15. Дали имате посебни оперативни мобилни единици за надзор на границите и доколку имате, на кои делови од границата?
Во согласност со Правилникот за организација и работа на Министерството за внатрешни работи(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/98 и 15/03) со кој се прецизира организациската поставеност на Одделот за Гранична Полиција при Министерството за внатрешни работи и во тие рамки на граничните полициски станици, активностите кои се однесуваат на надзорот на државната граница се извршуваат од страна на вработените во Граничните полициски станици со организирање на мобилни полициски патроли. Во моментов истите делуваат на досега преземените граници од страна на Министерството за внатрешни работи, во граничните подрачја (околу 10 километри во длабочина од државната граница). По преземањето и на другите делови на границата согласно утврдениот план, такви мобилни патроли ќе дејствуваат во согласност со тактичката проценка на целокупната државна граница.
Во нивна надлежност е спречување на сите обиди на извршување прекуграничен криминал, посебно ставајќи акцент на спречување на нелегално преминување на државната граница, движење и задржување во граничниот појас како и нелегална трговија со луѓе и стоки. Со оглед на наведеното, наведените патроли попречуваат преминување на државната граница од страна на диверзантско –терористички групи, остваруваат контакт со месното население и воспоставуваат тесна кординација со локалната заедница, која се засновува врз градење на доверба, размена на податоци, давање поддршка и помош во насока на превентивно делување.
Во Министерството за Финансии-Царинска Управа постојат мобилни екипи кои делуваат првенствено за сузбивање на криумчарење по посебен план или по укажана потреба за зголемен надзор на поедини легални гранични премини односно прометни собраќајни правци, воздушни пристаништа и царински терминали. Одделението за мобилни тимови е организирано во тимови кои делуваат на целото подрачје на Република Македонија со тоа што постои и еден дежурен тим за брзи интервенции. Во одредени акции се формираат мешовити тимови од Одделенијата за истраги и разузнавање со мобилните екипи, особено кога се во прашање криумчарење на забранети стоки во прв ред наркотични средства како и акцизни стоки. Мобилните царински екипи делуваат кординирано т.е. заедно со полициските екипи при акции од регионално и локално ниво. Со оглед на фактот дека Мобилните екипи немаат дистрибуирани екипи на официјалните гранични премини, истите дејствуваат со цел зајакнување на персоналот на граничните премини при тоа користејќи оперативно-технички средства.
16. Дали постои тело задолжено за централeн надзор и давање на упатства за контрола и надзор? Дали тоа тело има соодветни средства за извршување на оваа должност?
Имајќи го во предвид воведувањето на новиот концепт на гранично управување, чија основа е целосно интегриран систем за гранично управување, во Националната Стратегија за интегрирано гранично управување предвидено е формирање на Национален координативен центар за гранично управување, со кој ќе раководи Одделот за Гранична полиција како најповикана служба, а во соработка со сите останати национални служби инволвирани во граничното управување.
Националниот координативен центар за Гранично управување ќе ја надгледува состојбата на сите државни граници и ќе овозможи брза размена на информации помеѓу министерствата вклучени во граничното управување и ќе ги координира заедничките активности, операции и справување со инциденти по потреба на национално ниво.
Неопходно е да се напомене дека во овој момент, па се до формирањето на предвидениот Национален координативен центар за Гранично управување единствено тело задолжено за централен надзор и давање на упатства за контрола и надзор е Одделот за Гранична полиција при Министерството за внатрешни работи.
За извршувањето на сите работи и надлежности од делокругот на граничното управување, Одделот за Гранична полиција не располага со доволно средства и опрема, како што се систем за управување со граничните податоци, систем за надзор со камери со што ќе се овозможи следење на протокот на сообраќајот и активностите на сите гранични премини и аеродромите (постојат само на некои гранични премини), современи системи за радио и телефонски комуникации, систем за дигитално телекомуникациско поврзување на сите гранични премини, како и недостаток на моторни возила и информатичка (компјутерска) опрема.
17. Како се уредени надлежностите на министерствата во однос на управување со границите (административна постевеност)?
Со Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“, бр. 58/00 и 44/02), се уредува организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.
Согласно наведениот закон, и други посебни закони органи на државната управа кои имаат надлежности во управувањето на државната граница се:
-
Министерство за внатрешни работи: Согласно одредбите на Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија“, 19/95, 55/97, 38/02, 33/03 и 19/04), една од надлежностите на Министерството за внатрешни работи е и заштитата на државната граница, контрола на преминување преку државната граница и престој во граничниот појас. Работите на заштита на државната граница, утврдување и решавање на граничните инциденти и други повреди на државната граница и други работи утврдени со закон, ги врши граничната полиција;
-
Министерство за одбрана - Заштита на територијалниот суверенитет и интегритет на државата (види подетално во 24_А_01), како и соработка со Одделот за Гранична полиција особено во делот на собирање разузнавачки податоци за разни облици на прекуграничен криминал;
-
Министерство за надворешни работи - Визен режим, определување и обележување на државната граница, одржување на граничните ознаки, склучување на меѓународни договори;
-
Министерство за финансии - Царинска управа - Царинската управа е водечки орган за процесирање на легалните стоки, откривање на нелегални стоки и за истраги поврзани со царински прекршоци и кривични дела од областа царинско работење, утврдени со закон. Согласно Законот за Царинска управа („Службен весник на Република Македонија“, бр. 46/04), меѓу останатите надлежности, Царинската управа е одговорна за спроведување на царинска контрола, истражни и разузнавачки мерки со цел спречување, откривање и истражување на царински прекршоци и кривични дела; вршење на контрола на извозот, увозот и транзитот на стока за која се потпишани посебни мерки од интерес на безбедноста и јавниот морал, зачувување на здравјето и животот на луѓето, животните и растенијата, заштита на животната средина, заштита на добра од привремена заштита или културно наследство или природни реткости, заштита на авторските и други сродни права и правата на индустриска сопственост, како и други мерки на трговската политика пропишани со закон;
-
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство - Ветеринарна и фитосанитарна контрола - контрола и преглед на пратки д животинско потекло при прометот преку граничните премини;
-
Министерство за здравство - Спречување на ширење на заразни болести, заштита на здравјето на населението.
-
Министерството за здравство преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Бирото за лекови, во рамки на граничниот надзор, врши надзор над примената на законите(Види подетално во 24_А_01). Преку Одделението за граничен надзор при ДСЗИ врши инспекциски надзор на границата и царинските терминали, сите пратки на отрови, увозот и транспортот на гадни и заразни материи, врши санитарен и здравствен надзор на патници во меѓународниот сообраќај, како и превозните средства кои доаѓаат во Република Македонија од земји во кои владеат епидемии и ендемии на карантински заразни болести, како и врши надзор на безбедноста на увозот на храната и предметите за општа употреба. Соработката и координацијата во наведените домени се остварува со Царинската управа, Ветеринарна управа и УЗЗ.
-
Министерство за транспорт и врски - Патeн, железнички и воздушeн сообраќај
-
Министерство за животна средина и просторно планирање - Партиципирање во активностите на Националната комисија за здравство, безбедност и животна средина (по нејзино формирање)
-
Министерство за образование и наука - Учество во изработка на оперативни правила и процедури за Дирекцијата за радиациона безбедност
Помеѓу наведените органи на државна управа постои соработка и координација на активностите кои се однесуваат на државната граница.
Достарыңызбен бөлісу: |