19. Каква е состојбата во врска со меѓународните договори за граници и гранична соработка со соседните земји? Ве молиме да дадете:
a) Краток опис на постојните или планираните договори;
б) Сиже на содржината на договорите;
в) Ниво на коешто се усвоени или ќе се усвојат договорите, како и (очекуваното) време на усвојување.
Раководејќи се од стратешката определба за развој и унапредување на односите со сите свои соседи, Република Македонија од своето осамостојување, превзеде активности околу спогодбено уредување на областа на граничната соработка. И покрај соочувањето со бројни политички проблеми и воените дејствија на територијата на поранешна Југославија, Република Македонија, досега е единствената држава од поранешна СФРЈ, која успеала спогодбено да го реши прашањето на границите со сите свои соседи и воопшто областа на граничната соработка.
РЕПУБЛИКА АЛБАНИЈА
Од моментот на своето осамостојување, Република Македонија и Република Албанија потпишаа поголем број билатерални Договори, Спогодби, Протоколи и Меморандуми, кои опфаќаат повеќе области. Досега меѓусебните контакти беа во знакот на меѓусебното разбирање, пријателството и желбата за добрососедска соработка. Се очекува активностите и соработката меѓу двете страни во областа на пограничната соработка, посебно во областа на одржувањето, обновувањето и обележувањето на граничната линија и граничните ознаки на заедничката граница, да добие во интензитет во текот на наредната година. Граничната соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија се спроведува согласно одредбите на:
Спогодбата меѓу Македонската Влада и Албанската Влада за мерките за спречување и решавање на инцидентите на македонско-албанската државна граница
а) Со оваа Спогодба се уредува меѓусебната соработка, во насока на спречување и решавање на инцидентите на заедничката државна граница.
б) Битните елемени од Спогодбата се содржани во одредбите кои поблиску ги определуваат дејствата кои се сметаат за гранични инциденти, на кој начин и со помош на кои тела и инструменти ќе се врши разгледувањето, утврдувањето и решавањето на инцидентите што можат да се случат на македонско-албанската државна граница. Со Спогодбата се формира Главната мешовита македонско-албанска комисија за граничните инциденти, како и две секторски мешовити комисии за гранични инциденти и во неа се утврдува бројот на членовите во Главната и во Секторските комисии, задачите на комисиите, периодите на одржување на редовни состаноци и начинот на работата на комисиите. Главната мешовита комисија е формирана и досега одржала два редовни состаноци. Се очекува Главната мешовита комисија да продолжи со својата работа во текот на 2005 година. Секторските мешовити комисии одржуваат редовни средби два пати во годината.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 4 декември 1997 година. Ратификувана е на 11 февруари 1998 година, а стапи во сила на 27 февруари 1998 година.
СПОГОДБАТА меѓу Македонската Влада и Албанската Влада за одржување, обновување и обележување на граничната линија и граничните ознаки на македонско - албанската граница
а) Со Спогодбата се регулираат сите прашања кои се однесуваат на одржувањето и обновувањето на постојните гранични пирамиди, а со цел избегнување на сите недоразбирања и зајакнување на добрососедските односи меѓу двете земји.
б) Битните елементи на Спогодбата се содржани во одредбите кои прецизно ги определува секторите на македонско-албанската граница, како и страните кои се одговорни за одржување на секој од секторите. Во истата се утврдува и начинот на одржувањето и поправањето на граничните белези, вклучително и крајбрежните, пловните сигнали и светлосните направи, трошоците за нивното одржување и обновување, како и постапката на постојан преглед и контрола околу одржувањето и обновувањето.
За остварување на поставените задачи, со Спогодбата се формира Главна мешовита македонско-албанска комисија за обновување и обележување на граничната линија и Мешовити секторски комисии за двата сектори на заедничката граница, попрецизно ги дефинира улогата, надлежноста и задачите, составот, начинот на работата на комисиите.
Главната мешовита комисија досега одржала еден состанок. Се очекува комисијата да продолжи со својата работа во текот на 2005 година.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 4 декември 1997 година. Ратификувана е на 11 февруари 1998 година, а стапи во сила на 27 февруари 1998 година.
СПОГОДБАТА помеѓу Македонската Влада и Албанската Влада за регулирање на малограничниот сообраќај на лица во пограничната зона
а) Со оваа Спогодба се регулира преминувањето на лица преку македонско-албанската државна граница за потребите и интересите на пограничното население. Спогодбата се однесува исклучиво на државјаните на двете договорни страни, со живеалиште во пограничната зона.
б) Битните елементи на Спогодбата се содржани во одредбите со кои се дефинира протегањето на пограничната зона од двете страни на границата, начинот, местата на преминувањето на границата, начинот на движење во пограничната зона, исправи кои се издаваат за преминување на границата, како и органите кои се надлежни за спроведување на оваа Спогодба. Со Спогодбата се формира Постојаната мешовита македонско-албанска комисија, се определуваат нејзините надлежности, задачи, начинот на состанување и работата на комисија.
Досега Постојаната мешовита комисија одржала два редовни состаноци. Комисијата својата работа ќе ја продолжи во текот на 2005 година.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 4 декември 1997 година. Ратификувана е на 19 март 1998 година, а стапи во сила на 13 април 1998 година.
СПОГОДБАТА помеѓу Македонската Влада и Албанската Влада за укинување на визите за дипломатски и службени патни исправи и висината на таксите за издавање други видови визи
а) Со оваа Спогодба, двете страни врз основа на принципот на реципроцитет, се договорија околу взаемното укинување на визите за носителите на важечките дипломатски и службени пасоши.
