Во врска со Спроведувањето на Акциониот план за подобрување на состојбата на Ромите и Синтите во областа на дејствување на обсе


III. НАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ И ПРИОРИТЕТИ ЗА ВО ИДНИНА



бет6/8
Дата25.06.2016
өлшемі0.85 Mb.
#157599
1   2   3   4   5   6   7   8

III. НАУЧЕНИ ЛЕКЦИИ И ПРИОРИТЕТИ ЗА ВО ИДНИНА
Што помогна а што го попречи спроведувањето на Акциониот план
Анализа направена во овој документ се фокусираше на резултатите и слабостите во спроведувањето на Акциониот план на ОБСЕ во земјата домаќин. За решавање на секое прашање преземени се различни мерки и пристапи. Сепак можат да се истакнат некои генерални научени лекции кои се применливи во сите области и за сите прашања. Со идентификација на клучните фактори кои помагаат или го успоруваат спроведувањето на политиките и проектите, чија цел е подобрување на состојбата на Ромското население во земјата домаќин, ќе се овозможи подобро планирање на идните активности.
Фактори кои овозможуваат напредок


  1. Вклучување на сите засегнати страни во креирањето на политиките / проектите

Соработката и дијалогот помеѓу чинителите ќе се постигне само преку вклучување на главните засегнати страни во креирањето на политиките кои се однесуваат на Ромите. Со ова се обезбедува споделување на информациите, избегнување на пречки во релевантните институции и соодветно разгледување на проблемите на сите засегнати страни.

Доколку постои визија за заедничка цел, успешно ќе се спроведуваат политиките и ќе се постигне поголемо влијание врз агендата на државата во однос на Ромските прашања.

Примери за вакви добри практики се активностите на работната група задолжена за изготвување на Акционите планови за Декадата за вклучување на Ромите во 2005 година и координацијата на активностите во Националното координативно тело до 2007 година (во согласност со препораките 4, 88 и 90 од Акциониот план). Позитивни примери се и консултациите организирани во процесот на изготвување на Законот против дискриминација (препорака 8).


  1. Назначување на Роми на позиции од кои можат да влијаат врз политиката

Потребно е претставниците на Ромите да заземаат клучни позиции во државните институции со цел да ги разберат политиките кои ги засегаат Ромите (препорака 4) и да добијат можност да лобираат за нив. Со ова прашањата за Ромите постојано би биле на националната агенда.

Позицијата на Министерот одговорен за ромски прашања е од голема важност и може да доведе до значителен напредок, благодарение на неговото присуство на седниците на Влада и при дискусиите за буџетот. (препораки 90 и 96). Оваа функција е позитивен пример за тоа како назначувањето на способни граѓани Роми на релевантни позиции во институциите може да го подобри напредокот во одредени полиња на образованието (препорака 68).




  1. Охрабрување од меѓународните чинители и постигнување партнерство во креирањето, спроведувањето и оценката на програмите / проектите

Искуството на меѓународните чинители и донатори при идентификување на потребите, креирање на програмите и оценување на резултатите треба да се искористи од државните институции и граѓанските организации. Меѓународните чинители исто така треба да ги охрабруваат државните органи да се фокусираат на идентификуваните слабости и на новите приоритети, со што би се обезбедила поголема ангажираност на земјата домаќин за решавање на овие прашања.

Напорите вложени од страна на Фондацијата институт отворено општество Македонија, USAID и секако ОБСЕ (MC Dec 6/08 и 8/09) резултираа со активности во полето на предучилишно образование. Меѓународниот притисок, особено од UNHCR и UNICEF за воведување на проактивен пристап во однос на документите за идентификација, резултираше со резултати (препораки 87 и 108). Партнерството и градењето на капацитети помеѓу меѓународните и националните чинители исто така ќе придонесе за позитивни резултати во спроведувањето и усогласеноста со препораките на Акциониот план (пр. активностите на Одделот за развој на полицијата на ОБСЕ, препораки 26 и 28). Од голема важност е и залагањето на Мисијата на ОБСЕ за градење на капацитетите на партнерите со кои се спроведуваат активностите и програмите (пр. Сумнал, Здружение за ромски права).




