1. Ве молиме да дадете краток опис на вашите законски прописи кои се однесуваат за сузбивање на илегалната миграција и трговијата со луѓе, а посебно дали ја имате потпишано и ратификувано Конвенцијата од Палермо против организираниот криминал и нејзините два Протокола за криумчарење и трговија со луѓе.
Позитивната легислатива на Репулика Македонија, која се однесува на трговијата со луѓе и илегалната миграција содржи голем број на мерки кои претставуваат солидна база за ефикасна борба и редукција на овој вид на криминални активности.
Согласно Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 37/96, 80/99, 04/00, 43/2003 и 19/04) областа на трговија со луѓе и илегалната миграција е регулирана со членот 418 - “Засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос“, член 191 - “Посредување во вршење проституција“ и член 402 - “Недозволено преминување на државната граница“.
Во членот 418 - “Засновање ропски однос и превоз на лица во ропски однос“ предвидени се санкции спрема лице кое што повредувајќи ги правилата на меѓународното право, ќе стави друго лице во ропски или нему сличен однос или го држи во таков однос, го купува, продава, врши предадавање тоа лице на друго лице или посредува во купувањето, продажбата или предавањето на ова лице или го поттикнува на друг да му ја продаде својата слобода или слободата на лицето кое го издржува или кое се грижи за него. Исто така, санкционирано е превезување на лица кои се наоѓаат во ропски или сличен однос од една земја во друга, а потежок облик е доколку делото е сторено спрема малолетно лице.
Во членот 191 - “Посредување во вршење проституција“ предвидени се санкции спрема лицето кое што врбува, поттикнува или намамува лица на проституција или на кој и да е начин учествува во предавање на лице на друг заради вршење на проституција. Исто така предвидени се санкции и спрема тоа лице кое што заради заработувачка му овозможува на друго лице користење на сексуални услуги.
Потежок облик на кривично дело претставува доколку делото е сторено заради заработувачка, преку употреба на сила или со сериозна закана за употреба на сила, одредено лице ќе присили или со измама ќе наведе друго лице на давање сексуални услуги, потоа ако делото е сторено со малолетно лице или дете, а најголема казна со овој член е предвидена спрема лицето кое го организира вршењето на овие дела (истото ќе се казни со затвор од една до десет години).
Илегалната миграција според Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 37/96, 80/99, 04/00, 43/2003 и 19/04) се регулираше со член 402 - “Недозволено преминување на државната граница“, каде се предвидени казни спрема лицата кои се занимаваат со недозволено префрлување други лица преку границата на Република Македонија. Казни се предвидени и за лицата кои што од користољубие му овозможуваат на друг недозволено преминување на границата.
Во борбата против трговија со луѓе, Владата на Република Македонија на 14.12.2000 година го потпиша Протоколот за превенција, оневозможување и казнување на трговија со луѓе, посебно со жени и деца, како дополнителен документ на Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал.
По потпишувањето на Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал со Протоколот и други конвенции од областа на заштита на човековите права насочени кон спречување и искоренување на трговијата со луѓе, на 25.01.2002 година донесе Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 04/02) со кој е утврдено кривичното дело - “Трговија со луѓе“ (член 418).
Кривичното дело - “Трговија со луѓе“, е во согласност со дефиницијата за трговија во луѓе од Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал, и истото е дефинирано како рамка за транснационалниот организиран криминал со цел да им помогне и да ги заштити жртвите на трговијата со луѓе, од експлоатација по пат на проституција или други форми на сексуална експлоатација, принудна работа или слугување, ропство или нему сличен однос или од недопуштено пресадување на делови од човековото тело. Дејствието на извршување на ова кривично дело се состои од врбување, превезување, пренесување, купување, продавање, засолнување или прифаќање лица заради експлоатација по пат на проституција, принудна работа или слугување, ропство или нему сличен однос, или пак недопуштено пресадување чоечки органи. Начинот на извршување на ова кривично дело е преку употреба на сила, упатување сериозни закани или други форми на присилба, грабнување, измама, злоупотреба на својата положба или преку искористувањ на состојба на немоќ на друго лице или со давање или примање пари или друга корист поради добивање согласност на лице кое има контрола врз друго лице. Трговијата со деца и малолетни лица претставува потежок облик за што и е предвидена поголема казна.
Во овој член се предвидени и санкции за лицата кои ќе го организираат вршењето на ова дело, како и за лицата кои што ќе одземат или уништат лична карта, пасош или друга туѓа идентификациона исправа, а истотака инкриминирано е и користење или овозможување на друг користење на сексуални услуги од лица за кои знае дека се жртви на трговија со луѓе.
Покрај во членот 418, членот 191 - “Посредување во вршење проституција“, и членот 402 - “Недозволено преминување на државната граница“ и понатаму ја покриваат проблематиката од оваа област.