б) Битните елементи на Спогодбата се содржани во одредбите се кои се предвидува дека за државјаните на земјите договорнички, носители на други видови патни исправи, визи ќе се издават во дипломатско-конзуларните претставништва во нивните земји или на граничните премини. Спогодбата ги утврдува видот на визите и висината на таксите, согласно тоа дали се издаваат во дипломатско-конзуларните претставништва или на граничните премини и согласно видот на визите.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 4 декември 1997 година. Ратификувана на 11 февруари 1998 година, а стапи во сила на 9 март 1998 година.
СПОГОДБАТА помеѓу Македонската Влада и Албанската Влада за меѓународен превоз на патници и стока во патниот сообраќај
а) Спогодбата го уредува превозот на патници и стока со моторни возила меѓу двете земји.
б) Суштинските елемени во Спогодбата се поделени во три дела “Превоз на патници", кој ги опфаќа режимот на дозволи, редовните линии, вонлиниските превози и вонлиниски превози за кои е потребна дозвола, “Превоз на стока" кој ги опфаќа режим на дозволи и “Други одредби" со одредби за каботажата и превозот за трети земји, тежината и димензиите на возилото, таксите и давачките, царинските работи, националното законодавство, повредите на спогодбата, надлежните органи, влегувањето во сила и важноста на Спогодбата.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 15 јануари 1998 година. Ратификувана на 19 март 1998 година, а стапи во сила на 3 мај 1998 година.
СПОГОДБАТА меѓу Македонската Влада и Албанската Влада за редовен воздушен сообраќај
а) Со оваа Спогодба, двете страни, согласно Конвенција за меѓународно цивилно воздухопловство, го уредуваат прашањето околу воспоставувањето редовен воздушен сообраќај помеѓу и вон териториите на страните договорнички.
б) Битните елементи на Спогодбата се содржани во делот за дефинициите, делот кои го дефинира доделувањето на сообраќајните права, прашањето околу замената на воздухопловот, делот за определувањето и дозволата за работа, суспензијата и повлекувањето, делот што ја уредува конкуренцијата, признавањето на уверенија и дозволи, ослободувањето од царински и други давачки, одредбите со кои се уредува редот на летање, аеродромските надоместоци, двојното оданочување, делот за директниот транзитен превоз, тарифите, воздухопловната безбедност и сигурност, делот во кои страните се согласуваат околу компјутерскиот систем за резервација, делот околу примената на законите, другите прописи и постапки, продажбата и пренос на вишок на средства, делот за комерцијалните активности, делот во кои се регулира обезбедувањето на статистички податоци, консулатции и измени при меѓусебната комуникација и одредбите за решавање на споровите.
Со Спогодбата се утврдува дека одредбите од истата се предмет на одредбите на Конвенцијата, се додека овие одредби се важечки за меѓународниот воздушен сообраќај. Оваа Спогодба, како и измените и дополнувањата на истата се регистрираат кај Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 4 јуни 1998 година. Ратификувана во Собранието на Република Македонија на 5 февруари 1999 година. Се чека одговор од албанската страна за ратификацијата на оваа Спогодба во Парламентот на Република Албанија.
ДОГОВОРОТ меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Албанија за преземање на лица и Протокол за спроведување на Договорот
а) Договорот ја уредува соработката на надлежните органи на Договорните страни кои врз реципрочна основа вршат предавање, прифаќање и преземање на лицата со незаконски престој на територијата на другата Договорна страна.
б) Битните елементи на Договорот се содржани во одредбите со кои се регулира постапката на предавање, прифаќање и преземање на зедничката граница на Република Македонија и Република Албанија на државјаните на договорните страни со незаконски престој, државјаните на трета држава и лицата без државјанство и одредбите со кои се уредуваат случаите во кои Договорните страни ќе дозволат државјанин на трета држава да транзитира преку нивната територија.
Другите елементи кои се уредени со Договорот се содржани во одредбите кои се однесуваат на начинот на кој Договорните страни ги подмируваат трошоците од преземањето на сопствените државјани, од пренесувањето на државјанин на трета држава до границите на земјата на крајната дестинација, од транзитирањето преку територијата на државата - преземач и трошоците кои произлегуваат од повторното преземање на лицата, начинот на разменување и користење на личните податоци и надлежните органи за спроведување на Договорот.
в) Договорот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 17 јуни 2004 година, а се наоѓа во постапка на ратификација во РМ. Се очекува Договорот да биде ратификуван во Собранието на Република Македонија до крајот на оваа година или во првото тромесечие од 2005 година.
ДОГОВОРОТ меѓу Владата на Република Македонија и Советот на Министри на Република Албанија за соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, нелегална миграција и други нелегални активности
а) Овој Договор ја уредува соработката меѓу надлежните органи на Договорните страни при спречување, откривање, сузбивање и кривичното гонење за кривични дела во областа на тероризмот, организираниот криминал, недозволеното производство и трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекрсори, трговијата со луѓе, деца и човечки органи, нелегалната миграција и други видови на тешки кривични дела наброени во Договорот.
б) Битните елементи од содржината на Договорот се уредени со одредбите кои се однесуваат на начинот на остварување на соработка меѓу Договорните страни, дејствата на надлежните органи или другите одговорни министерства или органи, начинот и условите на размена и користење на информации, размената на експерти, документи, публикации, кој може да помогнат во спречувањето, откривањето и гонењето на тероризмот, организираниот криминал, недозволеното производство и трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, трговијата со луѓе, деца и човечки органи и други видови кривични дела.
в) Договорот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 17 јуни 2004 година, а се ноѓа во постапка на ратификација во Република Македонија. Се очекува Договорот да биде ратификуван во Собранието на Република Македонија до крајот на оваа година или во првото тромесечие од 2005 година.
ПРОТОКОЛОТ за определување на насоките, начинот и редот на соработката во областа на пограничната контрола и спречување на илегалната миграција, меѓу Министерството за внатрешни на Република Македонија и Министерството за јавен ред на Република Албанија
а) Протоколот ја уредува заемната соработка во областа на пограничната контрола и спречувањето на илегалното преминување на границата.
