целосно спроведување на новите наставни програми се очекува во учебната 2014/15 година.
72) Да се размисли за мерки коишто ќе помогнат да се обезбеди почит за ромскиот јазик, негова заштита и унапредување во наставата на ромски јазик, како и на ромската култура како составен дел од културното наследство на Ромите и Синтите.

Предметот Ромски јазик и култура се воведе како изборен предмет во основните училишта во учебната 2008/9 година. Ова е важен чекор за заштита и промоција на ромското културно наследство.

Со цел овој важен документ да постигне подобри резултати, вниманието, во иднина, треба да се фокусира на два приоритета. Прво, треба да се зголеми бројот на децата кои ги слушаат изборните предмети. До сега, во 6 основни училишта наставата по овој предмет ја посетувале 2191 ученици Роми (79.3% од вкупниот број на ученици Роми во тие училишта). Се очекува наставата по овој предмет да започне во уште 3 училишта во учебната 2010/2011,95 иако 28 училишта ги исполнуваат основните предуслови да организираат настава по овој предмет.96 Некои ученици Роми не го посетуваат овој изборен предмет бидејќи тоа подразбира дополнителни обврски. Второ, потребно е адекватно спроведување на самата настава по предметот: треба да се обезбедат информации за достапноста и можноста за запишување, наставни материјали (учебници) и обука за наставниците со цел тие да се оспособат да држат квалитетна настава. Министерството за образование и наука во моментов ги подготвува учебниците за овој предмет. Бројот на наставници Роми е исто така недоволен.

Иако не е јасно дали наставата по овој предмет може да ја посетуваат и деца од другите заедници,97 во моментов наставата ја посетуваат само ромски деца. Оттаму, промовирањето на ромскиот јазик и култура кај останатите заедници не е доволно застапено.


73) Да се изградат и спроведуваат сеопфатни програми со кои ќе им се стави крај на подвојувањата во училиштата, и што ќе целат на: (1) укинување на практиката на систематското пренасочување на ромските деца во специјални училишта или одделенија (на пр. училишта за деца со пречки во развојот, училишта и одделенија наменети специјално за деца Роми и Синти); и (2) префрлување на ромските деца од посебните училишта во стандардните општи училишта.

Постоењето на сегрегацијата во училиштата формално не се признава, и не постои специфична мерка која се фокусира на интеграцијата. Сегрегацијата на децата во училиштата долго време се нарекуваше сепарација. Од неодамна, државните функционери покажаа пофлексибилен однос и почнаа да зборуваат за оваа практика.


Главни причини за запишување на децата во посебните училишта се слабите резултати и тешкотиите во учењето, кои пак често се поврзани со слабото познавање на јазикот на кој се врши наставата. Дополнителен фактор се економските додатоци за семејствата кои имаат деца со посебни потреби. Не постојат сеопфатни податоци за етничкиот состав на училиштата и одделенијата за деца со посебни потреби. Според Ромскиот образовен фонд, 27% од децата во посебните училишта и одделенија се Роми.98 Дирекцијата обезбеди информации во врска со средните училишта во Скопје и Штип, кои го потврдуваат високиот удел на децата Роми во образовните установи за деца со посебни потреби, во споредба со другите етнички заедници.
Во моментов се разгледува предлогот за ревизија на улогата и организацијата на Комисијата (под Министерството за здравство) која е одговорна за оценување на состојбата на децата со посебни потреби.99 При ова, треба да се размисли за воспоставување на механизми и нивно користење за враќање на децата од посебните во редовните училишта и одделенија.

Бесплатните учебници и бесплатниот транспорт би требало да го намалат бројот на родители кои инсистираат своите деца да ги запишат во посебни образовни установи поради финансиските надоместоци. Финансиски надоместоци за семејствата со деца со посебни образовни потреби, ја намалуваат мотивацијата на родителите да ги префрлат своите деца во редовните училишта и одделенија.


Запишување на децата во посебни одделенија, не е единствената практика која придонесува за сегрегација. Таа се поттикнува и преку постоење на училишта во кои најголем дел или скоро сите ученици се Роми. Од овие причини се разви дебата за можноста да се отвори средно училиште во општината Шуто Оризари, во кое секако најголем број ученици би биле Роми.