Во 2004 година, со Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија”, бр 19/04“) донесен на 19.03.2004 година извршени се измени и дополнувања во членот 418-а - “Трговија со луѓе“, односно направено е проширување во дејствето на извршување кое се состои во врбување, превезување, пренесување, купување, продавање, засолнување или прифаќање лица заради експлоатација по пат на проституција или други форми на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа или слугување, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или нему сличен однос или недопуштено пресадување делови од човековото тело. Покрај ова во овој член со измените предвидени се поголеми казни за сторителите на ова кривично дело, предвидена е одговорност кон правно лице и одземање на предмети кои се употребени за извршување на ова дело.
Исто така, со измените во овој закон во областа на трговија со луѓе и илегална миграција воведени се и два нови члена и тоа: “Криумчарење на мигранти“ (418-б) и “Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење на мигранти“ чл. (418-в).
Во членот 418-б - “Криумчарење на мигранти“ предвидени се санкции кон лицата кои што со сила или со сериозна закана ќе нападнат врз животот или телото, или со грабнување, измама, или од користиљубие, со злоупотреба на службената положба или со искористување на немоќта на друг илеглно пренесуваат мигранти преку државната граница или поседува лажна патна исправа зарадимреализација на таква цел. Потежок облик е доколку се загрози животот или здравјето на мигрантот и доколку делото е сторено врз малолетно лице. Исто така е предвидено и одземање на предметите и превозните средства употребени за извршување на делото.
Во член 418-в, инкриминирано е делото “Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење на мигранти“. Оваа одредба опфаќа ослободување од казна на припадник на групата кој ќе ја открие групата пред да стори кривично дело во нејзиниот состав или за неа.
На 28.09.2004 година Собранието на Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на Обединетите нации против транснационалниот организиран криминал и нејзините два Протокола (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 70/04“).
Во националното законодавство на Република Македонија, илегалната миграција е регулирана и со Законот за преминување на државна граница и движење во граничен појас ((“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92,12/93, 11/94 и 19/04“) и со Законот за движење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02).
2. Наведете органи и служби вклучени во сузбивање на транзитната миграција, криумчарење и трговија со луѓе. Опишете ги нивните методи на работа како и државните структури за координација.
Во 2001 година со Одлука на Владата на Република Македонија формирана е Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегалната миграција (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 18/01) во која партиципираат претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за здравство и Министерство за финансии - Царинска управа. Во рамките на оваа комисија формирана е Подгрупа за борба против трговија со деца во јануари 2004 година.
Во 2002 година донесена е Националната програма за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 10/02) која предвидува законодавни и превентивни активности, помош и подршка на жртвите на трговија со луѓе, враќање и реинтеграција на жртвите, меѓународна соработка и координација во извршување на законите, едукација на кадри, координација на активностите и информативно пропагандно влијание врз јавното мислење во борбата против трговијата со луѓе и истовремено ги одредува и носителите на овие активности. Носителите на активностите се определни согласно законски утврдените надлежности во Законот за органите на државната управа. (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 58/00 и 44/02).
Согласно Националната програма за борба против трговијата со луѓе и илегална миграција во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 10/02) најголем дел од предвидените активности се во надлежност на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, односно организационите единици на ова Министерство во чиј делокруг на работа е борбата против трговија со луѓе, криумчарење мигранти и илегална миграција. За повеќе детали види 24_Анекс_02.
Заради поефикасно спречување, откривање, документирање и процесирање на кривичните дела од оваа област во Јануари 2005 година е формиран Одделот за организиран криминал – во рамки на кој е активно Одделението за борба против трговија со луѓе и друг насилен криминал.
Овластените службени лица во рамките на нивните работни задачи прибираат оперативни информации по што преземаат соодветни законски мерки против сторителите на кривичните дела, односно поднесуваат кривична пријава до надлежниот Основен јавен обвинител кој понатаму го процесира делото пред надлежните судови.
Министерството за внатрешни работи исто така е надлежно за воспоставување на соодветни бази на податоци за сторителите на овој вид кривични дела и за жртвите на трговија со луге, како и податоци за идентификувните илегални мигранти.
Доколку се утврди дека се работи за жртви на трговија со луѓе истите се сместуваат во Транзитниот центар за странци отворен во март 2001 година.
Во Центарот жртвите добиваат 24-часовно полициско обезбедување, психолошка, медицинска и правна помош. Оваа помош ја добиваат и од страна на домашни невладини организации кои се континуирано присутни во Транзитниот центар. Нивното сместување во Центарот е на доброволна база и не e условено од тоа овие лица да бидат сведоци во некоја постапка која се води пред надлежните судови во Република Македонија или пак да бидат од било каква оперативна корист на органите надлежни за спроведување на законите. Идентификацијата на жртвите ја вршат припадници на Министерството за внатрешни работи, Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и невладините организации.