б) Битните елементи се содржани во одредбите со кои страните ги дефинираат областите на соработка, начините на соработка, начините на доставување и заштита на размената на информациите, одредување на случаите и начините на откажување на соработката.
Во насока на решавање на конкретни прашања, со овој Протокол се предвидува формирање работни групи.
в) Протоколот меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерствтот за јавен ред на Република Албанија, е потпишан на 16 јули 2000 година. Влезе во сила со неговото потпишување. Не подлежи на ратификација.
ПРОТОКОЛОТ меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Албанија за отворање нови гранични премини
а) Протоколот го уредува прашањето околу отворањето нови гранични премини.
б) Двете страни со овој Протокол се договорија за отворање на три гранични премини, еден во реонот на Охридското езеро, еден во реонот на Преспанското езеро и еден во близина на градот Дебар. Согласно Протоколот, отворени се граничните премини.
в) Протоколот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 12 декември 1992 година. Не подлежи на ратификација
Во завршна фаза е подготвувањето на МЕМОРАНДУМ за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана на Република Македонија и Министерството за јавен ред на Република Албанија во областа на граничното обезбедување
а) Со Меморандумот се унапредува соработката, партнерството, заемната помош и подршката во областа на граничното обезбедување.
б) Меморандумот ги определува целите на соработката, областите на соработка, формите на соработка, како што се размената на информациите, образованието и обуката на граничниот персонал од двете страни на границата, организирање заеднички акции и контроли, како и соработката со граѓанското општество и локалната заедница во граничната област околу превенцијата и сузбивањето на криминалот.
в) Се очекува Меморандумот да биде потпишан до крајот на 2004 година. Меморандумот ќе биде потпишан помеѓу надлежните министерства од двете држави. Не е дефинирано прашањето околу нивото на потписниците (Министер, Државен секретар, Директор, Потсекретар). Не подлежи на ратификација
РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА
Соработката со Република Бугарија се спроведува согласно бројните потпишани билатерални Договори и Спогодби од повеќе области. Се очекува активностите и соработката меѓу двете страни во областа на пограничната соработка, посебно во областа на одржувањето, обновувањето и обележувањето на граничната линија и граничните ознаки на заедничката граница, да добие во интензитет до крајот на оваа и во текот на наредната година. Пограничната соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија се спроведува согласно одредбите на:
СПОГОДБАТА меѓу Влада на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за мерките за спречување и решавање на граничните инциденти на македонско-бугарската државна граница
а) Со оваа Спогодба се уредува меѓусебната соработка, во насока на спречување и решавање на инцидентите на заедничката државна граница.
б) Битните елементи на Спогодбата се содржани во одредбите со кои поблиску се определени дејствата кои се сметаат за гранични инциденти, на кој начин и со помош на кои тела и инструменти ќе се врши разгледувањето, утврдувањето и решавањето на инцидентите што можат да се случат на македонско-бугарската државна граница. Со Спогодбата се формира Главната мешовита македонско-бугарска комисија за гранични инциденти, како и две Секторски мешовити комисии за гранични инциденти, кои одржуваат редовни состаноци еднаш во годината.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 15 мај 2000 година. Ратификувана на 23 јануари 2002 година, а стапи во сила на 8 март 2002 година.
СПОГОДБАТА меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за чување, одржување, обновување и обележување на граничната линија и граничните белези на македонско-бугарската државна граница.
а) Спогодбата ги уредува прашањата кои се однесуваат на начинот на чување, одржување, обновување и обележување на граничната линија и граничните белези на македонско-бугарската државна граница.
б) Со Спогодбата (член 1), Република Македонија и Република Бугарија ја прифаќаат државната граница меѓу поранешната СФР Југославија и Република Бугарија, во делот што се однесува на разграничувањето меѓу Република македонија и Република Бугарија, утврдена и опишана во постојните билатерални и мултилатерални меѓународни договори, обележана со гранични белези. Спогодбата прецизно ги определува секторите на македонско-бугарската граница, која е поделена на два сектора, како и тоа, која страна е одговорна за одржување на кој сектор. Со Спогодбата е утврдено на кој начин и со какви ознаки се обележува границата, начинот одржувањето на граничните белези, трошоците за нивното поправање и обновување, како и постапката на постојан преглед и контрола околу одржувањето и обновувањето.
За остварување на поставените задачи, со Спогодбата, договорните страни формираат Мешовита комисија за чување, одржување, обновување и обележување на македонско-бугарската државна граница. Попрецизно ги дефинира нејзиниот состав, задачите, начинот на комуникација и начинот на работа. За непосредно извршување на работите на лице место, Спогодбата предвидува и формирање на Мешовити работни групи, а за други работи како и за изготвување на гранични документи, Мешовитата комисија може да формира и Мешовити групи на експерти.
Мешовитата македонско-бугарска комисија својот прв состанок ќе го одржи во текот на ноември 2004 година. Работата на Мешовита комисија за чување, одржување, обновување и обележување на македонско-бугарската државна граница и работата на Мешовитите работни групи ќе се интензивира во текот на 2005 година.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 15 мај 2000 година. Ратификувана е на 23 јануари 2002 година, а стапи во сила на 8 март 2002 година.
СПОГОДБАТА меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за отворање на два нови меѓународни патни гранични премина меѓу двете земји
а) Со оваа Спогодба, двете страни се договорија за отворање на два нови гранични премина, со цел зацврстување и развивање на заемно корисна и рамноправна долгорочна соработка и подобрување на европската и регионалната транспортна инфраструктура.