  1. Вклучување на Ромите во насочените политики и проекти

Ромските прашањата и Ромите како ранлива група засегната од државните политики и проекти треба да се вклучат при нивно изготвување, со што ќе спречи тие да имаат негативно влијание врз нив, а ќе се спречи и проширувањето на јазот помеѓу нив и остатокот од популацијата. Вклучувањето на Ромите во насочените програми за социјална инклузија треба да биде дополнување на наменските програми, и не треба да ги замени наменските програми. При вклучувањето на ромските прашања во насочените стратегии и програми, подобрувањето на состојбата на оваа целна група не треба да стане секундарна цел.142 Поради ова, потребно е вклучување на експерти за малцински прашања и граѓански организации од ромската заедница како гаранција за адекватно спроведување на проектите и нивно позитивно влијание врз ромското население.

Примерите на добри практики во однос на споменатите аспекти, можат да се најдат во одговорите на препораките 45 (социјални станови), 48 (вработување во администрацијата) и 58 (здравствено осигурување).




  1. Теренски активности

За создавање на услови кои ќе овозможат подобрување на политиките кои се однесуваат на Ромите, од голема важност се активностите за подигање на свеста, активностите од врата на врата, како и тие за директното вклучување на граѓанските организации во контакти со ромското население. Пример за вакви активности е воведувањето на образовни и здравствени медијатори (препораки 61, 69, 77).


  1. Регионална соработка

Размената на информации, позитивните искуства и научените лекции од соседните земји можат да понудат насоки за развој за земјата домаќин. Доколку се спроведе проектот за здравствени медијатори, може да се организираат консултации со Бугарските власти кои спроведуваат слични активности (препорака 61).

Понатаму, регионалните пристапи и прекуграничната соработка се од голема важност за состојбата на Ромите бегалци и внатрешно раселените лица, како и за обезбедување на документи за Ромите. Програмите на IPA за прекугранична соработка нудат дополнителни можности за соработка и взаемна поддршка чија цел е економски развој и социјална кохезија.143


Фактори кои го попречуваат напредокот


  1. Собирање на податоци и постапување со истите

Сигурноста и достапноста на податоците е фактор кој влијае врз сите димензии (спроведување на законите и дискриминацијата, социо-економската ситуација, образованието) како и врз прашањата кои зафаќаат повеќе сектори (род, сиромаштија, деца, документација). Од тие причини, доколку нема сигурни податоци, тешко може да се измери напредокот низ време, и тешко се идентификуваат подрачјата за идни активности, регионалните недоследности и потребите на различните ромски заедници во земјата. Покрај ова, се ослабува транспарентноста и одговорноста. (Види препораки 9, 10, 15, 43, 52, 63, 73, 75, 77, 79, 87, 92).


  1. Мониторинг и евалуација

Доколку не постои транспарентен и ефективен мониторинг не може да се проведе оценувањето на политиките, не може да се одредат приоритетите и да се врши планирање. Во моментов не постојат институционализирани и прецизни механизми за оценување, врз што исто така влијае и слабата координација помеѓу чинителите и ограничената достапност на сигурни податоци. (види препораки 11, 50, 84).