За процесирање на жртвите во Транзитниот центар договорени се стандардни оперативни процедури кои ги регулираат односите на Министерството за внатрешни работи, Меѓународната организација за миграции (ИОМ) и невладини организации, вклучени во работата во Центарот.
Доколу се утврди дека жртвата на трговија со луѓе е малолетно лице, од страна на Министерството за труд и социјална политика - Центарот за социјални работи се назначува старател кој е надлежен за давање поддршка на малолетното лице во сите сегменти.
Во случај на прекршоци предвидени со Законот за движење и престој на странци (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02) и Законот за преминување на државна граница и движење во граничен појас (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 12/93, 11/94 и 19/04), постапуваат оперативните работници од Секторот за странци и имиграциони прашања и Одделот за гранична полиција - Одделение за илегална миграција.
Согласно Националната програма за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, во Република Македонија носители на законодавната активност се Министерството за правда чија активности се состои во подготовка на измени и дополнувања на кривичното законодавство, потоа Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика и Министерството за здравство кои се задолжени за измени односно засилување на казнените одредби во областа на пазарната, здравствената и инспекцијата на трудот и за изменување на законската регулатива што се однесува на посебните услови за вработување на странски државјани и на услови на добивање на одобрение за привремен престој по основ на вработување. За повеќе детали види 24_Анекс_02.
За превентивните активности се задолжени:
-
Министерството за труд и социјална политика - Одделение за еднаквост на половите, чии активности се состојат во лоцирање и редукција на економските и социјалните фактори што придонесуваат жените и децата да бидат жртви на трговија со луѓе, идентификација на степенот на домашното насилство и неговото економско и социјално влијание врз жените и децата, презентирање на статистички податоци од оваа област и слично;
-
Министерството за внатрешни работи кое презема оперативни мерки и активности за разоткривање на каналите за илегално префрлање луѓе, местата на “привремен“ престој и дестинациите на лицата кои илегално се префрлуваат, местата каде завршуваат жртвите на трговците со луѓе итн;
Во помошта и подршката на жртвите од трговијата со луѓе се вклучени: Министерството за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за правда. На жртвите на трговија со луѓе им се обезбедува сместување, исхрана, социјална и здравствена заштита, како и правна помош во Транзитниот центар. Центарот е во состав на Министерството за внатрешни работи, а како партнер во работењето се јавува Меѓународната организација за миграции (ИОМ).
Носител на процесот на обезбедување на правото на враќање и реинтеграција на жртвите во домицилните земји е Министерството за внатрешни работи кое склучува билатерални и мултилатерални договори за соработка при враќање на жртвите , воспоставува соработка со прифатните центри, невладините организации и сл.
Задолжени за меѓународна соработка и координација во извршување на правните акти се: Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи чии активности се состојат во склучување билатерални и мултилатерални договори со државите од и во кои лицата се предмет на трговија со луѓе, унапредување на комуникацијата и соработката помеѓу јавните обвинителства и полициските служби во земјите од Југоисточна Европа и пошироко; вршат размена на податоци со другите држави за криминалните групи и поединци, за ефикасно кривично гонење и затворање на патиштата за трговија со луѓе; соработува со соодветните владини и невладини организации и сл.
Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција е координативно тело кое има задача да ја следи и анализира состојбата со трговија со луѓе и илегалната миграција и да ги координира активностите на надлежните институции во Република Македонија кои активно работат на решавањето на проблемите во оваа област како и да донесува стратешки определби.
Со цел воспоставување соодветен начин на соработка и конструктивен настап во заедничкото делување на националните власти, меѓународните организации и невладиниот сектор на планот на борбата против трговија со луѓе и илегална миграција во Република Македонија, Националната комисија донесе одлука за формирање на Секретаријат на Националната комисија. Секретарјатот функционира како поддршка на Националната комисија, обезбедувајќи административна и логистичка поддршка во процесот на имплементација на Националната програма за борба против трговија со луѓе и илегалната миграција.
Организацијата и начинот на работа на Секретарјатот се утврдени со Деловникот за работа на Секретаријатот усвоен на осмата седница на Националната комисија. Согласно овој акт, Секретарјатот е надлежен за операционализација на приоритетните активности на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегалната миграција, координација на проектите преку кои ќе се реализираат активностите на Националната комисија со останатите меѓународни организации, подготовка на материјалите и дневниот ред на седниците на Националната комисија, воспоставување комуникација и размена на искуства со другите држави заради поуспешна борба против трговијата со луѓе и учество во изготвување на материјали и организирање семинари за обука на вработените во Министерството за внатрешни работи, судиите и јавните обвинители за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.
Секретарјатот на Националната комисија е составен од претставници на организационите единици во Министерството за внатрешни работи, меѓународни организации и невладини организации.
3. Oпишете ja постоечката меѓународната соработка во ова подрачје (регионални форуми, билатерални договори, соработка со ЕУ).