б) Битните елементи на оваа Спогодба, содржани се во одредбите со кои двете страни се обврзаа да ја изградат, реконструираат и модернизираат на својата територија, пристапната патна врска. Точните места на пресекување на граничната линија и точната местоположба на двете нови гранични премини како и нивните технички параметри, ќе бидат утврдени од Мешовита експертска комисија.
Досега Мешовитата експертска комисија одржала неколку работни средби на кои се дефинирани координатите на пресечните точки помеѓу осовината на патните правци и меѓусебната државна граница и усогласни се техничките елементи на патните правци.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана е на 14 јуни 1999 година. Ратификувана е на 14 јули 1999 година, а стапи во сила на 13 септември 1999 година
СПОГОДБАТА меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за отворање на нов меѓународен патен граничен премин меѓу двете земји
а) Со оваа Спогодба, двете страни се договорија за отворање на нов граничен премин, Делчево - Невестино, со цел зацврстување и развивање на заемно корисна и рамноправна долгорочна соработка и за подобрување на европската и регионалната транспортна инфраструктура.
б) Битните елементи на оваа Спогодба, содржани се во одредбите со кои двете страни се обврзаа да ја изградат, реконструираат и модернизираат пристапната патна врска на својата територија. Точните места на пресекување на граничната линија и точната местоположба на новиот граничен премин како и нивните технички параметри, станиците видовите товар и патници, режимот на функционирање и сите останати прашања ќе бидат утврдени од Мешовита експертска комисија. Предвидено е споровите околу толкувањето и примената на Спогодбата да бидат решавани од Мешовитата комисија, а доколку и Мешовитата комисија не може да предложи заемно прифатливо решение, споровите ќе се решаваат со преговори меѓу двете Влади.
Досега, Мешовитата експертска комисија ја одреди пресечната точка на државната граница меѓу двете земји и патниот правец, утврдена е местоположбата на пресечната точка, координатите на пресекот и локацијата на новиот граничен премин. За својата работа Комисијата изготви и Протокол.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 18 октомври 2004 година. Спогодбата е во постапка на ратификација во Парламентите на двете држави.
СПОГОДБАТА меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за меѓународен патен превоз
а) Со оваа Спогодба се регулира патниот сообраќај извршуван од превозници, регистрирани на територијата на една од договорните страни со сообраќајни средства, вклучувајќи го и транзитот низ нејзината како и низ територијата на другата договорна страна.
б) Битните елементи од оваа Спогодба содржани се во делот на Општите одредби каде се дадени дефинициите од областа на патниот сообраќај, потоа делот Превоз на патници, делот за превозот на стока, делот во кои се прецизира оданочувањето и таксите, тежините и димензиите, опремувањето и други специфичности, контролата, обврските на превозникот и санкциите, како и соработката.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 22 февруари 1999 година. Ратификувана е на 15 април 1999 година, а стапи во сила на 12 јуни 1999 година.
СПОГОДБАТА меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за редовен воздушен сообраќај
а) Со Спогодбата, согласно Конвенцијата за меѓународно цивилно воздухопловство, се воспоставува редовен воздушен сообраќај помеѓу и вон териториите на страните договорнички.
б) Битните елементи на Спогодбата се содржани во делот за дефинициите, делот за применливоста на Чикашката конвенција, делот кој го дефинира доделувањето на сообраќајните права, прашањето околу определувањето на авиопревозници и одобренија за работа, суспензијата и повлекувањето, делот со кој се регулира капацитетот, одобрувањето на редот на летање, признавањето на уверенија и дозволи, ослободувањето од царински и други давачки, делот во кој се регулира оданочувањето, делот за директниот транзитен превоз, тарифите, воздухопловната безбедност, делот околу примената на законите и другите прописи, преносот на нето приход, делот за застапувањето, продажбата и рекламата, делот во кои се регулира обезбедувањето на статистички податоци, надоместоци за користење на аеродроми и други средства, одредбите за решавање на споровите, како и во одредбите за прилагодување кон мултилатерални конвенции.
Со Спогодбата се утврдува дека одредбите од истата како и измените и дополнувањата на истата се регистрираат кај Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 22 февруари 1999 година. Ратификувана е на 15 април 1999 година, а стапи во сила на 8 јуни 1999 година.
СПОГОДБАТА меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за поврзување на железничките мрежи на двете држави
а) Со оваа Спогодба двете страни се договорија за доизградба на железничката пруга и поврзување на железничкиот сообраќај помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, со цел продолжување на веќе започнатите активности во врска со Коридорот број 8, како и вршење на реконструкција на постојни железнички делови.
б) Битните елементи од Спогодбата се содржани во одредбите кои го утврдуваат начинот на проектирање и изградба на новите делови од железничката пруга и реконструкцијата на постојната, начинот на усогласување и координирање на работата за чија цел се предвидува формирање Управен одбор, а договорена е и динамиката околу изработката на динамичкиот план за извршување на градежните и други работи за изградба на железничката пруга.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 12 март 1999 година. Ратификувана е на 20 мај 1999 година, а стапи во сила на 23 јуни 1999 година.
ДОГОВОРОТ меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за превземање на лица со незаконски престој
а) Со Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за преземање на лица со незаконски престој, договорните страни соработуваат врз реципрочна основа при преземањето на лицата со илегален влез и престој на нивните територии.
б) Битните елементи на Договорот се содржани во неговите одредби со кои се регулира постапката на предавање, прифаќање и преземање на зедничката граница на Република Македонија и Република Бугарија на државјаните на договорните страни и странците, како и одредби со кои договорните страни ќе дозволат државјанин на трета држава да транзитира преку нивната територија.
Други елементи регилирани со Договорот се содржат во неговите одредби кои се однесуваат на подмирување на трошоците, обезбедување на информации заради спроведување на Договорот, надлежните органи за спроведување на Договорот и неговото влијание кон другите мултилатерални меѓународни договори чии членови се Договорните страни.