  1. Институционална рамка

Нејасниот мандат и взаемната недоверба помеѓу главните институции кои се одговорни за ромските политики (Кабинетот на Министерот без ресор и Одделението за спроведување на националната стратегија и Акциониот план за Декадата) спречува ефикасна и ефективна промоција на политиките и прашањата кои се однесуваат на Ромите. Удвојувањето на напорите и спротивставените мислења го ослабуваат имиџот на Ромските лидери, го успоруваат развојот на сеопфатни и координирани пристапи и резултираат во дисперзија на енергијата и застој на иницијативите за зголемување на ефективноста на институционалната поставеност. Студиите, поддржани од надворешните чинители, за согледување на капацитетот на секоја од двете институции, не придонеле за подобрување на дијалогот помеѓу нив. (Види препораки 90-91)


  1. Координација

    1. Помеѓу државните институции

Институционалните органи кои се надлежни за Ромските прашања немаат ефективна соработка. Националното координативно тело, задолжено за координација на активностите и за сеопфатен пристап кој треба да ги вклучува сите релевантни министерства, не функционира. Релативно ниската позиција на членовите на телото во матичните министерствата ги спречува да носат одлуки и проактивно да придонесат во изготвувањето на политиките. Механизмите за редовни консултации помеѓу институциите не се функционални.

За спроведување на националните обврски во однос на Ромите, потребни се заеднички напори од сите јавни институции. Советодавното тело составено од заменици министри и работните групи на министерско ниво генерално не се ефективни за иницирање на сеопфатни и практични политички пристапи.




    1. Помеѓу државните и останатите чинители

Државните институции иницираат консултации само со неколку добро познати локални чинители. Одделението во Министерството за труд и социјална политика и другите релевантни институции, иако се информирани за активностите на другите граѓански организации, немаат редовни и институционализирани консултации со сите чинители кои ги спроведуваат проектите насочени кон Ромите. Поради ова се пропуштаат можностите за синергија и се јавува удвојување на напорите.


    1. Помеѓу државно и локално ниво

Координацијата помеѓу различните нивоа на власт е дури и од поголема важност, имајќи го предвид процесот на децентрализација во земјата и комплексноста на социјалните проблеми. Од тие причини, потребни се заедничките реакции и адекватно координирани пристапи помеѓу националните и општинските чинители. Редовно треба да се изготвуваат интегрирани стратегии кои ги дефинираат улогите на сите актери и вршат приоретизација, со особено внимание на буџетирањето и ефективно вклучување на сите заедници. Комисиите за односи помеѓу заедниците можат да бидат инструмент за согледување на проблемите и приоритетите на сите заедници, вклучително и на тие кои не се доволно застапени во општинските совети.

Соработката помеѓу општините и централното ниво на власт зависи од припадноста на одредена политичка партија. Ваквата состојба особено влијае врз ситуацијата во Шуто Оризари, поради фактот што локалното лидерство и ромските политички лидери на национално ниво припаѓаат на различни партии. Не постојат редовни механизми за координација и консултација и видливи се големи разлики кај различни ромски заедници низ земјата. (види ги препораките 88- 91).




  1. Капацитет

Слабиот капацитет за политички и раководни активности кај претставниците на Ромите, особено на локално ниво, спречува ефективната промоција на политиките насочени кон Ромите и спроведување на проектите. Со децентрализацијата, овој проблем дополнително се нагласи бидејќи општините презедоа поголеми одговорности. (види препораки 88 и 97).


  1. Финансирање

Еден од најважните фактори кои го спречуваат напредокот во состојбата на ромската заедница се ограничените средства кои се алоцирани за ромските прашања. Иако средствата кои се на располагање во земјата домаќин не се големи, со поефективното лобирање од релевантните ромски чинители и меѓународните власти може да се постигне ромското прашање да се постави на повисоко ниво на националната агенда. Со ова би се обезбедиле посигурни средства од државата, кои во последните две години се во износ од 390,000 евра годишно. Доколку министерствата не успеат да ги искористат алоцираните средства, износот кој се алоцира за следната година се намалува, поради што политиките кои се однесуваат на Ромите не се сметаат за приоритетни.


  1. Пристап од долу – нагоре

За ефективно спроведување на политиките, потребна е средина која ќе придонесе за нивно спроведување. Програмите насочени кон ромската популација успешно ќе се спроведат, само доколку се обезбеди пристап од дното нагоре. Ова подразбира: активности за подигање на свеста, дистрибуција на информации и зголемување на моќта на заедницата. Сите овие активности се потребните чекори за обезбедување среднорочен и долгорочен напредок. (види препораки 61, 77, 89, 93, 98).