Република Македонија согласно своите определби за спречување на илегалната миграција активно учествува во сите регионални форуми кои ја третираат оваа тема. Во овие рамки, Република Македонија е редовен учесник на министерските конференции за правда и внатрешни работи на земјите од Процесот на соработка за Југоисточна Европа со кој моментално претседава Романија и на кои земаат учество преставници на Европската комисија како и Специјалниот претставник на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа. Истовремено Република Македонија е членка и на СЕКИ - Центарот за борба против прекуграничен криминал со седиште во Букурешт кој остварува забележителен успех. Истоветна соработка се остварува и во рамките на Централната Европска Иницијатива.
Во рамките на Пактот за стабилност, Република Македонија, со учеството во рабтоните групи на 3-тата Работна маса, остварува значајна меѓународна соработка во насока на намалување на илегалната миграција. Така, на состанокот на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, одржан во Тирана во декември 2002 година донесена е одлука за основање на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци МАРРИ. На Министерската Конференција одржана во Херцег-Нови во април 2004 година беше воспоставен Регионалниот форум при што е договорено во 2004 година со истиот да претседава Република Албанија, а понатамошното раководење со овој форум да биде на принципот на ротација на земјите учеснички. Исто така на оваа Конференција се усвои одлуката седиштето на Регионалниот центар на МАРРИ иницијативата да биде во Скопје, Република Македонија, при што земјата домаќин ќе има обврска да обезбеди канцелариски простор и покривање на режиските трошоци за функционирање на центарот.
Во Скопје на 18.11.2004 година е отворен Регионалниот МАРРИ Центар (Регионална иницијатива за миграција, азил и бегалци). Активностите на овој центар се насочени кон олеснување на развојот на програми за оспособување во полето на азилот и миграциите на регионално ниво, придонесување кон развојот на партнерските односи, соработка и размена на информации помеѓу земјите на Процесот на стабилизација и асоцијација и соседните земји во борбата против илегалната миграција, промовирање на пристапот до високо квалитетна информација од земјите на потекло како и олеснување на развојот на усогласена визна политика и слободна визна зона во Регионот, и подршка на дијалогот за визна либерализација во Регионот и пошироко.
Во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), Република Македонија од 2004 година е членка на консултативната група за борба против организираниот криминал, корупција и трговија со луѓе. Предвидено е соработката да се одвива преку доставување на информации од страна на МВР за состојбите во споменатите области, при што консултативната група ќе прави анализа врз основа на добиените информации.
Во рамки на работната група на Пактот за стабилност за трговија со луѓе (SPTF- Stability Pact taska force for traficking human beings) е одржан 4-от министерски регионален форум (Софија, 2003 година) на кој присуствуваше и делегација од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. На овој форум беше потпишана изјава за обврзување за заштита на сведоци-жртви на трговија со деца. Делегација од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија присуствуваше и на Регионалниот министерски форум (Тирана, 2002 година ) на кој беше потпишана изјава за законодавството кое се однесува на статусот на жртвите на трговија со луѓе.
Во рамки на новиот аспект во превенцијата на трговија со луѓе, посветен на децата како најранлива категорија, Република Македонија има формирано подгрупа за борбa против трговија со деца како посебен дел во надлежноста на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција. На шестиот состанок на работната група на Пактот за стабилност за трговија со луѓе одржана на 23 март 2004 година во Белград, преставниците на земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и Република Македонија ги презентираа нацрт-националните планови за заштита на правата на децата жртви на трговија во Југоисточна Европа.
Во рамките на иницијативата за регионален граѓански полициски тренинг од Пактот за стабилност, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, соработува и со Асоцијацијата на европски полициски колеџи (AEPC - Association of European Police Colledges). Оваа соработка се одвива преку учество на претставници на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија на семинарите и курсевите организирани од страна на оваа асоцијација. Во однос на семинарите кои се однесуваат на спречувањето на илегалната миграција, меѓѕ другите, досега било остварено учество на следните семинари:
-
Недозволена трговија со луѓе (19 до 23 ноември 2001, Валбандон, Пула, Република Хрватска);
-
Илегална миграција (26 до 30 ноември 2001 година, Валбандон, Пула, Република Хрватска);
Во рамките на остварувањето на соработка во спречувањето на илегалната миграција, во 1999 година Република Македонија склучи Договор за соработка со Меѓународниот центар за развој на миграциона политика (ICMPD). Вакви договори се склучени и со други држави, како на пример: Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија, Турција, Украина и др.