в) Договорот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 4 јуни 2001 година. Ратификуван е на 30 јануари 2002 година, а стапи во сила на 19 јуни 2002 година.
ДОГОВОРОТ меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, нелегална миграција и други кривични дела
а) Договорот, ја уредува соработката меѓу надлежните органи на Договорните страни при спречување, откривање, сузбивање и кривичното гонење за кривични дела во областа на тероризмот, организираниот криминал, недозволеното производство и трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекрсори, кривични дела против животот, здравјето, слободата и човековото достоинство, приватната сопственост, посредување во вршење проституција, трговијата со луѓе со цел за сексуална експлоатација, кривичните дела поврзани со меѓународната трговија и економската размена и други видови кривични дела наброени во Договорот.
б) Битните елементи од содржината на Договорот се уредени со одредбите кои се однесуваат на формите на соработка, условите и начинот на доставувањето на информациите, материјалите, податоците и техничката опрема при реализација на Договорот, заштита на пренесените лични податоци, лицата определени за контакт со другата договорна страна, трошоците при реализацијата на договорот и решавањето на спорови.
в) Договорот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 26 февруари 2002 година. Ратификуван е на 24 јануари 2003 година, а стапи во сила на 26 февруари 2003 година.
РЕПУБЛИКА ГРЦИЈА
Соработката со Република Грција во областа на граничното управување и пограничната соработка е особено засилена со потпишувањето на Привремената согласност од 13 септември 1995 година, со која двете држави ја потврдија меѓусебната постоечка граница како трајна и неповредлива меѓународна граница, а посебно и со потпишувањето на Протоколот за погранична соработка, потпишан на 23 јуни 1998 година во Атина. Почнувајќи од 2000 година, соработката меѓу двете земји во областа на граничната соработка, ја карактеризираа чести и конструктивни контакти кои даваа конкретни резултати.
ПРИВРЕМЕНА СПОГОДБА
а) Со Привремената согласност, Република Македонија и Република Грција, повикувајќи се на принципите на неповредливост на границите и територијалниот интегритет на државите, содржан во завршниот документ на конференцијата за безбедност и соработка во Европа, потпишан во Хелсинки и имајќи ги во предвид одредбите на повелбата на Обединетите нации, париската повелба за нова Европа, соодветните акти на организацијата за безбедност и соработка во Европа и заедничкот интерес за одржување на меѓународниот мир и безбедност, особено во регионот, ги потврдија постоечките меѓусебни граници како трајни меѓународни граници.
б) Битните елементи на Привремената согласност се содржани во делот “Пријателски односи и мерки за изградба на доверба" во делот “Човекови и културни права", делот за меѓународни, мултилатерални и регионални институции, делот во кој се уредени договорните односи, и во делот за економските, комерцијалните, еколошките и правните односи. Во делот “Завршни одредби" дадени се начините и принципите на разрешување на меѓусебните спорови, влегувањето во сила и начинот на престанување на привремената согласност.
ц) Привремената согласност помеѓу Владите на двете држави е потпишана на 13 септември 1995 година. Стапи во сила на 13 октомври 1995 година.
МЕМОРАНДУМ за “Практичните мерки" во врска со Привремената согласност меѓу Република Македонија и Република Грција од 13 септември 1995 година
а) Со овој Меморандум, двете страни, со цел да се стави во сила Привремената согласност, се договорија околу одреден број конкретни, практични мерки.
б) Битните елементи од овој Меморандум се содржани во делот “Канцеларии за врски", во делот за движењето на луѓето и стоката каде подетално се разработува прашањето на визите, официјалната преписка меѓу двете држави, поштата, банкарските трансакции, трговските документи, се регулираат документите кои се однесуваат на билатералниот патен и железнички сообраќај, документите за транзитните транспорти и прашањето за меѓународните зелени карти за осигурување на возилата. Страните се договорија околу функционирањето на патниот сообраќај и тоа за товарните возила, автобуските кружни транспорти, железничкиот товарен транспорт, прашањето околу ознаките на превозните средства вклучително и на воздухопловите.
в) Меморандумот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 13 октомври 1995 година. Не подлежи на ратификација. Стапи во сила на 13 октомври 1995 година.
ПРОТОКОЛ за гранична соработка
а) Врз основа на Привремената согласност, потпишана во Њујорк на 13 септември, двете страни, со овој Протокол ги уредија сите работи поврзани со заедничката граница, како прашањето на чувањето, одржувањето и обновувањето на граничните ознаки на заедничката граница, така и за предупредување, спречување, начинот на испитување и решавање на граничните инциденти.
б) Битните елементи од Протоколот се содржани во одредбите со кои страните решаваат согласно принципите на реципроците и согласно одредбите од Спогодба меѓу Владата на ФНР Југославија и Владата на Кралството Грција за чување, одржување и обновување на граничните ознаки на југословенско-грчката граница и за предупредување, спречување, начинот на испитување и решавање на граничните инциденти, се до потпишување на билатерална спогодба меѓу двете држави. Со овој Протокол, регулирано е и прашањето околу употребата на јазикот во работните документи на Постојаната мешовита гранична комисија.
Во периодот од 31 октомври до 3 ноември 1995 година, во Солун се одржа Првиот и основачкиот состанок на Постојаниот мешовит граничен комитет меѓу двете страни. Во изминатиов период Постојаниот комитет беше многу активен, беа одржани повеќе средби во пријателска и конструктивна атмосфера кои даваа конкретни резултати. Редовната соработка ќе продолжи и во наредниот период.
в) Протоколот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 23 јуни 1998 година. Не подлежи на ратификација. Стапи во сила на 23 јуни 1998 година.