  1. Исклучување на населението од другите заедници

За исполнување на целите за интеграција и подобрена перцепција на Ромите во општеството, потребни се и активности насочени и кон останатите заедници. Ова е особено важно при решавање на прашањата поврзани со дискриминацијата и инклузијата во главните текови на образованието. Исто така од особена важност е и спроведувањето на законодавството, но за жал тоа често не се спроведува соодветно.


  1. Занемарување на среднорочната и долгорочната оддржливост

Подобрувањето кај толку разнолик спектар на меѓусебно поврзани проблеми не може да се случи преку ноќ. Наместо тоа, потребни се долготрајни активности. Повеќето чинители кои се вклучени во изработка на проектите насочени кон Ромите не изработуваат среднорочни и долгорочни планови, главно поради ограничените средства кои се на располагање како и поради недоволната посветеност. Како последица на ова, донаторите финансираат спорадични проекти, наместо да се фокусираат на долгорочни ефективни мерки за градење на капацитетот, што би обезбедило оддржливост на решенијата.

Како да се продолжи понатаму
Извештајот за спроведувањето на Акциониот план на ОБСЕ ги истакнува клучните предизвици и подрачјата каде што е потребен дополнителен напор, поголема фокусираност и подобри механизми за спроведување.

Потребни се продлабочени напори за зајакнување на спроведувањето на законодавството, особено во борбата против дискриминацијата, како и за поттикнување на ефективното учество на Ромите во јавниот и политичкиот живот.

Потребна е поголема фокусираност врз сеопфатните пристапи и теренските активности. Вклученоста на ромското население, особено на локално ниво, како и подоброто разбирање на политиките кои влијаат врз нив од страна на граѓаните, ќе обезбеди подобра интеграција на ромската заедница во социјалниот и економски живот на земјата.

Со цел да се воспостават подобри механизми за имплементација, потребна е подобра координација помеѓу засегнатите страни, проактивно вклучување на институциите и воведување на ефективни механизми за мониторинг и евалуација.




IV. ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ
Заклучоци
Во време кога најголем дел од земјите во областа на дејствување на ОБСЕ се соочуваат со последиците од неадекватните политики насочени кон Ромите, земјата домаќин изгледа дека е поуспешна од повеќето земји во напорите да ги спроведе препораките кои произлегуваат од Акциониот план на ОБСЕ. Таа е првата земја која ги споменува Ромите во Уставот како уставотрворен народ и што е единствената земја во светот каде има градоначалник Ром. На формално ниво, Земјата домаќин, без сомнеж, е меѓу предводниците во решавањето на проблемите на Ромите.
Сепак, за зборовите да се претворат во дела, потребна е силна посветеност од лидерите и создавање на потребни услови на терен. Од 2003 година, и особено во периодот пред и за време на 2005 година, земјата постигна значителен напредок со дефинирање стратегии и акциони планови за ромската популација. Почетокот на Декадата за вклучување на Ромите доведе до динамика и еуфорија која наскоро избледи. До сега, делумен напредок е постигнат во законодавството, образованието и учеството на Ромите во политичкиот живот во земјата. Но, ова се должи и на залагањата од меѓународните организации, можноста за членство во ЕУ и спроведувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор.

Сепак, активностите се спорадични, не се систематизирани, не постои мониторинг и се занемарува долгорочниот пристап. Покрај ова, ромските политички лидери се премногу поделени за да можат ефективно да ги промовираат интересите на сопствените заедници. На крајот, не е направено доволно за мобилизација и мотивација на Ромите да се информираат за прашањата кои влијаат врз нив. Пристапот кој сега се применува, од горе надолу, со цел да овозможи подобрување на состојбата на Ромите во Земјата домаќин, ќе треба да се фокусира и на ниво на заедница. Само така може да се постигне оддржлив напредок.