Меѓународниот Центар за развој на миграционата политика и помага на работната единица за борба против трговијата со луѓе во рамките на Пактот за стабилност. Во таа насока треба да се спомене проектот на овој Центар - “Регионален прирачник за едукација на кадри за борба против трговијата со луѓе” кој се имплементира во основните курсеви на регрутите на Полициската академија во Република Македонија. Од големо значење е и одржувањето на семинарот за едукација на единицата за борба против трговијата со луѓе во рамките на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, каде како имплементационен партнер се јавува Меѓународниот центар за развој на миграциона политика (ICMPD)..
Владата на Република Македонија успешно соработува и со Меѓународната организација за Миграција (ИОМ), во насока на практична реализација на целите на Националната програма за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција.
Како резултат на успешната соработка помеѓу МВР и ИОМ е потпишан Меморандум за разбирање (2003) со кој двете договорни страни се согласија да соработуваат во следниве области:
-
Борба против трговијата со луѓе;
-
Програми за помош при доброволно враќање на државјани од трети земји;
-
Техничка помош и соработка во решавањето на прашањата во областа на миграцискиот менаџмент;
Започнувајки од 1999 година, Република Македонија, преку претставници од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија активно учествува на сите конференции и семинари организирани од страна на Будимпештанската иницијатива, формирана во 1991 година. На Третата Конференција на министри во Прага во 1997 беа донесени 55 препораки за правна хармонизација во областа на визната политика, договорите за реадмисија, размената на информации за илегалната миграција, азилот, репатријацијата, како и за финансиската и техничката помош и борба против организираниот криминал. Во насока на успешна реализација на препораките се формираат повеќе работни групи и тоа за репатријација /реадмисија, визна политика, илегална миграција и азил, а за сите овие групи е формирана Работна група за Југоисточна Европа во рамките на која соработката со Република Македонија се остварува преку контакт лице од Министерството за внатрешни работи на Република Македонија задолжено за соработка со оваа Работна група.
Во делот на спречување на илегалната имиграција и трговијата со луѓе, Република Македонија соработува и со ОБСЕ. Во текот на ноември 2003 година е потпишано писмо за разбирање меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и ОБСЕ за имплементација на обуката за свесност за полот и борба против трговијата со луѓе.
Република Македонија има континуирана соработка со голем број европски држави на овој план и како резултат на таа соработка се склучени следните договори;
-
Договор за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Бугарија (Скопје, 20.10.1992 година);
-
Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Словенија за соработка во борбата против тероризмот, илегалната трговија и организиран криминал (1995 година);
-
Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Хрватска за соработка во борбата против меѓународната незаконска трговија со дрога и психотропни супстанци, меѓународниот тероризам и организиран криминал (Загреб, 12.04.1996 година);
-
Договор за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Руската Федерација (Москава, 06.12.1998 година);
-
Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Бугарија за соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, илегалната миграција и други кривични дела (Скопје, 26.02.2002 година);
-
Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Црна Гора за соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, илегалната миграција и други кривични дела (Скопје, 10.06.2003 година);
-
Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Романија за соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотички дроги, психотропни супстанци и прекурсори, илегалната миграција и други нелегални активности (Букурешт, 12.11.2003 година);
-
Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Албанија за соработка во борбата меѓу тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори, илегалната миграција и други нелегални активности (Скопје, 14.06.2004 година);
-
Договор за соработка во областа на внатрешната безбедност меѓу Владите на Република Македонија и Република Франција, размена на искуства во борбата против организираниот криминал и недозволената трговоја со дроги и психотропни супстанции, трговија со луѓе, перење пари, како и тероризмот;
-
Спогодба за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Украина (20.02.1999 година);
-
Во постапка на потпишување се договори со Швајцарија, Унгарија, Норвешка и Белгија;
Протоколи:
-
Протокол за определување на насоките, начинот и редот на соработка во областа на пограничната контрола и спречување на илегалната миграција меѓу Министерството за внарешни работи на Република Македонија и Министерството за јавен ред на Република Албанија (Скопје, 05.06.1992 година);
-
Протокол за соработка во областа на безбедноста меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Турција и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија (Анкара, 19.05.1992 година);
-
Протокол за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и УНМИК (27.11.2002 година);
-
Протокол за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и Државниот комитет на Украина за работи со националностите и миграцијата во сферата на миграцијата (Скопје 28.11.2003 година.)
Имајќи ја во предвид Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Република Македонија со Европска унија (Главата VII - Правда и внатрешни работи член 76) е предвидено склучување на договори за реадмисија помеѓу Република Македонија и државите – членки на ЕУ. Во тој контекст, на Првиот состанок на Комитетот за стабилизација и Асоцијацџија беше покренато прашањето за за потпишување на спогодба за реадмисија меѓу страните.
Воедно, треба да се потенцира дека Република Македонија, има склучено билатерални договори за враќање на лица со незаконски престој (договори за реадмисија) повеќе држави. За повеќе детали види 24_E_06 и 27_Анекс_01.