СПОГОДБА меѓу Владата на ФНР Југославија и Владата на Кралството Грција за чување, одржување и обновување на граничните ознаки на југословенско-грчката граница и за предупредување, спречување, начинот на испитување и решавање на граничните инциденти
а) Со оваа Спогодба е регулиран начинот на обележување на границата меѓу двете држави, на копнениот и езерскиот дел на границата, начинот на обновување и одржување на граничните ознаки, како и за превземање на сите потребни мерки за предупредување и спречување на причините кои би можеле да предизвикаат гранични инциденти и нивно решавање.
б) Битните елементи на Спогодбата се содржани во одредбите со кои се дефинирани секторите на заедничката граница и се прецизира што се подразбира под граничен инцидент. Одредбите со кои се предвидува формирање Постојана мешовита гранична комисија и дефинирано е нејзиното седиште, начинот на работа, надлежностите, начинот на донесување на одлуки, начинот на преминување на заедничката граница за членовите во Постојаната комисија во случај на редовно заседавање на комисија, одржување на вонредни состаноци. Одредби од Спогодбата со кои се предвидува формирање и на Секторски мешовити гранични комисии, се дефинира нивната надлежност, начинот на работа, начинот на донесување одлуки и начинот на преминување на границата за нив и за стручниот, техничкиот и помошниот персонал. Во Спогодбата е наведено кои претходни билатерални Спогодби (Аранжмани) и Конвенции престануваат да важат со потпишувањето на ова Спогодба.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 17 декември 1958 година. Превземена од поранешната СФРЈ и Кралството Грција, со Протоколот за гранична соработка од 1998 година.
ПРОТОКОЛ за взаемен визен режим и такси
а) Двете страни го потпишаа овој Протокол во рамките на Меморандумот за практичните мерки поврзан со Привремената согласност од Њујорк, потпишан на 13 октомври 1995 година, а во насока на регулирање на визниот режим меѓу двете држави.
б) Битните елементи од Протоколот се содржани во одредбите во кои се определуваат видовите визи издадени на граничните премини и соодветните такси, видовите визи што ќе се издаваат од страна на Канцелариите за врски на двете договорни страни како и од нивните дипломатски и конзуларни мисии во странство и соодветни такси како и прашањето околу издавањето визи во дипломатски и службени пасоши. На крајот е наведено дека аранжманите од Протоколот ќе се прилагодат кон обврските на Република Грција, што потекнува од нејзиното членство во Европската унија и од Шенгенската конвенција. Обврските ќе бидат пренесени, во право време на Република Македонија.
в) Протоколот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 20 октомври 1995 година. Не подлежи на ратификација. Стапи во сила на 20 октомври 1995 година.
ПРОТОКОЛ со кој се изменува Протоколот за заемен визен режим и таксите (потпишан во Атина на 20 октомври 1995 година)
а) Со овој Протокол се менуваат одредбите од Протоколот за взаемен визен режим од 20 октомври 1995 година.
б) Битните елементи од Протоколот се содржани во делот кои ги определува видовите визи кои се издаваат на граничните премини и висината на нивните такси и видовите визи кои се издаваат во Канцелариите за врски на двете држави, како и во нивните дипломатски и конзуларни претставништва во странство како и таксите за нивното издавање.
в) Протоколот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 2 февруари 1996 година. Не подлежи на ратификација. Стапи во сила на 2 февруари 1996 година.
СРБИЈА И ЦРНА ГОРА
Соработката меѓу двете држави во областа на граничната соработка посебно е засилена со потпишувањето на Договорот меѓу двете држави за протегање и опис на државната граница, во февруари 2001 година. Границата, која до 1991 година беше граница помеѓу две Републики од поранешна СФРЈ, прерасна државна граница меѓу две земји. Во септември 2001 година, започна обележувањето на државната граница меѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора, единствената државна граница на Република Македонија која не беше обележана. Работите околу обележувањето досега се одвиваа континуирано и со добро темпо од двете страни. Работата и активностите околу обележувањето на државната граница во потегот од тромеѓата помеѓу Република Македонија, Србија и Црна Гора и Република Бугарија до село Лојане (делот од каде започнува границата со СЦГ - Косово), е при крај и се очекува да биде завршена до почетокот на наредната година.
Република Македонија е заинтересирана, активностите околу обележувањето на државната граница помеѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора во делот на Косово, да започнат во што е можно покус рок и да бидат завршени пред дефинитивното решавање на статусот на Косово.
ДОГОВОР меѓу Република Македонија и Сојузна Република Југославија за протегање и опис на државната граница.
а) Со овој Договор Република Македонија и Сојузна Република Југославија (сега Србија и Црна Гора), се договорија околу протегањето и обележувањето на заедничката државна граница.
б) Битните елементи на Договорот се дефинирани во одредбите кои го дефинираат поимот државна граница, протегањето на истата, начинот на обележување на државната граница. Составен дел на Договорот се Текстуалниот опис на протегањето на државната граница и Топографска карта во размер 1:25 000, при што во Договорот е дефинирано дека во случај на несогласување меѓу текстуалниот опис и топографската карта меродавен ќе биде текстуалниот опис на државната граница. Со Договорот се формира Мешовита комисија за демаркација и обележување на државната граница помеѓу Република Македонија и СР Југославија, која донесува Правилник за својата работа, Упатство за демаркација и обележување на државната граница и Техничко упатство за изработка на граничната документација.
Мешовитата комисија својот основачки состанок го одржа во март 2002 година. Во својата работа одржува редовни месечни состаноци.
Во Договорот е определен и начинот на решавањето на споровите кои евентуално можат да се појават.
в) Договорот е потпишан од страна на Претседателите на двете држави на 23 февруари 2001 година. Ратификуван е на 1 март 2001 година, а стапи во сила на 16 јуни 2001 година.