Во Гостивар, Битола и Куманово, постојат случаи на така наречени „училишта поволни за Ромите“ во кои има многу висок број на ученици Роми. Училиштата ги информирале властите, кои ги спровеле потребните истраги, но за жал ефектите се мали. Било утврдено дека ова не се случаи на дискриминација, туку резултат на преференцијата на некои родители нивните деца да учат во одделенија каде што ќе учат само Роми или пак резултат на новата поделба на градовите во општини.100 Со ова се наметнува состојба каде децата кои живеат во одредени општини се запишуваат во училиштата кои припаѓаат во истите општини. Концентрацијата на ромските семејства во истиот дел од градот автоматски предодредува нивните деца да се запишуваат во истото училиште. Создавањето на нови општини доведе до забуни во однос на тоа кои училиштата припаѓаат на одредена општина.


74) Да се назначат финансиски средства за префрлување на децата Роми во стандардните општи училишта и за изготвување на училишни програми за поддршка на училиштата за олеснување на преминот во стандардите општи училишта.

Не постои ниту една програма за враќање на децата Роми во редовното образование. Сепак постојат проекти за олеснување на пристапот на ромските деца до редовното образование преку вклучување во предучилишното образование. (види 75г).


75) На децата Роми да им се олесни пристапот до стандардното општо образование со преземање мерки какви што се:

(a) Преземање мерки за отстранување на манифестации на предрасуди во однос на Ромите и Синтите во училиштата;

Дискриминацијата и предрасудите против Ромите се некои од можните фактори кои го спречуваат пристапот на Ромите до образованието.101 Не постојат ефективни мерки насочени кон подобрување на однесувањето на останатите деца кон децата Роми во училиштата. Од една страна, соучениците не добиваат адекватно образование за позитивните аспекти на мултикултурализмот, диверзитетот и културата на Ромите. Според резултатите од испитувањето кое го изврши Мисијата на ОБСЕ, може да се заклучи дека: 15.6% од средношколците етнички Македонци, 17.9% од средношколците етнички Албанци и 10% од средношколците етнички Турци, кои биле интервјуирани имаат негативни чувства кон етничките Роми.102 Од друга страна, и наставниците и вработените во училиштата понекогаш имаат предрасуди кон учениците Роми.

Започнати се и иницијативи насочени кон наставниците. Министерството за образование и наука и Националниот ромски центар објавија Прирачник за препознавање на дискриминацијата и предрасудите во училиштата. USAID/Фондацијата институт отворено општество Македонија и проектот Образование за социјална права, спроведе обука пред вработување на тема мултикултурното образование zа преку 400 наставници од 11 средни училишта. Сепак, ваквите активности се за ограничен број учесници и се дополнување кон систематската обука и активности кои се насочени кон учениците.
(b) Обука на наставни кадри за мултиетничка едукација и начини на работа со етнички мешани одделенија;

Не постои систематска и сеопфатна обука на наставниот кадар за спроведување на мултикултурно образование. Во последните години, организирани се неколку обуки на кои учествуваа одреден број наставници, но главно на доброволна база. Прирачникот на Министерството за образование и наука и Националниот ромски центар успеваат да покријат само дел од едукацијата која им е потребна на наставниците.

Мисијата на ОБСЕ, во партнерство со граѓанските организации во Скопје, Битола, Штип и Тетово, делува во оваа област преку проектот за обука пред вработување. Од почетокот на 2009 година, околу 300 студенти од 4 педагошки факултети и од Институтот за социјална работа и социјална политика (Штип) посетуваа обука од 4 месеци, и во рамките на обуката им помагаа во учењето на децата од различни етнички заедници. Целта на обуката е намалување на предрасудите кај наставниците кои не се Роми кон децата од другите заедници, особено кон Ромите. Околу една третина од децата вклучени во овој проект беа Роми.
(c) Градење на стратегии со кои ќе се обезбеди поширока поддршка во општеството за интеграција во училиштата;

Ефективни стратегии за спроведување на оваа цел, ќе се изработуваат во иднина.


(d) Обезбедување поддршка за премостување на јазот меѓу децата Роми и Синти и другите ученици, вклучително и преку предучилишни програми изготвени за подготвување на децата Роми и Синти за основното училиште;

Во согласност со одлуката на Советот на министри на ОБСЕ MC.DEC6/08, земјата домаќин ги идентификуваше програмите насочени кон децата на предучилишна возраст, како основни начини за подобрување на пристапот до квалитетно образование за децата Роми, а на тој начин и за смалување на разликите помеѓу нив и другите ученици.