4. Ве молиме да дадете информации за методите на собирање на податоци за одбиените странци, приведување на оние кои илегално престојуваат на територијата како и на прифатените странци. (При одговарање на ова прашање се препорачува користење на информации кои се доставуваат до ЕУРОСТАТ -за заедничкиот годишен прашалник за миграција)
Основен метод на собирање на податоци за одбиените странци, приведување на оние кои илегално престојуваат на територијата на Република Македонија, како и на прифатените странци се оперативните сознанија со кои располагаат надлежните служби. До нив се доаѓа преку непосредна работа на теренот на граничните полицајци кои го вршат обезбедувањето на државната граница, оперативните инспектори задолжени за илегалната имиграција и странците, како и преку граѓаните, медиумите и другите институции.
Сите податоци за превземени мерки (службени белешки, информации, прекршочни пријави и слично) во врска со странците, се доставуваат до информатичкиот систем на Министерството за внатрешни работи каде се внесуваат и обработуваат. Исто така се води посебна евиденција (оперативен гласник) за превземени мерки кон одредени странци. Евиденцијата содржи податоци за државата, видот на прекршокот, податоци за лицето, причината и превземените мерки спрема странецот - илегалниот имигрант и слично.
Оваа евиденција е достапна до сите надлежни служби кои работат на оваа проблематика.
Собирањето на податоци за одбиените странци, приведувањето на оние странци кои илегално престојуваат на територијата, како и на прифатените странци е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, согласно Законот за движење и престој на странците (“Службен .весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 29/93 и 45/02) и Законот за преминување на државната граница и движење во граничен појас (“Службен .весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 12/93, 11/94 и 19/04).
По приведувањето на странецот - илегален имигрант, во службените простории на Министерството за внатрешни работи се води разговор кој евентуално може да резултира со поднесување на прекршочна пријава против илегалниот имигрант или пак веднаш се превземаат мерки за негово враќање во матичната земја, согласно горенаведените закони.
Со оглед на тоа што дел од границата кон Србија и Црна Гора и границата кон Албанија се уште се во надлежност на Министерството за одбрана, приведувањето на лицата кои илегално ја преминуваат државната граница (делот од границата кон Србија и Црна Гора и кон Република Албанија), а се откриени во зелениот појас сеуште е во надлежност на Армијата на Република Македонија која веднаш за тоа го известува Министерството за внатрешни работи.
За повеќе детали види одговор 24_А_05.
Методите на собирање на податоците се во согласност со модулот за миграции во Статистичкиот Компендиум 2004 на ЕУРОСТАТ. Истовремено треба да се нагласи дека Законот за азил и привремена заштита (“Службен .весник на Република Македонија”, бр. 49/2003) е усогласен со Женевската конвенција за статусот на бегалците од 1951 година и Протоколот за статус на бегалците од 1967 година.
5. Наведете статистички податоци за бројот на илегалните мигранти приведени во вашата земја во 2002, 2003 и ако имате за 2004 година. Ве молиме да наведете кое државјанство е најмногу застапено, кои патишта и методи се користеле како и најновите трендови.
Во текот на 2002 година, регистрирани се вкупно 641 странски државјани кои илегално влегле на територијата на Република Македонија. Во 2003 година се регистрирани вкупно 781 странски државјани кои илегaлно влегле во Република Македонија, додека во десетте месеци од 2004 година се регистрирани 1122 странски државјани кои илегално ја преминале македонската државна граница.
Најмногубројните евидентирани странски државјани, сторители на илегални преминувања, се државјаните на:
2002 година
|
2003 година
|
2004 - 10 месеци
|
|
Ред. број
|
Држави
|
Број на лица
|
Држави
|
Број на лица
|
Држави
|
Број на лица
|
1.
|
АЛБАНИЈА
|
332
|
АЛБАНИЈА
|
553
|
АЛБАНИЈА
|
999
|
2.
|
РОМАНИЈА
|
62
|
БУГАРИЈА
|
41
|
СЦГ
|
38
|
3.
|
МОЛДАВИЈА
|
58
|
РОМАНИЈА
|
26
|
БУГАРИЈА
|
11
|
4.
|
БУГАРИЈА
|
26
|
СЦГ
|
27
|
УКРАИНА
|
8
|
5.
|
СЦГ
|
31
|
МОЛДАВИЈА
|
27
|
МОЛДАВИЈА
|
6
|
Извор: Министерство за внатрешни работи.
|
Според начините како се вршат илегалните преминувања на територијата на Р Македонија, истите се делат на:
-
Неорганизирани – странските државјани без било каква логистика, сами илегално ја минуваат државната граница;
-
Делумно организирани - кога странските државјани користат помош од македонски државјани кои за одреден финансиски надомест им ги посочуваат местата каде можат илегално да ја преминат граничната линија, како и правецот за транзитирање низ територијата на Република Македонија;
-
Организирани - кога преку воспоставени мрежи за илегален транзит на мигранти, на организиран начин, преку организатори, помагачи и превозници се носат до одредиштата во Република Македонија, каде нелегално се вработуваат, или се префрлуваат нелегално преку државната граница (најчесто за Република Грција или Република Албанија, од каде го продолжуваат патот до западно-европските земји);
Карактеристично за овој вид на организирано префрлање е тоа што целата организација, од поаѓањето до крајната дестинација, се организира во матичните земји на мигрантите, а се спроведува со инволвирање на македонски државјани (помагачи и превозници) за соодветен паричен надоместок.