ПРОТОКОЛ за отворање на гранични премини за пограничен сообраќај меѓу Република Македонија и Србија и Црна Гора
а) Со овој Протокол, двете страни, тргнувајќи од определбата за регулирање на пограничниот сообраќај на населението од двете погранични зони и спречување на појавата на организиран криминал и нелегално преминување, се согласија за отворање четири гранични премини за пограничен сообраќај.
б) Битните елементи на овој Протокол се содржани во одредбите кои утврдуваат кои четири нови гранични премини ќе бидат отворени, како и одредбите со кои се предвидува дека за отворање на граничните премини во делот на границата на Република Македонија кон Косово, имајќи ја во предвид Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН, страните договорнички ќе воспостават соработка со Привремената администрација на ООН на Косово-УНМИК.
Согласно Протоколот, Владите на Република Македонија и Србија и Црна Гора, на 22 мај 2003 година, го потпишаа Меморандумот за утврдување на практичните детали за воспоставување гранични премини за пограничен сообраќај. Меморандумот се однесува на отворање на два нови гранични премини, во делот на границата од тромеѓата меѓу Република Македонија, Република Србија и Црна Гора и Република Бугарија, до делот на границата на Република Македонија кон Косово.
Прашањата што го регулираат сообраќајот, развојот и унапредувањето на соработката на населението кое живее во пограничните подрачја од двете страните на границата, територијалното подрачје на примената на Протоколот, исправите за преминување на државната граница во пограничниот сообраќај, режимот на преминување на државната граница во вонредни околности, се утврдени во Модалитетите за спроведување на Протоколот за пограничен сообраќај, парафиран на 7 ноември 2003 година.
Со Меморандумот за утврдување на практичните детали за воспоставување гранични премини за пограничен сообраќај, е предвидено дека за двата гранични премини, на државната граница на Република Македонија во делот кон Косово, претставници на Република Македонија и Привремената администрација на УНМИК ќе изработат документ кој ќе ги дефинира практичните детали. Врз основа на ова, Република Македонија и Привремената администрација на УНМИК за Косово подготвија и на 22 мај 2003 година, со размена на писма го потпишаа Времениот протокол за привремените гранични премини.
в) Протоколот меѓу Владите на двете држави е потпишан на 29 март 2003 година. Не подлежи на ратификација. Стапи во сила со денот на потпишување.
СПОГОДБА меѓу Владата на Република Македонија и Сојузната Влада на Сојузна Република Југославија за меѓународен патен превоз на патници и стока
а) Со Спогодбата се уредува прашањето околу регулирањето и подобрувањето на меѓународниот патен превоз на патници и стока меѓу двете земји и превозот во транзит преку своите територии.
б) Битните елементи од Спогодбата се содржани во Уводните одредби, во делот Превоз на патници и Превоз на стока и во Останатите одредби.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 4 септември 1996 година. Ратификувана е на 18 декември 1996 година, а стапи во сила на 30 јануари 1997 година.
СПОГОДБА меѓу Владата на Република Македонија и Сојузната Влада на Сојузна Република Југославија за редовен воздушен сообраќај
а) Со Спогодбата, согласно Конвенција за меѓународно цивилно воздухопловство, се уредува прашањето околу воспоставувањето редовен воздушен сообраќај помеѓу двете страни и вон териториите на страните договорнички.
б) Битните елементи на Спогодбата се содржани во делот за дефинициите, делот кои го дефинира доделувањето на правата, прашањето околу определувањето на авиопревозници и издавањето дозволи за вршење на сообраќајот, повлекувањето или престанувањето на дозволата за вршење на сообраќајот, делот околу примената на законите и другите прописи, признавањето на уверенијата и дозволите, одредбите за надоместоците на корисниците, ослободувањето од царински и други увозни давачки, делот за директниот транзитен превоз, одредбите во кои се наведени принципите со кои се уредува вршењето на договорениот сообраќај, делот за редот на летање, тарифите, претставништвото на воздухопловот, воздухопловната безбедност, делот за испитувањето на несреќите, консултациите, делот во кои се регулира обезбедувањето и доставувањето на статистички податоци и уредувањето на постапката околу решавањето на споровите. Со Спогодбата се предвидува дека одредбите од истата како и измените и дополнувањата на истата се регистрираат кај Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 4 септември 1996 година. Ратификувана е на 18 декември 1996 година, а стапи во сила на 31 јануари 1997 година.
СПОГОДБА меѓу Владата на Република Македонија и Сојузната Влада на Сојузна Република Југославија за регулирање на граничниот железнички сообраќај
а) Со оваа Спогодба двете страни се обврзуваат дека во рамките на своите овластувања, ќе овозможат уредно и ефикасно одвивање на граничниот железнички сообраќај.
б) Битните елементи од Спогодбата се содржани во Општите одредби, во делот кои ги одредува поимите, во делот за граничните премини, во општите одредби за граничната железничка служба и тарифното сечиште, во делот кои ги одредува критериумите за пресметка на трошоците, граничните контроли, одржувањето на безбедноста на сообраќајот и редот на граничните пруги, во делот кој ја дефинира правната помош на службениот персонал, во делот наречен премин на државната граница и задржување на територијата на другата договорна држава, службените пратки, поштенската служба, поштенскиот персонал и нивната одговорност, средствата и уредите за врска, царинската, ветеринарната и фитосанитарната служба и делот за арбитражата.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 4 септември 1996 година. Ратификувана е на 18 декември 1996 година, а стапи во сила на 5 август 1997 година.
СПОГОДБА меѓу Владата на Република Македонија и Сојузната Влада на Сојузна Република Југославија за укинување на визи
а) Со оваа Спогодба, двете страни се договорија околу меѓусебното уредување на визната политика.