Во моментов сме на половина пат со спроведувањето на Декадата на вклучување на Ромите (2005-2015). Земјата домаќин ќе биде новиот претседавач (јули, 2011 година). Во Владата има министер Ром, одговорен за ромските прашања. Формирана е елита на млади и образовани Роми. Идентификувани се позитивностите и слабостите на минатите активности и извлечени се заклучоци. Не треба да се испушти можноста да се искористи сегашната состојба и дополнително да се подобри пристапот на властите кон политиките кои се однесуваат на Ромите.

Лидерите Роми преку ефективната соработка со граѓанското општество, треба да се борат против институционалната инерција. Потребен е проактивен пристап до сите засегнати страни и меѓународни партнери со организирани, сеопфатни, реалистични и балансирани стратешки и оперативни планови.

Меѓународната заедница треба да даде поддршка за ваквиот пристап. ОБСЕ и другите организации можат да играат клучна улога за поттикнување на понатамошен, видлив и траен напредок во состојбата на Ромите во земјата. Многу е важно Мисијата на ОБСЕ, во соработка со другите меѓународни актери јавно да повикува на дејствување, како и да продолжи ангажираноста на ODIHR на владино ниво.

Поголемо внимание треба да се обрне на двојниот статус на земјата, како домаќин на Мисија на ОБСЕ и како земја учесничка на ОБСЕ. Како таква, земјата треба ги знае своите обврски за спроведување на меѓународните документи како Акциониот план на ОБСЕ. Овој проект и соработката со Министерството за труд и социјална политика придонесоа сите чинители да се запознаат со овој документ. Овој позитивен момент треба да се искористи, и ОБСЕ да придонесе за градење на вистинско мултикултурно општество, каде граѓаните се еднакво вклучени во општествениот, економскиот и политичкиот живот.


Препораки
Мониторинг, евалуација и координација
Се препорачува земјата домаќин да:


  • Се посвети на прибирање, одржување и објавување на сите јавни и сигурни податоци, разделени по етничка припадност и по општини, со цел да се изврши мониторинг на трендовите, на резултатите од политиките, како и да се идентификуваат потребните идните активности

    • Податоците може да се соберат за време на пописот во 2011 година

    • Заводот за статистика може да го координира процесот на прибирање на податоци од релевантните министерства и институции

    • Владата треба да даде силна поддршка, да покаже посветеност и да обезбеди спроведување на одлуките




  • Воспостави редовни и стандардизирани механизми за мониторинг на спроведувањето и на резултатите од проектите насочени кон Ромите на централно ниво144

    • Министерство за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски и Министерството за култура треба да доставуваат тромесечни извештаи и консолидирани годишни извештаи за резултатите од проектите финансирани од државниот буџет за Декадата. Датумите на поднесување треба да се договараат еднаш годишно, и министерствата треба строго да се придржуваат до нив

    • Извештаите треба да содржат детали за дизајнот на проектите, спроведувањето и оценките. Треба да се истакнат и анализираат предизвиците при спроведувањето на проектот, како и да се споделат искуствата со другите министерства со цел подобро планирање на идните активности

    • Одделението во Министерството за труд и социјална политика треба да ги собира извештаите и без доцнење, да ги соедини во еден документ. Постапката треба да е стандардизирана, така што кој било вработен да може да изврши редовно и навремено изготвување на комплетниот документ

    • Извештаите и останатиот материјал треба соодветно да се архивираат во електронска форма и да се лесно достапни за сите вработени во Одделението во Министерство за труд и социјална политика

    • Документот треба да се достави до Кабинетот на Министерот без ресор и без доцнење да се објави во јавноста

    • Министерот треба да обезбеди спроведување на механизмите за мониторинг и оценување, и да ја зголеми информираноста на останатите министри во однос на потребата од исполнување на започнатите работи




  • По секој тромесечен извештај да одржува редовни состаноци за разгледување на напредокот и планирање на идните активности