Инаку, како што е погоре прикажано најмногубројни илегални преминувачи се државјани на Република Албанија, од кои поголемиот дел, се обидуваат да ја преминат илегално македонско - грчката граница со цел нелегално да работат во Република Грција, а дел од нив остануваат во Република Македонија, каде нелегално се вработуваат или вршат недозволени активности.
Стратешката положба на Република Македонија, како средиште на коридорите кои го сочинуваат таканаречениот “Балкански пат”, во изминатите години услови дел од миграционите движења да се одвиваат низ нејзината територија, која во најголем број случаи се користи за транзитирање на поголем број мигранти до земјите на Европската Унија, како нивна крајна дестинација.
На северната граница кон Државната заедница на Србија и Црна Гора (спрема Србија и Црна Гора) регистрирани се повеќе илегални премини на подрачјето на Куманово, како и на делот на границата спрема Косово. Спрема границата со Република Албанија познати илегални премини се регистрирани на подрачјето на Охрид и Струга, додека спрема Република Грција илегални премини постојат на подрачјето на Гевгелија, Стар Дојран, на подрачјето на Битола, како и на тромеѓето помеѓу Република Бугарија, Република Грција и Република Македонија, преку планината Беласица. Спрема Република Бугарија, исто така постојат илегални премини преку планината Беласица, како и во близина на Ново село.
За разлика од претходниот неколкугодишен период, кога нелегалните минувања на државната граница беа значително изразени (1999 година - 3736 илегални преминувања, 2000 година -9771 и 2001 - 9624 илегални преминувања на границата), со стабилизирање на состојбите во регионот, во периодот од 2002 година е регистриран тренд на значително намалување на бројот на илегалните преминувачи.
6. Опишете ја детално вашата политика на враќање странски државјани:
a) Број и дестинација на вратени во 2002, 2003 и ако имате за 2004;
b) Постојните и планираните договори за реадмисија на странци, како и моменталните преговори за реадмисија
Враќањето на странците е регулирано со Законот за движење и престој на странците (“Службен весник на Република Македонија”, бр. 36/92, 66/92, 26/93 и 45/02).
Странците се должни да ја напуштат Република Македонија, пред истекот на рокот за безвизен престој, рокот определен со визата и рокот на одобрение за привремен престој (доколку не се продолжува). Пречекорувањето на овој рок претставува прекршок за кој странецот може да биде парично казнет.
Заради останување во државата подолго од пропишаниот период, на странецот може и да му се откаже престојот. Со решението за откажување на престој донесено од подрачната единица на Министерството за внатрешни работи се определува и рокот во кој странецот е должен да ја напушти државата.
Странец кој нема да ја напушти територијата на Република Македонија во определениот рок, како и странец кој подолго престојува во Република Македонија од рокот што е определен (според важноста на визата или три месеци без визен престој) или во рокот утврден во одобрението за привремен престој, Министерството за внатрешни работи ќе го спроведе до државната граница, односно до граничниот премин од каде што странецот влегол во Република Македонија или ќе биде спроведен до државната граница и предаден на претставници на државата чиј државјанин е.
Во случај кога се работи за малолетен странец кој влегол во Република Македонија без важечка патна исправа или без знаење односно дозвола на неговите законски застапници, односно кој е без потребна заштита, обезбедување и средства за издржување, или доколку малолетникот не постапи според прописите на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи веднаш го известува дипломатско - конзуларното претставништво на државата чиј државјанин е, а доколку е државјанин на соседната држава се враќа во таа држава.
Трошоците што настануваат од присилното отстранување на странецот ги сноси странецот, а доколку нема средства трошоците се на товар на државата.
Ако правно лице што врши превоз на патници донесе странец на кого не му е дозволено влегување во државата, истото правно лице е должно на сопствен трошок да го изнесе лицето надвор од Република Македонија во рокот што ќе го определи МВР.
Присилното отстранување нема да се изврши на странецот во земјата во која неговиот живот би бил во опасност заради расна, религиозна или национална припадност, политички убедувања или ако постои опасност дека странецот ќе биде изложен на малтретирање или нехумано постапување.