б) Битните елементи од оваа Спогодба се содржани во одредбите со кои страните се договорија дека државјаните на двете земји, носители на важечки патни исправи, можат без визи да влегуваат на територијата на другата држава договорничка на сите гранични премини отворени за меѓународен сообраќај и во неа да престојуваат до 90 дена. Истото важи и за носителите на дипломатски и службени пасоши, членови на дипломатско-конзуларно претставништво или во претставништво на меѓународна организација, за времето додека трае нивната мисија. Државјаните на една држава страна договорничка кои имаат намера да престојуваат во другата држава страна договорничка заради вработување, вршење одредена професионална дејност, школување, вршење специјализација или научно истражување, должни се претходно да прибават виза во дипломатско-конзуларно претставништво на таа страна договорничка.
в) Спогодбата меѓу Владите на двете држави е потпишана на 3 јули 1997 година. Ратификувана е на 25 септември 1997 година, а стапи во сила на 10 април 1998 година.
РЕПУБЛИКА СРБИЈА
МЕМОРАНДУМ меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, нелегална миграција и други кривични дела
а) Меморандумот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија ја уредува соработката меѓу надлежните органи на Договорните страни при спречување, откривање, сузбивање и кривичното гонење на кривични дела во областа на тероризмот, организираниот криминал, недозволеното производство и трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекрсори, кривични дела против животот, здравјето, слободата и човековото достоинство, приватната сопственост, посредување во вршење проституција, трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација и други видови кривични дела наброени во Меморандум.
б) Битните елементи од содржината на Меморандумот се уредени со одредбите кои се однесуваат на Предметот на соработката, компетентните органи, областите на соработката, формите на соработка, условите за реализација на соработката, одбивањето за исполнување на молбата за соработка, условите и начинот на доставување на доверливите информации, заштита на пренесените лични податоци, одредување лица за контакт од двете договорни страни, трошоците при реализацијата на договорот, решавањето на спорните прашања и делот кој го уредува односот на овој Меморандум кон другите меѓународни договори.
в) Меморандумот меѓу Владите е потпишан на 25 јули 2003 година. Не подлежи на ратификација. Стапи во сила на 25 јули 2003 година.
РЕПУБЛИКА ЦРНА ГОРА
ДОГОВОР меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Црна Гора за соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, нелегална миграција и други кривични дела
а) Договорот ја уредува соработката меѓу надлежните органи на Договорните страни при спречување, откривање, сузбивање и кривичното гонење на кривични дела во областа на тероризмот, организираниот криминал, недозволеното производство и трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекрсори, кривични дела против животот, здравјето, слободата и човековото достоинство, приватната сопственост, посредување во вршење проституција, трговијата со луѓе со цел за сексуална експлоатација и други видови на кривични дела наброени во Договорот.
б) Битните елементи од содржината на Договорот се уредени со одредбите кои се однесуваат на Предметот на соработката, компетентните органи, областите на соработката, формите на соработка, условите за реализација на соработката, одбивањето за исполнување на молбата за соработка, условите и начинот на доставување на доверливите информации, заштита на пренесените лични податоци, одредување лица за контакт од двете договорни страни, трошоците при реализацијата на договорот, решавањето на спорните прашања и делот кој го уредува односот на овој Договор кон другите меѓународни договори.
в) Договорот меѓу Владите е потпишан на 10 јуни 2003 година. Ратификуван во Собранието на Република Македонија на 22 јули 2003 година. Се чека одговор од црногорската страна за ратификацијата на оваа Спогодба во Парламентот на Република Црна Гора.
СРБИЈА И ЦРНА ГОРА - КОСОВО (Привремена Администрација на ООН-УНМИК)
Соработката со Привремената администрација на ООН за Косово - УНМИК се одвива во знакот на меѓусебното разбирање и доверба и во насока на олеснување на слободното движење на жителите на Косово, во и низ Република Македонија и задоволување на одредени нивни граѓански права и интереси пред државните органи на Република Македонија. Согласно таквите определби, Владата на Република Македонија донесе неколку одлуки: Одлука за укинување на визите на граѓаните на Косово - СР Југославија, носители на патните исправи УНМИК, донесена во јуни 2002 година; Одлука за признавање на регистарските таблички и сообраќајни дозволи издадени од УНМИК за возила во сопственост на граѓани на Косово - СР југославија, донесена во јули 2002 година и Одлука од јуни 2004 година, со која се прифаќаат Изводите од матичните книги за жителите од Косово издадени од Привремената администрација на УНМИК и од соодветните матични служби, а врз основа на матичната евиденција за родени, венчани и умрени.
Граничната соработка помеѓу Република Македонија и Привремената администрација на ООН за Косово - УНМИК се спроведува согласно одредбите на:
ВРЕМЕН ПРОТОКОЛ за привремените гранични премини, Танушевци - Дебалде и Стрезимир - Рестелица
а) Со Времениот протокол се дефинираат процедурите околу отворањето на двата привремени гранични премини, со цел унапредување на економските активности на населението во пограничната зона и во близина на двата гранични премини, зајакнување на соработката помеѓу договорните страни во областа на граничната контрола и зајакнување на координацијата на двете страни во насока на поголема безбедност и почитување на правото и редот.
б) Битните елементи на Времениот протокол се содржани во деловите кои ги прецизираат областите покриени од привремените гранични премини, лицата овластени за преминување на границата преку привремените гранични премини, условите за преминување преку овие премини, администрацијата за нормалното функционирање на привремените гранични премини и делот за меѓусебната комуникација.
Времената спогодба има два анекса (А и Б), во кои се наведени населените места од двете страни на границата чии жители ќе можат да го користат едниот и другиот привремен граничен премин.
в) Времениот протокол меѓу Владата на Република Македонија и Привремената администрација на ООН на Косово, е потпишан со размена на писма од 22 мај 2003 година. Не подлежи на ратификација. Стапи во сила на 22 мај 2003 година.
Достарыңызбен бөлісу: |