Министерството за труд и социјална политика е министерството одговорно за децата на предучилишна возраст. Одделението во Министерството за труд и социјална политика, уште од 2006 година, го спроведува проектот Вклучување на ромските деца во предучилишното образование. Овој проект е финансиран од Министерството за труд и социјална политика, со грантот доделен од Ромскиот образовен фонд и со придонесите од општините. Главните цели на овој проект се: олеснување на пристапот до основното образование за децата Роми, подобрување на нивното познавање на македонскиот јазик; обезбедување на навремено вклучување во основното образование; намалување на бројот на деца кои се отпишуваат од училиштата; поттикнување на вклученоста на Ромите во етнички мешани одделенија. Одделението кое го спроведува Проектот, известува дека во програмата во периодот помеѓу 2006 и 2009 година биле вклучени 678 деца. Проектот се спроведувал во градинки каде што биле ангажирани дополнителни помошнички Ромки.103 Предлогот на проектот за учебните 2009/2010 и 2010/2011 предвидува зголемување на бројот на вклучени деца на 777, за период од две години. Сепак бројот на вклучени деца е ограничен, наводно поради ограничениот капацитет на градинките да примат повеќе деца, како и поради недостигот на човечки, институционални и финансиски капацитети во неколку општини да го спроведат проектот.

Општините доцнат со плаќање на поединците вклучени во Проектот, а се доцни и при запишување на децата и ангажирање на помошниците Роми. Оценката на Проектот наведува дека процентот на деца Роми во предучилишните установи се покачил од 1.3% во учебната 2006/7 година на 1.83% во учебната 2008/9 година, иако не е споменат изворот на таквите податоци.104

Со цел да се оценат резултатите конкретно на овој Проект, како и генерално на образовните политики, потребна е координација помеѓу сите чинители насочена кон собирање на податоци, постапување со нив и нивно објавување.
Децата Роми треба навремено да се вклучат во редовното образование, со цел да се оттргнат од улиците, каде се изложени на криминални практики, трговија со деца, насилство и експлоатација на нивниот труд. Граѓанската организација Отворена порта оценува дека 90% од децата на улиците се Роми. Неколку граѓански организации обезбедуваат менторство и установи за дневно згрижување на деца Роми на предучилишна возраст (на пр. Сумнал). Министерството за труд и социјална политика, со помош на UNICEF, раководи со дневни центри за деца во Скопје и Битола, кои имаат за цел да ги повлечат децата од улиците и каде се сместени околу 70 деца. Овие центри не нудат конкретни мерки за вклучување на децата во формалното образование.105
(e) Обезбедување поддршка во насока на зголемување на бројот на медијатори / инструктори и наставници од самите ромски заедници.

Воведувањето на изборниот предмет Ромски јазик и култура во основните училишта и неколкуте проекти за медијатори / обучувачи кои нудат вон-наставна помош за децата (главно ги спроведуваат граѓанските организации) придонесоа за зголемување на бројот на едукатори од ромската заедница. Најголем број на засегнати страни, како Министерството за образование и наука, училиштата и граѓанското општество веруваат дека бројот на квалификувани медијатори / наставници Роми треба да е поголем во рамките на редовното образование. Предметот Ромски јазик и култура, кој неодамна е воведен на Филолошкиот факултетот е прв чекор за премостување на овој недостаток.


76) Да се изготви и имплементира антирасистичка наставна програма за училиштата, и анти-расистичка кампања за медиумите.

Наставните програми за училиштата не содржат јасна осуда на расизмот, и текстови за промовирање на анти-расистичките пристапи. Анализата на учебниците направена од страна на UNICEF во 2007 година, заклучува дека во многу случаи, учебниците само ги засилуваат стереотипите, 106 и не помагаат за успешно елиминирање на расизмот.


77) Да се изградат политики што се зафаќаат со сите фактори што придонесуваат за ниската стапка на редовно школување на децата Роми и Синти. Тука, меѓу другото, спаѓаат мерките со кои ќе се обезбеди ромските и Синти семејства да ги имаат неопходните документи за упис како сите други граѓани.