Проблемите во однос на враќањето на странците се во недостаток на сместувачки капацитети. Република Македонија нема прифатилиште за странци каде би биле сместени оние странци кои не ќе можат веднаш да се вратат. МВР може да задржи лице до 24 часа и доколку тој странец не е државјанин на соседна држава мора да му се обезбеди соодветно сместување до неговото враќање.
Програми за процес на доброволно враќање на странци, не се изготвени.
Овие недостатоци се наведени и во Националниот акционен план на Република Македонија за миграција и азил донесен 09.12.2002 година. Во него е истакната потребата од финансиски средства како суштинско прашање за решавање на овие проблеми. За повеќе детали види 24_Анекс_01.
а) Број и дестинација на вратени во 2002, 2003 и првите девет месеци од 2004;
-
Во 2002 година вратени се вкупно 1318 странци. Од нив според државјанството состојбата е следна: Албанија 77, Бугарија 148, Србија и Црна Гора 110, Молдавија 98, Романија 82, Турција 28, Нигерија 24, Украина 20, Босна и Херцеговина 9, Германија и Судан 5, Руска Федерација 3, Хрватска, Ирак, Полска и Естонија по 2, Италија, Косово (под привремена управа на ООН согласно Резулуцијата број 1244), САД и Сиера Леоне по 1.
-
Државјаните на соседните држави односно територии: Албанија, Бугарија, Србија и Црна Гора и Косово (под привремена управа на ООН согласно Резулуцијата 1244) вратени се на граничните премини на таа држава односно територија. Државјаните на сите останати држави вратени се на граничните премини преку кои влегле во Република Македонија.
-
Во 2003 година вратени се вкупно 1567 странци. Од нив според државјанството состојбата е следна: Албанија 1065, Бугарија 182, Србија и Црна Гора 166, Украина 35, Молдавија 28, Турција 23, Романија 20, Косово (под привремена управа на ООН согласно Резулуција 1244) 11, Германија 9, Хрватска, Австрија и САД по 3, Босна и Херцеговина, Чешка, Франција и Грција по 2, Белгија, Белорусија, Италија, Кина, Руска Федерација, Словенија, Шведска, Шпанија, Египет, Грузија и Англија по 1.
-
Државјаните на соседните држави односно територии: Албанија, Бугарија, Србија и Црна Гора, Грција и Косово (под привремена упарава на ООН согласно Резулуцијата 1244) вратени се на граничните премини на таа држава односно територија. Државјаните на сите останати држави вратени се на граничните премини преку кои влегле во Република Македонија.
-
Во првите девет месеци од 2004 година вратени се вкупно 1627 странци. Од нив според државјанството состојбата е следна: Албанија 1351, Србија и Црна Гора 140, Бугарија 66, Турција 14, Косово (под привремена управа на ООН согласно Резулуцијата 1244) 13, Индија 6, Германија, Хрватска и Кина по 5, Романија и Молдавија по 4, Босна и Херцеговина 3, Белгија и Украина по 2, Бразил, Белорусија, Италија и Чешка по 1, лица без утврдено државјанство 3.
-
Државјаните на соседните држави односно територии: Албанија, Бугарија, Србија и Црна Гора и Косово под привремена управа на ООН согласно Резулуција 1244 вратени се на граничните премини односно територија. Државјаните на сите останати држави вратени се на граничните премини преку кој влегле во Република Македонија.
б) Постојните и планираните договори за реадмисија на странци, како и моменталните преговори за реадмисија;
Република Македонија има склучено договори за реадмисија со:
-
Република Италија (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 34/97), во сила од 23.10.1997 година;
-
Швајцарија (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 27/98), во сила од 22.07.1998 година;
-
Република Словенија (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 21/98), во сила од 01.02.1999 година;
-
Република Франција (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 13/99), во сила од 17.06.1999 година;
-
Република Бугарија (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 12/02), Потпишан на 19.06.2002. Се чека на одговор од страна на Република Бугарија во однос на ратификацијата;
-
Република Словачка (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 13/99), во сила од 01.11.2002 година;
-
Република Хрватска (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 47/02), во сила од 01.02.2003 година;
-
Романија (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 42/04). Потпишан на 12.11.2003. Сеуште не е во сила.
-
Сојузна Република Германија (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 09/04), во сила од 01.05.2004 година;
-
Република Унгарија (“Службен весник на Република Македонија” - МД бр. 42/04). Потпишан на 26.09.2001. Сеуште не е во сила.
-
Република Албанија. Потпишан во Скопје на 16.06.2004 година. Сеуште не е ратификуван.
Република Македонија е во постапка на склучување на договори за реадмисија со повеќе земји: со државите на Бенелукс, Данска, Украина, Полска, Чешка, Словачка, Латвија, Норвешка и Турција.
Република Македонија планира да склучи договори за реадмисија со останатите земји членки на ЕУ како и со други држави со кои имаме заеднички интерес за регулирање на тоа прашање.
Достарыңызбен бөлісу: |