    • Националното координативно тело (или друга назначена институција) треба да се среќава веднаш по изготвувањето на извештајот, на секои три месеци. Агендата и записниците од состаноците треба јасни и да се достават до сите релевантни институции

    • По секој тромесечен извештај, Министерот без ресор треба да организира дискусии, на кој ќе присуствуваат и останатите министри релевантни за Декадата (или нивни заменици). Министерот за финансии треба да биде запознаен со секој тромесечен извештај. Министерот без ресор треба да ги искористи овие средби и да побара поголемо внимание и повеќе средства за програмите за Ромите.




  • Воспостави механизми за мониторинг на активностите на локално ниво

    • Избраните претставници на Ромите на локално ниво треба да се вклучат во механизмите за редовна оценка и консултација, со кои ќе претседава Министерот без ресор и на кои ќе присуствуваат претставници од Одделението од Министерството за труд и социјална политика

    • Ромските информативни центри треба да ги интензивираат своите активности за мониторинг, и да го известуваат Министерството за труд и социјална политика за активностите во општината. Центрите треба да ги информираат граѓаните за новите законски и подзаконски акти кои се носат во согласност со Стратегијата за Ромите

    • Ромските информативни центри треба да обезбедат навремени и прецизни месечни извештаи за своите активности со стандардизиран формат. Тие треба да ги истакнат клучните активности поделени по области, да ги идентификуваат предизвиците и конкретните потреби на локалните заедници кои се под нивна надлежност




  • Ги земе предвид студиите за проценка на потребите и да делува во согласност со препораките дадени од меѓународните партнери, вклучително и ОБСЕ

За меѓународните чинители се препорачува:




  • Јавно да ја поттикнуваат земјата домаќин да преземе проактивен пристап во собирањето на податоци кои се потребни за идентификување на резултатите од политиките насочени кон Ромите и нивните идни потреби




  • Да и помогнат на земјата домаќин, во координација со сите останати засегнати страни да ја согледа состојбата и потребите на сите ромски заедници. Мисијата на ОБСЕ би можела да вклучи претставници на Ромите во своите активности во врска со процесот на децентрализација




  • Доколку е потребно, да се координираат со останатите меѓународни чинители (Делегацијата на ЕУ), и да и помогнат на земјата домаќин да изработи стандардизирани формулари за известување и следење на напредокот на активностите кои произлегуваат од Декадата




  • Да и се помогне на Земјата домаќин да ги одреди приоритетите, поттикнувајќи ја да ги алоцира соодветните ресурси за планираните проекти




  • Да се поттикнат и да им се помогне на претставниците на Ромите и на релевантните државни институции да соработуваат и да разговараат со конструктивен дијалог

    • ОБСЕ и останатите меѓународни актери во земјата домаќин треба да испратат силна порака кон сите претставници на Ромите. Меѓународната заедница треба заеднички да ги повика ромските лидери да ги надминат личните и политичките поделби, пред се, при технички дискусии

    • Мисијата на ОБСЕ и другите меѓународни чинители можат да се вклучат во проектите насочени кон лидерите на Ромите, кои ќе овозможат градење на доверба, дијалог и професионализам. Таквите проекти може да се вклучат во активностите на Одделот за добро раководење во Мисијата, во координација со минатите активности на Одделот за градење на капацитети. Треба да се предвидат чести активности, со цел да се осигури оддржливост на проектите и на нивните резултати. ОБСЕ може да ги координира своите активности со Националниот институт за демократија и со другите чинители, со цел да се избегне удвојување на напорите

  • Да ја координираат, преку редовни состаноци, својата вклученост во програмите за Ромите во земјата, со цел распределба на одговорностите врз основа на нивните силни страни, без удвојување на напорите




Достарыңызбен бөлісу:
1   2   3   4   5   6   7   8




©dereksiz.org 2024
әкімшілігінің қараңыз

    Басты бет