Уписот и бројот на децата Роми во училиштата е значително понизок од националниот просек: публикацијата на UNICEF и на Државниот завод за статистика во 2006, оценува дека процентот на децата Роми на возраст помеѓу 7-14 години (основно и средно училиште) е околу 61.1%, наспроти националниот просек од 94.9%.107

Некои од главните фактори кои се причина за малиот процент на Роми во училиштата се: трошоците, далечината од училиштата, необразованите родители, недовербата во образовниот систем, како и немањето потребни документи. Иако меѓусебната поврзаност на овие прашања бара сеопфатни политики, сепак потребни се и мерки кои се насочени кон решавање на секое прашање посебно.
Со одлуката на Владата за бесплатни учебници и бесплатен транспорт се помогна во елиминирање на економските фактори и далечината. Стипендиите од Министерството за образование и наука и од останатите донатори (Ромскиот образовен фонд, Институтот Отворено општество) придонесоа за покривање и на останатите трошоци (храна, училишни материјали, облека). Сепак, бројот на ученици кои ги исполнуваат критериумите за добивање на стипендијата е ограничен, главно поради послабиот успех на учениците.
Промотивните кампањи, најчесто организирани од граѓанските организации, имаат влијание врз подобрување на ставот на семејствата кон образованието како и врз нивната свесноста за важноста на образованието.

Програмите за описменување и образованието за возрасни придонесуваат за зголемување на поддршката што семејствата ја пружаат за образованието на сопствените деца. Со одлуката MC.DEC6/08, Советот на министри, експлицитно бара земјите учеснички да ја подигнат свеста кај Ромите за важноста на образованието.108 Сепак, во земјата домаќин, за сега, ништо позначајно не е направено во оваа насока.

Некомплетната документација претставува пречка за запишување во училиштата, особено во основните училишта. Граѓанските организации и Ромските информативни центри нудат основна помош за овие прашања. Ромските информативни центри треба поактивно да се вклучат во овие активности.109

Со Закон е предвидено сите деца кои живеат во земјата да имаат право на задолжително образование, без оглед на нивниот статус и државјанство. Сепак, изгледа дека законот содржи некои нејасни делови (вклучувањето на ученици постари од одредена возраст, како и на ученици без извод на родените).


78) Да се размисли за изработка на програми за социјална помош за ромските семејства со ниски приходи што имаат деца на училишна возраст.

Покрај бесплатните учебници и бесплатниот транспорт, постојат и стипендии кои можат да ги покријат останатите трошоци кои произлегуваат од образованието. Сепак, не постојат стипендии за сите фази на образовниот циклус и обично зависат од успехот, со што автоматски се исклучуваат наранливите семејства.

Ромските семејства со ниски приходи ги исполнуваат условите и добиваат социјална помош од државата.

Министерството за труд и социјална политика управува со две засолништа за бездомници, во Чичино Село и во Љубанци. Бездомниците во центрите најчесто се Роми кои немаат соодветни услови за живеење. Во центрите се сместени околу 100-тина лица, и најголем број се ромски семејства, кои добиваат оброци, место за спиење и основни услуги.

Со цел да се спречи феноменот на децата на улица, особено ранливите ромски семејства треба да се вклучат во овие структури, а децата да ги посетуваат дневните центри со кои раководи Министерството за труд и социјална работа (види 75г). Дневните центри за деца во моментов не нудат програма за третирање на образовните, здравствените или психолошките потреби на присутните деца.110 Тие треба да се фокусираат на развојот на децата во обид да најдат оддржливи и долгорочни решенија за проблемот со децата на улиците.
79) Да се поттикне редовното посетување на училишната настава на децата Роми и Синти, меѓу другото, и со вклучување на семејствата и социјалните работници, засилување на свеста на родителите и возрасните Роми и Синти во поглед на нивната обврска да им овозможат на децата да одат на училиште, и особено, да им обезбедат на женските деца еднаков пристап до образование.

Причините за слабото присуство и отпишувањето на учениците Роми од училиштата најчесто се: ангажирањето во сезонска работа, трошоците за образованието, лошите резултати на училиште и дискриминаторските практики во училиштата. За бројот на Роми во училиштата не постојат официјални податоци, а проценките, кои се засноваат на прилично мали примероци, многу варираат. Според Институтот отворено општество, процентот на Ромите во основните училишта во 2005 бил 76% во споредба со 98% застапеност на мнозинското население кое живее во близина на Ромите.111


Оваа разлика помеѓу стапките на вклученост на Ромите и останатите во средното образование е уште поголема: 19% се Роми и 74% „мнозинско население кое живее во близина на Ромите“.112 Истражувањето со кластер од повеќекратни индикатори направено за учебната 2005/2006 година, а објавено во 2007 година, укажува дека процентот на деца Роми со завршено основно образование е 44.6%, во споредба со 86.6% кај етничките Македонци и 80.5% кај Албанците.113 Разликите кај учениците кои продолжуваат во средните училишта се уште позагрижувачки, бидејќи процентот на Ромите кои продолжуваат во средно образование е 26.9%.114 Директорот на Одделот за образование на Фондација институт отворено општество Македонија, Споменка Лазаревска, оценува дека во последно време процентот на деца Роми кои завршуваат средно образование е 76%.
Треба да се има предвид дека средното образование беше воведено како задолжително во учебната 2008/2009 година. Иако до сега не е направена систематска анализа на влијанието на таквата законска промена, ова сигурно е значаен фактор за зголемување на процентот на децата кои се запишуваат во средно училиште. Иницијативите за стипендии на Фондацијата институт отворено општество Македонија (со USAID), Ромскиот образовен фонд и од неодамна на Министерството за образование и наука, исто така придонесуваат за ова. Но, ваквите резултати не треба да се гледаат изолирано од останатите проекти за менторска помош, преку кои се обезбедува дополнителна помош по предметот македонски јазик, како и по останатите предмети.
Неколку граѓански организации се обидуваат да ја подигнат свеста кај родителите Роми и кај членовите на заедниците во врска со улогата на образованието, како и за нивната одговорност да им овозможат на децата да одат на училиште. Механизмите на убедување се посоодветни отколку законската обврска за задолжително образование. Долгорочно гледано, принудата нема да ја зголеми поддршката на родителите за образованието, ниту пак ќе обезбеди намалување на бројот на децата кои го напуштат училиштето.

Граѓанските организации Сумнал и Амбрела се вклучени во промотивни активности со цел да ја подигнат свеста во своите заедници. Месечина и Националниот ромски центар исто така организираат кампањи и состаноци помеѓу родителите и институциите во врска со ова прашање. Кампањата за образование на Ромите на Националниот ромски центар исто така придонесува за удвојување на бројот на учениците Роми кои се запишале во прва година во училиштата кои се следат, во периодот помеѓу учебните 2005/6 и 2007/8 година.115 Проектот на Ромскиот образовен фонд, Добар почеток, кој ќе трае до јуни 2012, спроведува активности од страна на медијатори кои одат од врата на врата. Програмите за подигање на свеста од овој тип не се систематизирани на територијата на целата земја и не се следат од владините институции. Постои можност и простор за поактивно вклучување на Ромските информативни центри во овие активности.


Не постојат посебни програми насочени кон зголемување на бројот на девојчиња во училиштата.
Министерството за образование и наука размислува да не дозволи доделување на социјална помош на семејствата кои го побарале тоа, доколку децата од тие семејства не присуствуваат најмалку на 80% од часовите во училиште. За спроведување на овие мерки, ќе помогне и новиот компјутерски систем за следење на податоците од уписите, обезбеден од Светската банка, кој наскоро ќе се тестира.116
80) Да се обрне особено внимание на ромските и Синти женски деца да им се обезбедат еднакви можности за вклучување во образованието и во општеството и да се изградат програми за намалување на исклучителното високата стапка на прекинување на образованието на женските деца.

Не постои програма насочена конкретно на присуството на девојчињата во училиштата, иако постои разлика од 10% помеѓу девојчињата и момчињата Роми запишани во основно училиште (по истиот редослед, 71% и 81%).117 Иако, веројатно, задолжителното средно образование за сите и зголемувањето на бројот на ученици кои ќе се задржат во училиштата ќе помогне да се надмине оваа разликата, нееднаквоста на родовите во образованието сепак е присутна.


Основата на овој проблем се традицијата и практиките на рано склучување бракови (11.4% од Ромките кои се на возраст помеѓу 15 и 49 години се омажиле пред да наполнат 15 години). Релевантните здравствени установи и институциите кои обезбедуваат еднакви можности потребно е да се координираат и да спроведат специфични програми за елиминација на практиката на рано стапување во брак и за подобрување на сексуалното образование.
81) Да се размисли за изработка на соодветни програми за лицата што немаат завршено основно образование или се неписмени.

Иако во земјата домаќин стапката на писменост е скоро 100%, само 84% од Ромите се писмени.118 Министерството за образование и наука и Ромскиот образовен фонд прават напори да им се овозможи на лицата кои не завршиле средно образование да ги завршат училиштата.

Сепак, не постои сеопфатна програма која ќе се однесува на неписмените лица или пак на возрасните без диплома од училиште. Центарот за образование на возрасни во Министерството во моментов изготвува проекти на оваа тематика,119 а граѓанските организации повремено спроведуваат програми за описменување.
82) Да се изготват, каде што е потребно, програми за стипендии за студентите Роми и да се поттикнува нивното зголемено учество во постоечките програми за стипендии.

Постојат активни програми насочени кон учениците и студентите Роми, вклучени во средното и високото образование, и тие придонесуваат за зголемување на бројот на ученици и студенти кои се запишуваат и кои остануваат во училиштата и на факултетите.



Програмата за образование на Ромите на Фондацијата институт отворено општество Македонија, спроведувана заеднички со Ромскиот образовен фонд, која од учебната 2008/9 година ја презеде Министерството за образование и наука, уште од 2004 година, им овозможува стипендии и менторство на средношколците Роми. Во првата година од оваа програма биле вклучени 262 ученици, а во следните години бројката се искачила до 500 ученици годишно. Учениците кои не можат да ги одржат потребните оценки (просек 3 од 5), по првата година имаат право на делумна стипендија со цел да не се откажат од училиштето, додека на учениците кои не доаѓаат редовно на часови, стипендијата привремено им се става во мирување.

Министерството за образование и наука стипендираше 620 средношколци Роми во учебната 2008/9 година и планираше да стипендира уште 800 во учебната 2009/10 година. Сепак, таа година беа доделени само 480 стипендии, бидејќи повеќето ученици Роми не успеале да ги исполнат критериумите за квалификација.

Во моментов се доцни со спроведувањето на програмата. Со дел програмата да се институционализира и да се обезбеди нејзината ефективност, Министерството за образование и наука преговара со Ромскиот образовен фонд за обезбедување на 700 годишни стипендии, менторство и дополнително подучување при подготовката на матурата за средношколците Роми.

Во 1994 година, само 9 студенти Роми се запишале на универзитетите во земјата домаќин. Во академската 2001/2120година тој број се зголемил на 97, а од тогаш е три пати поголем. Студентите на факултетите ги користат програмите Ромаверситас (стипендија и подучување) и Програмата за стипендирање на Ромскиот Меморијален Универзитет, кои се нудат преку Ромскиот образовен фонд и Фондација институт отворено општество Македонија. Почнувајќи во академската 2007/8 година, Ромаверситас додели 35 годишни стипендии финансирани од USAID и обезбеди менторство и други активности за поголем број на студенти. Преку оваа програма, по 2008 година, доделени се преку 350 стипендии. Фондацијата институт отворено општество Македонија со стипендии им помага на студентите Роми на Педагошкиот факултет, надевајќи се да го обезбеди потребниот број на наставници Роми. На универзитетите во земјата домаќин, постојат квоти за студентите Роми при што се овозможува уписот на Ромите во високото образование.


83) Да се поттикне компјутерска писменост меѓу Ромите и Синтите со изработка на информативни интернет страници.

Во училиштата не постојат курсеви за компјутерска писменост. Иницијативата Компјутер за секое дете, започната од Министерството за образование и наука во 2008 година, придонесе секое училиште да добие компјутери. Сепак, старите објекти, необученоста на наставниците и бавната изработка на програми прилично го ограничуваат развојот во оваа област. Не постои посебна програма насочена кон учениците Роми.


84) Периодично да се оценува делотворноста на образовните политики.

Систематската оценка на образовните политики тешко е да се спроведе без достапони службени податоци, без сеопфатни образовни програми насочени кон ромската популација и без координација помеѓу чинителите (државата, граѓанските организации, меѓународните донатори).

И покрај периодичните оценки кои ги врши Државниот инспекторат и само-оценувањето кое се спроведува во училиштата, не постојат ефективни механизми за мониторинг и решавање на итните прашања.

Сепак, формирањето и ефикасното функционирање на Дирекцијата, раководена од квалификуван професионалец Ром, е позитивен чекор напред. Ова тело може да ја промовира координацијата и оценувањето на образовните политики насочени кон Ромите (и другите помали заедници), и како резултат да обезбеди подобра ефективност.



Достарыңызбен бөлісу:
1   2   3   4   5   6   7   8




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет